Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Во срцето на Јунан, Кина

Везилка Магазин

 

„Светот е книга, а оние што не патуваат читаат само една страница од неа. Патувањето на илјадници милји далечина почнува со еден едноставен чекор, не за да му избегаме на животот, туку животот да нè ни избега нам.“

 

Се решив да бидам анонимен во градовите што не ги познавам, и затоа зачекорив многу далеку, на Исток, во земјата на мудроста, каде сонцето има поинаква боја од нашето, а срцето е секогаш заруменето од возбуда. Дојдов во Кина, поточно во нејзината јужна провинција Јунан, сфаќајќи дека подобро е да се дојде овде барем еднаш, отколку илјадапати да слушам приказни за ова место.

Иако врнежливо, сепак доволно инспиративно и гостопримливо место за дочек на посетители, кои токму овде треба да запознаат еден автентичен дел од животот на Истокот, поврзан со пулсирање на срцето, движење на телото и хармонија на мислите. Да се биде жеден во ваков дождлив ден е добар почеток за сите љубопитни друмџии. Да ја исфрлиме потта од себе и да впиеме нови капки знаење, секогаш жедни за нови достигнувања.

 

 

Ова е Шипинг, навидум ист или сличен на градовите од кои доаѓаме и ние. Се разбира, без срцето на градот, оној стар дел кој со милениуми се напојува од природата и вештината на кинеската рака и мисла. Видлива работа нè спојува со Кинезите, ако судиме по архитектурата. А кога ќе зачекориме во древниот дел од градот, ќе ја забележиме културната и цивилизациска  разлика меѓу нас Европејците и Кинезите.

И додека ги гледаме овие слики од секојдневието на жителите на Ши Пинг, како вовед во приказната што ја раскажувам, морам да потенцирам дека градот е уникатен спој од древното и модерното. Идеално место за реализација на замислените идеи. Паметниот човек запишал: да танцуваш, да дишеш, да леташ, да пловиш, да собереш сè додека даваш, да патуваш е исто што и да живееш.

Шипинг е првата моја далечна дестинација. Преубаво кинеско гратче вдомено на бреговите на езерото со лотоси. Јадрото на градот е идеално место за пазарџиите, кои нè пречекаа со полни раце.

 

 

Но сепак, мојот интерес го привлече традиционалната изведба на танци во централниот двор на градот. Раскошот во изведбата на змејовиот танц го привлече вниманието на посетителите. Ова е змејот-змија, симбол на моќ и цврстина во кинеската митологија и фолклор.

Рачната изработка на женските носии од овој крај е фасцинантна. Само рацете на жената можат да го изработат ова мајсторство со раскошен колорит. Оваа носија им припаѓа на жените од народот Ји, кој живее во југозападните делови на Кина.

 

 

Дождот престана и дополнително ми го разубави денот. Улиците на Шипинг почнаа да живнуваат, дуќаните да се отвораат, а велосипедите и тук-тук моторчињата си го зазедоа централното место на улиците. Занаетчии, пазарџии, обични граѓани,  секој со своите обврски. Првиот впечаток по дождот – Шипинг е колоритен и жив град.

Старото јадро на градот грижливо си ја чува својата автентичност. Времето и војните не успеале да му нанесат голем удар на архитектонскиот израз. Поплочени улици, двокатни градби со многу дуќани, остатоци од стари дрвени чардаци се само дел од живописноста на градот. Шипинг многу наликува на традиционалните османлиски чаршии, но завиен со источноазиска физиономија. Палета од бои насекаде околу мене. Очигледно, што пошарено, тоа попривлечно и попосакувано.

Династијата Јуан владеела со Кина до средината на 14-тиот век. А од 1341 до 1368 година, направена е урбанизација на овој дел од рурална Кина. Династијата Јуан била претставник на монголската власт, којашто во 13 -тиот век за време на владеењето на Кублај-кан, го освоила овој дел од префектурата Хонк во провинцијата Јунан. Тогаш, Шипинг го добива својот прв и сè уште автентичен градски лик. Централните градби стојат и ден-денес, нормално, со поголеми или помали реновирања.

Главниот комплекс градби го сочинуваат Храмот на Конфуциј, Владината зграда, приватната резиденција на Ли Хенг Шенг, кој починал во 1941 година и бил локален филантроп, позната и заслужна личност во Шипинг, како и Ју Пин Академијата за класични науки. Овој комплекс за време на династијата Кин во 19-тиот век бил преуреден согласно со просторните  фенг шуи правила и архитектонските одлики типични за Кин династијата.

Вкупниот простор го сочинуваат единаесет резиденции. Оттука почнал развојот на градот и се ширел сè до бреговите на езерото Ји Лонг. Раскошна резба и колоритни покривни конструкции, делкан камен и црвените традиционални фенери, се магнет за посетителите кои обично доаѓаат од Јапонија, Кореја, Тајван, Виетнам и Лаос и секако домашните, кинеските. Вистинска реткост е за овој дел од Кина да забележите Европејци, а за Македонци и воопшто не станува збор.

 

 

Чи Лин се чуварите на централниот комплекс. Митолошко недефинирано суштество со примеси на змеј, лав и змија. Тие се чувари на државата и редот, согласно кинеската митологија, и ќе ги среќавате често каде и да патувате низ Кина. Нормално е за едно општество што се менува да претрпува секаков вид промени. Човечкото око ги забележува секако највидливите, судејќи по градбите. Рувото на зградите низ вековите се менувало како што се менувале и генерациите.

А ниту пак Кина била имуна од новите современи движења низ историјата. И овде владееле династии и државници кои сметале дека со уривањето на старото и древното ќе дадат нов сопствен белег на своето владеење или, на шега кажано, „ќе го урнеме старото и ќе изградиме постаро“. Каде и да одите низ Кина, видливи се остатоците од кинескиот комунизам. А архитектурата и уметноста не биле изземени.

Во нашиот случај, ова што го гледате на ѕидот од оваа зграда е само еден уметнички израз на комунизмот на Мао. Во духот на издигнувањето на нациналното, Кина ги има „најубавите планини, најчистите реки, најбогатите езера и мориња, работникот е секогаш на врвот, ловот е најбериќетен и сето тоа под капата на владеењето на големиот татко на нацијата Мао Це Тунг“. Се разбира, сето ова го кажувам со доза на иронија. Но сепак, звучи познато, како и ние да сме го преживеале. Не би сакал да му ги одземам петте минути на уметникот на оваа фасадна уметничка инсталација, којашто во светот на уметноста има вредност. За вкусовите не се дебатира.

 

 

Погледнав настрана, низ лавиринтот од улички кои пак ја прават контурата на стариот град. Овде живеат староседелците, за разлика од остатокот на Шипинг, кадешто животна шанса виделе луѓето од околните села. Слепени живеалишта во ист или сличен стил, флорално накитени, кружат околу поплочените средновековни калдрми, правејќи една чаршиска атмосфера.

 

 

Ако сакате вкусно да се најадете, тогаш улицата ви ја нуди таа можност. За рурална Кина велат дека највкусната храна можете да ја пробате на уличните тезги. Кинезите својата вечера ја планираат по 17 часот. Ретко се готви дома, затоа што оброкот надвор не е само исхрана туку и активен дел од социјалниот живот.

Сара е мојот водич. Ме одведе на неколку скари на отворено да пробаме типична кинеска храна. Кинезите јадат многу месо, особено свинско. Ништо не фрлаат од животното, туку гледаат сè да искористат. Пробавме кожа од свиња на скара, нокти од пиле, јазици, чадено месо, зеленчуци на скара, печурки, како и нудли од ориз. Сето ова во јужна Кина оди рака под рака со многу зачини, сос и луто. Зачинетата и лутата храна ја користат поради спарното време, особено во јули и август, велат дека ги регулира потните жлезди и полесно се поднесува спарината.

 

 

Влеговме во соседната куќа за да побараме дозвола за фотографирање. Овие луѓе овде живееат со генерации и се автохтоните жители. Забележавме беден и сиромашен живот, но некогаш во оваа куќа се живеело богато и раскошно. Нема да навлегувам во причините за економскиот пад на ова семејство, туку побарав дозвола за фото-запис на орнаментиката на нивната куќа, којашто укажува на некогашниот благороднички живот.

Потврда за тоа ни е слонот кој претставува фасаден орнамент, и само богатите фамилии можеле да си дозволат ваква ѕидна декорација. Сара ми посочи дека во Кина, особено во јужна Кина, индиското влијание е големо и дека слоновите се типична индиска декорација којашто се среќава ретко во Кина, а често во Индија и Индокина. Имајќи во предвид дека Јунан е на границата со Индокина и во близина на Индија, влијанието се разбира е сè уште видливо.

 

 

Секој четврток во Ши Пинг е пазарен ден. Ден кога градот и трговците од соседните села имаат што да понудат. Разноликоста на производите е очигледна. Различни планински чаеви, корења, бубачки, влекачи, печурки и сè она што ќе ви го долови сликата, е само дел од колажот наречен јавен пазар. Од зеленчуци до антиквитети, од инсекти до змии, сè можете да најдете. Секој излегува од дома и го носи она што смета дека не му треба повеќе, со цел да го продаде. И можеби ова место е идеално за оние што ја ползуваат органската здрава исхрана или пак се ориентирани кон алтернативната медицина.

На уличниот пазар трговци се постарите луѓе, кои појавата овде им е единствениот приход во животот. Луѓето овде ѝ припаѓаат на популацијата Ји, којашто се смета за едно од малцинствата во Народна Република Кина и живее во јужниот дел од Кина. Нивниот јазик, култура и традиција се разликуваат од оние на народот Хан. Дури им е потемна и бојата на кожата, за разлика од Хан Кинезите кои живеат во централна и северна Кина, којашто брои 56 различни етнички групи, а Ји се само еден мал сегмент од кинеското шаренило.

 

 

(Продолжува…)

 

 

 

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин