Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Пловдив – меѓу древноста и вечноста

Везилка Магазин

 

Секое патување не е ништо друго освен тежнеење да се вкуси неизвесното и да се љубопитствува по незнајното… Што е она што не чека зад линијата на хоризонтот?! Планини, реки, мориња, како одблесок се извиваат, тонат и лебдеат во нашите зеници, давајќи ни ја првичната визура – претстава за местата каде што сме кинисале, онаа туѓа природа која гласно ни дошепнува дека ние сме тие што се туѓинци во неа…

Многу брзо го заборавивме оној дождлив ден во Софија, кој како да ни велеше да поитаме на југ, да го фатиме патот под нозе, пред летните дождови да ја престорат бугарската престолнина во еден полжавест град… Ни секунда повеќе, го продолживме патот оставајќи ја зад нас софиската рамница. Со тешко срце ѝ завртивме грб на Рила, за овојпат да ги поздравиме врвовите на Стара Планина и Родопите, и љубознајно да завлеземе во Горнотракиската рамница.

Целиме кон Пловдив, завидливите ќе речат третиот по големина град во Бугарија, или како што милуваат да кажат пловдивчани, согласно статистиката – вториот! За градот вгнезден на бреговите на реката Марица сум чул и сум прочитал, но никогаш не сум го искусил и опипал со свои очи и чекори, па, така, еве ја вистинската шанса за нашата прва средба.

За Пловдив велат дека е еден од најстарите градови во Европа. Тука животот се одвивал без прекин уште од време на неолитот, кога се формираат и првите населени места. Така човекот постепено го градел и обликувал градот околу шесте рида, за што ни сведочат бројните праисториски, антички, средновекововни остатоци, кои парцијално се расфрлани насекаде низ градот. Некои од нив се полувидливи, а голем дел сè уште се целосно подземи, чекајќи да бидат откриени, а оние највредните, се разбира, ги красат витрините во пловдивските музеи.

И, несомнено, кога ќе ги сортирате првите впечатоци, ќе ви стане јасно зашто Пловдив беше избран за европска престолнина на културата за 2019 година, заедно со италијанска Матера. Синоним за овој град е токму културата, па затоа со сигурност може да се констатира дека Пловдив е град – музеј. А потврда за тоа ми даваат моиве очи, непрекинато насладувајќи се на ширината и архитектонската убавина на пловдивските паркови, маала, шеталишта, сокаци и домови.

Различни цивилизации и култури низ историјата му давале визура на градот, во кој животот се одвивал непречено… Одриското владеење во древна Тракија се чини ги поставило првите градски контури, за во 342 година пр.н.е. градот да биде завладеан од македонскиот крал Филип II, кој пак е кум на новоизградената градска тврдина. Оттогаш градот се вика Филипополис или „градот на Филип“, име кое и денес е прилично живо и распространето, не само меѓу пловдивчани, туку и пошироко…

Го замоливме бај Данчо, нашиот возач, да нѐ истрпи уште малку во побарувањата и во сообраќајниот метеж да застанеме покрај уличето и да го регистрираме споменикот на македонскиот крал и патрон на градот, кој се издига високо на една челична арматура во форма на антички столб во срцето на Пловдив. Тука граделе и твореле Римјаните, Бугарите, Османлиите, секој со својата замисла, можности и потенцијали…

Прошетки, погледи, видувања… Во напливот од неокласичната градба, импресиониран сум од зачуваноста и шареноликоста на старата градска архитектура, мешавина од стилови и влијанија, кои му даваат еден уникатен изглед на градот. А меѓу таквите „чорбаџиски“ куќи – музеи восхитуваат грандиозните ремек дела на римските архитекти.

Фотографија за спомен… Една за мене, една за историјата! Античкиот театар во Пловдив, мајсторија на римските градителски раце… Historia Viva!

Не е само театарот тој што привлекува и нѐ враќа во древноста… Булето, агората – римскиот форум, стадионот, вилите со мозаици, епископската базилика и ред други значајни градби и објекти се соединети со шармот на медитеранската култура, чие влијание сѐ уште продира и зад Родопите. И сето тоа е во некоја чудесна хармонија со османлиската традиција на градба и живеење, која најмногу се чувствува во оној чорбаџиски кварт, во кој висината, колоритот и орнаментиката на куќите маѓепсуваат во вистинска смисла на зборот…

Ќе ја посетите Кујумџиевата куќа и ќе ви стане јасно за што говорам. Денес во неа е сместен Етнографскиот музеј, втор по големина во Бугарија. Куќа заштитена со закон како национален споменик, а кога ќе влезете во неа, ќе сфатите зошто е тоа така… Чекорите од соба во соба, од спрат на спрат. Тука е собрана целата историја на Тракија, Родопите и Средногорието, од преродбата па наваму. Мајсторска умешност, преточена во занает… Гледате и воздивнувате… Не било лесно да се биде калајџија, грнчар, железар, а пак уште помалку, килимар, резбар или пак платнар.

За Пловдив и историјата на градот денес можете да прочитате многу, како во книги, така и на интернет. Фактографијата на сите нас ни дадена на дланка, но она за кое ви говорам нема да го најдете во ниедна книга, затоа што станува збор за чувство, лична поврзаност меѓу вас и градот… Затоа треба да дојдете и да стапнете на пловдивската калдрма, да го вдишете овдешниот воздух и самите да си најдете свое ќоше, своја нитка која ќе ја раскаже вашата приказна.

Пловдивска квечерина… Велат дека имагинацијата е златната патека која се постила пред вашите нозе. Чекорења во потполна тишина. Оставате градот да заспие, потем љубопитно исчезнувате меѓу калдрмите и канделабрите, меѓу еркерите и фасадите, изгубени во непознатото, туѓото, посакуваното…

Чекорејќи нагоре, го стимулирате сопствениот порив, стремеж за откривање нови предели, маала, улички и ќошиња – камени огради и дрвени порти, прошарани со онаа златеста боја на пловдивските ноќи. Секогаш во потрага по нови приказни и чувства кои несвесно ги поттикнуваат вашите „монашки“ мисли, желби кои го дразнат погледот, со намера за неканета средба, таму негде попатно, со цел да се улови барем една непозната насмевка. Пловдив е, несомнено, златен град…

Како чекорите нагоре, оставајќи го зад себе неокласичниото лице на градот, постепено почнувате да навлегувате во еден друг Пловдив, откривајќи еден инаков град, привлечен, волшебен, мистичен, град завиен во ориентално руво, во чиј воздух провејуваат „источни“ мириси и зачини кои ги мамат сетилата, канејќи ве на средба.

Седнавме на починка на терасата на еден визуелно префинет ресторан, со поглед на југоисточната страна од градот. Ноќта беше слегнала… Бевме мало, но убаво друштво, секогаш расположени за слаткоречив муабет и чаша домашно вино. Пилешко со брокула и сос од печурки, перфекција во изгледот и вкусот…

Гастрономија која ги разгоре страстите и ни го одведе муабетот во една сосема друга насока… Од  женските права и слободи, преку ловџиства до лингвистика, за на крај да ја продолжиме расправата, искачувајќи се нагоре до највискота точка над градот, од каде царувате… Токму тука ги отворате сите сетила, давајќи му предност на топлиот ноќен ветар, му се препуштате, чувствувајќи како прозрачно ве гали и завејува, правејќи да одлетате негде со мислите… Гледате и се насладувате на ноќта. Илјадници светилки – домови нанижани на ридовите трепкаат околу нас. Замаени стоиме под светлината на месечината, одморајќи се од кривулестото искачување… Потрошивме една енергија, за да впиеме нова, поинаква.

И повторно да го продолжиме разговорот, каде што застанавме… Дилема којашто нѐ измачуваше. Од каде и што значи името Пловдив? Тракиска, словенска или протобугарска етимологија… Поврзана со пловење, дивина или пак нешто сосема трето, разговор кој ги надмина и нашите лингвистички познавања и компетенции, па под дејство на виното ѝ се препуштивме на слободната историска интерпретација која несвесно ја привршивме пред да си посакаме добра ноќ.

Сосема за крај, правејќи некаква своја анализа на виденото и доживеаното, церебрално сеќавање од почувствуваното и искусеното, признавам – Пловдив на лето целосно ме плени со својот шарм и градски животопис. Да, признавам! Кога прв пат ќе зачекорите овде и ќе го доживеете градот, вашата желба да му се вратите повторно ќе биде се посилна и подлабока. Затоа што токму овде, во градот на Филип II, со жар во очите ќе му се препуштите на оној меѓу – простор меѓу древноста и вечноста, издигнувајќи се како ѕвезда која најсилно ќе грее на пловдивското небо.

 

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин