Зад аголот приказна

Зад аголот приказна | Свадбената ноќ на дервишот во Коња

Везилка Магазин

 

Зошто го одбрав токму декември за да ја посетам Коња? Сиво, студено, безлично време, идеално да го почнам денот во потрага по „зборот“ – во Коњанума Панорама музејот. Длабоко во себе овде ќе ја побарам причината за моето патување. Единствено ваквите патувања нѐ прават сигурни дека ќе стигнеме на посакуваното место во очекуваното време. Затоа мистикот Руми прашува:

„Кога ќе го започнеме тоа долго патување во себе?“

 

А јас, дојдов во Коња токму во чест на Џалалудин Мевлана Руми – еден од најголемите во друштвото на прочуени поети, суфи мистици, теолози и философи низ историјата. Човекот кој се издига над сите етнички и национални граници. Учителот чија мисла се сложува со големината на универзумот. Токму Коња, во централна Анадолија е неговиот дом. Овде е неговиот океан, оттука почнуваат да се брануваат водите, завршувајќи во потполната тишина на неговата мисла – задлабочени во трансцедентноста на неговиот танц.

„Панорама“ е музеј посветен нему и на неговата цивилизација. Оттука го фрлам првиот зрак светлина врз животот на Руми. Ќе ја започнам неговата приказна којашто се надевам ќе ве поттикне и Вие да го започнете вашето внатрешно патување.

Слики и претстави од животот на Мевлана Руми, нѐ воведуваат низ тишината која е водилка кон нашите одговори. Чујте го гласот без зборови. Чујте го! Ќе ве поведе од високите песокливи планини на авганистанската дивина, ќе минете низ столетија исполенти со мудрост – збрани во периската мисла, којашто облагородува, а кога зборовите ќе ве клекнат на земи во Мека, тогаш ќе се помолите. Знам дека сте уморни, но следете ме, оттука води патот…

Мистикот од Анадолија, Мевлана Џалалудин Руми живеел во 13 век, а неговото име во муслиманскиот свет е издигнато на ранг на светец. Познат е по неговата поезија, збирки мудрости и теолошки учења, а неговото богато творештво е едно од најпреведуваните во светот. Толеранцијата, позитивното расудување, добрината, милосрдието и свесноста единствено се постигнуваат преку љубовта –  доктрина којашто го извишува и воплотува со останатите религии и учења, правејќи ја неговата мисла оригинална и универзално прифатена.

Првото запознавање со животот на Руми го започнувам оттука, од Коња. Целиот живот на Мевлана раскажан визуелно преку уметнички слики коишто ги доловуваат најзначајните настани и моменти од раѓањето до смртта. И не само животот на Руми, тука можете панорамски да ѕирнете во средновековието на Коња, центарот на селџучкото владеење. Восочни скулптури и слики кои ќе ви го доближат селџучкиот начин на живот и историја, правејќи го музејот еден од најпосетуваните во Коња.

Отприлика вака изгледал животот во Коња во 13 век, достигнувајќи ја својата кулминација за време на владеење на Султаните на Рум. Златното доба на селџучките султани трае до првата половина на 13 век, за постепено власта да слабее и да потпадне под владеењата на Караманидите и Османлиите. Во овој турбулентен период мноштво Персијци, бегајќи од монголските инвазии, свое прибежиште наоѓаат во анадолските земји, трајно населувајќи се и носејќи ја со себе сета древна култура и писменост во Мала Азија, а селџучките султани се покажале гостопримливи земајќи ги под своја закрила. Така и Мевлана Руми си го нашол своето трајно живеалиште и почивалиште, во селџучкиот центар Коња, негова последна земна станица.

„Во вашата душа тлее огромна животна енергија, барајте ја. Вашето тело крие скапоцен камен, копајте во сопствениот рудник, побарајте го. Ох патнику, ако го бараш токму тоа, не го барај нанадвор, туку погледни во себе и побарај го. Единствено вашето срце го препознава патот, следете го. Зашто вие не сте капка во океанот, вие сте целиот океан збран во капка. Нека тишината биде уметноста што ја практикувате.“

А уметноста и философијата на Руми се состојат во постојаната промена и потрага сѐ додека не го допреме возвишеното – мудроста.

„Зошто одбираме да ползиме целиот свој живот? Кога родени сме со крила! Каде и стоиш биди душата на тоа место.“

Овие мисли можеби најцелосно ја одразуваат суштината на дервишкиот муслимански ред, заколнат на сиромаштија и скромност. Уште од самата појава на дервишите во 12 век, овие мистични исламски братства се прочуени по своите вредности, ритуални практики и доктрини. „Танцувај сѐ додека телото не почне да те тресе“ – ни вели Руми, а Коња е вистинското место ако сакате да го спознаете овој мистичен суфи ритуален танц и музика којашто ќе Ве воведе во еден сосема поинаков свет. А за тоа се погрижија музичарите и певците од дервишкиот ред во Коња, воведувајќи нѐ во „Свадбената ноќ“ – позната како „Шеби Арус.“

„Разделбите се само за оние што љубат со своите очи. Оние пак што љубат со своето срце и душа не познаваат разделба. Секој смртник ќе ја вкуси смртта. Но, само некои ќе го вкусат животот.“

Мојата приказна ме доведе во Музејот на Мевлана или Дервишкото теќе на мевлевите, кадешто се наоѓа и почивалиштето на Руми, во некогашната градина на розите. Тука лежи телото на прославениот мистик и философ, положено до телото на неговиот татко, каде почиваат – во Мавзолејот, граден и негуван од сите селџучки и османлиски султани. Ова е местото каде што илјадници верници се поклонуваат пред саркофагот и духот на поетот и учителот, најмудриот меѓу мудрите, Мевлана Руми.

 

„Од каде знаеш каков крал имам за придружник? Не гледај ме во моето златно лице, зашто имам железни нозе.“ – Руми

 

Руми си ја предвидел својата смрт. Починал на 17 декември 1273 година во Коња. Не само муслиманите и христијаните и евреите во градот тагувале по него и неговата мудрост. Телото му е положено во зелениот гроб, а неговиот епитаф вели: „Кога ќе умреме, не барајте го гробот в земи, туку во срцата на луѓето.“ Зеленото турбе денес е место за поклонение на неговите следбеници. Зелената боја на Исламо, ја исполнува внатрешноста на Мавзолејот, горделиво чувајќи дел од брадата на пророкот Мухамед во ова богато декорирано ковчеже, спроти саркофагот на Мевлана. Смртта е нивната свадба со вечноста.

Овде во малата џамија, дел од Мавзолејот, изложени се вредни и скапоцени книги, илустрирани средновековни верзии од Коранот, персиски и арапски ракописи. Целата фамилија на Мевлана Руми, од неговото најблиско семејство – потомците, па се до високо рангираните членови на Мевлевите, почиваат овде.

„Умрете среќно и радувајте се на новата поубава форма. Како сонцето, единствено ако заоѓате на запад, ќе можете да изгреете на исток. “

Полека го оставам денот зад мене, припремајќи се за главната церемонија – венчавката – „Шеби Арус“. Годишнината од смртта на големиот поет, мистик и теолог Мевлана Џалалудин Руми, традиционално се чествува во Коња во деновите посветени на големиот поет.

Манифестацијата „Шеби Арус“ или „Денови на Руми“ се одржува секоја година на денот на неговата смрт 17 декември, со низа претходни чествувања, комеморации и прослави. Градот Коња во централна Анадолија, кадешто Руми го поминал најголемиот дел од својот живот е вистинска „Мека“ за неговите следбеници, суфизмот и дервишката мистика вклучувајќи ги и сите љубители на неговиот стих, место каде што религиите постануваат симбол на еднаквост, духовна врата отворена за сечие срце.

И токму затоа градот Коња го носи епитетот „Лулка на цивилизациите и религиите“, најпозната по делата на Мевлана Руми, кои се само дел од целокупното историско и културно наследство на Турција.

Сакан и почитуван во сите религии со своите песни и религиозни списи, Руми анализира и го опева целокупното човештво. Вистинска љубов за него значи љубов кон Бога; смртта за него е денот кога ќе се сретне со Бога. Затоа годишнината од смртта, 17 декември, не се смета за ден на жалост, туку за ден за прослава, заради што и церемониите на „Шеби Арус“ значат „Средба со саканиот” или „Свадбената ноќ“.

Свадбената ноќ на Мевлевиите е позната како ноќ кога починал Руми, ноќ на повторното обединување со Бога. Мевлана ја толкува смртта како враќање кон Бога, заради враќањето на лицето во генезата на божествената материја. Смртта за него не е исчезнување на телото, туку патување кон Создателот. Затоа прославувајте – танцувајте…

„Танцувај кога си со отворена рана. Танцувај – кинејќи го завојот. Танцувај во сред борба. Танцувај во својата крв. Танцувај слободен во совршенството. Танцувај длабоко во моите гради, каде што никој не може да те види.“

Ноќ во Коња. Златест отсјај на мојот лик… Во оваа игра на месецот и градот, признавам, изгубив малку осет за времето, задлабочен во историската средновековна магија во Коња, центарот на анадолските степи. Добро ми дојде кратката прошетка меѓу Султан Селим џамијата и Азизије џамијата во Бедестен пазарот. Мирис на Ориент. Зачинет воздух и црно кафе, идеална комбинација пред да се разделам со ноќта, меѓу 40-те чаршиски улички и 2687- те дуќани, барем така вели официјалната статистика.

Седнат под тремот на Азизије џамијата љубопитно фрлам поглед кон животот на градот. Секој со својата работа, секој со своите маки и радости, секој со своите замисли и очекувања, привршувајќи уште еден ден…

„Бидете како дрво и истресете ги мртвите лисја од вас“ – се зборовите на Руми. „Патот е твој и единствено твој. Другите можат да го изодат со тебе, но никој не може да го изоди за тебе.“ Мирисот на храна уште повеќе ме огладнува, а лавот е најзгоден кога го гледа пленот. Во исчекување на новиот ден, гледам и им се восхитувам на полните дуќани злато, белким и на мене еден ден ќе ми се позлати. Ако сте доволно одморени убава е Коња навечер. Пуштете чекор. Нека ви помине вечерта во пријателски разговор.

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин

Напишете коментар