Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Мардин – град со боја на пустина и портокалови зајдисонца

Везилка Магазин

 

Курдската мудрост нѐ учи: „Кога Господ ќе ви ја затвори вратата, ќе отвори илјадници нови.“ А мојата врата со блесокот на пладневното сонце штотуку се отвори, затоа поитав кон Мардин, старата селџучка престолнина, која горделиво се издига на врвот од ридот, град – музеј во Горна Месопотамија, вековен чувар на мирот и убавината на севрната страна од плодниот полумесец.

Мардин! Ова портокалово зајдисонце го одзема здивот, ја гали душата, го возбудува срцето. Изнедрен од рацете на вештите каменоресци, овде минатото чиниш е само призвук, а сегашноста – поезија. Чекорам во градот на илјадниците приказни, восхитувајќи се на секое камче, на секоја сенка, на секој поглед откраднат од зениците на нашето битие… Мисли и стихови кои ги вдишуваме како храна од воздухот, мечти кои посакуваат да останат засекогаш заробени во мигот…

Низ историјата градот бил познат како „Марде“ кај Персијците, „Мардија“ меѓу Византијците, „Маридин“ кај Арапите и „Мерде-Мердо-Мерди“ кај Сиријците. Османлиите направиле симбиоза од сиве овие имиња нарекувајќи го градот Мардин, име кое е во активна употреба денес и значи тврдина – утврдување.

Први глетки – први впечатоци… Чекориме во срцето на градот, опипувајќи го гостопримството на домаќините. Првите средби се секогаш најбитни… Гледате наоколу и целосно ја впивате енергијата на другото – инаквото, посакуваното. Зарем е можно да постои вакво место на светот?

Град со боја на пустина и мирис на калинка… Со брзина на ветрот се губите низ тесните калдрмисани улички, чекорејќи кон врвот, онаму каде најубаво може да се осети спокојот и тишината на пустината. Илјадници гласови продираат низ ушите и едноставно не ги приметувате, зашто магијата која влегува низ зениците, го замајува умот и го носи во некои други времиња и простори, не обрнувајќи внимание на гласовите кои излегуваат од устите на трговците и туристите, екот на камбаните преплетен со молитвите од минарињата.

Занесено чекорам фрлајќи поглед кон шаренилото на градот, се напојувам со сите мириси на Ориентот, кој мами и кани токму овде во Мардин… Минувате крај дуќаните, во гужвата од луѓе поседнати во малите и тесни кафетерии, и мирисот од тазе печен фстак и ѓеврек ве застанува за да го пробате и овој плод на задоволството.

– Мераба! Наеднаш ќе прошепоти нечиј глас пред вашиот лик. Мал поклон за саканата… Од златестиот Мардин, градот на сонцето. Тука накитот е совршен зачин – секогаш го надополнува она што е веќе таму. Бездруго, едно парче накит е парче уметност. Но, станува вредно само кога на него ќе се додадат емоции. Затоа накитот не е ништо друго освен мајсторство и вештина во изработката, исполнета со неизмерна љубов и огромна опасност. Затоа бирајте внимателно.

И покрај уморот со леснотија ги минувам калдрмите, хранејќи ја душава со слики и претстави од совршено зачуваната артуквидска архитектура типична за Горна Месопотамија. Куќи, џамии, медреси, цркви и манастири изградени од локален варовник. Орнаментите на истите ја издаваат љубовта со која биле создавани… Вака изгледа историската мешавина од култури, влијанија и стилови, препознаена од УНЕСКО како беспрекорна мајсторија на човештвото.

Мардин е волшебен град, кој го прикажува културното богатство и архитектонското наследство пренесувано буквално илјадници години. Овој безвременски, поетски град е создаден од уметничкиот дух и креативноста која оживува во рацете на многуте ѕидари кои им дале идеална форма на неговите камења. Со своите златни камени куќи мајсторски и елегантно изградени на стрмните падини, го прават Мардин вистинско архитектонско благо.

Ја чувствувам извонредната хармонија меѓу климата, географијата и архитектурата. Спојот на култури и наслаги од минатите времиња кои највидливо се одразуваат на улиците, малите плоштади и во традиционалните живеалишта на овој древен, но модерен град.

Големата џамија во Мардин (Ulu Camii) е најстарата во градот. Се наоѓа во срцето на стариот град. Многубројните натписи ни потврдуваат дека џамијата најверојатно била основана во 11 век од страна на Селџуците, а денешниот изглед го добива во времето на владетелот на Артукидската династија, Кутбедин Илгаз во 1186 година. Сегашното минаре е повторно изградено во 1850 година по катастрофалниот земјотрес кој го погодил градот. Во Улу џамијата е изложена благородната брада на пророкот Мухамед. Идеално место за починка, но и молитва за оние кои го исповедаат Исламот.

Мардин и неговата околина историски вдомуваат голем број различни народи и култури. Градот бил центар на многу етнички групи кои со своите културолошки и религиски белези оставиле своја трага. Од Вавилонците до Асирците; Персијците, Хелените, Македонците и Римјаните; од Сабии до Евреи, христијани и муслимани. Ерменци, Селџуци, Османлии и Курди, сите минале одовде. Бурна историја во која Мардин си го зачувал својот автентичен карактер. Од некогашен центар на патот на свилата, денес е вистинска туристичка дестинација и идеално место ако преферирате одмор со стил.

Фотогеничен град каде мора да се направат фотографии од речиси секој агол… Стојам на една од најдобрите локации за фотографирање Practice Hotelот, или поранешниот ПТТ објект. Зграда која некогаш била куќа на високо етаблирано семејство, а потоа служела како пошта, а во моментов е Хотел на Универзитетот Артуклу. Во овој кварт се наоѓаат најзнаменитите објекти во градот… Снимаме и фотографираме на горниот кат од зградата каде може да уживате во златниот отсјај на мардинската архитектура и да си го протегате погледот кон далечините на сириската рамница.

 

Овде во височините, ја чувствуваме топлината на ветрот, навеан од бреговите на вечната река Тигар. Седнати на верандата над сириската пустина, му се насладуваме на црвеното асирско вино. Şerefе! Се бараме во погледите со кренати чаши, додека сѐ уште нѐ прогонува оној мек и привлечен вкус на мардинската салата од свежи јагоди, ситно сечкан домат, рукола и нане, закиселени со неколку капки балсамико крем од калинка… За сладокусците! Ориентот повикува…

И Касим Паша кога ја градел оваа медреса ја градел со ум… Да биде долговечна и да ѝ служи на просветата. Оттука, преку овој базен се минувало од пеколот до рајот. А ние пак сме само на неколку степеници од него…

И најдоброто го оставам за крај. Оттука од врвот на Касимије медресата набљудуваме, забележувајќи го човечкиот хедонизам, кој со сласт ужива во мардинското „дибек“ кафе, зачинето со неповторливото портокалово пустинско зајдисонце.

Мардинчани велат една шолја кафе обврзува на една па сѐ до четириесет години пријателство. Зашто убавината ќе мине како и младоста, но мудроста е таа која треба да остане. Пред да се одјавам оттука, за миг преку последните две фотографии, почувствувајте ја силината на Ориентот. Дразба која замајува…

Она што срцето го мисли, устата и очите го зборуваат. Затоа посакувајте добро и останете со добро. Поздрав од Мардин.

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин