Празни се улиците на Мушан. Под налетот на топлината и птиците бараат сенка. Жешкиот август направи за првпат во Кина да ја почувствувам меланхолијата и временски да отпловам во некои други времиња и светови. Можеби токму една ваква атмосфера, во некое друго време на дождови, во златното време на кинеската поезија била инспиративна за во антологијата на Танг да бидат напишани следниве стихови:
Шумата е закрилник на дождот, и бавно надоаѓа чадот
Оризот е сварен и се носи на полињата;
Над тивкото мочуриште лета бел коњ,
И манго-птиците пеат на летните дрвја
Научив во мир да ги гледам планинските утра,
Да јадам заросени сончогледи под сенки од бор,
Да дадам пост на честа.
Зошто да ги плашам птиците, дури и со мисла?
Од празните калливи куќи постепено излегуваа весели луѓе облечни во традиционални носии. Секое доаѓање на посетители во Мушан е вистински празник. Ова е свечен ден за селаните, можност барем за миг да подзаборават на секојдневните обврски и да се препуштат на дружбата со туѓинците, зашто не така често доаѓаат посетители во овие запуштени краишта.
Дрвени чаши и оризова ракија за свечен пречек. Змејот е подготвен и нè повикува да поминеме под него. Култот кон ова митолошко суштество овде е голем. Девојки, жени и баби во процесијата… влегуваме во нивниот свет. Меѓу многуте доблести на овие луѓе гостопримливоста е секако најголема.
Со нас пристигна и првата група туристи кои ќе му дадат поинаков дух и живот на селото. „Патувате илјадници милји за на една гуска да ѝ најдете пердув“, еден мал подарок и топло добредојде се вистински гест за длабоко пријателство. Велат дека „најдобро огледало се очите на пријателот“. Се разбира, и за мене посетата овде е вистинска радост. На вакви места се доаѓа само еднаш во животот, затоа мора да се потрудиме максимално да се воплотиме во амбиентот и да го почувствуваме духот на исконското.
Една кинеска мудрост вели, „најголем дар во животот е пријателството, а тоа стои пред мене. Затоа не оди зад мене, зашто може нема да предводам. Не оди пред мене, зашто може нема да следам. Оди покрај мене, зашто така знам дека си ми пријател. Сонував илјадници нови патишта, се разбудив и си го продолжив својот“.
Оваа оаза е централниот дом во Мушан, накитена со резба и облагородена со кинески јорговани и бамбусови дрјва стари стотици години. За миг овде го најдов мирот бегајќи од топлото августовско сонце, па се присетив на стиховите од мојот „поетски дневник“ од далечниот Исток:
… Калиграфија исцртана низ полињата на Јунан
Е само одблесок од столетија полни со мудрост
Велат дека вековите им припаѓаат на патниците
Само тие ги вкусуваат капките од туѓите дождови.
Ќе почекам да свене сонцето за да продолжам по она по коешто сум дојден, зашто летата овде се тешки и спарни, а воздухот е редок. Ова место е идеално за починка, средување на мислите и медитација на умот. Церебрална игра со тишината.
Народот Ји е домороден во оваа земја. Претежно ја населува јужна и југозападна Кина. Лонг Пенг и Шипинг се двата града околу кои гравитира ова кинеско малцинство, кое е препознатливо по својата зачувана древна култура, обичаи и традиции кои видно се разликуваат од оние на Хан.
Народот Ји е формиран како целина од четири гранки и ги соединува четирите древни племиња, од кои најбројно е Ни Су По Ји или познато како Хуајао Ји. Другите гранки од овој народ се познати под имињата Шан Су и Пу Ла. Јас се наоѓам меѓу луѓето на Ни Су По, кои претставуваат најинтегриран дел од популацијата Ји, а ја населуваат главно областа околу Лонг Пенг.
Со моите кинески пријатели ја посетивме куќата на фамилијата Јанг, којашто е позната во Мушан по рачната изработка на традиционална Ји носија. Нè пречека домаќинката којашто на 74 години сè уште активно ги везе овие прекрасни капи и облека. Ни кажа дека занаетот го научила од нејзината мајка, а таа од нејзината баба итн. од колено на колено пренесуван женски занает. Вистинско уживање за неа е изработката на везовите, капите, појасите и елеците. Носијата Ји е најпрепознатливиот елемент за овој народ.
Само што почна да ни раскажува за својот занает, мораше да стане и да го прекине за момент разговорот со нас, а ние решивме да ја следиме, зашто зборувајќи – нема да ни се свари оризот. Очигледно дошол моментот за пораѓање на маторицата. За жал, две од прасињата не преживеаја, ги налегнала мајката. Речиси и да нема земјоделско семејство во Кина коешто не чува свињи. Свињата е највкусниот оброк на кинеската трпеза. А Кинезите ништо не фрлаат од ова животно.
Во Ји селата традициналниот начин на живот подразбирал заедничко живеење со животните. Така, од традицијата е останато дека кинеската куќа се состои од три ката. На приземниот живее добитокот, на вториот луѓето, а на третиот се чува оризот.
Бргу се вративме назад. Госпоѓата Јанг си ги изми рацете и набрзина ни ја демонстрираше техниката како од појас се прави капа. Овие капи се женски и нема да сретнете постара жена од Ни Су По којашто не ја носи на глава како декор. Овие капи го симболизираат цветот. Целосната носија, жената ја носи само за празници и фестивали.
Сите жени од Ји народот свечено се облекуваат кога ќе дојде најголемиот празник од сите – Деновите на змејот, на кој му принесуваат жртви, славејќи го ова митолошко суштество. А интересно е да се напомене дека и свадбените и погребните ритуали колоритно се одбележуваат.
Госпоѓата Јанг ни се пофали дека само еднаш во животот го посетила Пекинг и тоа за неа било вистинско доживување. Се надева дека еден ден одново ќе ја има таа среќа да го напушти Мушан и одново да појде во Пекинг. Со гордост ни ги покажа сликите од нејзиното семејство, нејзините синови со внуците, кои повеќе не живеат со неа. Но, внуците редовно секое лето се во Мушан, на одмор кај баба им.
Сопругот одамна ѝ е починат, па така, оваа жена, покрај женските, мора да ги извршува и машките работи. Секојдневно ќе се потсети на своите најмили, кои врамени стојат на ѕидот до нејзиниот кревет, ги гледа и за миг во погледот не ѝ се чувствува осаменоста. Везењето е единствената работа којашто на убав начин ѝ го исполнува времето.
Ова е занаетот на нејзината мајка и секогаш кога везе се сеќава на убавите моменти поминати со неа. И покрај одминатите години, сè уште ги поседува прецизноста и трпението. Оваа работа бара многу внимание и упорност. А резултатите се видливи.
Голем е бројот на туристи и истражувачи кои го посетуваат Јунан, поточно селата на народот Ји. Така што овој занает на рачна изработка на народна носија е можеби најисплатливиот и најскапиот во оваа област. Носијата е дел од културната и духовната оставина на овој народ и носијата како продукт е најбараниот производ за подарок или за фотографирање.
Оваа селанка ни ја удоволи молбата да ни ја покаже својата работа. Ни кажа дека везењето носии е нејзина преокупација и дека добива нарачки од големите градови за своите производи. Секој вез и секоја боја имаат значење и се строго поврзани со традицијата и древноста на народот.
Детската носија се разликува од носијата за возрасните. И колоритни се само женските носии, додека машките се двобојни или тробојни и не толку примамливи. Сето ова е дел од богатиот и мистериозен фолкор, кој е манифестиран како комбинација од централните кинески култури со културата Ји.
Домородните носии, писмото, храната, начинот на живот, церемониите и ритуалиите сè уште не се темелно истражени, со што предизвикуваат голем интерес кај антрополозите, лингвистите и историчарите кои се најчести посетители во овој дел од Кина. Шипинг и Лонг Пенг со околните села се вистинскa ризница на древна култура и магична земја на обичаи и ритуали. Сето ова е највидливо во фолкорот и музиката.
Жените од Му Шан, како што свечено нè пречекаа, свечено и нè испратија од селото. Со оган и магиски обреди кои се дел од традиционалната Ји песна, Ни Су А Ни, испеана на хан јазикот со ји мелодија.
Искрено не верувам дека некогаш ќе се вратам во Мушан. Мудрите луѓе рекле, немојте никогаш да патувате на места на кои веќе сте биле, затоа што знаете каква енергија ве очекува. Секогаш патувајте онаму каде што вашето тело и ум ќе примат нова непозната енергија. Затоа тргнавме кон Лонг Пенг, најголемото гратче на Ни Су По Ји народот.
Карактеристичниот мирис на селото сè уште се чувствува во воздухот. Попатно застанавме на вештачката акумулација на Мушан, езеро опкружено со богата шума и како килим послани оризови полиња. Идеално место да ги наполниме белите дробови со чист планински воздух. Кинеската мудрост вели: „ако сакате да ја видите рамницата, морате да се качите на планина, а ако често планинарите, голема е можноста да сретнете тигар, а два тигра никогаш не делат иста планина“. Затоа побрзавме да го видиме езерото и да го фатиме патот под нозе за Лонг Пенг.
Ова вештачко езеро е одлично за рекреација, кампување и риболов. Добро ни дојде на оваа жештина да се разладиме. Одовде се наводнуваат околните села, како и полињата и нивите, а често и сточарите наминуваат со добитокот за да го напојат. Прашање на време е само кога ова место ќе прерасне во викенд туристичка населба? Зашто викенд куќите почнуваат да се наѕираат.
Патувањата секогаш нè тераат да сфатиме дека без разлика на тоа колку знаеме, секогаш ќе има можност да научиме нови нешта. Од Мушан ги зедовме само „сеќавањата, а ги заборавивме отпечатоците, зашто само оној кој патува знае колку се длабоки дупките“.
ГАЛЕРИЈА…
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.