Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Во долината Ванфенг – меѓу илјадниците врвови

Везилка Магазин

 

Природните и спонтаните промени го движат живот. И немојте никогаш да им пркосите… Оставете реалноста да биде реалност и нека нештата течат по придоден пат. Зашто животот е само мост -премин. А нашиот мост го преминавме многу брзо. Од сиромашните и калливи делови од Јунан дојдовме во соседната провинција Гуиџоу.

На прв поглед, разликата меѓу двете провинции е очигледна. Оваа провинција е многу побогата и посредена од Јунан, но и инвестициите што ги вложува кинеската држава се значително поголеми од тие во останатите западни провинции. Сепак, и за таквата одлука има причина. Гиу Џоу е меѓу најголемите природни феномени на планeтaта Земја. Во своите пазуви ја вгнездила убавината, којашто како магнет ги привлекува туристите од сите краишта на Азија. Се разбира, најбројни се кинеските.

Пристигнав во едно од многуте селца распостелени низ оризовите полиња. Тука минав една недела од својот престој во Кина. На прв поглед се забележуваат сцените од секојдневниот живот, трговците со своите производи, а продавниците со сувенири се најпосакувани. Гуиџоу од дамнина било познато место за ткаење, па така и денес низ цела Кина се познати рачните изработки на ткаенини кои се најквалитетни, но и најскапи. Човековата вештина ја создава убавината…

Кинеската мудрост вели: „и убавите цветови, убави се само некое време.“ Она што ќе можете да го понесете како убавина, преку своите очи, таа ќе остане довек со вас.

И можеби ова е идеално место да го поминете вашиот одмор. Има начини како да ја избегнете топлината на жешкото августовско сонце. И сето ова изгледа толку безгрижно и посакувано. Живеете, чувајќи го спокојот. Затоа не зборувајте, ако тоа не ја менува тишината на подобро…

Уметноста и вештината на кинеското готвење е да успеете да го направите месото да има вкус на зеленчук, а зеленчукот да има вкус на месо, притоа ни едното ни другото да не ја изгубат сопствената текстура. За многумина храната е искуство. Таа е комбинација од наука и уметност и нејзиното постоење треба да се вкуси со сласт. Во култура како кинеската, на храната се гледа со страст и воопшто не е изненадување што решивиме да ви покажеме како се прави еден локален специјалитет од ориз. Затоа мудрите Кинези за храната запишале Уживајте во неа – зашто веќе е предоцна.

Локалната фамилија Ју со генерации го изработува овој колач, кој е специфичен за овие делови од Кина. И како што можете да видите и на фотографиите, основата на колачот е оризот, кој убаво измиен и сварен, на древен начин се толчи и се приготвува за дегустација.

Кинезите велат, онака како што ја јадете храната, таков ќе ви е животот. За владетелот луѓето се рајот, а за луѓето храната е рајот. Убаво истолченото тесто од ориз се кине на парчиња, се витка со шеќер и се зачинува со цимет и зачини. Едноставен е начинот на подготовка на ова благо и нема потреба од дополнителен коментар.

Кинескиот философ рекол: „Родени на земјата се три вида суштества. Некои се крилести и летаат. Некои се крзнени и трчаат. Сепак, други ги протегаат своите усти и зборуваат. Но, сите мора да јадат и да пијат за да преживеат.“ Во Кина сè што оди, плива, ползи и лета до рајот, се јаде. Конфуциј кога тргнал да ја бара среќата, ја нашол во три едноставни работи и тоа, јадењето ориз, пиењето вода и свитканата рака под перницата за спиење. Несомнено и мене патот ме води натаму. По вкусниот оброк убаво би ми дошол краток одмор.

Во оваа убавина решивме да му пркосиме на времето, со надеж дека летниот дожд нема да ни ја расипе прошетката. Се разбира, една од причините зошто дојдовме овде е посетата на оваа туристичка дестинација, којашто е една од најубавите и најпосетени во Азија. Провинцијата Гуиџоу инвестирала значително за да ги привлече посетителите да дојдат и да ја видат оваа убавина. Ова место сè уште го нема на туристичките мапи на Европа. Кина е сепак далечна и егзотична дестинација. Но, се чини комерцијализацијата со текот на времето ќе си го направи своето, па така сите ќе може да уживаат во светските земски убавини.

Добрата инфраструктура и прецизната организираност на Кинезите ни помогнаа да направиме запис за овој редок природен феномен, кој фасцинира со својата масивност и уникатност. Добредојдовте во земјата на народот Мијао, едно од 55-те малцинства во Народна Република Кина, а ова е нивната земја на илјадници врвови, Ванфенг.

Влогот е огромен. Стотици потемкинови села никнале преку ноќ меѓу овие обработливи оризови полиња. Инвестициите сè уште продолжуваат со една единствена цел, да го направат ова место туристичка мека и главен двигател на економијата во јужна Кина. Се разбира, според глетката, предиспозициите постојат и се видливи.

Сите овие врвови раскажуваат сопствена приказна. Нашиот водич ни ја престави приказната за генералот со својата војска. Со години ова место служело за револуционерни и ослободителни подвизи и оттука почнувал поголемиот дел од кинеското движења за слобода. Недостапноста на теренот и лавиринтот од врвови лесно го збунувале непријателот и ако добро го познавате теренот, лесно можете да манипулирате со своите противници. Се чини дека овој масив од врвови не престанува и се протега далеку низ хоризонтот.

Легендата вели дека некогаш овие простори ги делеле предците на народите Ји и Мијао. Тие биле вредни и работливи народи, но среќата им го свртела грбот. Голема чума го зафатила целиот овој предел и голен дел од населението изумрело. Оние што преживеале ги закопале мртвите на овие врвови. Нивните тела јагленисале, но на нив секоја пролет цветаат азалеи, потсетувајќи ги со својата убавина на некогашните времиња и долгот што го имаат денешните генерации Ји и Мијао кон своите предци, барем така вели нашиот водич.

Секој од овие десетици илјади врвови има свое име и функција. Предел исполнет со стотици пештери, место од каде што почнале да искрат цивилизациите. Имагинацијата на народот Мијао е восхитувачка и за почит. Тука се создавале митови и легенди, кои вдахнуваат со нова непозната енергија.

Ако има светлина во вашата душа, ќе има и убавина во вашата личност. Ако има убавина во вашата личност, ќе има хармонија во вашиот дом. Кинезите велат дека најдобро огледало е некој што е поубав од вас. И да не бидеме самобендисани, но човечката и природната убавина овде чекорат заедно, вплотени во едно. Дури и најубавото утро не може да ви ја врати квечерината. А ние, и покрај дождливото попладне, уживавме во глетките што ги нуди овој предел, восхитувајќи им се на врвовите, исцртаните оризови полиња и куќите кои срамежливо ѕиркаат меѓу ридовите.

Конфуциј рекол, сè има своја убавина, но не сите можат да ја видат. Затоа, ако сакате да се изгубите и да заборавите на секојдневието, најдете убаво место за да го направите тоа. Гуиџоу платото е одлично место за авантуристите и истражувачите. Облагородува и го продолжува животот…

Облаците над нас ни се придружија и си заминаа. Ветрот во нашиот двор доаѓа и се враќа. Животот е таков, па зошто да не се опуштиме? Кој може да нè спречи да не се радуваме на она што го гледаме? Во ова место на илјадници врвови, илјадници нешта почнуваат со еден единствен чекор.

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин