Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Малинг – убавата лузна на Земјата

Везилка Магазин

 

Најдобрите места за полнење на душата, чистење на видот и освежување на срцето – се оние места на кои природата го расплинила сиот свој раскош. Националниот парк – кањонот Малинг е вистинска реткост и гордост за овој јужен дел од провинцијата Гуиџоу во Народна Република Кина. Вгнезден во длабочините на земјата, својата водена приказна ја извира од Вуменг планинскиот појас. За нас непознат и далечен предел, но за обичниот Кинез претставува природа изнедрена од срцевината на земјата, вистински рај и гордост – воздухот кој го дишат и водата од која се напојуваат митовите и легендите.

Кинеската мудрост вели: „кога луѓето се пријателски расположени, тогаш и водата е слатка, а кога ќе се напиете од таквата слатка вода, обидете се да го запомнете изворот.“ Моите зборови овде се само водени меурчиња, кои природата успеала да ги престори во златни капки. Еве зошто…

Посакувана глетка во кањонот Малинг… Човекот отсекогаш ја ценел вредноста на водата, особено кога изворите пресушувале. Кањонот Малинг е вистински воден резерват. Убавиот сончев ден не ми дозволи да го видам полниот сјај и убавината на водопадите. Велат дека природата во кањонот се буди кога ќе надојдат дождовите. Во таквите денови, Малинг го расплинува сиот свој раскош. Тогаш карпите се највидливи, со сета своја големина и најчисти во сета таа водена врвулица…

Доброто здравје, цврстината и чевлите, а можеби и стап за пешачење е сѐ што треба да понесете за да имате успешна посета. Оваа атракција е рај за авантуристите. Водопадите нудат спектакуларни глетки. А суровоста на карпите во должина од петнаесет километри ја ублажува акумулираниот варовник, правејќи го целиот предел карстен, еродиран, пред распаѓање – исполнет со гребени, кули, пукнатини, дупки и други карактеристични форми.

Бројни посетители му дале прекар на кањонот „убавата лузна на земјата“, а токму таму водата и нејзиниот слободен пад ја прават убавината. Имено, се забележуваат два вида водопади во Малинг, бисерните и виножито водопадите. Лесно ќе ги препознаете…

Бисерните водопади се со кристално бела боја, судејќи по чистината на водата и ројот од капки, распрскани во недефинирани движења, чиниш мали бисерчиња кои паѓаат од небото. За разлика од нив, групата водопади каде што во дното од клисурата се прекршува светлината и дава спектар од најразлични бои, се водопади на виножитото. Магична и несекојдневна глетка… И да не заборавам – понесете си шише со вода ако одите летно време…

Сместен на десетина километри одалеченост од градот Џинчин, Јунан – Гуиџоу платото е пресечено од реката Малинг, формирајќи ја оваа прекрасна водна клисура. Бројот на водопадите и самиот водотек се менуваат согласно временските услови. Така што, барем еднаш месечно ако дојдете во кањонот, ќе ја осетите водната разликата, со што ќе добиете чувство на поинаква природа од онаа што претходно сте ја искусиле. Идеално место за рафтинг, барем за оние авантуристи кои се вљубени во трките со чунови, кајаци или пак сплавови.

Првиот поглед ја искушува сензитивноста на видот… Кафеавата вода отсјајува чиниш водни завеси од старо злато се издолжуваат пред очиве. Велат дека водата што тече никогаш не се валка, а за оние кои знаат да ја ценат природата, таа секогаш знае да дарува со слатка вода. Шеесет и седум километри долгиот синџир водопади ме вдомува во Тијанкчинг галеријата, којашто изобилува со видиковци и патеки, идеални за пешачење, фотографирање и медитирање.

Кањонот поседува точки – места од каде глетките се несекојдневни, единствени и примамливи за окото. Од Кчеланг топлите извори преку Сангшијан пештерите и седумте обоени водопади до гратчето Малинг, љубопитноста завршува во Тијанкчинг галеријата, каде што капките ги нагризуваат камењата во стоте метри длабочина. Убавина којашто не може ни да се замисли, додека не се види…

Од двете страни на реката се впечатливи таписериите од калциум, кои локалните жители ги нарекуваат калциум-водопади. Нивните талози варираат во својата постојаност, нудејќи различни форми со специфична убавина. Па оттука и посакуваната констатација дека природата знае да носи и пари и да наградува. Бројноста на туристите од година во година е сѐ поголема, а покрај азиските се зголемува бројот и на европските и американските посетители.

„Мостот ја прелетува дивата магла

Но сепак, тука се карпите и рибарскиот брод

Само оваа река од пловечки ливчиња од праска

Може да ме поведе до митската пештера

Конечно…“

Со оваа песна од златното време на кинеската Танг поезија ќе го привршам моето видување на овој прекрасен предел. Велат дека тајната на кинеската природа лежи во нејзиниот раскош, исто како и мислата на поетот Чанг Чоу, кој ја опеал својата река… Споредбата со Малинг е несомнена. Единствената цел од ваквата посета е успокојување на мислата и дразнење на сетилата.

„Оној што го гледа рајот во водата, ги гледа и рибите во дрвјата. Кога некој ќе ви даде капка вода како награда, за возврат дајте му го целиот извор.“

Преку фотографија се збогуваме со кањонот Малинг, а својата енергија ќе се потрудам да ја пренесам на друго место во примамливиот Гуиџоу.

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин