Зад аголот приказнаРепортажиСвет

Зад аголот приказна | Рибарот од Халикарнас: Патувања во сино…

Везилка Магазин

 

„Кога ќе стигнеш до врвот на ридот, ќе го здогледаш Бодрум. Не претпоставувај дека ќе си заминеш ко што си дошол. И другите пред тебе беа исти. Како што си заминуваа, сите ја оставаа душата зад себе.“

-Рибарот од Халикарнас-

 

 

„Ние сме во Анкара, почеток на летото. Во градот владее надежна атмосфера. Војната заврши, Обединетите Нации се основани, сите зборуваат за демократија и повеќепартиски избори. Тогаш, директорот на Одделот за превод на сериите класици при Министерството за образование и мојот најдобар пријател Сабахатин Ејубоглу влегоа во мојата соба:

– Имам понуда за тебе.

– Што има?  Се прашувам што е тоа?

– Добив писмо од Џеват Шаќир од Бодрум. Тој вели да собереме неколку пријатели, да дојдеме на југ и да видиме што е убавина. „Рибарот“ веќе ми спомена за едно такво патување, но времето тогаш не беше соодветно. Сега се чини дека е вистинскиот момент за токму тоа патување. Разговарав со Бедри, тој веќе прифати. Зарем еден сликар не би дошол? Па сега морам да прашам, можеш ли да дојдеш и ти?

– Секако, зарем би ја пропуштил можноста да го видам југот и лично да се сретнам со „Рибарот“?

– Да! Затоа, најдете уште некого, треба да бидеме група од осум до десет луѓе, ќе ги споделиме трошоците, така е поевтино е за секој.

И тимот беше организиран тој ден…“

 

***

 

РАПСОДИЈА ВО СИНО

 

Годината е 1945. Бодрум сѐ уште е место за прогонство и затвор за револуционери, идеали и политички програми. Нема копнен пат до градот. Единствената врска доаѓа од север, со коњи и магариња од соседните Мугла и Кушадаси… Во тоа време би се помачиле  ако случајно патот ве води кон егејскиот брег од Бодрумскиот полуостров.

Но, пред да ја продолжам приказната и мојата пловидба низ времето, се сеќавам стоев на пристаништето пред крстоносниот замок, загледан во малата камена скулптура којашто го открива ликот на главниот протагонист во мемоарите на Бедри Ејубоглу насловени „Белешки од сините патувања“. Тоа е скулптурата на Џеват Шаќир или познат како „Рибарот од Халикарнас“, чија скулптура нѐ пречека и ни посака добредојде на влезот во замокот.

Но, кој е Рибарот од Халикарнас? И зошто неговото име е значајно да се спомене?

 

 

Авторот на приказната со која започна мојава го нарекуваат „современиот Хомер“. Џеват Шаќир, познат како „Рибарот од Халикарнас“ бил историчар, хуманист и еден од најпознатите турски писатели, автор на прочуената книга „Патувања во сино“, раскази инспирирани од Бодрум и тиркизниот брег на Егејското море и Медитеранот. Тој е „човекот од Лазур“, мистичниот раскажувач на приказни, таинствениот капетан од морските длабочини и најведриот боем, бодрумчанец во вистинска смисла на зборот, иако Бодрум не е неговото родно место, но е негово последно почивалиште. Тој е првиот туристички водич во Турција, чии волшебни раскази ќе ве воведат низ историјата на турското морско крајбрежје.

„Денот е прелеан со сина светлина. Толку сина, чиниш човек ќе ја испружи дланката кон небото сакајќи да ја збере сета синевина, притоа чудејќи се зошто и раката не му посинила“ –  овие зборови биле силно врежани во неговата глава и со нив Рибарот ги започнувал своите морски сини патувања, секое утро и ноќ, будејќи се со звуците на брановите и заспивајќи со мирисот на алгите.

Сигурно не му било лесно да живее во вакво изолирано место во време на војни, егзил и зандани… Но, во маката да ја пронајдеш убавината и суштината на своето постоење и да умееш толку вешто и прецизно да ја спроведеш во животот е одлика на врвните умови и интелекти, каков што несомнено бил Рибарот од Халикарнас…

И денес во Бодрум за него ќе слушнете многу кажувања и легенди кои, колку и да звучат епски, едноставно ги вбројувате за вистинити, зашто со неговите приказни влегувате во бродот и тежнеете кон далечините на морската шир, додека ликот на камената скулптура на Рибарот, исправена пред витешкиот замок, гледа во стотиците бродови, галии и чамци насукани на бодрумското пристаниште. Оттука се качувате и исчезнувате во егејската синевина…

 

Рибарот од Халикарнас

 

БОДРУМ, БОДРУМ…

 

„Овде не одмарате во мир, туку живеете во мир“ – ќе напише Рибарот од Халикарнас за својот Бодрум. Му се предавате целосно на морето, ѝ се восхитувате на секоја карпа, бран или песочна лагуна. Бодрум некогаш било познато место и собиралиште на нуркачите и збирачи на морски сунѓери, кои со своите рибарски бродови крстареле околу полуостровот. Таква била и судбината на Џеват Шаќир. Пратен во „рајот“ на одлежување на својата  затворска казна. Но, неговото прогонство овде ќе вроди со плод…

„Малку наликуваше како градот на Афродита. В рани зори се раѓаше бела, од утробата на морето. Сонцето држејќи ја за раце ја извлекуваше од морските длабочини.“ – ќе напише Џеват Шаќир – Рибарот од Халикарнас, за првата средба со Бодрум во својата книга „Заточение во сино“. Целиот свој живот ќе го промовира градот, полуостровот и морето, раскажувајќи и пишувајќи за бодрумските убавини. Бил објавуван и во најпрестижните истанбулски весници, а турскиот културен свет со нетрпение ја чекал можноста за барем едно сино патување низ бодрумските морски теснеци во друштво со Рибарот…

Послушајте ме! Качете се на најмалиот брод и запловете, предадете ѝ се на синевината околу вас, вдишете го длабоко воздухот и почувствувајте ја слободата… Само така ќе го разбудите нагонот за истражување и откривање…

***

 

 

Ах, да! Морам да ја завршам приказната што ја почнав… Сѐ започна во далечната 1945 година. Експедицијата е спремна. Бродовите на готовс. Малата група од писатели, поети, класичари и историчари, на чело со Рибарот од Халикарнас и Палуко, неговиот најдобар другар, од пристаништето во Измир забродија кон југ, пловејќи кон Бодрум. Така се роди приказната за „Сините патувања“… Непознати предели, крајбрежни нуркања, антички потонати градови и остатоци од храмови чии мермерни столбови го будат духот на времето, кој ве повикува да останете вечно закотвени во оваа синевина… Ќе забележите како древната убавината на Калипсо ќе роди нов Одисеј во вашите срца.

Овде не читате весници, не слушате радио, не вртите постојано со палецот на мобилниот телефон, туку рибарите, збирате морски сунѓери, правите скара со октопод, спиете на палуба или пак го гледате жолтиот месец во ноќта придружен со тенките звуци на чалгијата… Така се раѓаат песните, романите, спомените: „…Чувство/само тоа сакав/малку море, малку сон/Бодрум, Бодрум…“

 

 

А јас, пред да ја освојам оваа убавина, се упатив лево од замокот кон еден од бодрумските ридови. Наредени како војници овие ветерници – некогаш мелници, чуваат стража над градот, со векови борејќи се со ветрот. Но, освојувањето не е доволно ако не научите да заведувате. И Венецијанците и Османлиите умееле да го зграпчат ветрот и да го свртат да дува во своја корист. Панорама којашто освежува и во најтоплиот период од денот. Го слушате ветрот, дува накај островот Кос во соседна Грција.

(Продолжува…)

 

 

 

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин