Издолжен поглед кон Харанската рамница. Во оваа штурелија, плодноста чиниш виси на конец. Одовде, од оваа висина, ми се губи погледот негде меѓу памуковите полиња и долгите дрвореди со ф’стаци, кои во недоглед се распостилаат надолу кон сириската граница, следејќи ја ридестата линија на Тек – тек планинскиот појас. Патувам во Горна Месопотамија, по стапките на првите луѓе кои токму овде, во овој сув, каменест предел, ја заискриле првата цивилизација во светот. Барем така велат археолозите и познавачите на древноста…
Но, зошто токму овде? Што е она карактеристично за ова место кое ги пружа првите предуслови за развој на некаков организиран начин на живот?
Пат во пустелија… Илјадници прашања како влажни облаци натежнуваат врз мојата љубопитност. Ја напуштив Шанлиурфа или само Урфа, најголемиот град во истоимената турска провинција, град на кој ќе се навратам во некоја друга прилика, упатувајќи се да го видам најновото и сензационално откритие на турската археологија, место кое од корен ќе ги промени нештата за светот каков што го знаеме и поимаме. Барем така домаќините ни го претставија најновиот археолошки локалитет, вгнезден источно од Харан, на 46 километри југоисточно од најстариот откриен храм во светот, Ѓобекли тепе…
Неговото име е Карахан тепе или Кечили тепе, како што го нарекуваат локалните жители од околните расеани селца.
Прва визуелизација… Во овие кафено-жолтеникави ридски предели, како да се истурил метерорски дожд и го запрел животот со умисла. Расфрлани камења кои со својата бројност и големина бодат в очи. Дури и оние малкуте обработливи земјоделски површини, кои чиниш треба да дадат некој плод во оваа спарнина, се опколени со големи црни камења, собирани и распоредувани грижливо од човечките раце со цел да се направи каков-таков простор за живот, со цел мачно да изрти по некој никулец во овие бесплодни степи.
Да бидам искрен, не знаев што да очекувам… Целиот пат кон Карахан беше прикриен со некаква тајност, а секоја нова информација беше добредојдена како капка вода во пустина. Турските археолози истражувајќи го локалитетот во изминативе две години, дошле до неверојатни откритија, кои треба да осветлат еден цела епоха од човечкото суштествување, наречена – неолит. Токму затоа целиот овој каменест предел беше обвиен со некаква мистичност, кој требаше да ни даде потврда за тоа како се родила првата цивилизација. Но, можеби пак, мистериозното лежи во нејзиното исчезнување.
За Карахан тепе велат дека е постарата сестра на Ѓобекли тепе… Ако се решите да пропатувате во југоисточниот дел на Турција и да го посетите ова место, мој совет ви е прво добро да се информирате за соседното Ѓобекли тепе, па потоа да дојдете овде во Карахан. Светот сè уште нема официјално име за оваа изгубена цивилизација, па едноставно ја поистоветува со мегалитите во форма на буката Т – „Те“ цивилизација, форми карактеристични за оваа протокултура.
Но по сѐ изгледа турските научници и археолози ѝ го дадоа вистинското име, насловувајќи ја како – „Taş tepeler“, или во превод од турски, „камени ридови“. Ова ни го презентираше професорот Неџми Карул од Катедрата за праисторија на Истанбулскиот универзитет и главен археолог на Карахан, кој нѐ чекаше на самиот локалитет. Видно расположен за изјави пред медиумите и разговори на нему омилената тема, професорот Карул со невиден елан, и покрај спарната клима која пак знаеше често да се менува во оваа ветрометина, нѐ воведе низ локалитетот, презентирајќи ни ги најновите откритија.
Овој рид е природен, не преставува збир од слоеви – вештачки акумулирани. 490 метри дожина и 270 метри ширина му се димензиите… Голема е веројатноста дека Карахан тепе е постаро од Ѓобекли и дека во овие камени ридови, покрај тоа што се наоѓаат првите откриени камени храмови во светот, целиот овој простор бил и населен, почнувајќи од 11 милениум пр.н.е, па сѐ негде до 7 милениум пр.н.е, или од 10,000 – 6,500 година пр.н.е. Далечно време од наша перспектива… Па така, секое парче керамика или пак варовничка скулптура, дизајн или камена архитектура имаат непроценлива вредност.
Ова место означува крај на човечкото скитање и мигрирање и негово трајно населување, оформувајќи ги првите земјоделски заедници… Па, така, и целиот овој суров месопотамски пејзаж кој се тегне пред моите очи длабоко во праисторијата бил вистинска плодна оаза којашто го задржала човекот во своите пазуви. Па, затоа, не случајно археолозите велат дека ова место е нулта точка во времето! Оттука почнува цивилизацијата каква што ние ја знаеме и живееме… Остатокот ни е познат.
Во метежот од новинарски екипи и истражувачи, се договоривме со професорот Карул да се најдеме вечер во Музејот во Шанлиурфа за да можеме на раат да поразговараме за историското значење на Карахан тепе и неговата револуционерност. Токму во музејот беше отворена најновата праисториска поставка со пронајдоците од Карахан, кои не само што требаше да нѐ воведат во неолитот, туку и да нѐ импресионираат.
Застанувате на врвот од ридот и гледате наоколу… И повторно илјадници прашања. Зарем во оваа пустелија? А каква била климата тогаш? Сигурно била поинаква од она што го гледам… Зошто и како завршила оваа цивилизација? Чекам одговори од науката.
Се нурнувам во оној 1% истражен дел од локалитетот и набљудувам внимателно… Погледот ми застана на еден од ретките делови во кој има резби. Иако се бледо изрежани, на камената клупа има слики и претстави од долга змија и од лисица – два типа на животни често прикажувани и во Ѓобекли тепе. Лисиците, се сеќавам, беа врежани во внатрешноста на централните столбови на кружните куќишта на Ѓобекли. Иако не знаеме точно што симболизираат (можеби комети), ова животно било од големо значење или пак имало некаква митска улога во светот на Т-градителите. Всушност, археолозите откриле коски од лисица во Карахан тепе, што укажува дека лисиците се користеле во одредени ритуали.
Над источната страна на ридот се наоѓаат бројните „Те“ столбови кои излегуваат од земјата. И, на крај, сензацијата се појави пред мене – фалусната просторија со варовничка глава, божество на плодноста или пак секоја друга алегорија е добредојдена и прифатлива, во недостаток на потврда. Место на верувања, ритуали, симболи… – Оваа слика од денес ќе го обиколи светот, – си помислив во себе. Науката допрва ќе расправа за ова место и допрва ќе се лансираат нови теории и приказни, кои треба на најсликовит начин да ни го објаснат или доближат животот на првите луѓе, првите земјоделци, првите сточари и првите архитекти… Безброј прашања, а многу малку одговори.
Со залезот на сонцето го привршувам денот… Уште многу има да се пишува и каже за Карахан тепе и за целата оваа мистериозна цивилизација. Се упатив кон музејот во Шанлиурфа на договорената средба со професорот Карул. Единствено тој го имаше клучот од чекмеџето каде лежеа одговорите на моите прашања.
Направивме заедничка обиколка во праисторискиот дел, откривајќи ги музејските тајни… Гледам со неверување. Господе, Боже! – си помислив во себе, па сите овие скулптури и фигуринки изгледаат како вонземјани, како да не се од оваа планета, со издолжени глави, фалусоидни носеви, зооморфни претстави, како паднати од Нибуру, сумерската митолошка планета од каде првата цивилизација била донесена на Земјата… – Сепак, сме во Месопотамија, – се присетив, оттука почнал да извира животот.
Вечерта ја минав меѓу музејските витрините во набљудување, проследено со длабоко мисловно вникнување… Одговори кои како камчиња требаше да го пополнат мозаикот на мојата љубопитност. Со нетрпение го чекав утрото, за договорената посета кај помалата сестра Ѓобекли тепе, по втор пат…
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.