Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Богатствата на Зеугма – чии се тие очи?

Везилка Магазин

 

Причината и мотивот заради кои дојдов во Месопотамија се наоѓаат пред мене: Зеугма музејот во Газиантеп – најголемиот Музеј на антички мозаици во светот ни ги открива тајните на потопениот град, Селеукеја на Еуфрат или позната во римско време како Зеугма… Овде грижливо се чуваат благата на древниот свет – најдоброто и највредното, извајано, исклесано, резбано, плод на различни цивилизации и култури кои манифестираат висок степен на развој. Умствена, духовна зрелост, ширина на видокругот. Гледам со восхит и занемен се нурнувам во светот на антиката….

Титани и богови, херои и цареви… симбиоза од камчиња во најразлични бои и нијанси го заматуваат умов. Ова место е неодминливо место за аџилак на љубителите на мозаичната уметност. Гледате и учите од древните мајстори како се создавала и уживала уметноста. Мозаичен лавиринт кој махинално, без да осетите ве мами и придвижува, церебрално раскажувајќи ви ја приказната за една подзаспана уметност која плени со совршенство во уметничкиот израз.

Но, Зеугма не е само мозаик… Овде се вгнездени цели римски вили и храмови, со сите свои уметнички проблесоци, извадени од темел, пред водите на Еуфрат да го потопат градот. Фрескоживопис, мермерна и камена скулптура, сето она што можело да се спаси денес е сместено овде, во музејот изграден специјално за таа намена, да ни ги прикаже и осветли благата на еден од најбогатите антички градови во Горна Месопотамија. Овде го гледате трудот на турските, француските и американските филантропи и археолози, кои во рекордно време успеаја да извадат еден цел град и да го пренесат и престорат во жив музеј.

Судбината на овие мозаици, кои некогаш ги краселе подовите на богатите римски вили и јавни објекти, денес е извесна и видлива, но голем дел од мозаичниот килим, како и самиот град денес се наоѓаат под вода и најверојатно засекогаш ќе останат таму. Па така, лишени сме од целосната убавина на античката уметност од Зеугма, затоа што овде гледаме само процент од некогашната Селеукеја на Еуфрат.

Историчарите сметаат дека изработката на мозаиците била нарачана според индивидуалниот вкус на богатите сопственици на вили и благородници, па оттука и разновидноста во темите на мозаиците. Експертите сметаат дека некои од поставките во овој музеј можат да се вбројат меѓу најдобрите примероци на римски мозаици во светот. Тие сега се видливи за целиот свет благодарение на обемната работа на археолозите и експертите за реставрација кои работат под надзор на турската влада.

Овие древни богатства се неверојатно реални. Ликовите на титаните, боговите и хероите од источно-медитеранската, хеленско – македонска – римска митологија парадираат со сиот свој сјај и убавина пред нас: Деметра, Дионис, Акратос, Океан, Еуфрат, Ерос, Тетис, Персеј-Андромеда, Херакле, Хелиос, Телете, Скиртос, Аријадна, Психе, Метиох и Партенопа, се само дел од небесните претстави на античкиот човек, чија перфекција во изразот и уметнички набој нѐ повикува на повторна средба. Гледајќи ги сиве овие мозаици кои неверојатно нѐ возбудуваа, облагородувајќи нѐ, додека одевме наоколу патувајќи назад низ времето.

Историчарите велат дека античката уметност на Зеугма е расфрлана ширум светот. Официјалните археолошки ископувања на локацијата започнале во доцните 1980-ти години, кога биле пронајдени голем број римски мозаици и натписи. Меѓутоа, оттогаш веќе нелегални ископувања, грабежи и шверц со антиквитети, земаат огромен замав. Ова резултира со драстично губење на скапоцените богатства, како и ненадоместлива оштета на преостанатиот мозаичен килим.

Музејскиот комплекс Зеугма се состои од три целини. Во главната зграда се изложени мозаиците кои се пронајдени во античкиот град Зеугма. Во втората зграда наоѓаме приказ на уникатна колекција на доцноантички црковни мозаици кои потекнуваат од околината на Газиантеп. Во третата зграда се сместени извршните канцеларии и конференциските сали. Денес целото ова богатство благодарение на музејската иницијатива може да се погледне и online, преку виртуелна прошетка овозможена од Музејот.

И конечно ја дочекав долгопосакуваната средба. Пред мене стои изложено ремек-делото на античкиот мозаик. Чии се овие очи?

Не знаеме со сигурност дали е момче или девојче, но со сигурност знаеме дека е мал зачуван фрагмент од ограбен мозаичен простор. Неговото уметничко име е „Циганче“. Овој мозаик и бронзената скулптура на богот Марс, се вистинското ремек дело на античката уметност. Очи кои тагуваат и очи кои будат гнев… Нѐ следат и испраќаат.

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин