Облеан од сончевата топлина, патувам на север од Јунан, меѓу планините и густите шуми на Гуиџоу. Токму овие планини ја кријат од очите на цивилизацијата својата раскошна природа и историја… Велат дека на ваквите места се родиле првите искри на мудроста. Затоа, се решив да го посетам селото Нанлонг, вгнездено во пазувите на овој издолжен планински венец, кој се протега сѐ до Хималаите.
На околу три илјади метри надморска височина, во овие краишта живее древниот народ Пуји, чии обичаи и традиција се значаен декор од богатата кинеска етнологија и етнографија. Се решив токму овде да го побарам изворот на кинеската моистичка мудрост, која ни вели: „Aко ги разбираш другите, тогаш си умен. Ако се разбираш себеси, тогаш си просветлен. Ако ги совладаш другите, тогаш си моќен. Ако се совладаш себеси, тогаш имаш сила. Ако знаеш како да се задоволиш, тогаш си богат. Ако можеш да дејствуваш енергично, тогаш имаш силна волја. Збогати си го духот и олесни си го срцето. Одмори го јазикот, а измори ги рацете. Јади полека и брзо спиј“ – мудри совети за почеток на патувањето.
Предците на народот Пуји се домороден Таи народ и ги населуваат овие области на јужна Кина и северен Виетнам, уште од првиот милениум од нашата ера. Вдомени во овие бамбусови предели, отсекогаш се обидувале да го култивираат и амортизираат тешкиот планински начин на живот. Ова село има богата историја, како и сите други Пуји села во околината.
Поради својата недостапност овие области низ историјата често ги вдомувале кинеските војски, одметници, како и политички неистомисленици на власта, кои барале егзил меѓу густината на шумите. Богатата кинеска историја и бројните граѓански војни го направиле местото идеално привремено живеалиште на поранешните кинески цареви, па така Нанлонг традиционално си го носи името „царско село“.
Честите политички пресврти во различните периоди од владеењета на кинеските династии придонеле селото Нанлонг да стане засолниште на кинеските цареви, кои одовде пак тргнувале на поход кон повторното искачување на тронот. А денес само бамбусите, високите и раскошни фикусови дрвја, како и неколкумина жители од народот Пуји, гордо им ги раскажуваат некогашните митови и легенди на патниците намерници, кои пак залутале во оваа кинеска провинција.
Денес мал е бројот на селани кои можат да посведочат за некогашната богата историја и древен начин на живот. Миграцијата си го направила своето…
Жителите на Нанлонг велат дека добар домаќин е оној кој има засадено бамбусово дрво пред порти. Ова село ни дава идилична слика за некогашниот начин на живот, мачен, но многу попродуктивен и продуховен. Педесетина жители денес го населуваат Нанлонг, а оние чии корени потекнуваат оттука, радо се враќаат за летните одмори или пак доаѓаат во туристичка визита. Калдрмите и несекојдневниот дрвен декор на куќите, се само дел од некогашните цивилизациски достигнувања на овој азиски народ.
Судејќи по времето, по сѐ изгледа дојдов во најлошиот ден од годината за посета. Тешка спарина проследена со ситен дождец… Температурата се зголемува, правејќи ми го престојот неподнослив. Височината и реткиот воздух ме замолија да ја привршувам посетата. И покрај сѐ, имав што да забележам во мојот дневник. Три скапоцени нешта кои ги ценам… Првата е нежноста. Втората е скромноста. Третата е понизноста, која ме спречува да се ставам себеси пред другите…
„Биди нежен и ќе бидеш храбар. Биди скромен, за да бидеш слободумен. Избегнувај да се ставаш себеси пред другите, за да предводиш.“
А токму предводникот на овој народ е ликот на оваа позлатена скулптура. Врховното божество на народот Пуји, именуван како Пу Луо Туо, создавачот на „Мо“ или моизмот, официјалната религија на Пуји, Чуанг и Даи народите. Овие три народи живеат во „бисерната долина“ и се наследници на учењето на Луо Туо, создателот на светот и на сите живи суштества, кој ги поставил нормите, за правилен земен и духовен начин на живот.
„Пу“ на јазикот Пуји значи „стар“, а „Луо Туо“ значи „планински водач“ и/или „мудар човек“. Од него извира целата мудрост. Тој е авторот на моистичките ракописи, на чија основа се заснова целата религија. А џиновската позлатена скулптура која се издига пред моите очи, е само еден мал дел од колоритот на денешното кинеското религиско општество.
Овие азиски предели се вистински резерват на народи, од каде протекувале безброј идеи и движења. Бездруго, ваквите села и култури претставуваат реликвии кои го красат човековото постоење и суштествување. Села – музеи кои нѐ навраќаат кон исконот и ни ја придвижуваат целокупната енергија, поставувајќи ни најразлични прашања, по чии одговори трагаме…
„Ако не ги изгубиш своите цели, тогаш си истраен. Ако умреш без загуба, тогаш си вечен. Само со туѓите очи можат да се видат своите недостатоци.“
Како што дојдов во мир, така и во мир ги оставам Пуји селаните, да ја дочекорат својата патека во оваа планинска енклава.
Попатно застанав за да ја посетам родната куќа на генралот Хо Јинг Кин, големиот херој на победата над Јапонија во Втората светска војна. Револуционер со храбро срце. Лав кој покренал лавина во кинеската историја… Куќа престорена во музеј, ова место е гордоста на секој Кинез.
Стојам загледан во домот на генералот, предводник на армиите на Куоминтангот, Хо Јинг Кин и најблизок соработник на Чанг Кај Шек – две огромни имиња на кинеската револуција. Од младо момче школувано во окупирана Кина ќе стане генерал – херој на војната. Токму неговото име стои на документот на капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна. Нанјинг 9 септември 1945 година, јапонскиот генерал Окамура му ја предава сабјата на кинескиот воен стратег Хо Јинг Кин… Бил министер за Војна на кинеската држава, а по поразот на Куоминтангот од Комунистичката партија на Кина предводена од Мао Це Тунг, Чанг Кај Шек со својата свита пребегува на островот Тајван, а со него и неговиот најблизок генерал Хо Јинг Кин. Од 1949 година Кин никогаш повеќе не се вратил во својата родна куќа меѓу планинските врвови во Гуиџоу.
„Ако добро го познавате непријателот и се познавате себеси, не треба да се плашите од исходот во стоте битки. Секогаш победува оној кој знае кога треба да се бори, а кога не!“
Сун Цу вели: „награди ги своите војници како свои деца и тие ќе те следат и во најгустите шуми. Грижи се за нив како за сопствениот син, за да те следат до смрт.“
ГАЛЕРИЈА…
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.