„Музиката којашто доаѓа од длабочината на душата, може да ја слуша и универзумот. Птицата не пее зашто треба да каже, пее зашто има песна“.
Утрата во Шипинг ги уживав во песната на хуа меи птицата или „птица кафез со обоено око“. Секое утро овие преубави грла пееја во птичјиот кварт. Младите хуа меи птици ја учат песната од повозрасните. Кинезите велат: „едно дрво не прави шума, како што и една жица не прави песна“. Убав почеток на денот, за групна прошетка крај лотосовото езеро, Јилонг или „бисерот на Шипинг“.
Ништо не е помеко од водата и сè уште никој не може да ѝ оддолее. Водата е течна, мека и дарежлива. Но, водата може и да изрони карпа, која е ригидна и цврста. Како по правило, што и да е течно и меко, ќе го надмине она што е ригидно и тешко. Уште еден парадокс: она што е меко пак, може да биде и силно.
Кинезите велат: „кога се осветлени лампите во домот, тоа е исто како да видите лотосов цвет во езеро“. Езерото Јилонг во околината на Шипинг со векови претставува извор на живот за локалното население. Богатата флора и фауна како магнет ги привлекува човечките желби за благосостојба и опстанок.
Ова езеро отсекогаш било создавач на безброј митови и легенди, преданија и истории, со кои се напојувале луѓето од народот Ји. „Езерата и планините можат да се менуваат, но човековата природа никогаш“. Вгнездено во планинскиот венец Јулонг, ова е едно од најубавите и најцветни езера во Кина. А мудроста вели дека, убавината не е на оној што ја поседува, туку на очите што ја гледаат. Доказ за тоа се бројните туристи и посетители кои своите реакреативни денови ги поминуваат покрај ова езеро со лотоси.
Се качивме на сплав за одблизу да ја почувствуваме убавината на лотосовите цветови. Во меморијата на народот, водите на ова езеро се познати по митското суштество змејот. Усните преданија на народот Ји се тесно поврзани со историските освојувања и големите војни што се воделе на оваа богата територија.
Кинезите и Монголците владееле овде наизменично, секој оставајќи свој сопствен белег, кој е највидлив во ономастиката. Па и езерото Ји Лонг не било исклучок од општествените промени. Змејот бил тој што живеел овде и бил чувар на кинеската традиција, култура и моќ. Но, под наезда на Монголците се менувале и историско – културолошките текови, па така и преданијата за змејовите добивале поинаква суштина и визура.
Новите освојувачи се труделе да остават свој белег и дел од сопствената култура. Но, никогаш не можеле да ја занемарат убавината на водите на Јилонг. И покрај облачното време и најавата за летен дожд, за миг се потрудивме да најдеме соодветно скривалиште, привлечени од звукот на гук чин, традиционалниот кинески инструмент, чии звуци навистина маѓепсуваат.
Јилонг не е само обично езеро на легенди и цветови туку е и најголемиот природен басен во префектурата Хонг, кој вгнездува голем број ендемски видови животни и птици. Денес човечката рака оваа убавина ја направила да биде видлива за сите, инвестирајќи во инфраструктрата и хортикултурата околу езерото.
Навистина, пријатно и идеално место за создавање уметност, спорт и реакрација.
Пред да нè пречека рурална Кина, ја искористивме ноќта за проверка на нашата здравствена состојба и кондиција, зашто нè чека долг пат. Медицински третман со акупунктура, најдоброто од кинеската традиционлна медицина. Патем кажано, како што виното не може наполно да ја излечи тагата, сигурно и медицината не може целосно да излечи сериозна болест, за што, мудрите Кинези запишале: „медицината ги лекува само оние на кои не им е предодредено да умрат“. А друга древна кинеска мисла вели:
„Кога болеста ќе се рашири низ телото и мускулите, може да се лекува со акупунктура, сè додека таа се наоѓа во човечките органи, се лекува со помош на вжештени метални игли. Но, кога болеста ќе ви ги допре коските, тогаш ништо не ви помага“.
Со моите кинески пријатели се решивме да ја искусиме кинеската традиционална медицина, преку акупунктура. Акупунктурата е форма на алтернативна медицина и една од главните компненти на кинеската традиционална медицина. Оваа „псевдонаука“ функционира на многу едноставен начин, барем за нас лаиците. Кажувате каква и каде имате болкa, потоа лекарите ви ги откриваат точките на телото што се поврзани со болниот предел и во финалната фаза ви вденуваат игли во конкретните точки, кои потоа ги вжештуваат, со што болниот дел се опушта и лечи.
И сето тоа проследено со медитативна музика, чиј исполнувач е задолжен за вашата релаксација, испуштајќи мелодиски звуци од лист од дрво. Најкусо и најпросто кажано…
Со моите пријатели од Словенија, Наташа и Грегор, се согласивме дека пред триесеттата година ние сме тие што ја бараме болеста, а по триесеттата, болеста е таа што нè бара нас. Во секој случај, интересно и препорачливо искуство.
Пред да слегне ноќта, дојде време да се збогуваме со Шипинг и да тргнеме на нова дестинација. Како за промена, ве испраќам со фотографии од новиот дел на градот кој брои 300 000 жители. Тешко дека ќе го заборавам нападниот мирис на тофуто, но сигурно ќе се сеќавам на благиот вкус на оризот, овошјето, нудлите, рибата и мирисот на орхидеите.
Кинеската мудрост вели: „и во рајот има пат, но никој не оди по него. Пеколот нема порта, но луѓето ќе ја ископаат земјата само за да стигнат до неа. Затоа ако носите богатство, не патувајте навечер, зашто оној што патува ќе стигне до мудроста, а мудриот секогаш останува дома“.
ГАЛЕРИЈА…
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.