Патувања. Впечатоци. Луѓе. Велат дека животот е прекраток за да се остане на едно место. Едноставно е! Се качувате на бродот и впловувате во некои непознати краишта. Бродите онаму каде што досега не ве одвела судбината, во потрага по нова енергија, нови ветришта и нови пријателства.
Зборувајќи од сопственото искуство, патувањата се најдобриот начин за збогатување на духот и мислата. Впечатоците секогаш оставаат траен белег во човечката меморија, позитивни или негативни, во зависност од тоа колку ќе ви се насмевне среќата. А пак новите пријателства се неизбежни, секогаш ги среќаваме во вистинско време и на вистинско место. Се поврзуваме, запознаваме, разговараме и не секогаш се согласуваме…
Една позната мисла вели, „каква ви е оградата, таков ќе ви биде и соседот“… Колку повеќе ја одржуваме, негуваме, потстрижуваме или пак ја утврдуваме, ѕидаме или бетонираме – такви ќе ни бидат и пријателствата. Од сите соседи со кои граничи Македонија, Бугарија ми остана единствениот природен и историски простор, неопходен за искусување. Надвор од сите предрасуди, политички констелации или разврзани истории, идејата за едно патување низ Бугарија одѕвонуваше сѐ посилно во моите уши. Толку блиска, а сепак, далечна…
И, ете, измина повеќе од еден месец од моето враќање, веќе со легнати впечатоци, слободно можам да ги пренесам импресиите. Можеби и за вас ќе бидат занимливи, доколку некогаш се решите да го посетите нашиот источен сосед. Го пренесувам она што сум го видел, а се разликува од она што сум го чул…
Доволен е само еден road trip низ Бугарија, од Софија до Варна или од Казнлак до Велико Трново, за да се создаде сосема нова претстава за соседот, надвор од онаа веќе создадената преку ТВ-приемниците. Но, да почнам со ред…
ВО СРЦЕТО НА РИЛА
Бугарија несомнено има со што да се пофали пред Европа и светот… Иако источниот дел од државата излегува на црноморскиот брег, сепак, планинските масиви, со бујната и раскошна вегетација и природни богатства, се чини најмногу пленат и повикуваат… Се разбира, секој со своите вкусови и побарувања!
Во западниот дел најпрепознатлив и најграндиозен е Рилско-родопскиот масив, кој изобилува со мноштво од врвови, шуми, планински езера и дивеч. Рила Планина е токму еден од „џиновите“ на Бугарија и Балканот, национален парк, кој во себе го крие и чува најубавото и најраскошното од природата, но и најсветото од верата и историјата. Во падините под Мусала од сите страни почнал да извира животот од најстари времиња до денес…
Различни етникуми и религии низ минатото го обликувале животот на планината и околните долини и котлини… Рила е неисцрпен извор – простор, во чии длабочини едноставно посакувате да се нурнете, да си ги наполните белите дробови и да си ги разбистрите мислите… Во Рила и за Рила твореле голем број уметници, писатели и поети, наоѓајќи ги своите мисли, стихови и бои во раскошот на оваа земна убавица, која е вистински бисер на Бугарија.
Оттука извираат легендите за Марица и Места, притоките на Струма, води и реки низ кои освен вода, течела и херојска крв. Врвови кои го поттикнувале и развивале слободарскиот дух, притоа мудро чувајќи ги тајните на писменоста и верата, во времиња кога некој друг ги забранувал. Тука во височините, се протегала природната, историско – географска граница меѓу Бугарија и Македонија… Тука меѓу Рила и Пирин било срцето на комитаџиите, заколнати бунтовници против неправдите, секогаш во служба на слободата.
За миг мислите ми одлетуваат негде низ зеленилото на дрвјата, меѓу зраците од утринското сонце и жуборот на реката. Полека, но сигурно, го искачуваме патот кон Рилскиот манастир. Села и помали гратчиња се декорот кој го оставаме зад себе. Високите дрвореди од двете страни на патот не му дозволуваат на сонцето да ми ги затопли сетилата, додека седам потпрен со главата на прозорецот од возилото и љубопитно се загледувам во малите рибници, локални кафеани и ресторанчиња, распослани вдолж реката.
И по којзнае кој пат се присетувам на оние стихови на Иван Вазов, напишани во и за Рила и Рилскиот Манастир, кои ѓаволски ме прогонуваат, посакувајќи засекогаш да останам вкотвен во оваа убавина, во оваа еденска градина – рај.
„…Сега сум дома, сега пак сум поет —
во пазувите на оваа пустина горска, света;
го разбирам на шумата тивкиот љубовен поздрав,
на потоците шумот, гласините на бездната.
Разменувам таен говор со земјата и синиот свод
и честит се слевам во нивниот живот.
Сега сум дома, во срцето на Рила…“
(„Кај Рилскиот манастир“ – Иван Вазов)
РИЛСКИ МАНАСТИР
Во моментот кога ќе зачекорите во дворот на Рилскиот манастир ќе ги разберете стиховите и страста на поетот кон планината и светоста на оваа оаза. Што е она што Вазов сакал да ни го каже и испее? Чувства и мисли кои извираат од срцевината на човечкото битие преточени во лирика, која не е ништо друго, освен медиум меѓу патникот и планината…
Но, за да ја впиете таа енергија во себе, треба да дојдете овде во Рилскиот манастир, зашто тука лежи душата на Бугарија и искри срцето на еден цел народ. Замаен од величината, грандиозноста и колоритноста на манастирскиот комплекс, гужвата и напливот на туристи кои од час на час, ротираат, движаат, светлопишуваат, одекнува гласот на најблискиот водич:
„Добредојдвте во манастирот на Свети Иван Рилски Чудотворец! Основан во десетиот век во горното течение на Рилска река. Заштитен и заведен како световно наследство во УНЕСКО, овој манастир е најголемиот и еден од најзначајните црковни и културни симболи на Бугарија...“ – продолжува да раскажува длабокиот глас на туристичкиот водич.
И покрај целиот тој метеж и врвулица од луѓе, овде доминира тишината. Барате со очите место за почивка и поглед кон манастирската црква. Се восхитувате на мајсторството на зографите уште при првата глетка упатена кон тремот. Тихувате во себе, чиниш целата планина сте ја збрале во вашето срце… Момент да се биде сам со себе, затоа што станувате свесни дека ова место не е само катарзично по својата суштина, туку историски проникнува во сржта на нашето постоење. Векови, епохи, епопеи…
Гледајќи високо кон врвот на Хрељовата кула, чувствувам како минатото со леснотија ми ги дошепнува приказните. Манастирот бил одбранбена фортификација во некои темни времиња. Феудалци и цареви го граделе и помагале, пишувале грамоти со кои го дарувале, свесно зацврстувајќи си ја власта во овие предели. Тука битисувале генерации монаси, молејќи се за нашите гревови, барајќи прошка од Бога за туѓите дејанија, зулуми и прогони.
Средец – Трново – Рила, монашкиот завет ги вратил моштите на Свети Иван Рилски во својот конечен дом, неговото вечно почивалиште, инспирација за идните генерации монаси и игумени кои овде развиле висока просветна и книжевна дејност, отварајќи ги манастирските порти на знаење, за идните поколенија да можат со ум да му се спротистават на тиранинот, ослободувајќи се од јаремот на ропството. Тука учителствувал и Неофит Рилски, чија педагошка наобразба ја навестува промената наречена – преродба.
Рилскиот манастир бил дом и скривалиште на мноштво револуционери и идеолози, вгнездени во пазувите на планината, во очај барајќи ја слободата. Добредојдовте во горскиот дом на Васил Левски, дедо Иљо Малешевски, Гоце Делчев, Пејо Јаворов, Јане Сандански и една цела плејада војводи и комити кои оттука и пркоселе на тиранијата.
Со воодушевување ја впивам уметноста насликана на ѕидовите од црквата. Фрескоживопис кој импонира, влева чувство на почит, но и страв од непознатото и неизвесното… Библиски сцени, прикази и мотиви се отвараат како книга пред мене и ме занемуваат, одземајќи ми го здивот и зборот. Стојам пред иконостасот на кој работеле и македонските резбари и иконописци. Возбудено лутам со погледот и разговарам со тишината… Само мијачките раце можат да направат вакво ремек дело, едно од дузината на Петре Гарката и крушевските браќа Станишеви, најдоброто од мијачко-дебарската резбарска школа.
Рилскиот манастир ги чува моштите на Хрељо Драговол војводата, Неофит Рилски, бугарскиот цар Борис III, а во околината негде покрај скитовите почива и ирецот Џејмс Баучер, колега по мастило и перо, голем застапник и бранител на бугарската кауза. Испреплетени истории, измешани чувства, кои ве повикуваат, ве дразнат, ве огладнуваат, ве испостуваат… Штом за првпат зачекорите овде во срцето на Рила, верувајте, со мачнина ќе ѝ завртите грб на оваа светост заминувајќи назад кон световното.
Кинисавме. Топла мекица со биволско кисело млеко за збогум… Попатно седнавме во едно идилично кафанче по течението на Рилска река на речна пастрмска и кригла Пиринско пиво… На здравје!
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.