Заминување од моето Скопје
Градот на Вардар спие
додека реката шепоти:
пред да заминеш
не си го губи времето
со проверки и муабети
дали ѓаволот на грбот
ти истетовирал мапа
до изгубено богатство.
Префрли си ја судбината
преку рамо и фати си го патот.
Годините стануваат сè покуси.
Не надевај се дека допрва
кокошките ќе почнат
да ти несат златни јајца.
Чувај си го носот
од силум затворени врати.
Следното запирање
е во далечна непозната земја
или во беспаќето на умот.

текст и илустрација: Владо Јаневски