Само неколку минути ме делат од долгопосакуваната средба со местото кое претставува извор на човечката цивилизација… Токму овде, на овој локалитет, денешната археологија ќе го помести од темел мислењето за почетокот на светот каков што го знаеме денес.
Камен по камен – извираат од земјата… Тука царува прашината, чиниш магла која го заматува видот во оваа месопотамска степа. Ова место некогаш било рај, за првите мигранти, ловци, трагачи, а денес не е ништо друго освен една голема мистична дупка, која ја проголтала целата меморија на првите луѓе и со своите тајни, длабоко закопани в земи, ѝ пркоси на историската наука и човековата љубопитност.
Научници, археолози, работници и посетители… Жедни ја спознаваат суштината на човековото битисување, од најраните почетоци па сѐ до онаа фаталната климатска промена, која ќе го пресуши изворот. Па така, целокупното знаење за почетокот на цивилизацијата ќе остане закопана длабоко, сѐ до појавата на првата археолошка експедиција која истражувајќи во оваа пустелија, ќе ги загатне нашите мисли и чувства, отворајќи безброј прашања, за чии одговори денес ќе треба навистина да се потрудиме…
Добредојдовте во Ѓобекли тепе или во превод од турски „Тумбата со голем мев“. Овде на ова место историјата е зачувана, а иднината е осигурана. Оваа мистична камена тумба е посакуваниот мост кој го поврзува минатото со иднината. Светото место на праисторијата и задната станица на последните ловци.
Ѓобекли тепе своите тајни ќе почне да му ги оддава на светот уште од далечната 1963 година. И можам само да ги замислам набојот, енергијата, чувството на првите археолози и истражувачи… Стојам на „папокот од светот“, целиот со прашалници, загледувајќи се во мегалитите на најстариот храм…
Најразлични животински претстави и форми парадираат пред мене, правејќи волшебен зодијак во мисливе. Верувања и ритуали, дел од човековата имагинација престорени во реалност… Кога, каде, кој, зошто, како… Историјата на човештвото се пишува одново. Сѐ она што не сме го знаеле, излегува во форма на дар од земјата и нѐ облагородува… Нови знаења, толкувања, претпоставки… Пред нашата наука стои предизвикот кој треба да го одгатне размислувањето на човечкиот мозок од пред дванаесет илјади години.
Но, Ѓобекли тепе не е единствена тумба, која ододвде во Горна Месопотамија му пркоси на времето. Овие т.н Камени ридови се цел систем на живеалишта со моќен религиски карактер кои функционирале како заедница, како со папочна врвка врзани меѓу себе. Ѓобекли тепе е само еден од еднаквите. Станува збор за цел систем на камени ридови чии жители практикувале иста култура, начин на градба и религија.
На територијата на Горна Месопотамија, во провинцијата Шанлиурфа, откриени се 13 камени тумби, кои се дел од системот на камени градови. Свеста на турската држава е на прилично високо ниво со цел нивно соодветно истражување, одржување и презентирање, за жал таква не е состојбата со ваквите камени ридови, на територијата на денешна Сирија и Ирак, каде оваа култура продолжува да живее, но е најбрутално ограбена, и е рај за трговците со антиквитети и алчните желби на богатите колекционери.
Пред 12 илјади години, овие некогаш плодни земјишта биле последната станица каде што трајно се населиле луѓето и оформиле живот во заедница… Токму тука престанало лутањето и скитањето на човекот и започнал процесот на негова преобразба во она што го знаеме денес како „модерен човек“.
Ловците – трагачи ќе станат земјоделци и сточари. И не само тоа, туку ќе создадат еден цел систем на камени градови, една изненадувачка архитектура со висок уметнички набој кој извира од земјата, а се инспирира од небото, создавајќи високо развиена култура и цивилизација со истакнат симболизам и силна божествена моќ.
Дефинирана како задната постојка на последните ловци, Ѓобекли тепе ќе ги преобликува теориите на човечката историја и ќе фрли нов бран светлина за тоа како се создала првата цивилизација… Ова место е мистично! И сè уште не знаеме кои се првите луѓе, градители, архитекти чии раце ја создале оваа култура.
Издлабените релјефи и зооморфната иконографија на мегалитите се моќна експресија на човечката имагинација, инспирирана од реалниот живот. Божества во облик на животни, нешто налик и на останатите подоцнежни религии чии корени мораме да ги бараме овде во овој храм. Светилиште кое е предвесник на политеистечките верувања и култно место на ловците – трагачи.
Овој систем на камени сончеви градби, чија мистичност ја предизвикува не само научната туку и мојата љубопитност, сè уште ќе ги крие тајните и во следните години и декади, и секое ново откритие овде ќе биде и ново откритие за нашето потекло. Овде лежи матката која нѐ изродила во форма на модерен човек, за чија папочна врвка штотуку се фативме.
Го напуштам Ѓобекли тепе, исполнет со силна енергија којашто извира одовде, со надеж дека повторно ќе му се вратам на ова место. Вртејќи ја главата нагоре кон „мевот“, ги споделувам и разбирам истите чувства на археологот Клаус Шмит, еден од татковците на неолитот. Со негови зборови Ви ја пренесувам прва средба со Ѓобекли, а моја последна, засега…
„Како што се приближувавме до падината на ридот, површината на платото која дотогаш беше сива и неплодна, почна да се срами и како кристали да се посипуваа на нејзиниот врв. Се чинеше дека површината на карпата е покриена со тепих направен од илјадници кремени каменчиња.“
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.