Зад аголот приказнаРепортажиСвет

Зад аголот приказна | Мавзолејот на Мавзол

Везилка Магазин

„Халикарнас, кралската резиденција на Кариската династија… Тука е гробот на Мавзол, еден од седумте чуда, споменик подигнат од Артемисија во чест на нејзиниот сопруг.“

-Страбон, Географија XIV.2-

 

 

„Сум видел многу повеќе отколку што сум запомнил и сум запомнил многу повеќе отколку што сум видел.“

 

Оваа мисла, се чини, навидум најмногу зборува за оние што патуваат и истражуваат, што љубопитно крстарат низ светот, воодушевувајќи се од  новото, инаквото, несекојдневното. Следејќи го мирисот на Ориентот меѓу тесните  бодрумските сокачиња со слепени, ниски, обелени, чаршиски куќички, залутав во квартот каде што некогаш возвишено се издигнувал Мавзолејот на карискиот владетел Мавзол и неговата сопруга и сестра Артемисија.

Спомен гробинцата која била една од ремек делата во античкиот свет, денес ја нема. Стојам загледан… Пред мене позираат расеани остатоци од орнаментирани блокови, капители, столбови, кои сведочат за тоа каков живот посакуваме по нашата смрт, со цел да бидеме запаметени во сеќавањата на нашите потомци.

Сè што посакуваме е патниците да се восхитуваат на „нашата големина“, овде во Бодрум – некогашен Халикарнас,  да дојдат и да ја понесат приказната за големиот кариски крал и персиски сатрап Мавзол, синот на Хекатомнос, владетелот на Карија. Ова е неговото почивалиште, и благодарение на умешно замислениот градителски подвиг, неговото име денес е епоним за називот Мавзолеј или „спомен гробница“.

 

 

Велат дека душата умира заедно со боите на мислите. Мавзолејот во Халикарнас е последното светско чудо на античкиот свет кое преживеало сè до 15-тиот век. Трусниот малоазискиот брег претрпел значајни преобразби како последица од земјотреси, што ќе придонесе за пад и деструкција на оваа импозантна градба, а остатоците од истата ќе послужат како градежен материјал на жителите за нивните куќи и изградба на бодрумскиот крстоносен замок.

Кога витезите од Болничарскиот ред на Свети Јован во 15-тиот век загосподариле со овие предели, незнаејќи за суштината и функцијата на Мавзолејот, најголемиот број блокови ќе ги однесат на брегот, отпочнувајќи ја градбата на замокот посветен на Свети Петар. Она што е останато денес е видливо благодарение на турските и странски археолошки истражувања кои траат и денес.

А јас, во шаренилото на погледот, застанат под стреата над четвороаголниот отвор, кој некогаш служел како темел и место за гробни комори, сосема случајно уловив една мала група руски туристи кои прилично заинтересирано обрнуваа внимание на историското предавање на нивниот туристички водич. И сета таа прошетка се случуваше пред налетот на зраците од жешкото летно сонце кое во Бодрум знае и да биде крајно неподносливо…

Но, да ѝ се вратам на историјата… Во 4 век пр.н.е. Халикарнас бил центарот на Кариското кралство. Мавзол и Артемисија владееле со Карија цели 24 години. Иако двајцата немале хеленско потекло, биле восхитени од хеленската култура и цивилизација, нешто слично како и кралската династија на античките Македонци. Основале голем број градови долж егејскиот брег, практикувајќи го хеленскиот начин на живот и уредување.

Во 353 година пр.н.е. Мавзол починал и бил погребан во недовршената впечатлива гробница, оставајќи завет да ја заврши неговата сопруга и сестра Артемисија, која живеела две години подолго од својот сопруг. По нејзината смрт, урната со остатоците била положена во Мавзолејот. По смртта на Артемисија гробницата сè уште била недовршена, мајсторите и уметниците решиле да останат и да си ја завршат својата архитектонска и уметничка работа, сметајќи дека се работи за нивен споменик, нивно чедо. Барем така ни раскажува историчарот Плиниј Постариот. Па така, нивното ремек дело останало запаметено со името на нарачателот.

 

 

Суштината на филозофијата на Мавзол е дека нештата не исчезнуваат. Нивната смрт настанува единствено со нивниот заборав. Карискиот крал се погрижил неговото име да се споменува и денес, како синоним за вечност и подвиг. Според проценките, Мавзолејот од Халикарнас бил висок 45 метри, богато и раскошно украсен, пленел со својата импознатност и грандиозност. Овој филхеленски владетел ги најмил најдобрите скулптори за изработка на релјефите: Леохар, Бријакс, Скопас од Парос и Тимотеј, додека структурата на градбата ја поставиле хеленските архитекти Сатир и Питиј.

Денес научниот свет нема целосна претстава како изгледал Мавзолејот. Согласно наодите и споредбата со останатите слични помали гробници, направени се реконструкции кои ни го дефинираат конечниот изглед. Во секој случај, секоја од нив е вредна за анализа и восхит. Секое камче од мозаикот наречен Мавзолеј денес грижливо се чува како значаен историски потсетник на некогашните славни времиња на медитеранската архитектура.

 

 

Прошетка кон повисокиот дел од градот пред да ме втаса онаа вистинската горештина. Го забрзав чекорот кон уште една бодрумска знаменитост – портата Миндос, чијашто капија и денес гордо се издига над Бодрум.

Се искачувате на една од  кулите и го имате градот на дланка. Мерак – поглед. Оттука најубаво отсјајува жолтеникавата боја од прозорците на куќите. Безброј жолти нијанси го маѓепсуваат видот, а во аголот осамено дрво лимони зрее во сончевината.

Во потрага по сите оние места кои го говорат јазикот на историјата, се забележува дека античкиот Халикарнас бил доста големо и цврсто упориште, а овие ѕидини и кули ми ја потврдуваат мислата. Егејот отсекогаш бил жариште и боиште на многубројни војски и армии, кои ја знаеле придобивката да се поседува еден ваков град – пристаниште, а доброто утврдување било неминовно, за секој владетел кој сакал да ја задржи власта во градот.

Карискиот крал Мавзол кој во 4 век пр.н.е. ја префрлил престолнината од соседна Миласа во Халикарнас, бил свесен за значењето на оваа дорска колонија и нејзината поморска трговска улога. Затоа не штедел средства за утврдување на градот. Од седум километарскиот ѕид кој го штител Халикарнас од копнена инвазија, денес останата е монументалната Миндос капија – сведок на некогашната моќ, слава и доминација.

Но, есента 334 година пр.н.е., и покрај утврдувањата, била кобна за бранителите на Халикарнас. Неколку недели по ред македонскиот крал Александар, го опсадувал  градот токму пред портите на Миндос. Халикарнас во  крвава битка ја губи својата слобода и потпаѓа под македонско владеење. Иако македонските војници дале голем број жртви при опсадата, а античките „бодрумчани“ храбро се бранеле, сепак упорноста и итрината на Александар на крајот се исплатела… Хроничарот Аријан во својата „Анабаса“, ја опишува опсадата и клетвата што Александар ја фрлил врз камените ѕидини на градот, гневен поради големите загуби…

Некој му дошепнал на кралот Не е планината таа што ја освојуваме туку самите себеси, а кога ќе се освоите себеси, е тогаш победата ви е загарантирана.

 

 

Погледот е магичен од оваа височина. Високо вдлабен во ридот, се издига уште еден знаменит објект од златното доба на Халикарнас – Античкиот театар. Уметноста на живеењето и уметноста на умирањето се едно и исто, вели Епикур. Театарот за актерите живот значи, но не и за првите христијани, за нив ваквите места биле гладијаторски арени кои ги чинеле живот.

 

 

Театарот бил изграден во 4 век п.н.е за време на владеењето на Мавзол, а денешната запазена форма е од 2 век, кога Римјаните го прошируваат неговиот капацитет од 10 до 13 илјади седишта. Но, доволно статистика… За жал, не начекавме некоја претстава од Интернационалниот балетски фестивал, кој го оживува ова место и му го враќа некогашниот сјај. Под налетот на топлото сонце, ладовината барем за миг ми е добредојдена.

(Продолжува…)

 

 

 

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин