Зад аголот приказна

Зад аголот приказна | Под сенките на Олимп

Везилка Магазин

 

Дојде време да ја оставам Анталија зад себе и да го продолжам патот онаму каде што сум кинисал, западно од туристичкиот бисер на Турција, а паралелно со брановите на тиркизниот брег, па сѐ до Ликискиот полуостров, мојата последна дестинација.

Морам да признам дека овие предели беа непознати за мене. Густи борови шуми, силен и нападен мирис на смола и оголени карпи, како да патувам во некое од поглавјата на Хомеровата Одисеја. Таков е Медитеранот – привлечен, возбудлив, но знае да биде и непредвидлив. Непознатото понекогаш може да нѐ замисли и исплаши. Но, не патуваме за да му побегнеме, напротив, патуваме за непознатото, зашто токму таму можеби ќе откриеме еден дел од себе кој и не сме го сретнале дотогаш.

За прв пат стапнав на ликиската земја, под високите врвови на малоазискиот Олимп – планината на боговите, за да го видам истоимениот антички град Олимп. Но, како за почеток на прошетката, целосно си ги отворам белите дробови и и давам предност на боровата шума пред сочноста на кактусите, додека љубопитно фрлам око кон рушевините од древниот град.

Целиот овој простор буди посебни чувства, дава посебна енергија… Глетки кои ја милуваат душата. Недопрени и заборавени предели – симбиоза од природа и историја. Чекорам во еден од многуте антички градови на Ликија, кои денес се под заштита на УНЕСКО и дел од Националниот парк – Олимп Бејдалари, кој ги вдомува во својата бесценета колекција.

Историјата не може со точност да ни потврди од кога постои градот. Се повикуваме на натпис пронајден на еден од саркофазите, кој ни дава информација за постоење на активен живот на Олимп во 4 век пред нашата ера.

Името градот го позајмува од врвот Олимп, кој се издига пак високо над мене. Градот бил изграден од двете страни на една, денес мала полупресушена река која се влева во Средоземното море… Можеби во антиката била и пловна. Препоставка… Она што го гледам пред мене е мноштво од трски, кои вдомуваат ендемски животи… Под сенките на Олимп е вистинско задоволство да ги протегнете нозете и да и се насмевнете на природата. Идеално место за медитација и расчистување на мислите… Дајте му на мозокот слободен ден!

„Патувањето е бруталност. Ве принудува да им верувате на странците и да ги изгубите од вид сите тие познати удобности на домот и пријателите. Постојано сте надвор од рамнотежа. Ништо не е твое освен суштинските работи – воздух, сон, соништа, море, небо.“

Сите нешта се стремат кон вечното или она што го замислуваме за него. Па и од денешна гледна точка Чезаре Павезе бил во право кога го запишал ова. Кога прв пат ќе тргнете на пат, готово е, патувањето во вас никогаш не завршува, вашиот ум ќе биде вечно завладеан од нови и нови предели за откривање… Ѝ се препуштам  целосно на природата… Нека ме води! Природата најдобро умее да го прави тоа… Единствено таа знае како да нѐ прегрне и земе во своите пазуви.

Во антиката градот Олимп бил дел од Ликиската лига – мрежа и сојуз на градови – држави, меѓусебно поврзани и заштитени… Во Лигата, градот бил еден од шесте најголеми и највлијателни градови со право на три гласа. Покрај пронајдените монети со натписи на Ликиската лига, во одреден период, благодарение на благосостојбата којашто ја доживува Олимп – градот почнал да кова свои монети. Свртев десно од изворот за да влезам во срцето на античкиот град…

Она што е видливо денес ни оддава впечаток дека станува збор за високо развиен и богат град. Несомнено тоа го приметил и славниот Цицерон, кој запишал дека ликиски Олимп е токму тоа – орнаментиката и украсите на фасадите му го издаваат рангот. А римскиот император Хадријан, кој посакал да го посети Олимп, минал низ истите овие улички по кои чекорам. Шармот на градот, била доволна причина за промена на името од Олимп во Хадријанополис. Зарем некој би пркосел на царските желби…

Во средниот век, Венецијанците, Џеновјаните и Родијците изградиле две одбрамбени тврдини долж брегот, а градот живеел до 15 век, кога со доаѓање и трајно населување на Османлиите бил и целосно напуштен. Денес локалитетот привлекува туристи, не само поради артефактите кои сѐ уште можат да се најдат, иако фрагментарни и нашироко расфрлани, туку и поради неговите живописни пејзажи кои ги полнат очите со диви винова лоза, цветни олеандери, заливски дрвја, смокви и борови, се она што му прилега на Медитеранот.

Ова место е вистински рај за истражувачите, љубителите на природата, авантуристите и сите оние кои посакуваат барем за миг да се отргнат од градскиот метеж и да си ги освежат мислите… Како да минувате низ вековна џунгла во потрага по загубениот град, богатство или пак очајно посакувате да пронајдете некоја амајлија или приказ кој треба да ви одгатне некаква тајна. Се вплотувате во сета оваа историја и природа – триумфирајќи со филмски набој и копнеж за еден поинаков свет – каде што сѐ ви е дозволено.

Застанувате со последните атоми, изнемоштени од долгата и исцрпна прошетка и се загледувате во ограбениот гроб на капетанот Евдем… Морскиот човек за кого многу малку знаеме, но оваа негова декорирана гробница со поетски натпис му ја издава душата:

 

„Бродот вплови во пристаништето и се закотви за да не замине повеќе,

Нема надеж од ветрот или од светлината на денот,

Откако светлината што ја носеше зората, го напушти капетанот Евдем,

Таму го закопа бродот со живот краток како ден, како скршен бран…“

 

Конечно малку време за вистински одмор… Нозеве ме водат кон морето. Чекорите натежнуваат, а срцево вистински се радува. Ако го свртите погледот ќе ги здогледате оние боемски светилишта – бунгалови, куќички на дрво и ликиски урнататини, кои да бидам искрен, во моментов малку и ќе ме почекаат…

„Олимпос бич“ или плажата на Карета – карета морските желки, е една од најубавите во цела Турција, и се што треба да знаете за нејзе е дека станува збор за епска плажа. Гледајќи ја оваа претстава пред мене – мислам дека редно време е да се осолам!

Поради својата бујна природа и историска важност, оваа област е под заштита, така што можам слободно да заклучам дека претставува земен дел од рајот. Заштита значи – без одморалишта, без луксузни хотели, туку наместо тоа, слатки мали колиби и куќички на дрво. Ова го прави Олимп омилено место претежно меѓу туристите, кои со ранци на грбот го патуваат светот, авантура која е далечна за моите сфаќања, но ја оправдувам, понекогаш со доза на зачуденост – во зависност од глетката.

Ова место е храм за младите и дамнешен хипи парк и собиралиште… Спомените на голем дел од хипи генерациите од 60-те 70-те сѐ уште се живи и се раскажуваат меѓу младите Турци, кои се најчести посетители на Олимп, но не дека ги нема и странците. Од 2000 – та година благодарение на Кадирските дрвени куќи, Олимп конечно влегува во туристичката мапа на Турција како заштитена дестинација, којашто не е препорачлива за масовен туризам, туку само за оние со префинет вкус и философски погледи на животот и светот.

Посетители од сите краеви доаѓаат овде… Прва препорака – исцрпувачко пливање со морските желки во бистрите води на Медитеранот, како вовед во долгиот  сон, кој претпоставувам би бил освежувачки во оваа природа. Во меѓувреме, ќе слушнете многу повеќе англиски јазик, отколку турски, додека седите околу логорскиот оган ноќе.

Гледајќи го ова бајковито место од жабја перспектива, можам слободно да потврдам дека престојот овде е многу поубав и посодржаен отколку што фотографијата може да ни долови.

И повторно си го поставувам она круцијално прашање, зошто луѓето патуваат? Одговорот е едноставен, за да им се восхитуваат на планинските врвови, на огромните морски бранови, на долгиот тек на реките, зачудени од навигацијата на морскиот компас и од кружното движење на ѕвездите… А, Ликија ни го пружа сето тоа! Грабнете го компасот в раце и разбудете го авантуристичкиот дух во вас!

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин

Напишете коментар