Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Сенката на еден подзаборавен град – Лонг Пенг

Везилка Магазин

 

„Ако не го смените правецот на патување, ќе стигнете онаму каде што сте тргнале.“

 

Мудрите Кинези запишале, „понекогаш е подобро да патувате десетици илјади милји отколку да прочитате десетици илјади книги. Не постојат туѓи земји, единствено патникот е тој што е туѓинец.“ А мене патот ме доведе во Лонг Пенг, вгнезден длабоко во планините во југозападната кинеска провинција Јунан.

Овој град е едно од централните живеалишта на народот Ји. Опкружен од длабоки шуми, Лонг Пенг се развива со брзина на светлината. Некогаш овде царувала селската идила, но бројното Ји население, ја моделирала оваа голема населба според своите потреби и замисли, правејќи ја центар на своето живеење.

Шетајќи низ градските улици, ги доловувам првите впечатоци од ова планинско место. И на прв план се забележува урбаниот хаос, не – хармоничната инфраструктура, типична за кинеските провинциски градови, сообраќаен хаос и сенки од ликови кои љубопитно ме иследуваат.

Ако сакате одблизу да го спознаете вистинското лице на Кина, ваквите места се идеална пригода. Лонг Пенг е далеку од привлечен и атрактивен град, иако овде, обичниот кинески работник е највидлив и најгласен. Типичен работнички град. Младите луѓе се вистинска реткост, а кинеската економија по секоја цена се обидува да ги задржи овде.

Иако тешко, сепак овде животот има мирна траекторија. Се разбира, повозрасните луѓе го преферираат мирниот начин на живот, затоа Лонг Пенг одамна ја изгубил својата младешка енергија. Овој град на празни улици и работнички набој потсетува на некои дамнешни времиња од кинеската историја, во време на Културната револуција, кога по секоја цена работниците биле дисперзирани низ кинеската земја со цел и стремеж кон активна обнова и развој на истата.

Ликот на Лонг Пенг е таков, типичен социјалистички град, паланка во која попатно моравме да дојдеме и да ја забележиме, зашто нашиот пат продолжуваше кон север, кон една од најбогатите кинески провинции Гуи Џоу. Нека не ми се налутат жителите на Лонг Пенг за моите оценки, но добриот патописец секогаш мора да ги има во увид двете лица на местата кои ги опишува. Чекорењето овде е исто како да чекорите меѓу сенки… Постојано ве следат, набљудуваат, здрвени во својата љубопитност.

Прва прошетка низ градот, на тук-тук моторче. Моторите и тук-тук возилата се најраспространетите и задолжителни сообраќајни возила во ваквите места. Се решив да го посетам стариот дел на градот и да најдам барем нешто примамливо што ќе ми го привлече вниманието.

Видливи се трагите на кинескиот комунизам. Ерата на Мао  – национализација и колективизација, која сè уште се чувствува низ визурата на градската архитектура. Петокраки како декорација и типична социјалистичка градба, нешто некогаш видено и доживеано и кај нас. И во многу поголеми градови од овој ќе забележите домашни товарни животни на асфалтираните патишта, а не пак овде каде што селанецот и работникот сè уште ја играат главната општествена улога.

Кратката пауза од работа е искористена за добар, масен оброк. Свинското домашно месо честа глетка низ градските улици, особено во приквечерина кога Кинезите ги палат скарите на отворено. Нема да ве чини многу скапо да пробате свински јазик, кожа, печурки и да наздравите со ладно пиво – пин пииџоо, на кинески, ако сакате да нарачате и да потрошите некој јуан. Мала музичка разгледница од слепиот уличен свирач.

Колку и да живеете на најоддалеченото место на светот, глобализацијата ќе ве стигне. Во 21 век културата и љубовта се двете нешта кои асимилираат. Онаа земја којашто ќе изгради систем на препознатлива култура што ќе ве предизвика да се заљубите во неа, е таа ќе опстои. Набљудувајќи го животот околу и гледајќи ги темните лица на жителите, ми надоаѓаат илјадници прашања, а на некои од нив ќе им дадам доволно време за одговор.

Судејќи по глетката, Кинезите се големи трговци. Ја користат максимално секоја можност ако можат да ве привлечат и да ви продадат по нешто. Фамилијарниот бизнис е најисплатливиот, се разбира, онолку колку што ви е доволно за каков таков пристоен живот во рамките на можностите, барем овде во Лонг Пенг. Некому му се брза, а на друг пак животот му е песна или, што би се рекло по народски, си ја наредил работата. Да, животот е далеку од лесен.

Централното езеро во градот е вештачко, и е единственото место каде што можете да се почувствувате инспиративно. Овие делови на Кина пред повеќе од 100 години биле под француска власт. Францускиот колонијализам е сè уште видлив особено во поголемите градови од Лонг Пенг. Ако го посетите главниот град на Јунан, Кунминг, ќе ви стане јасно за што зборувам.

Во Лонг Пенг единствена француската оставина со примеси на кинеска архитектура е градското училиште. Европските земји и народи со години го експлоатирале овој дел од светот, склучувајќи договори со локалните кинески моќници. Сè до формирањето на Народна Република Кина, во која странското влијание е максимално редуцирано.

За овие луѓе занаетот е најисплатливата работа. Од мали нозе некој ќе го продолжи патот на својот татко, воведен во тајните на животот. Луѓето што ги сакате, местата што сте ги виделе и впечатоците од нив, единствено тоа ќе ви остане. Затоа обидете се да го најдете најдоброто, во она што го имате.

Обично велат дека невидлива нишка ги поврзува тие на кои им е судено да се сретнат, во кое било време, место или околности. Нишката може да се тегне и витка, но никогаш не се кине. Ако сте отворени за сите нишки што влегуваат во вашиот живот, како за златните, така и за оние обичните – од нив ќе можете да исплетете брилијантен, прекрасен живот.

„Човек кој вели дека ништо не може да се направи, не треба да го прекинува човекот кој веќе го прави.“ Чекорам, набљудувам, бележам…

Денот почна да темнее. Како сенка лека полека се прибирам низ овие стуткани улици во Лонг Пенг. Посакуван одмор, зашто вечерва нè чека специјален пречек во градското училиште, за сите оние кои се странци во овој град. Дотогаш ве оставам со неколку снимки како загревање за вечерта…

21 часот по кинеско време… Домаќините ни посакаа топло добредојде во градското училиште. И нема поубав начин од пречек на гости, со танц. Нѐ маѓепсаа звуците на популарниот танц на тутунот, кој не претставува ништо друго освен една голема љубовна приказна која се раскажува преку игра, со генерации. Секоја вечер на ова место ги слушавме приказните за градот, селата, полињата, љубовта, традицијата и менталитетот на овие жители.

Да се вљубите во едноставното, е тоа е вистински предизвик. Овој танц е еден од 4-те културни амбасадори во Јужна Кина, заедно со хаикаи танцот, хуајао и хуајао змејовиот танц. Кинеската литература вели дека овие звуци и движења потекнуваат уште од 1 век од нашата ера, а биле создадени од рибарите кои ловејќи покрај Јилонг езерото со лотоси, го поминувале денот со песна, а ако ловот бил бериќетен сигурно и ќе заиграле.

Моќната вокална изведба ги привлече и туѓинците да го заиграат популарниот танц на тутунот. Некои од нив одлично ги запомниле чекорите, за разлика од мене кој бев само нем сведок во овие прекрасни разиграни вечери.

ГАЛЕРИЈА…

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин