Зад аголот приказна

Зад аголот приказна | Златниот Кожуф – планината на џиновите

Везилка Магазин

 

„Велат дека човекот не може да открие нови планини сѐ додека не си го изгуби видот во височините.“

Планината е единственото место каде можеме целосно да се пресоздадеме… Тргнавме на пат каде со леснотија ќе се препознаеме, зашто без нови искуства, нештата во нас спијат цврсто и длабоко. А патот кон врвот, е пат кон восхитот. Ја гледаш планината и ѝ се поклонуваш. Уживаш во чувството да бидеш предизвикан, не само од надворешноста, туку и од желбата за едно внатрешно патување.

Не е планината таа што ја освојуваме, туку себеси!“ Да си ги преиспитаме нашите граници и можности, затоа што изборот што го правиме нѐ води кон посакуваното искуство. Едно е да се одлучите да се искачите на планина, а сосема друго е да бидете на врвот од планината… А на нашата мала група авантуристи – „идни“ планинари, добредојде ни посака Кожуф Планина – „Златниот џин“ на Македонија.

Денес е нашиот ден… Нашата планина нѐ очекува. Велат дека раната прошетка е благослов. Околу секоја планина води пат, иако можеби и не се гледа од густината на шумите. Ако пак патот воодушевува, тогаш подобро е да не прашуваме кон каде води, туку едноставно да му се препуштиме и да го следиме…

Утрински поглед од првата станица. Мирисот на бука и бор ни ги дразни сетилата. Смрдлива Вода сѐ уште мирно спие под закрилта на Чичи Ќаја. Оттука го почнуваме нашето патување кон златните падини и врвови на Кожуф. Впечатоци, спомени, пријатели – да ги споделиме…

Каква е таа сила која што ја буди авантурата во нашите срца? Каква е таа моќ што го поттикнува тримфот во нас? Човекот отсекогаш бил фасциниран од природата и ѝ се восхитувал на нејзината убавина, истовремено плашејќи се од неа. Дури и нашите херои и богови живееле и живеат меѓу планинските врвови, неми сведоци на нашите патувања, борби и триумфи.

Кожуф е „планина на џиновите“ – епитет кој го носи уште од древноста. Овој масив бил природна граница меѓу долна и горна Македонија, место каде македонските кралеви во антиката го збирале златото за своите походи. Планина на дивите кози, втиснати на реверсот на македонските монети. Џиновските карпи (ѕени) на Кожуфските врвови се единствените кои одблизу му пркосат на Егејот, правејќи ги соодветен пандан на врвовите на Божјата планина. Од овие височини, кон југ, се издига врвот Олимп, под чии северни сенки е распослана земјата на сонцето, во која, чиниш во недоглед се издигнуваат џиновските врвови на македонските планини.

Со секоја прошетка во природа добивате многу повеќе отколку што сте очекувале. Со секоја нова прошетка, планината ќе ви дари нови искушенија, желба за нови подвизи и себе откривање. Кожуф е планината којашто ги зближи и вдоми моите двајца пријатели и вљубеници во природата и скијањето…

Љупчо Мартиновски од Скопје и Ангел Наков од Гевгелија, кои се можеби и најупорните авантуристи и уживатели на Кожуф Планина, а нивните приказни ќе нѐ водат низ оваа бујна и раскошна природа. Овде вложиле во својата иднина, а покрај нив и нашиот влог стана неизбежен… Оваа планина ја избравме за почеток и крај на нашата природа – катарза. Кожуф е нашиот внатрешен пејзаж, нашиот живот, секогаш подготвени за нови предизвици. Нашето пријателство во планината, гради нова, уште поголема планина на пријателство.

Мудриот човекот запишал: „секој врв е достижен доколку сте доволно упорен за да го искачите… Ако сакате да се пронајдете себеси, изгубете се во планина.

Авантуристичкиот дух и кондицијата сѐ уште ја дразнат нашата потреба за откривање на нови предели природа, отворајќи ни ја портата кон еден нов поинаков свет, желба да се избега и да се вдиши воздухот на планината. Онаму каде што патот сѐ уште нѐ служи, теренското возило е неизбежен детаљ во оваа дивина, но на Кожуф, покрај возилото ќе морате и да ги протегнете своите нозе, ако сакате да ја зграбите целосно оваа убавина, затоа што проодноста е ограничена. Ако ја оставите природата недопрена, таа знае да врати и со чуда…

Високиот папрат сепак не се покажа како доволна пречка на нашиот пат низ падините околу врвот Момина Чука, во чии предели некогаш постоел и голем Манастир, кој за жал денес е проголтан од планината, но духовноста на истиот се чувствува во воздухот, насекаде околу нас.  „Никогаш не се искачувајте на планина без друштво. Никогаш не се искачувајте на планина без соодветна подготвка и секогаш бидете спремни да ги балансирате ризиците и наградите кои следуваат“ – златни совети за почетници како мене.

И немојте никогаш да се искачувате „случајно“ на планина, затоа што секое ваше планинарење мора да има определена цел. А нашата цел нѐ одведе во подножјето на врвот Момина Чука во потрага на вистинитоста за постоењето на Манастирот. Ако ништо друго барем да се разладиме во водите на реката Дошница. Кожуф крие многу легенди и преданија, како и сите македонски планини… Затоа го замоливме Ангел, додека пешачиме околу врвот, да ни раскаже една од нив:

„Момина Чука е еден маркантен врв, за којшто има една многу убава легенда, со многу пораки. Уште од старо време, легендата потекнува некаде од 16 или 17 век, и е поврзана со љубовта… Во една девојка биле заљубени двајца браќа, и меѓу нив се развил натпревар за кој да ја земе девојката за жена. Еден ден девојката седела на врвот, сега што го викаме Момина Чука, ги викнала двајцата браќа и им рекла: „ќе го земам тој, прв што ќе донесе вода од изворот!“ Карши Момина Чука има два извори. Тоа се изворите на реката Дошница, кои се оддалечени негде околу два до три колометри од овде… Двајцата браќа ги зеле бардаците, истрчале до изворите, наполниле вода и се вратиле со полни бардаци, но стигнале во исто време… И така преморени и испотени, бидејќи врвот навистина е стрмен, се напиле од ладната планинска вода и двајцата умреле… Кога момата сфатила што направила, од тага се фрлила од врвот, затоа овој врв денес го носи името Момина Чука…“ – продолжи да ни раскажува Ангел, а ние со особена внимателност се задлабочивме во планинските приказни.

Одењето в планина е враќање дома… Ако некогаш човекот морал да се бори против природата за да преживее, со тек на времето сфатил – дека за да преживее, мора да ја заштити природата. Во оваа недопрена убавина можете бидете сигурни дека после ноќта доаѓа зората и после зимата доаѓа пролетта. Кожуф не е ништо друго освен едно големо лечилиште на душата и телото, изворска вода која ќе ве прочисти и свеж воздух кој ќе ве нахрани. Па затоа често се вели дека понекогаш природата знае да биде поскапа и од терапијата. Се нурнувате во неа и ја чувствувате нејзината музика.

Природата ќе ви помогне, ако вашата цел е да ја откриете… Историјата направила Кожуф комплетно да биде препуштен на Бога. Човекот одамна е редок вид во овие паднини и долини. Празните села се сведоци на тешкиот живот поминат во време на војни и пустоши, а миграцијата село-град и потрагата по пофункционален начин на живот, го поттикнала масовното иселување.

На пат кон ски-центарот Кожуф застанавме на кратка пауза во домот на браќата Димитар и Крсте Николовски, вљубеници и страсни истражувачи на оваа планина. Со гордост ни покажаа и раскажаа зошто го сакаат токму Кожуф, со што располага оваа планина и која е нивната пасија… Со страст во очите ни говорат за многуте билки, ретката природа – чија круна е ендемското дрво наречено „Гол човек“, а неизоставен дел од муабетот ни е за богата историја на планината и сите премрежиња и судбини од македонското минато.

Шолјата чај и кафе, попатно кај близнаците Николовски, нѐ освежија. Топло се поздравивме со желба да се видиме повторно назима, кога Кожуф зрачи поинаква енергија. Зашто нашата инспирација ја влечевме токму од богатствата на планинската природа.

Златните пејзажи на Кожуф Планина наоѓаат одраз во очите на нејзините жители – Црновунци, име карактеристично за некои минати времиња кога планините биле постојани живеалишта на цели стада добиток и население. Од високите предели на Пинд во Епир, низ македонските ширини до богатите рамници на Тракија, се белеел животот под нозете на Каракачаните, номадските сточари, кои илјадници години наоѓале закрила во високите гори и планини низ централна Македонија.

Од Беласица до Кајмакчалан провејува мелодичноста на кавалот, вкусот на млекото и песната испеана од грлатите номади Саракачани. Но, ова е слика за некои дамнешни времиња… Историјата била сурова за жителите на Кожуф Планина, без разлика дали се номади- сточари, Македонци или пак Власи. Меѓу врвовите на Кожуф,  дури и маката ќе ве натера да изградите храм и ќе запалите свеќа, за да ви олесни, да доживеете катарза при секое споменување на најмилите или оние кои не се повеќе со нас. Зашто Кожуф планина однела многу животи во двете големи војни.

Оваа планина била сурово место за живеење, собиралиште на комити и војводи, центар на фронтовската линија која ја поделила Македонија на два дела. Стратешко место посакувано и за Главниот штаб во Втората светска војна, партизанско засолниште, од каде се гледаат пространите рамници на гевгелиското поле, дел од големата солунска рамница. Оваа недопрена природа е нем сведок на македонската трагедија и поделба. Но, нема враќање назад… Нашата иднина бара од нас максимално да и се посветиме на оваа природна убавина и да почнеме капка по капка да го цедиме златото од нејзините пазуви. А златото не лежи в земи, туку во нашите умови. Да бидеме умни и вешти во плановите, зашто овде природата и богатството чекорат паралелно со нашите животи.

Кога внатрешните и надворешните сетила ќе ви бидат прилагодени едни со други и ќе успеете здивот на детството да го задржите и во ерата на машкоста, а плодовите на рајот и земјата ќе станат ваша хранилка, тогаш знајте дека токму вие сте вистински љубител на планината…  Дојдете и истражете го Кожуф, овде меѓу височините на Зелен Брег, Белези, Две Уши, Мала и Голема Рупа, Момина Чука… Ви ветувам дека нема да зажалите. Затоа што златото овде има поинкава боја!

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин