Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Ашима – легендата за една скаменета љубов

Везилка Магазин

 

Ако сакаш да видиш подалеку, ќе мораш да се качиш повисоко.“ – вели кинеската мудрост. Внимавајте кога ќе посакате нешто, зашто желбата може и да ви се оствари… А нашите желби секогаш предничат пред сопствените можности. Секогаш е така… Затоа, бидете задоволни со тоа што го имате и радувајте се на нештата такви – какви што се! Кога ќе увидите дека ништо не недостасува, тогаш целиот свет Ви припаѓа…

Снежната гуска не мора да се капе – за да биде бела“, така и вие, не мора да бидете ништо друго освен тоа што сте. Најдете си посакуван предел за истражување и започнете си ја сопствената приказна… „Затоа што човекот кој поместува планина почнува со носење мали камења.“ А кога веќе ги споменав камењата, ќе Ви посакам топло добредојде од Шилин, провинцијата Јунан во Народна Република Кина!

Облачен ден во Шилин – Камената шума, каде што народот Сани ги создавал низ вековите своите легенди и митови. Некои велат дека ова место е најголемата природна пештера – која со својот камен лик се огледува во небото… Место каде сталагмитите се престоруваат во сталактити и обратно, во зависност од движењето на универзумот. Ден наспроти ноќ… Други пак, велат дека овие камени скулптури наликуваат на дрвја, а ние се наоѓаме во нивните пазуви, насреде шума. Трети пак, велат дека стапнуваме во земјата на убавицата Ашима, опеана од грлата на народот Сани… Четвртите пак, во 2007 година го заштитиле ова камено плато како светско културно и природно богатство, под капата на УНЕСКО. Затоа решив да зачекорам во камената шума. Моите очи беа привлечени од овие необични камени скулптури…

Оваа убавина е неизбежна… Патувам на југ кон границата меѓу двете кинески провинции Јунан и Гуиџоу, за да го видам овој природен феномен, кој според геолозите е формиран пред милиони години. Овие камени скулптури распослани на површина од петстотини километри квадратни, исчезнуваат во недоглед. Бројни народи живееле овде, опстојувајќи и творејќи меѓу овие сиви камења – споменици на сеќавањето… Сани, Ји и Мијао се народите кои уште од древноста ја делеле ова скаменета земја.

„Ашима“ е официјалната легенда којашто произлегла одовде. „Ашима“ на јазикот Сани значи „скапоцена и светла ко злато.“ А во легендата таа се јавува како преубава девојка на која ѝ е дојдено времето за мажење. Станувало збор за паметна и мила девојка, која за нејзина среќа, или пак несреќа, се заљубила во Ахеји – младиот планински овчар. За приказната да го добие посакуваниот заплет се погрижил Ачи, кој бил богато момче и син на локалниот владетел. Љубовта на Ачи кон Ашима била залудна. Сите негови обиди и љубовни напливи кон убавата Ашима, биле безуспешни, одбиени и залудни… Љубовта меѓу Ашима и Ахеји бил голема и немало злато на светот кое би можело да ја расипе.

Кинескиот мудрец запишал: „враната е секаде, подеднакво црна“. Па така и богатиот Ачи ја грабнал Ашима, носејќи ја во својот дворец. Кога овчарот Ахеји чул за оваа превара, растревожен, се обидел да ја спаси својата љубена. Двобојот бил неизбежен. Па така, пред палатата на владетелот двајцата соперници ги одмериле „силите“. Било договорено кој поубаво пее, да ја земе раката на убавата Ашима. Ахеји и Ачи пееле три дни, натпреварувајќи се…

На крајот, песната на младиот овчар победила и заслужено ја добил раката на младата убавица. Качени на коњ, поитале двајцата да си ја најдат среќата… Но, богатиот Ачи, неможејќи да се помири со загубата, ја отворил браната од големата река, проколнувајќи ги двајцата – „камен да се сторат“! Надојдената вода ги стигнала среќниците. Ашима паднала од коњот и се удавила, а младиот Ахеји и до ден денес талка низ овој камен лавиринт, барајќи ја својата љубена, чие пак тело заради големата убавина не се распаднало, туку се скаменило.

Песната којашто ја пеел овчарот Ахеји, со која победил во натпреварот, била насловена „Ашима“. Така и денес оваа романтична песна е една од најпознатите во кинеската литература. Долги години била дел од оралната традиција на народот Сани, за во 1813 година младиот етнолог Ванг Веи да ја запише на хартија – објавувајќи ја во својата книга „Приказни од планините“.

Поемата „Ашима“ е најпреведуваната кинеска поема, а приказната била преточена во драма, опера и филм. Во 1964 година е снимен првиот кинески филм во боја, насловен „Ашима – камената девојка“. Бездруго, Кинезите и денес ја почитуваат легендата на народот Сани, кој пак ја изродил најбогатата збирка преданија и митови во модерната кинеска литература.

Пред дождот целосно да ми ја скрати оваа несекојдневна прошетка, крадешкум се проврев низ многуте камени дупки, пештерски тунели и стреи, обидувајќи се преку објективот, во оваа спарина да фатам барем детаљ од оваа вчудовидувачка камена сценографија. Во случај да не успеам да ја „замрзнам“ целата убавина пред мене, ќе се послужам со мајсторијата на кинеските фотографи кои минуваат често низ Шилин, создавајќи врвна уметност…

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин