Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Мармарис – сон со боја на море

Везилка Магазин

 

Секој нов ден е нов почеток. Воздишка, топло кафе и насмевка. Чувство дека светот е преголем за да се остане на едно место. И кога ќе погледнеме наоколу, сфаќаме дека нештата свесно или пак несвесно, стануваат дел од нас.

 

Добро утро од Мармарис, живописното гратче – пристаниште во југозападниот дел од егејска Турција.

Обидете се вистински да ги доживеете местата кадешто патувате… Направете мала утринска прошетка кога сонцето е сè уште млако, а тишината насекаде околу вас. Ова е најдобриот начин да станете дел од нечие туѓо минато. Енергија која ќе ве врати низ времето. А мојата енергија ме поведе низ тесните улички на некогашниот стар град Фискос, денешното срце на Мармарис, каде се највидливи историските пластови, од антиката па се до славните султански времиња.

Тука и оттука доаѓале и си заминувале караваните со камили, трговците со зачини, бродоградителите со бродови и уметниците со скапоцениот локален мермер. Токму затоа турското име Мармарис си го носи своето име „Мермер град“, опкружен со планини полни мермер. Патописците велеле дека одовде почнувал Ориентот – онаа привлечна мешавина на култури, идеално место да се спознае цивилизациската симбиоза од различните истории и наследства.

Не мерете ја височината… Се подразбира дека треба да се искачите на врвот, ако сакате да го впиете најубавиот поглед. Историјата повикува… Чекор повеќе по калдрмата на тесните, извиени, чаршиски улички до највозвишеното место во градот, тврдината Мармарис, дамнешно јонско упориште и средновековна витешка база. Слоеви на вековно градителство, чувано од многубројни војски.

Ова Кале денес е музеј. Ѕидини идеални за голтка историја и поглед кој ќе ви ја одмори душата. Првите информации за јонската колонија Фискос ни ги дава таткото на историјата Херодот, датирајќи ги почетоците на урбан живот во овој дел од егејскиот брег. Градот бил важно пристаниште во персиската сатрапија Карија, а со тоа и неодминлива точка за идните азиски освојувања на Александровите војски.

Во 334 година пр.н.е, овие области биле завојувани, а полисот Фискос бил опсаден од фалангите на Александар Македонски. Попатна станица кон крајната цел, Персеполис. Градот броел нешто повеќе од 600 жители, кои пред да го напуштат под наездата на Македонците, ги запалиле своите „богатства“ и се упатиле кон мермерните планини. Александар загосподарил и со оваа јонска колонија, оставајќи неколку стотини војници посада во градот и зацврстувајќи ги градските ѕидини, претворајќи ја оваа хеленска колонија во важно пристаниште и стратешко поморско место меѓу Егејот и Средоземното море. И не само Александар, и Крстоносците во средниот век биле свесни за стратешката положба на градот.

Судбински времиња исполнети со историја и премрежиња. А од сите освојувачи, Мармарис најљубоморно бил заштитуван од султаните, кои мошне сериозно ја сфатиле неговата важност. Во 17 век познатиот патописец Евлија Челебија го опишал градот, а во 1522 година Мармарис е главна база на војските на султанот Сулејман при опсадата на островот Родос.

Многу малку е останато од некогашното заспано рибарско гратче… Денес градот Мармарис е една од најпосетуваните туристички дестинации на турскиот тиркизен брег. Ако ја оставите настрана историјата и сте вистински љубители на нуркањето и пловењето, придружени од жешкото сонце, песочните лагуни, стотиците хотелски ресорти и бурниот ноќен живот, тогаш дефинитивно Мармарис е вистинското место за да го поминете вашиот годишен одмор.

Ова монденско гратче ќе ве плени со својата богата природа, многубројни заливи и мирисот на бор од околните ридови и планини. Градот има две поголеми пристаништа и неколку помали, во кои освен луксузните јахти и бродови, честа глетка се и големите крузери, кои најчесто навраќаат во зима. Ова е идеално место за едрење и нуркање. Прекрасните планини, пештерите, античките и средновековни легенди и митови чекаат да бидат повторно доживеани, оживеани и раскажани.

„Ние луѓето секогаш сонуваме во бои позајмени од морето“… Велат дека сончевината и мирисот на јод се најдобрата медицина. Над нашите глави – небо, под нашите нозе –  песок, а во нас – мир. Зошто го сакаме морето? Едноставно, тоа ја има моќта да нѐ натера да мислиме – она што сакаме да го мислиме, без никакви ограничувања… Морето ни го дава посакуваното чувство на слобода и авантура – идеална комбинација за оние што сакаат да патуваат и истражуваат.

 

 

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин