ИнтервјуаПретставуваме

Зарина Првасевда: Никогаш не престанав да верувам дека музиката за којашто сега живеам, порано или подоцна ќе ми дојде во животот

Фото: Stefan Rajhl
Везилка Магазин

Можеби до сега не живеела надвор од Македонија и поради ова не е нашиот вообичаен човек за интервју, но Евгенија Здравевска, или на јавноста попозната како Зарина Првасевда, го диши исконското македонско од длабочините на својата душа на начин кој не може и не смее да остане незапишан.

 

 

Родена во Демир Хисар, тинејџерските години ги поминала во Битола, а последниве 8 години животниот пат ја однел во Скопје. Оние кои се запознаени со нејзиниот музички пат, знаат за „случајниот“ почеток со видео на кое ја пееше Билбил пее во планина“ и кое направи бум на социјалните мрежи, по што следеа уште неколку видеа снимени на прекрасни места низ Македонија.

 

На 5 септември во 20 часот, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ Прилеп, во рамките на фестивалот „Цело е кога се има 30“ Зарина ќе има музички перформанс за сите љубители на нејзината музика.

Непосредна, уникатна, во допир со себе и своите најголеми длабочини, Евгенија за Везилка интимно ни раскажа што значи да го откриеш својот животен повик и како е да живееш автентично и без потреба од посебни материјални добра во општество кое го промовира токму спротивното.

 

Ако сме отворени да го разбереме, ќе сфатиме дека Универзумот работи на многу едноставен начин – секогаш ни го дава она што го бараме и што ни треба. До пред октомври 2018 и појавата на видеото за „Билбил пее на планина“, веруваше ли дека ќе дојде момент кога албумот, кој ти стоеше во фиока долго време, ќе го види светлото на денот или откако го почувствува Универзумот во акција сфати зошто требало да поминат толку години?

 

Евгенија: Да бидам искрена, верувајќи во оваа врска за која зборувате и верувајќи во тоа дека мислата е креација, која патем е и јазикот за комуникација со Универзумот или Бог, кој како милува да каже, никогаш не престанав да верувам дека ова што сега го работам т.е ова за кое живеам – музиката, порано или подоцна ќе ми дојде во животот за да ги надополни нијансите на бои кои несомнено недостасуваат кога човек не го прави она за што е присутен на земсково постоење.

 

Фото: Stefan Rajhl

 

Причините за временските рамки на случувањата и текот на настаните кој знае да биде чудесен,  понекогаш ги разбираме малку подоцна во животот, па така јас, после скоро три години од првиот излез на видеото „Билбил пее во планина“, денес можам да кажам дека честопати и Бог проверува колку силно веруваме во она за што говориме и кон кое се стремиме, па ни задава разни “спрепки“ (временски, емотивни и сл.) и правопропорционално со силата на вербата подоцна ги испраќа количините благодат.

Па така, од длабочината на срцето јас сум неизмерно благодарна за дарот кој го носам, за можноста да преку песната општам со најчистото на поединецот , за сето ова внимание кое го добивам од вас и публиката, за инспирацијата, песните кои ми доаѓаат, како и за сѐ ова што ме опкружува и она што допрва  доаѓа.

 

 

Родена и израсната во Демир Хисар, тинејџерски години поминати во Битола, а последниве 7-8 години живееш во Скопје. Какво беше растењето со двајцата браќа Јане и Стефан и колку твоето потекло те означи во животот?

 

Евгенија: Демир Хисар несомнено има одиграно сериозна, а можеби и клучна улога, во тоа што сум денес, токму затоа со гордост и со „полни гради“ секогаш зборувам за своето потекло.

Растењето во Демир Хисар пред сѐ има голем удел во вајањето на емоцијата во музиката со која се бавам, токму затоа што многу од нештата за кои пејам ми биле начин на живот или сум ги гледала наоколу, па ми се сосем природни и не треба да симулирам, туку само да го отворам чекмеџето на спомените и едноставно си тече од изворот.

Понатаму, непосредноста во комуницирањето, чистината на споделувањето, вреднувањето на храната, алтруизмот, човекољубието…во голем дел се последица од живеењето таму.

 

Евгенија со мајка ѝ и браќата – приватна архива

 

Растењето со браќата, ( со моите браќа ) е посебна приказна и голема благодат. Имав среќа, иако се 5 и 6 години повозрасни од мене, нашата комуникација да биде на принципот „ другари“, со непосредност, искреност и транспарентност, но особено важно беше што нивниот пристап беше да од мене наместо принцеза прават воин.

 

 

Морам да признаам дека не беше лесно, и во одредени периоди сум се чувствувала како да ми недостасува дополнително внимание, можеби и разгалување и заштита, но денес сум им неизмерно благодарна бидејќи постигнаа сериозен ефект во моето градење на односите со машкиот пол, во откривањето и значењето на силата и нежноста како жена, во соочувањето со животните борби  и.т.н.

 

И покрај фактот што твојот татко армоникаш и ти израсна со таа музика, сепак велиш си лутала во повеќе правци на музиката сѐ додека македонската традиционална не ти „легна“. Дали можеби чувствуваше еден вид на срам во тоа време да бидеш изведувач на традиционални песни, со тоа недозволувајќи си да живееш во согласност со својот „повик“?

 

Евгенија: Кога си тинејџер, брзините се мешаат со најголем интензитет, особено па ако со себеси на грб го носиш повикот да се бавиш со одредена уметност. Во суштина, во тој период пробуваме да се дефинираме, но истовремено, во недостаток на емпириски знаења, се спознаваме, се идентификуваме со групата со која се движиме, се појавуваат ставови и верувања кои не сојдествуваат со вистинските внатрешни вредности и оние општествените, внатрешни конфликти и борби, и сето тоа во недостаток на свесност, која патем е и природна за тој период од развојот на човекот.

 

фото: Соња Ставрова

 

Па така, ова не ме исклучи и мене како поединец и се соочуваав со одредени двоумици и троумици во однос на стилот со кој ќе се бавам, па и друштвената група во која се движев не содејствуваше со мојот порив да се бавам со традиционална музика, но набргу по излезот од овие вртлози сепак си влегов во своето руво, таму каде припаѓам вистински и она што е соодветно со емоцијата која ја носам и таму каде најмногу можам да дадам.

 

 

Желбата да бидеш дел од ансамблот Танец во еден момент конечно ти се остварила, но соработката прекина по само 6 месеци. Која беше причината за ова?

 

Евгенија: Како долгогодишна играорка и пејач во КУД „Илинден“ Демир Хисар, една од поголемите животни соништа ми беше да застанам и да ја поделам сцената со НУ „Танец“. Ја видов аудицијата, се пријавив без никој да знае, иако немам соодветно образование за да бидам дел од таа институција, и едноставно на моја огромна радост поминав и имав шанса да бидам таму волонтер во следните шест месеци. Со ова искуство само го зацврстив ставот дека традиционалната музика е мојот пат за што сум вистински благодарна.

 

 

Не останав таму, бидејќи немаше шанса за вработување, а јас веќе бев на студии по Специјална едукација и рехабилитација.

 

Што се крие позади поривот да се запишат и овековечат во албум песните кои до сега никогаш не биле можеби нит чуени, нит издадени?

 

Евгенија: Поривот е суштински. Едноставно сакам да споделам она што сум го чула и научила изминативе години, она што го носам со себеси и чувствувам одоговорност да го дадам бидејќи не ми припаѓа само мене, туку на сите нас.

 

 

Во последните 3-4 години започна поинтензивно со планинарење. Сфати дека поврзаноста со природата е највисоката и најчиста енергија и дека почитта кон истата не смее да изостане дури и кога ја имаш најдобрата и најмодерна опрема на терен. Каква лична трансформација ти донесе тоа откровение?

 

Евгенија: Поврзаноста со природата лично, ме реобликуваше од почеток. Средбата со висините, планините, дрвјата, сите тие звуци, слики и пејзажи,  целата приказна со природата го сметам за мое второ раѓање.

 

 

Велам раѓање зошто начинот како ме трансформираше, го поистоветувам со чистината со која доаѓаме на свет… Ми се избистрија мислите, ја реоткрив силата на своето тело, добив значително повеќе животна сила и енергија, инспирација и на крајот на краиштата, планината во комбинација со песната беше и најголемиот тригер за сѐ ова што сега го правам.

 

 

Кога научи дека стравот нѐ става во златен кафез и не ни дава целосно да го проживееме земскиов живот?

 

Евгенија: Стравот е подеднакво стар колку и љубовта. Има еден страв, оној рационалниот,  кој не одржува во живот и кој не штити од неволјите и сите непогоди на кои како единки е возможно да наидеме во текот на животот, а пак оној ирационалниот, оној кој не става во кафез како што зборувате, е сериозна закана за сите соништа, намери, цели и желби.

 

 

Единствениот начин да се избегне влезот во кафезот е соочувањето. Сметам дека секој порано или подоцна во различни фази и на различни начини го искусува, секој влегува во кафезот и тие процеси и иако знаат да бидат  непријатни  ги сметам за исклучително полезни и за сериозно училиште за кое не се зборува никаде на друго место ниту пак се учи преку раскажување. Суштината е во брзината на осознавањето, во работата на себе и брзиот излез.

 

 

Сакаш ли друштво со твоето утринско кафе или тој ти е момент за рефлексија и размислување пред почетокот на денот?

 

Евгенија: Сакам друштво, само ако е добро и молчаливо. :)))

 

 

Што е Љубов за тебе?

 

Евгенија: Најсилната и најважна движечка сила на дуњава.

 

Подготовки за Demons and fairies – Загреб, Хрватска

 

Без што не можеш секој ден и како се поврзуваш со себеси на дневна база?

 

Евгенија: Не можам без пријателите, без луѓето што ги сакам, не можам без музика. Со себеси се конектирам преку тишината.  Кога тихувам, најчесто е тоа на залезот на денот,  тогаш ги барам патиштата до срцето, благодарам или набљудувам што свесното и несвесното таложело во текот на истиот па соодветно реагирам кога треба да се корегирам или да преиспитам одредени емоции и чувства кои ми се проткаиле низ денот.

 

Во Растојца, Демир Хисар

 

Ги преживуваш ли интергенерациските чувства на македонскиот народ преку оживувањето на нашите песни?

 

Евгенија: Пеејќи традиционална музика несомнено доживувам вистински емоционални екстази, кои не знам како би ги дефинирала. Но, интензитетот со кој се појавуваат и начинот на кој ме обземаат е фасцинантен. Она што е интересно е дека тоа не се случува само кога пејам на македонски, туку истото се случува кога пејам традиционална музика и на други јазици, па така ми се отвораат и нови простори за истражување и работа, што ми дава дополнителна мотивација.

 

Фото: Stefan Rajhl
Везилка Магазин