Зад аголот приказнаРепортажи

Зад аголот приказна | Шипинг – Во храмот на Конфуциј

Везилка Магазин

 

Една стара кинеска поговорка вели: Гледајќи го старото, учиме за новото.

 

Старото јадро на Шипинг крие многу тајни. Некои од нив ќе пробам да ги дознаам, но некои ќе останат длабоко закопани во земјата. Приватниот имот на фамилијата Ју со векови ја чувала тајната за настанокот на градот, сè до моментот кога истата тајна ќе прерасне во легенда. Токму истата легендата вели дека градот Шипинг лежи на плоча од бигор, а како потврда за геолошката приказна е бигорската карпа видлива во приватниот двор на фамилијата Ју.

Ова е „остатокот“ од бигорската карпа којашто го штити градот и проникнува длабоко во земјата правејќи огромна бигорска плоча на чија основа е изграден древниот дел на Шипинг.

Дејвид е нашиот локален водич и благодарение на него дојдовме на ова место. Тој вели дека бигорската карпа има 40 дупки и 360 помали дупчиња. Левата страна на карпата има облик на змеј, а десната страна на тигар. Борбата меѓу митолошкото и земското суштество се смета за почеток на цивилизацијата на овие простори.

Еминентниот кинески учител Џи Јин Фанг, кој живеел за време на династијата Кин, напишал кратка песна во чест на Бигорската карпа, со што го опеал ова древно место кое очигледно е од големо значење за овие луѓе и простори. Стиховите велат:

„…Детето на осамената природа го запира времето
Неговите различни вдлабнатини го засенуваат обликот на облаците
Нејзината силуета е завеса
И само природата може да дари толку големо чудо…“

 

 

ВКУСОТ НА ТОФУ

 

За сликата од едно патување да биде целосна, потребно е да се вкуси нешто автентично. Слободното попладне го искористив за прошетка и разгледување на една локална фабрика за производство на тофу – традиционална кинеска храна, една од најраспространетите низ цела Азија.

Според начинот на архаичната подготовка асоцира на некои стари времиња кога мелниците ги цеделе зрната и ја ваделе највкусната течност од сржта на плодот. Тофуто не е ништо друго туку продукт добиен од соја, во најразлични варијанти и пакувања.

Историјата вели дека многу брзо по неговото усовршување како оброк, од Кина се шири првенствено во Кореја и Јапонија, а потоа и во остатокот од Индокина. Тофуто е храна на будизмот. Како што ова учење се ширело низ азискиот континент, со него заедно се култивирала и тофу исхраната. Тајната е во големото количеството протеин што го содржи тофуто, со што станало важен сегмент од вегетаријанската исхрана во источноазискиот будизам. Освен со протеин, богато е со железо, калциум и магнезиум и има ниска калорична вредност.

Постојат повеќе преданија за потеклото на тофуто, индиско, јапонско, монголско итн. Но, највердостојно е кинеското. Историјата потврдува дека тофуто потекнува од северна Кина. Иако зборот „тофу“ е јапонски, сепак е изведен од мандаринскиот „Доу Фу“, но комерцијализацијата го прифатила јапонскиот израз тофу.

Принцот Лиу Ан, внукот на основачот на династијата Хан, живеел во 2 век пред нашата ера. Освен што бил познат државник, бил и љубител на гастрономијата и алхемијата. Експериментирал со храната до степен на пронајдок, барајќи лек за  бесмртност. Така, од неговите раце се родило тофуто, со што Лиу Ан се смета за пронаоѓач на овој кинески специјалитет.

Фигуративно кажно, во Кина секое село има продавници и капацитети за производство на тофу, чија заразна миризба се чувствува во воздухот. Иако морам да признаам дека, иако личи на сирење, сепак е далеку од тоа. Со истото мислење бил  и Бенџамин Френклин, кој е првиот Американец кој го споменува тофуто во 1770 година во писмото до Џон Бартрам. Френклин го вкусил тофуто во Лондон и го нарекол „кинеско сирење“. Се разбира, на стариот континент оваа храна пристигнала многу порано отколку во Америка.

Посетата на фабриката за тофу ги задоволи моите сетила, и конечно го имав одговорот на прашањето каков е тој мирис што се чувствува по улиците, сокаците, дуќаните, зајадлив но истовремено и чуден, особено за оние што не се навикнати на азиска исхрана. Без разлика дали тофуто ќе ви се допадне или не, останува констатацијата дека Кина е позната по својата автентична кујна ширум светот и токму кујната претставува дел од кинеската гордост.

 

ВО ХРАМОТ НА КОНФУЦИЈ

 

„Кога нештата се откриваат, тогаш се доаѓа до вистината; кога ќе се дојде пак до вистината, тогаш волјата станува искрена; кога е волјата искрена, тогаш срцето е на прав пат; кога е срцето  поставено на прав пат, тогаш личниот живот се култивира; кога се култивира личниот живот, семејниот живот е регулиран; кога се регулира семејниот живот, тогаш националниот живот е уреден; и кога националниот живот е уреден, тогаш има мир на овој свет.“

Добредојдовте во храмот на Конфуциј, каде што тишината е вистински пријател на човекот, којашто никогаш нема да ве предаде.

Од двете страни на главната порта изделкани се два карактери. Во кинескиот пинјин, првиот ја означува писменоста, а вториот материјата. Токму овие два сегменти се основата на етичкиот систем на вредности, кој пак претставува темел на кинеската државност и социјална мисла во време на феудалниот период, кога кинеската земја ја описменувале Конфунциј и неговите ученици.

Кога знаете нешто, држете се до тоа дека го знаете; а кога не знаете, дозволете си да кажете дека не го знаете – ова се нарекува осознавање.“ Во ваквите храмови, главната цел била писменоста или ширење на знаењето, иако Конфуциј милувал да каже: да се биде со Бога! Но единствено преку писменоста и осознавањето.

Конструкцијата на овој храм на писменоста во Шипинг почнала во 14-тиот век во време на владеење на династијата Јуан. А храмот бил реставриран и надограден за време на Републиката, барем така вели мојот домаќин, учителот Лиу, татко на историјата и чувар на тајните во овој град. Тој ме воведе во храмот кој се состои од главна капија, басен, Халата на големите достигнувања, двор и големата предавална на учителите.

Учителот Лиу ми ја објасни суштина и значењето на храмовите на Конфуциј. Според него, ова место е сведок на историјата, политиката, економијата и социјалниот развој на Шипинг. Неговото присуство го облагородува градот, прославен по писменоста. И токму образованието и писменоста од округот Шипинг изродиле големи таленти низ кинеската историја. Оттука излегле голем број следбеници на Конфуциј, кои ја ширеле неговата философија и ја надградувале неговата социјална реформа, со единствена цел, зацврстување на царската власт.

Во Кина на конфучијанството му се предава религиски карактер, сепак учителот Лиу вели дека конфучијанството не е религија затоа што не навлегува во теолошките и духовните прашања – за Господ, задгробниот живот итн. туку се работи за ширење на етички принципи и учења кои ги истакнуваат моралните вредности.

Звуците од традиционалните инструменти ми го привлекоа вниманието и за миг застанав да ја чујам народната Ји музика, во задниот двор на храмот, кадешто и мојот  пријател Јанг им се придружи на музичарите.

Во својата збирка „Лун Ји“ или Разговори со своите ученици, Конфуциј за себе вели дека е реинтерпрепатор на постари знаења и учења. Во време на создавање на феудализмот во Кина, на работ на распадот на робовладетелскиот период, негова должност била реафирмација на старите општествени и морални вредности.

Мудроста на кинеските старци добила ново значење и толкување од негова страна создавајќи сопствен облик на философија. Со три методи можеме да ја спознаеме мудроста: прво, со размислување, што е најблагородно; второ, со имитација, што е најлесно; и трето, со искуство, што е најгорчливо.

 

„Не е можно некој да ги поучува другите, а да не може да го поучи своето семејство. Лесно е да се мрази и тешко е да се сака. Така функционираат нештата. Сите добри работи тешко се постигнуваат; а лошите лесно се здобиваат. Треба понекогаш да ја почувствуваме тагата, но не и да потонеме во неа. Затоа ќе одберете работа што ја сакате, така ниту еден ден нема да работите. Каде и да одите, одете со сето срце. Подобро е да запалите мала свеќа, отколку да колнете цел живот во темнина.“ – запишал Конфуциј.

 

Храмовите на Конфуциј обично служат и како збиралиште на уметници, музичари, писатели, но и обичниот народ е навикнат да го поминува времето и да го исполнува своето секојдневие на вакви благородни места. Иако некогаш храмовите имале исклучително едукативна функција, денес имаат и социјална. Кинески шах, домино и играње карти се само дел од она што овие жители не успеале или пак успеале да го совладаат во животот. А животот е многу едноставен, затоа сме ние тука, да го искомплицираме. Овде велат, „човекот кој стои на ридот со отворена уста ќе чека цел живот за да му дојде печена патка“.

Си заминуваме од храмот и ги оставаме зад нас двете митолошки суштества Чи Лин, да ги чуваат мислите, убавиот збор и писменоста за идните генерации. А јас се упатив кон соседниот двор од административниот комплекс за да си ја зацврстам духовната и физичката дисциплина. На часови по кунг-фу.

 

 

 

Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.

Диме може да го следите на Фејсбук и Инстаграм

Везилка Магазин