„Можеби сте ги виделе амфитеатрите во Италија, Франција, Далмација и Африка; храмовите во Египет и Грција; палатите на Крит; може да бидете заситени од антиката или пак да ја презирате. Но, не сте го виделе театарот во Аспендос. Вакво нешто немам никогаш видено.“ – Дејвид Џорџ Хогарт, археолог
Потрагата по интересни приказни ме доведе во Аспендос, 40-тина километри источно од Анталија, на само 14 километри далечина од морето, продирајќи во внатрешноста на Памфилија. Некогашниот антички град крие многу тајни и уште повеќе мистерии, кои можеби уште долго време ќе останат закопани в земи.
Прв поглед на ѕидините од некогашниот и сегашен театар. Ѕидини кои со својата големина, раскош и фунционалност уште од древни времиња ја восхитувале публиката и ги заслепувале патниците намерници. Театарот Аспендос – ремек дело на античката архетуктура и денес гордо се издига, исто како во времето на Царевите.
Чекор кон внатрешноста и чувство да се погледне сцената одозгора. Прв впечаток… Еден познат театролог запишал „Природата има четири годишни сцени или годишни времиња и секогаш постојани актери, сонцето, месечината и ѕвездите. Но, убавината се состои во постојаната промена на публиката.“ Човечкиот живот е една голема претстава, многумина во него имаат улоги, сè додека не се спушти завесата.
Прочуениот Демокрит ќе рече дека „светот е сцена, а животот премин.“ Доаѓаме, гледаме и си одиме. Се согласувам со театрологот Јонеско, дека „сите драми уште од античка Грција до денес, не се ништо друго освен трилери… Секоја претстава е засебна истрага која што треба да резултира со успешен крај. А на ваквите места сите сакаат да бидат актери…“
Театарот во Аспендос е најдобро сочуван театар од антиката. Римските градители на оваа градба успеале да ја доловат состојбата на идеалната рамнотежа меѓу гледалиштето и делот на сцената, и уште повеќе, целиот театар совршено се вклопува во пејзажот. Театарот бил изграден во II век од нашата ера, во време на владеење на на римскиот императорот Марко Аврелиј, врз основа на проектот создаден од Зенон – хеленски архитект роден во Аспендос.
Хеленските и латинските натписи поставени над влезовите на зградата на сцената наведуваат дека двајца браќа, Куртиј Криспин и Куртиј Авспикат – го посветиле овој театар „на боговите на оваа земја и на Царската куќа“. И покрај фактот што театарот бил изграден во римскиот период, објектот прикажува карактеристики на хеленски начин на градба.
„Можеби сте ги виделе амфитеатрите во Италија, Франција, Далмација и Африка; храмовите во Египет и Грција; палатите на Крит; може да бидете заситени од антиката или пак да ја презирате. Но, не сте го виделе театарот во Аспендос. Вакво нешто немам никогаш видено.“
Овој восхит е цитат од првата средба на британскиот археолог Дејвид Џорџ Хогарт со Театарот во 1909 година, и слободно можам да потврдам дека и денес истот тој восхит е присутен. Гледам и се фасцинирам од умот и вештината на човечкиот гениј, кој непрестајно создавал и творел. Раскошно декорираната сцена како на дланка ви ги открива дванаесете илјади седишта пред вас. Не очекувајте овде Театарот да ви ги задоволи вашите потреби како гледач, туку да ги промени.
Tеатарот Аспендос дава можност да се видат архитектонските интервенции од 13-тиот век кои се дел од постојната локална архитектура и култура. Прецизниот напор на Селџуците за употреба и украсување на споменикот покажува дека и тие сигурно го сметале театарот за уникатна и неверојатна градба. Животот на Театарот Аспендос ни посочува дека градот продолжил да биде важен центар и во доцниот класичен период, играјќи важно место во христијанскиот свет за потоа да биде заземен од други, поинакви цивилизации и култури.
За разлика од многу други споменици во античките градови, театарот преживеал како градба и бил украсен и накитен дури и со повеќе приказни и орнаменти од неговите нови сопственици. Употребата на театарот како селџучка палата во 13-тиот век го прави единствен. Поради својата одлична зачуваност, театарот расветлува различни историски слоеви. Употребата на тули и присуството на селџучки дизајни на сценската зграда ни сведочи за историска длабочина на споменикот.
ЛЕГЕНДАТА ВЕЛИ…
Според легендата, изградбата на овој театар е резултат од натпреварот организиран од владетелот на градот Аспендос. Целта на овој натпревар била да се изгради јавен објект што најмногу ќе придонесе за просперитет на градот, а победникот требало да биде награден со раката на ќерката на владетелот, која била една од најубавите во Памфилија.
Двајца од натпреварувачите влегле во последниот двобој. Првиот од нив го конструирал системот на канали и аквадукти кои го снабдуваат градот со проточна вода. Владетелот бил скоро убеден да му ја подаде раката на својата ќерка, но во последен момент решил да го посети театарот, изграден од вториот натпреварувач.
Кога застанал на највисоката точка од објектот, одеднаш јасен глас му прошепотил директно во увото: „Твојата ќерка мора да биде моја!“ Кога изненадно погледнал наоколу, владетелот го забележал архитектот како стои на сцената. Бил импресиониран и вчудовиден од акустиката на Театарот. Решението или одлуката била едноставна и одела во полза на неговиот градител, а венчавката била одржана во самиот театар.
Во 30-тите години на 20-от век Мустафа Кемал Ататурк го посетил Аспендос. По првото видување, претседателот на Турската Република изјавил дека на ваква прекрасна градба не треба да се штеди. Со неговата наредба започнала и обновата на зградата, потег кој предизвикал многу полемики меѓу историчарите и архитектите. Оттогаш театарот се користи како место за одржување на разни културни настани.
Сцената е волшебен круг кадешто се случуваат само реални работи инспирирани од животот, неутрална територија надвор од владеењата на судбината кадешто и ѕвездите можат да минат неказнето. Повистинито и пореално место не постои во целиот универзум.
АКВАДУКТИТЕ НА АСПЕНДОС : МАГИЈАТА НА РИМСКОТО ГРАДИТЕЛСТВО
Кога изворот ќе пресуши, тогаш вистински ќе научиме да ја цениме важноста на водата. Римските архитекти биле мајстори на својот занает. Умееле да ја приспособат природата во корист на човековите потреби. Магионичари на своето време. Визионери кои животниот циклус го поистоветувале со циклусот на водите. „Кога ги правите нештата од длабочината на вашето срце, ќе почувствувате како река минува низ вас.“ Брилијантноста на нивната архитектонска мисла ги создала овие ѕидини, остатоци од некогашните Римски аквадукти во Аспендос.
Иако е надалеку прочуен по својот Театар, аквадуктите на Аспендос со своите два уникатни сифони, отсекогаш биле вистинска инспирација за патописците, истражувачите и архитектите. Протегајќи се петнаесетина километри северно оттука, кон високоте планини, овие ѕидини носеле живот во градот.
Некогаш низ овие аркади течела вода, која што била од витално значење не само за Аспендос, туку и за целата памфилиска раминца. Благодарение на оваа вода, градот и неговата рурална околина биле плодни и богати со жито.
Епиграфските извори ни велат дека двата Аквадукти се изградени од страна на прочуениот римски архитект Тибериј Клаудиј Италик во II век, кога градот Аспендос го живеел својот процут и благосостојба. Изградбата на истите чинела два милиони римски денарии, а биле изградени од локален камен и тули.
Во најдлабоката точка, висината на лаковите изнесува петнаесет метри, додека висината на сифоните е триесет метри. Овие димензии, како и зачуваноста на објектот, прават Аквадуктот во Аспендос да биде една од највисоките римски градби.
Судејќи според архитектурата, аквадуктот е сличен на уште два аквадукти кои се наоѓаат на листата на значајно историско и културно богатство на УНЕСКО. Понд ду Гард аквадуктите кои се повисоки од оној во Аспендос со висина од 48,77 метри и аквадуктите во Сеговија, Шпанија, во висина од 28, 5 метри, но ниеден од нив нема сифони, а должината на истите е помала од онаа во Аспендос. Висината на аквадуктите во Аспендос во делот кај сифоните изнесува приближно триесет метри височина.
Ако патот ве одведе некогаш во јужна Турција, посетете го Аспендос со својот маркантен театар и вчудовидувачки аквадукти, затоа што токму овие два објекти фрлаат светлина врз технолошките достигнувања на една цела ера пионерско градителство.
(Продолжува…)
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.