„Од далнина го носеа брановите
лекокрилиот галеб со огнени крилја и жижнати очи
Вперени во хоризонтот од синевина, трепет обоен од занес…“
Можеби овие мои стихови од неодамна објавената поетска книга „Меѓу два света“ најилустративно ја доловуваат слободата, леснотија да се замине негде далеку, нурнувајќи се во светот на непознатото, таинственото, мистичното и не/дофатливото.
Патувањето е потрага, а патувачите се трагачи. Свесност дека нешто ни недостига, нешто туѓо, нешто далечно, единственото нешто коешто ќе ја исполни нашата интима. Да се преслечеме повторно во сопствената кожа, е тоа е патувањето – сопствено себенаоѓање. Да откриеме нови непознати делови кои ја измачуваат нашата имагинација. Да пополниме уште едно камче од мозаикот на љубопитноста. Да целиме кон сопствена целовитост.
Но, која и каква е целата на патувањата? Каде патуваме? Зошто токму таму? Што сакаме да пронајдеме/откриеме? Прашања кои нѐ замислуваат, но истовремено и охрабруваат.
ПОДЗАСПАНИОТ ПОЛУОСТРОВ
Бодрумски полуостров. Утро. 8 часот и 30 минути. Барем така покажува тркалезниот часовник со зелена рамка закачен на ѕидот од хотелската соба. И по навика секогаш го проверувам или уточнувам времето со кафениот рачен часовник на мојата лева рака. Дневна навика којашто преминува во зависност, потсетувајќи ме дека во Турција времето е за еден час понапред од кај нас.
Отсекогаш сум ја ценел „точноста“! Карактеристика достојна за почит, највидлива при закажаните средби, а нашата само што не се случила. Во меѓувреме голтка црно кафе со поглед кој ја милува душата. Утрински ритуал кој ми причинува огромно задоволство, особено ако погледот се одмора во морската шир.
Хотелот кадешто престојувам се наоѓа на северената страна од Бодрумскиот полуостров, изграден на стрмнина, високо издигнувајќи се над егејскиот брег. Од страните целиот простор е обраснат со нискостеблеста шума, испреплетена со маслинови дрвореди. А пред моите очи синевина во недоглед.
Верувања…велат дека луѓето што живеат покрај вода се посреќни и долговечни. Пејзаж карактеристичен за Медитеранот. Морето, маслинките и сончевината му даваат посебен мирис на воздухот, кој пак силно влијае врз сетилата, кожата, умот, доведувајќи ме во стадиум на летаргија која повикува на хедонизам. Ех, лето какво што посакувам! Состојбата на телото и расположението се основните показатели благодарение на коишто сфатив зошто Бодрумскиот полуостров го нарекуваат „Заспаниот полуостров“.
Градот Бодрум, или турскиот „Сен Тропе“, е центарот на случувањата во југозападниот дел од Турција, место коешто треба да ме расони и раздвижи, се разбира, судејќи според бурниот ноќен живот кој го прави Бодум надалеку прочуен, за разлика од неговата подзаспана периферија. Бодрум се наоѓа на десетина километри одовде, на јужната страна од полуостровот. Градот е еден од поголемите и познати туристички дестинации во турската провинција Мугла. Идеално место за истражување на природата и богатата историја.
МИРИСОТ НА ЕГЕЈОТ: ЛАВАНДА, ДИВО НАНЕ И МАЈЧИНА ДУШИЦА
Сонце, море и пристаниште е сѐ што ми е потребно. Бодрум – прва глетка. Бродови и чамци пловат крај песочните лагуни, а во нив секој си ја раскажува својата приказна. Приказна за разиграноста на животот, како непрекината идеализирана потрага по совршеното. Поглед кон небото и дослух на крици од разиграни галеби во лет. Белата боја на пердувите како огледало ги одбива зраците кон хоризонтот. Овде различностите нѐ издаваат. Се препознаваме по начинот на кој го вдишуваме воздухот. Поетичен прв поглед на градот.
Извишен над самото пристаниште доминира крстоносниот замок, а околу него прилепени како бисери сјаат илјадниците варосани живеалишта на бодрумчани. Бели, ниски, коцкести куќи со лазурни ќепенци и рамни кровови го полнат погледот. Меѓу нив се меткаат високите иглести чемпреси, чие зеленило ја омекнува белината. Грчкото влијание силно се чувствува во архитектонскиот израз, давајќи му на Бодрум карактеристичен егејски лик, типичен за расфрланите грчките острови, завиени околу Мала Азија.
Неизбежна е чаршијата со сиот свој османлиски шарм. Кривулестите калдрмисани улички се преплетуваат една во друга, мамејќи ги талкачите во своите мрежи од дуќани полни желби. А тие пак, како риби во потрага по храна одолеваат и на најострите јадици, само за да понесат дел од Бодрум со себе. Таму некогаш и некаде далеку да се сеќаваат на егејските бранови кои ја заплискуваат нивната потсвест.
Високите порти и камените минариња во малите палмови оази наведнати над брегот се само дел од декорот на стотиците кафулиња и таверни од кои се шири заразен мирис на свежо печена морска риба. Грст рукола во зелена салата, измешани со сок од варено цвекло и ситно сецкани домати. Чиниш, бојата на пророкот Мухамед е вплотена со црвенилото на турското знаме. Но, задоволството секогаш е во малите нешта. Коцки од фета сирење помешани со лупени оревчиња и вкус на црна маслинка. Ех, вака мириса шармот на бодрумската салата!
Ќе скинете портокал од соседниот двор и ќе ја почувствувате носталгијата за животот кој не сте го имале дотогаш, или пак не сте го познавале, а сакате да го живеете.
„…Симфонија од желби ме влече кон тебе /и чекорам во од со топлината. /Мирисот ме влече на југ. Онаму…“ – пее рапсодот во неговите песни. Тука, на југот од Мала Азија, силно се чувствува мирисот на Ориентот, покрај тиркизните води на Егејот кои од дамнина милувале да ги вознемируваат рибарските бродови, ширејќи ја неподносливата јачина на зачините од далечините на соседните Памфилија, Либан и Египет.
Во древноста тука негде се наоѓала границита меѓу Ликија и Карија, во зависност кој владетел колку бил желен за освојување. Овде не била освојувана само земјата. Сладокусците велат дека вистинската борба била за воздухот и неговите опојни мириси, завеани од околните приморски планини. Во таа борба со природата загосподарил човечкиот живот, околу ридовите и лагуните на Халикарнас, античкото име на Бодрум.
„Донесете слеп човек од Ликија и тој веднаш по мирисот на воздухот ќе знае каде се наоѓа. Киселкастиот мирис на лаванда, лутиот здив на дивото нане и опојноста на мајчината душица, ќе му кажат каде е.“
Целосно се согласувам со овие зборови на Џеват Шаќир или попознат како „Рибарот од Халикарнас“, легендарна личност во историјата на Бодрум, каква што секој помал град е неопходно да има. Неговите боемски приказни и ден-денес ги раскажуваат бодрумчани со сласт и восхит.
И токму мирисот во воздухот е мојата водилка овде. Единствено преку мирисот можеме да ја разбереме земјата во која сме кинисале. Да се впие приказната преку ноздрите, не преку очите, а јазикот на најпитом начин да ја раскаже, тоа е вештина којашто единствено ја поседуваат големите боеми и мајстори на перото.
Овој град е зачинет со доза на префинетост – си помислив во себе – сладострастие во погледот и природа која предизвикува! Енергија којашто ми ја грее душата и ме повикува на љубознајност… Впечатоци од утринската прошетка. Ја вртам главата и на повидок е ново сокаче…
(Продолжува…)
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.