Патувањата често знаат да нѐ остават без зборови, потем да нѐ престорат во раскажувачи. Секогаш го откриваме и раскажуваме она на кое нашата потсвест потајно се радува. Тие откритија се секогаш плод на нашите замисли и мечти, нови хоризонти и светлини кое допираат длабоко до најосетливите делови на нашата љубопитност. „Кога сонот ќе стане јаве“, е точната, конечна и потврдна реченица дека сте на вистинското местo во вистинското време. Конечно го гледате она по кое сте дошле…
Студен декемвриски ден. Патувам низ југозападниот дел од централна Анадолија, по стапките на првите луѓе, на најстарите земјоделци, на првите градители. Патувам низ провинцијата Коња, најголема во Република Турција, онаму каде што земјоделството е создавач на првиот здив на цивилизацијата. Трагам по Чаталхујук, за да го видам најстариот град во светот, место кое најавува нова ера во човечката историја. Нештата кои не ги разбираме наеднаш почнуваме да ги откриваме. „Она што го барате, ве бара вас“ вели големиот мислител Руми, кој некогаш чекорел и творел во овие краеви. Кога ќе почнете да чекорите по патот, патот самиот ќе ве поведе…
Добредојдовте во Чаталхујук, бисерот на неолитска Анадолија, од 2012 година запишан во светското културно и историско богатство – заштитено од УНЕСКО. На самиот влез од локалитетот нѐ пречекаа моделите на неолитски живеалишта, направени за посетителите со една единствена цел – да ги визуелизираат првите искри на организиран и урбанизиран живот во историјата на човештвото, како подготовка за вистинското и оригинално доживување кое што следи. Глетки и мисли кои создаваат слики со илјадници прашалници. Каков бил животот на човекот пред 9000 години?
Да живеете заедно со животните, со вашите покојни – погребани под праговите и огништата, кои што се темелот на родовската заедница – спиритуални, магиски, духовни микро центри, обвиени со бојата на првите уметници, крвта како симбол на животот и синоним за заедништво – папочна врвка која го зближува и обединува семејството. Само една клетка од целовитоста на организмот наречен Чаталхујук е доволна за да ни ја прикаже првичната визија за животот на нашите предци, составен дел од основата – којашто историјата ја препознава како протоцивилизација – најстара.
Студен и сув декември. Чекорам на ридот кон вистинското задоволство или кажано со археолошки речник на врвот од тумулот, во турскиот јазик наречен – хујук, Чатал – хујук или во превод – две возвишенија, едно до друго. Вака денес изгледаат напластените слоеви од праисторискиот град. Земам здив и го впивам првиот поглед.
Не. Овие луѓе не живееле хаотичен живот, ако таква ви е првата претстава за градот, судејќи по фотографиите. Неолитот, или воопшто праисторијата, е еден од најтешките археолошки периоди за проучување и истражување. Да, признавам делува хаотично. Напластена кал, дрво, глина се првите градежни материјали и суровини кои ги користеле луѓето. Овде се напластени едни врз други, различни генерации седелци – креатори на првиот организиран живот.
Праисторијата времето го дели на пред и по Чаталхујук. Токму одовде почнува пресвртот или критичниот момент во историјата на човештвото. Пред Чаталхујук, кога луѓето почнуваат да го напуштаат скитничкиот – номадскиот начин на живот и по Чаталхујук кога луѓето се организираат во првиот т.н. урбан начин на живот или градска заедница од земјоделски вид.
Археологијата вели дека животот овде започнал во 8-миот милениум пред нашата ера или попрецизно кажано од 7100 година до 5700 година пред Христа. Овие први прото урбани земјоделски заедници го населиле платото или рамницата околу денешна Коња, погодна за земјоделство, градејќи ги првите живеалишта до некогашната река, којашто денес е пресушена. Егалитарниот систем на организација – еднаквост за сите, довел до изградба на првите домови, чии остатоци ги гледаме. Археолозите велат дека овие куќи немале прозорци и врати, туку овде се влегувало од крововите со скали надолу. Куќи слепени една до друга, правејќи организам од домови кои функционираат како мали клетки кои му давале живот на ова денес напуштено место, меѓутоа презначајно за науката.
Чаталхујук не е само важен за историјата на човештвото, денес овој локалитет е значаен извор и двигател на турскиот туризам и локалната микроекономија. Не само турската држава туку и провинцијата Коња, вложуваат многу средства за продолжување на понатамошните истражувања како и соодветна културна презентација на древниот град.
Турската и светската јавност и наука за прв пат се запознаваат со Чаталхујук на крајот од 50-те и почетокот на 60-те години од минатиот век, кога британскиот археолог и египтолог Џејмс Меларт го открива градот. Фасцинантно открие кое го фрла во сенка податокот дека Јерихон е најстариот град на светот. Токму во 1961 година Меларт ги презентира пред јавноста првите научни откритија и достигнувања кои сè уште кријат многу тајни и загатки кои историската и археолошка наука треба допрва да ги потврдат, зашто денес знаеме само четири проценти од она што е досега откриено и споделено. На останатите 96 проценти некои други генерации во иднина ќе им се радуваат и проучуваат, со што ќе науката ќе добие со сигурност измената претстава од онаа што ја имаме ние денес.
Сепак, историјата на Чаталхујук ни зборува за една од најважните трансформации на човекот, од номад до постојан жител. Место во кое уметноста, сликарството и скулптурата, се чини дека играат нова важна улога во животот на доселените луѓе. Овој приказ на Мелартовата Божица-мајка се надевам дека ќе ве поттикне да отворите уште една страница од непознатиот свет во кој живееме и да откриете нова приказна во која ќе се пронајдете…
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.