Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Античка Перга – меѓу боговите и царевите

Везилка Магазин

 

„Да се истражува е исто како и да се отвори книга напишана на јазик, на кој вековите и зборуваат на земјата… Знаењето почнува кога ќе откриеме нешто што не го разбираме.“

 

Многу вистини се сѐ уште длабоко закопани в земи и чекаат да ја видат светлината на денот, да ни ја раскажат приказната на нашите претци и да нѐ потсетат дека историјата не е прашинка која исчезнува со првиот ветар.

Провинцијата Анталија крие многу тајни, вистински бисери на цивилизацијата. Еден од нив е античка Перга или Перге, еден од најголемите извори на археолошката и историска наука во цела Анадолија. Некогашниот главен град на римската провинција Памфилија Секунда, вгнезден северо-источно од Анталија, денес е напуштен археолошки локалитет, сведок за некогашниот начин на живот и оаза на турската и странска археологија.

Археолошките откритија од Перга нѐ воведуваат низ различните слоеви на цивилизација, почнувајќи уште од праисторијата со потврда дека ова место било населено во континуитет низ вековите, правејќи ја значајна историска населба/град. Миграциите кои се случувале од југ на север на анадолските народи, се потврдени и овде, покрај морето во плодната памфилиска рамница.

Клинестото писмо и влијанијата пренесени од Хетитите и Месопотамија го откриваат и првото зачувано име на градот. „Парха“ е името заведено во „Договорот“ од тринаесетиот век пр.н.е, далечни времиња и за класичниот период, а уште подалечни за нас.

Градот бил значаен центар за овој дел од Медитеранот и едно од главните упоришта во времето на Дијадосите и Селеукидите, овдешните наследници на Александровата Империја. Високата порта од јужната страна ни сведочи за големината и важноста на Перга како и нејзината значајна улога на историската сцена.

Од 133 година пр.н.е. Перга е инкорпорирана во владеењата на Кралството Пергамон, под римска контрола. Доминацијата на Римјаните е видлива и препознатлива по монументалните градби, кои наведуваат дека станува збор за богат и просперитетен град, кој ја доживеал својата кулминација како регионален центар, токму во римско време.

Градот бил дел од Источното Римско Царство до петтиот век, за потоа да потпадне под доминација на различните воинствени источни племиња и народи кои транзитирале низ овие краишта. Со доаѓањето на Селџуците, а подоцна и Османлиите, животот во градот постепено замрел, а со тоа и Перга паднала во заборав на времето, чекајќи векови да биде реоткриена.

При првата посета на градот, впечаток остава масовната мрежа на одбранбени ѕидини, изградени во класичниот период. Планската изградба, како и разните мотиви видливи на објектите ја поврзуваат Перга со големите градови во источниот Медитеран, чие влијание е видливо и научно потврдено.

Иако машките раце ги граделе и владееле овие ѕидини и објекти, сепак историјата и археологијата ни ја потврдуваат улогата на жената која заземала значајно место во општественото и јавното управување со градот.

Од богатата и бројна галерија скулптури откриени со археолошките истражувања, се потврдува високиот ранг на жената, а скулптурата на Магна Планкија е вистински репрезент на женската доминација. Бездруго, божицата Артемида е заштитничка на Перга и во нејзина чест се одржувале годишни фестивали, а градските монети го потврдуваат нејзиниот култ, на кои е даден приказ на божицата и нејзиниот храм, чии остатоци се видливи на централното градско возвишение.

Со ширењето на христијанството Перга станува значаен центар за првите христијански мисионери, кои преку Антиохија и Аталеја – денешна Анталија го ширеле божјото слово. Според „Делата на Светите Апостоли“, Апостол Павле и Варнава два пати ја посетиле Перга, а вториот пат, на враќање од Писидија, Апостол Павле, благодарение на своите проповеди, ја создал и првата црковна општина во градот. Денес делумно се зачувани неколкуте христијански базилики.

Градот е изграден во внатрешноста, како одбранбена мерка за да се избегнат честите напади на пиратите и подоцнежните арапски инвазии. Перга бил дом и на големиот математичар Аполониј, ученикот на Архимед, пишувајќи серија книги во кои се опишуваат конусните пресеци, вклучувајќи ги кругот, елипсата, параболата и хиперболата.

Сместен во срцето на градот, веднаш зад Театарот, распослан е градскиот стадион, една од најважните градби во Перга. Овој објект е еден од најдобро зачуваните антички стадиони во светот и втор по големина по стадионот во антички Афродисијас. Гледалиштето за дванаесетте илјади посетители набрзо ќе светне со сиот свој сјај, благодарение на одобрената реставрација и конзервација, финансирана од турското министерство за култура.

Овие варовнички блокови потсетуваат на некогашниот активен спортски дух, време на индивидуални триумфи, ривалства, па и порази, за во подоцнежниот период од својот развој, Перга да прерасне во нешто поинакво – божествено и култно место на првите христијански заедници. Токму појавата и ширењето на христијанството меѓу ѕидините на градот ќе го згасне спортскиот дух, претворајќи го овој објект во нешто сосема друго, со инаква намена…

Почувствувајте го вистинскиот сјај на античка Перга во анталискиот археолошки Музеј… Единствено таму ќе можете визуелно да го доживеете она што ќе го видите на локалитетот, ќе ви го раскажат или пак прочитате за богатата историја на градот…

„Светот е Музеј, а сите ние сме уметници и критичари во него.“

Музеите поседуваат нешто што ќе ве натера да ја откриете нивната приказна. Музеите се места во кои  времињата се пресоздаваат. Потрагата по убавината, вистината и проникнувањето во нашиот бит, се причината зашто дојдовме овде во Анталискиот музеј, еден од најбогатите во Европа, кој ќе ни се пофали со своите богатства.

Артефактите од Аспендос, Перга и Анталија, повеќе од пет илјади на број, овде се изложени во вкупно тринаесет галерии, предмети – датирани од сите историски периоди. Нивниот лик – претстава е  само почеток на мојата љубопитност. Овде целосната илустрираната историја на Медитеранот и Памфилија, едноставно се разголува пред очите на посетителите.

Несвесноста и незнаењето за својата историја, потекло и култура нѐ прави да бидеме дрво без корен. Спознајте ја историјата, како вовед во сопствената иднина… Овде на Медитеранот, морето ги собрало сите солзи на историјата. Треба да знаеме како да ја раскажеме историјата, со цел да не падне во заборав, да ја одржуваме… Токму на ваквите места треба да почнеме правилно да ги поставиме прашањата кои не мачат.

Галеријата на боговите и царевите е најимпозантната збирка на римски статуи во целиот свет. Овде се создавале и умирале цивилизациите, се напластувале една врз друга, позајмувајќи го највредното – уметноста на изразот. Мермерни богови и цареви оживуваат пред очите, целата хеленско-римска митологија собрана на едно место, во Галеријата на боговите, а до неа извајана е човечката желба да се достигне божественото – од обичен смртник да станете бог. Императорите Трајан, Марко Аврелиј, Хадријан, Септемиј Север и многу други, се поклонуваат пред маестралноста на античките скулптори кои ги овековечиле засекогаш.

Она што го правиме во нашите животи ја одредува и нашата големина. Царевите се инспирирале од боговите, секогаш во потрага по тревката на бесмртноста, борба за вечност во колективната меморија. И во римско време големината на Александар Македонски била уважувана и обожувана. Синоним за херојство и подвиг, убавина и копнеж, желба да се допре вечноста. Сѐ што ќе замислите да стане реалност.

Оваа скулптура на македонскиот крал некогаш го заземала централното место над сцената во античкиот театар во Перга… Денес минуваме покрај неа и ја гледаме со воодушевување. Историјата била сурова за уметничката мајсторија, но восхитот му припаѓа на митот за големината и величината, да се остане бесмртен, идеализиран, посакуван и присвојуван… „Војна“ долга колку и човечкото постоење. Потврда дека, сепак, во дваесет и првиот век, Александар ја пронашол тревката на бесмртноста…

„Уметноста не е она што го гледаме, туку она што го правиме за другите да го гледаат“… Спасот на имагинацијата преточен во една единствена идеја.

„Нечии очи гледаат, а други чувствуваат“. Не постои крај, не постои почеток, постои само бесконечната страст за живот, којашто ја буди креативноста со сиот свој пркос и нѐ повикува на уште една средба.

 

 

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин