Без разлика колку далеку ќе патувате, хоризонтот сѐ уште ќе се издолжува пред вас. Да ја живееме приказната што сакаме да ја раскажеме, како некогаш во авантурите на слепиот поет. Хомеровите епови ни го опејуваат морето на антички Бодрум, како земја на вечната синевина, лазур што ќе ви го помати видот. Бескраен хоризонт, нема граница меѓу морето и небото.
„Небесното блаженство на бодрумскиот живот е подобро од секое вечно блаженство што може да не чека“ – оваа мисла на познатиот бодрумчанец Џеват Шаќир е вистинскиот повик да дојдете и да го запознаете Бодрум.
Град полн со историја, култура и цивилизациски наслаги кои едноставно ве предизвикуваат и мамат. Оттука почнете ја својата потрага, по патот на Ориентот, по патот на опојните мириси. Зачекорете храбро, токму одовде, од родниот град на Херодот, таткото на историјата, и пробајте да ја испишете сопствената. А малата камена биста на Херодот ќе ви посака добредојде во Замокот на Свети Петар, срцето на Бодрум, изграден во 15-тиот век од витезите Болничари од редот на Свети Јован…
Утро, какво што посакуваме. Свежото ветре ги гали лицата на туристите, спремни за уште една нова авантура. Лево од пристаништето се издига Петровиот замок или познат кај нас како Бодрум Кале, некогашното упориште на витешка Европа, престорен во еден од најозогласените затвори во Османлиската Империја, а денес музеј кој грижливо ја чува историјата на градот… Зачекорив меѓу ѕидините, желен за уште една голтка историја.
Оттука доминирате со Егејот. Централна положба. Стратешко место кое изискува цврсто утврдување. Витешката доминација е видлива преку четирите кули кои ги носат имињата англиска, француска, германска и италијанска, култури и народи кои со своите градителски потфати ја зацврстиле власта во Егејот, и ќе владеат сѐ до 1523 година, кога султанот Сулејман Величествениот го освојува замокот и ја воспоставува османлиската власт.
Важноста и влијанието на Калето со текот на годините ќе почне да се намалува, а во 1895 година властите ќе го претворат во затвор, во кој многумина македонски револуционери и бунтовници ќе ги остават своите коски.
Бодрумското Кале по својот карактер и план сѐ уште се потпира на својата архитектонска оригиналност од витешкиот период и е вистински претставник на готската архитектура.
Најзабележливи се грбовите и релјефите вдлабени во ѕидините над портите, симболизирајќи ја различноста и етничката шареноликост на витешкиот ред на Свети Јован. Замокот ги одразува сите карактеристики на монументалната уметност, архитектура и техника типични за Европа во 15-тиот век, и претставува редок пример за овој дел од светот.
Издигнувајќи се високо над морето, Бодрумското Кале е вистински сведок за подемите и падовите на витезите од редот на Свети Јован Ерусалимски. Иако нивното главно седиште се наоѓало на островот Родос, сепак контролата и позиционирањето околу островот биле примарни за нив.
Замокот служел како главно прибежиште на христијаните во Мала Азија, а по првичната изградба во 15-тиот век, утврдувањата ќе продолжат континуирано, со што Замокот на Свети Петар ќе стане најважното и стратешко утврдување надвор од Родос, а витешкиот ред ќе израсне во најмоќната поморска сила во Медитеранот, сѐ до појавата на Султанот Сулејман Величествениот.
И во поновата историја овие ѕидини биле мета на туѓите инвазии и желби. Во екот на Првата светска војна, во 1915 година, британските и француските бродови ќе нанесат огромни штети на Калето, а во 1919 година со италијанската инвазија Калето конечно ќе падне. Како резултат на Турската војна за независност, предводена од Мустафа Ќемал Ататурк, турската армија успешно ќе го врати Бодрум во свое владеење, пред повлечените италијански армии кои ќе најдат прибежиште на грчки Кос и Родос. Оттогаш Бодрум ќе стане дел од младата турска Република.
Толку многу од нашата иднина се потпира врз заштитата на нашето минато. Животот исполнет со историја отсјајува во сегашноста. Одблесокот од прозорците на луксузните јахти, бродоградилиштата, блескавите бели куќи и антички гробници што се наредени на бреговите на двете бодрумски пристаништа, прават да се заљубите во Бодрум.
И не само земјата, и водата крие многу тајни, изложени во Музејот на подводна археологија во една од Кулите. Импресивни наоди, амфори, скулптури, стакло, бронзени и железни предмети, се поклонуваат пред грандиозноста на античкиот брод, и сето тоа извадено од најтемните длабочини на морето.
„Колку повеќе знаеме за минатото, толку повеќе сме подготвени за иднината. Историјата не ни припаѓа нам, туку ние припаѓаме во неа. Целта на мудроста не е да имаме богатство, туку богатството да биде награда за нашата мудрост.“
Замокот на Свети Петар љубоморно го чува богатството на кариската принцеза Ада, ќерката на карискиот крал Хекатомнос, назначена за владетелка на Карија под македонска власт од кралот Александар. Богатиот саркофаг пронајден во Халикарнас, ја посочува токму кариската принцеза. Златната дијадема ѝ го издава рангот, а златните орнаменти и декорација ѝ го потврдуваат статусот. И не случајно Александар ја зел под своја заштита…
Секој камен овде раскажува своја приказна. Сакајќи автентично да ја доловиме историјата, најдобри раскажувачи се оние кои живееат во градот, го дишат морскиот воздух и нивните срца пулсираат во чекор со времето.
Наш пријател и ткајач на приказни е бодрумчанецот Тајлан Ташбаши, кој се погрижи да ни го долови духот на историјата и важноста на процесите, а остатокот ќе го оставиме на Боговите, Permitte Divis Cetera.
Се надевам дека ќе се согласите дека сите патувања се обвиени со некаква тајност, мистичност, за која и можеби воопшто не сме свесни дека ја доживуваме. Неизбежни се моментите кога ќе посакате да ги средите впечатоците и едноставно пред крајот на денот, на зајдисонце, да си ги средите мислите и да се задлабочите во морскиот хоризонт. Барем бодрумскиот полустров ни нуди неверојатни луксузни ресорти каде што можете да го сторите тоа.
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.