Срцето ме води онаму каде копнежот по мистичното, непознатото и изгубеното, со сета своја сила одекнува во мисливе… Сѐ она што сте го замислувале наеднаш станува реалност, а сонот се престорува во јаве. Свесно им се препуштам на приказните да ме водат со сета своја привлечност и магија од некои минати времиња… Исто како некогаш, така и ние денес ги ткаеме на разбојот од нашето време.
Патувам со слика и мисла со цел да видам и одгатнам еден подзаборавен дел од историјата на човекот, кој патувал, создавал, пловел и војувал во овие предели на Горна Месопотамија. Овие предели кои важат за лулка на цивилизацијата, денес не се ништо друго освен потсетник за нечија храброст, луцидност и гениј… Култури и народи вгнездени меѓу библиските води на реките Тигар и Еуфрат, чија оставнина одамна ја има збришано времето, благодарение на човечкото варварство и страст за уништување. Но, сепак, можеме да го направиме она што ни преостанува… Да продолжиме да ја живееме приказната или пак да успеме да ја спасиме од длабочините на водите, кои љубоморно ја таложат со години и векови, свесно фрлајќи ја во заборав.
Впловивме во водите на Еуфрат, со надеж дека она што сме го прочитале многу бргу и ќе го видиме… Сликата ви го прикажува она што е останато од стариот пристанишен град Халфети. Половина град под вода, а остатокот од него ги полни очиве.
За да забродите овде, ќе ја минете долината со ф’стаците, оставајќи го „месопотамското злато“ зад вас, притоа минувајќи крај Јени Халфети, за да стигнете на крај до малото спокојно пристаниште Ески Халфети на источниот брег на Еуфрат, сега дел од браната Биречик, која повеќе од две децении носи проперитет и благосотојба во турскиот дел од Горна Месопотамија. Додека пловиме меѓу двата брега на Еуфрат, погледот чезнее кон далечниот југ, онаму каде овие води се извиваат низ пустините во Сирија и Ирак, носејќи ја со себе убавината и плодноста на животот. Сувее целиот овој пејзаж, пред очите на стотиците посетители, уживатели на зрачните одблесоци од топлото септемвриско сонце.
Пловиме, набљудувајќи ги гробниците исклесани во карпите на обете страни од реката… Храбри воини почивале овде! Гласините велат дека тука негде се наоѓала Селеукеја на Еуфрат или римската Зеугма, потопениот град на македонскиот генерал Селеук Победоносецот, еден од најхрабрите Александрови воини. Очиве бараат потврда на приказната прикажувана од многуте патници и истражувачи, кои минале низ овие краишта. Овие ѕидини се остатоци од некогашната Римска тврдина – Рум Кале или Ромејско Кале, источната граница на Византиското Царство. Ѕидини кои сѐ уште му пркосат на времето…
Не верувам дека овде негде ќе го здогледам темето на градот Зеугма, кој не е единствениот град кој потклекнал пред инженерските потфати на турското градителство… Погледот и мислите за миг ми ги открадна она гордо минаре, жртва на желбата и идејата за бериќет. И религијата чиниш му пркоси на развојот!
Фотографии за насловна страна на травел списанијата… Добредојде ни посака Савашан, малото пикторсектно селце, чии остатоци од карактеристичната сириско – ерменска архитектура се сѐ уште видливи… Желба, идеја, предизвик. Од ништо да направите нешто! На прв поглед, ова место, иако наликува на обична руина, длабоко во себе ја крие иднината на туризмот во турска Месопотамија.
Халфети е идеална комбинација од природа и историја… Место облагородено со водите на Еуфрат, река којашто е синоним за живот… Но, светот не го препознава Халфети само по својата убавина, туку ова место е единствено во светот каде цвета црната роза. Тука се расте и одгледува овој црн бисер на природата или како што го викаат турците – Караѓул. Ако патот ве доведе некогаш во Халфети, одберете го оној период од годината кога цветаат црните рози – зашто ние ја немавме овој пат таа среќа. Ќе се изненадите од големината на плантажите и убавината на цветот.
Каде и да одите, вашата судбина оди со вас, затоа гледајте со вашиот ум, а слушајте со вашето срце. Лесно е да се каже -дојди, но тешко е да се каже – оди! Во рамната земја и ридовите мислат дека се планини… Гол пејсаж пред моите очи кој изродил мудри народи и уште подмудри мисли. А јас моето месопотамското патешествие го продолжувам во провинцијата Мардин, позната и прославена по истоимениот град…
Се наоѓам на неколку километри пред Мардин, каде вниманието ми го откраднаа остатоците и некрополата од античкиот град Дара. Непознат за нас, но познат за историјата. Во оваа пустелија лежи „градот на мртвите“. Расфрлани камени гробови, длабоко исклесани во варовничките карпи се откриваат пред моиве очи, сведочејќи за животот по смртта од некои минати времиња.
Овие слики што ги гледате ја прикажуваат некрополата на градот, датирана од 6-от до 8-от век. Илјадници камени гробови расеани се по земјата, а уште толку внимателно исклесани во карпите, карактеристичен начин на погребување, типичен за културите од блискиот Исток. Иако жителите на градот во доцната антика и раниот среден век го исповедале христијанството, сепак археологијата ни го потврдила овде широко распространетиот култ кон паганското божество Митра. Очигледно е дека бавно се одвивал процесот на христијанизација на населението во овие краишта. И кога се чини дека тој процес привршувал и ја остварил својата мисија, некоја друга религија и култура ќе зацариле овде, почнувајќи нов религиски круг, и така повторно сѐ од почеток…
Градот Дара сѐ уште лежи под земја и чека на археологијата за да ја види светлината на денот, да оживее со сиот свој сјај како некогаш… Тешко е да ги отселите жителите на малото локално селце кои од остатоците од античкиот град си ги имаат изградено своите сегашни живеалишта, но дотогаш турската археологија е будно посветена на некрополата и нејзино темелно истражување и соодветна презентација. Бавноста на археологијата секогаш му пркоси на човечкото љубопитство, едноставно е, во желбата и трката за знаење немаме доволно време за чекање – зашто животот е краток, сакаме да дојдеме, да видиме и да се напоиме со нови знаења. Убаво е чувството да си посетител на ваквите несекојдневни места.
Гледате и думате… Верувања и обичаи… Си мислите! Колку ви е повисок општествениот статус толку поубав треба да ви биде и задгробниот живот, а доказ за таквото нешто е убавината и големината на вашето последно почивалиште… А за дарувањата нема ни да говориме… Па така, покрај длабоко исклесената комора, голем број на талентирани уметници и резбари, согласно орнаментиката на фасадите и саркофазите, работеле овде, со цел да ја олеснат и задоволат болката на своите мецени.
Историјата не ни дава многу информации за животот на градот, па со нетрпение го чекаме секое археолошко откритие кое може да ни навести некаква новина. Камче по камче, археологијата го склопува својот мозаик овде. Истражувањата во Дара почнале во 1986 година и оттогаш, бавно но сигурно, ни се открива западниот дел од стариот град каде се сместени агората, одбрамбените ѕидови и кули, базиликите, бањите, јамите и некрополата. Овие објекти фрлаат грст светлина на римско – византискиот период од животот на градот, од 6-от до 14-от век. Но, слоевите ни го потврдуваат и постоењето на постариот персиски период. Одбрамбените ѕидини од времето на Јустинијан, постепено, како одминувале вековите попуштале, за целосно да се изронат под налетот на сасанидските освојувачи кои продирале од длабочините на иранските степи. Полека и животот изумрел овде, сириската пустина го завила градот со своите песоци, па така градот на Анастасиј бил фрлен во заборав.
Легендите ни прикажуваат дека Дара била основана како персиски камп во македонско – персиските војни. Персискиот Цар Дареј, Дариј, Даријаваша, независно на кој јазик ќе му го изговорите името, го основал својот воен камп токму на ова место, бранејќи ја Горна Месопотамија од фалангите на Александар Македонски… Легендата исто така ни вели дека перисискиот цар Дариј, заедно со својата свита од најверни следбеници, биле погребани овде во оваа монументална гробница, откако неговото тело било влечено и парчосувано од суровите предели на Бактрија, па сѐ до неговото последно почивалиште во Дара. Но, историјата во иднина ќе треба да се потруди да ни ги потврди ваквите гласини…
Никој нема да ѝ побегне на смртта – една курдска поговорка од овој крај вели, смртта е црна камила која клечи пред секоја врата, без разлика дали сте цар или не. Затоа, работете со сета своја сила и енергија како да ќе живеете вечно, а живејте го живот како да ќе умрете утре.
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.