Урфа! Славна, величествена, горда, достоинствена… Епитети кои го красат името на градот борец, истакнувајќи го историското бреме, тежина и хероизам, кои се изнедриле од желбата за слобода и благосостојба. Сите овие милозвучни епитети во турскиот јазик се збрани во еден збор – „Шанли“ – Шанлиурфа, прославениот град кој во борбата за независност на Турција, ќе востане издигнувајќи се како феникс од пепелта.
Урфа и соседниот Газиантеп се синоним за оптор, издржливост и триумф, двете светли точки во историјата на модерна Турција, кои постепено ќе станат центри на турската моќ и државност во југоисточниот дел од Републиката.
Прв поглед од птичја перспектива… Градска оаза која со забрзан ритам пулисира низ времето. Ситуиран северено од Харанската рамница, овој град е вистинска енклава во оваа сува и топла земја, која некогаш била еден огромен резерват на различни цивилизации и култури, кои се преплетувале и таложеле една врз друга.
Денес Шанлиурфа е центарот на истоимената турска провинција, населена со нешто повеќе од 2 милиони жители… Оттука, одозгора го дишеме возухот во Горна Месопотамија и се насладуваме на урбаниот поглед, чувствувајќи го ритамот на градот, сѐ до пладне, кога сонцето ќе блесне со сиот свој сјај, играјќи си со одблесоците од застаклените згради, куќи и автомобили, празнејќи ги градските улици и паркови сѐ до квечерина…
Овој град е вистински репрезент на мултиетничка Турција. Од најстари времиња овде се мешале култури и религии кои денес му даваат посебен шарм и изглед на градот. Со векови пренесувани, јудаизам, ислам и христијанство, сè уште видливи и применувани… Турци, Арапи, Евреи, Курди и Ерменци се само дел од локалното етно шаренило на градот и областа, симбиоза која на еден чудесен начин ги зближила и претопила овие народи и култури.
И токму мултиетничноста направила оттука да произлезат голем број легенди и митови, верувања и истории, заведени и напишани во светите книги на народите, споменувани и денес со истиот жар и набој како некогаш. Затоа Шанлиурфа го носи и епитетот „Градот на пророците“ – родното место на пророкот Ибрахим или патријархот Аврам, чие име е запишано со „златни букви“ во јудаизмот и христијанството.
Ова место е свето и за Ерменците, затоа што тука е создадена ерменската азбука, а пак ние Македонците ќе се прикажуваме на славните времиња на Александровото Царство, чии фаланги го премостиле моќниот Еуфрат и зацариле во овие области. Овде се населил и еден од најхрабрите Александрови генерали, Селеук Победоносецот, основачот на Селеукидската династија по смртта на Александар, кој пак го преименувал градот Урфа во Едеса, по истоимениот град во Егејска Македонија, во пазувите на денешен Воден.
Токму водата и нејзиното избилство, која извира од длабочините на карпестиот масив, е можеби причина за ваквата ономастичка промена. Овде ги нема воденските водопади, но селџучките и османлиски султани во име на легендата за пророкот Ибрахим ги изградиле овие базени и сараи во негова чест, и во име на жителите на Урфа, кои токму овде во Баликлиѓол во квечерините си го наоѓаат свој мир, одмарајќи се во ладот. Капењето овде е забрането бидејќи ова е свето место, кое исто така е омилена глетка за многу посетители.
Сместена покрај грандиозната џамија Халил-ур-Рахман, легендата ни ја прикажува судбината на младиот Аврам и кралот Нимрод. Роден и израснат во Урфа, младиот Аврам ќе го украде срцето на Зелиха, ќерката на кралот, но одбивањето да ги обожува и принесува жртви на паганските идоли, го чинел живот. Аврам бил осуден на смрт и фрлен да гори на огромната клада. Во мигот кога Аврам бил фрлен во огнот, пламените јазици се престориле во вода, а дрвените трупци во риби, симболизирајќи го животот и победата врз смртта… Така овој базен е позната како базенот на пророкот Аврам, со што Баликлиѓол ќе стане центарот на Урфа и омилено место на трагачите по приказни, патницте и туристите.
Ѝ се восхитувате на убавината и уникатноста на Урфа, чекорејќи низ палмовите паркови, покрај легендарните базени и украсени канали, правејќи го ова место вистинска архитектонска оаза… Над мене се извива урфската тврдина, грандиозно упориште во чии ѕидини поминале разни војски, од антиката до денес… Оттука ја бранеле Урфа од новите освојувачи, а денес трагачи и патници, жедни и стрвни да понесат барем едно камче од нејзините ѕидини за спомен од овој чудотворен и привлечен град.
Пред да ја напуштам оваа убавина, чекорејќи кон градскиот музеј, за последен пат се обѕирнувам наоколу, чиниш очиве бараат потврда за целата енергија впиена одовде. Глетки кои маѓепсуваат…
Крајот од денот полека нѐ повикува, па затоа побрзавме и се упативме кон Археолошкиот музеј во Шанлиурфа на свечената презентација на Камените градови и најновите откритија од Карахан тепе, кои свечено и за прв пат беа прикажани пред избраната публика. Овој настан ќе ја промовира и потврди Шанлиурфа, за центар на праисториска Турција и идна дестинација којашто ќе го остави светот и науката без зборови.
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.