Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Во Јупин школата – на час по калиграфија

Везилка Магазин

 

Во централното градско подрачје на Шипинг сместени се најзначајните по важност административни згради, кои од историски аспект ја завршиле својата мисија во секојдневното живеење и административно управување на градот.

Иако денес административниот кварт се наоѓа во новиот дел од Шипинг, пред повеќе од 250 години животот пулсирал овде, во срцето на градот, околу храмот на Конфуциј и Јупин школата, градската куќа и судот со поглед кон главната пазарџиска улица. Сите овие споменати градби денес имаат огромно историско, културно и туристичко значење за целиот регион, а јас убавиот ден го искористив за посета на една од нив, Јупин школата.

Јупин школата била изградена за време на династијата Кин во 1851 година. Оваа градба се состои од неколку делови: монументална главна Капија, предавални, студентски ќелии и класична библиотека. Архитектурата е инспиративна и восхитувачкаа, што очигледно укажува дека архитектот се водел од кинеската класична градба на тераса и павилјон и традиционалното го применил при изградбата на ова училиште.

И не е само керамиката таа што инспирира. Покрај фасадната тула, најзастапен елемент е дрвото, а неговата совршена обработка и длабока резба што се забележуваат кај вратите на предавалните се вистинско мајсторство. Наизглед китноста потсетува на европското рококо, меѓутоа овде во сосема поинкава архитектонска димензија. Орнаментиката и геометриската прецизност се највидливи во покривните конструкции, кадешто минимализмот доаѓа до целосен израз.

Во централниот дел на школата се наоѓаат дел од старите гробишта, опколени од сенките на високите дрвја, некои од нив засадени уште во 1851 година, годината кога е изградено училиштето. И овие дрвја сè уште импресивно и исправено му пркосат на времето.

Забележителен  и неизбежен е традиционалниот кинески орнамент, змејот. Влезната капија е накитена со два модела на змеј, типични за кинеската митологија.  Од двете страни, во должина, се протегаат студентските ќелии. Целиот овој простор од 2011 година е заштитен со закон како културно наследство и заедно со соседната градба – храмот на Конфуциј, претставуваат уникатен архитектонски комплекс.

Вистинско изненадување приредија овие дами. Првата импресија е дека се работи за туристи, но се излажавме. Очигледно е дека човековата природа и психа секогаш нè тераат да се враќаме во минатото и да се потсетуваме на слики од детството, од годините кога сме биле силни, вити, полни со елан и енергија. Желни за знаење.

Овие кинески госпоѓи се од различни провинции на Кина, и се во потрага по своите спомени, желни повторно да ги оживеат и да го изодат истиот оној пат, потсетувајќи се на времето кога биле млади и седеле во клупите на Јупин школата. Меморијата бара вежбање на умот и убаво е кога последната генерација ученици, пред да го затворат училиштето, ќе се потсети на ваков начин за убавите времиња поминати овде. Организирана средба низ спонтана прошетка, овековечена преку фотографијата. Со жар во очите нè прошетаа низ училиштето, секоја во својата ќелија, потсетувајќи се на дружбата, учењето и полагањето испити во овие тесни простории.

Образованието раѓа доверба. Довербата раѓа надеж. А надежта го изнедрува мирот. Роден во средината на 6 -тиот век пред нашата ера, Конфуциј ги поставил темелите на кинеското образование. Неговите принципи и философија сè уште се длабоко вкоренети во кинескиот образовен систем. Неговите „Аналекти“ се вистински извор за спознавање на мудроста и вештината на изразот.

Идеално место да се осознае учењето на овој голем мислител е наследството од едукативниот систем. Овој љубопитен старец нè праша од каде сме дојдени. Не чул за Македонија, но благодарение на славното револуционерно минато, Југославија му беше позната земја и се зачуди кога му кажавме дека пред повеќе од 30 години не постои повеќе на географската карта.

Конфуциј прашува, „Зарем не е задоволство да учиш и да го практикуваш она што си го научил? Зарем не е задоволство да пречекаш гости од далечни места? И оној кој нема да остане разбран а успее да остане смирен, тоа е одлика на мудар човек?“ Учењата на големиот мислител се обработувале во клупите на ова училиште. Архаична по својот израз и накитена во духот на кинеската традиционална архитектура, оваа школа инспирира со својот изглед и историска длабочина, давајќи посебна енергија. Енергија на тихување, мирување и осознавање. Место каде што се ширела добрата мисла и се споделувало световното знаење. Слушате, но заборавате. Гледате, но запомнувате. Учете и ќе разберете.

Несомнено, кинеската традиција опива со својата раскошност и привлечност. Жедта за новото и непознатото ме одведе на часови по краснопис – калиграфија. Вештина којашто изискува не само мануелна техника туку и целосен духовен внес.

Часовите по кинеска калиграфија беа вистинско освежување и церебрална вежба на мојата љубопитност. Традиција пренесувана со векови и милениуми, стара колку и човековата желба за префинетост во изразот. Совладлива само со напорна работа и труд, а привлечна колку и идејата за недостижното и неможното, да се достигне светлината единствено преку патот на писменоста. Конфуциј вели дека калиграфијата е дел од шесте уметности. Вештина  којашто мора да ја поседува секој паметен и учен човек.

И токму затоа сите учени луѓе во кинеската древност и историја ја владееле калиграфијата. За да се биде владетел на огромна територија и да се предводи броен народ, барало голема мудрост и писменост, затоа ретки се кинеските императори низ историјата кои не ја познавале калиграфијата, зашто според мислителите, со неа сте чекор поблизу до мудроста.

ГАЛЕРИЈА…

 

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин