ИнтервјуаНие низ светот

Звонко Танески: Понекогаш е можно да се постигне повеќе кога сте надвор од Македонија отколку внатре

Везилка Магазин

 

За Звонко Танески може многу да се пишува, но се чини дека секогаш ќе е премалку. Овој професор при Универзитетот „Коменски“ во Братислава е заслужен за повторното заживување на предметите „Македонски јазик 1 и 2“, „Факти за Македонија“ и „Македонски филм“ на истоимениот универзитет и е првиот лектор по македонски јазик и литература кој дејствувал во периодот од 2008 до 2011 на Катедрата за словачки јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Словачка.

Во 2014 година Звонко беше ко-автор на делото „Словачко-македонски речник“ за што ја освои и премијата на Литературниот фонд на Словачка за најдобра научна и стручна литература.

Овој посветен татко, поет во душа од тинејџерски денови, добитник на над 20 награди, организатор и делегат на над 60 литературни конференции и фестивали низ целиот свет, раководител и соработник на неколку меѓународни научно-истражувачки проекти и уредник на списанија, денес вели дека мирот му нема цена, дека во тагата и болката ја наоѓа својата инспирација и дека татковината своја ја носи во себе, без разлика на физичкото место на живеење.

2017, Будимпешта – приватна архива

„Со текот на годините, сепак, и јас станав како домашен во словачкото општество, иако за многумина вечно ќе останам – деридовски кажано – „домашен гостин“. Таквиот живот меѓу два јазика и две култури е на почетокот интересен, но подоцна станува и макотрпен, зашто битката ја водите првенствено во самиот себе и за тоа и не треба всушност да очекувате помош, го прифаќате тоа како доброволно донесена одлука од ваша страна и се навикнувате да живеете со неа.“

 

Во 2002 година дипломираше на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а докторираше два пати: во 2007 (на Универзитетот „Коменски“ во Братислава) и 2008 година (на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра), второво со тема од областа на словачко-македонските книжевни и културни врски. Зошто баш Словачка?

 

Звонко: Словачка не беше планирана дестинација, а произлезе како случаен избор. По дипломирањето не успеав да најдам постојана работа во својата област, работев претежно на хонорарни преводи, па еден ден видов оглас во тогашниот дневен весник „Дневник“ дека Владата на Република Словачка нуди стипендија на македонски студенти за изучување на словачкиот јазик, како и за постдипломски и докторски студии во Братислава.

Со оглед на тоа што во Скопје не се студира(ше) словачки, тогаш и речиси не можеше да се најде кај нас човек што активно го владее јазикот на сите нивоа, се решив да се пријавам на конкурсот, повеќе и од љубопитство. Имав одличен просек од студиите, брзо ги собрав и другите документи, па размислував генерално дека барем ќе научам нов јазик и дека за една година ќе соберам нови искуства и ќе запознаам нови луѓе кои би можеле потоа и да ми бидат од полза некогаш во животот.

Братислава, 2017 – приватна архива

Значи, не отидов со големи амбиции, и за словачката литература дури имав во тоа време минимални познавања, ама ете животот подоцна ми ги нареди картите поинаку, па се случи најпосле и да останам да живеам и да работам тука.

 

Поетското творештво ти започнува уште во тинејџерските години. Првата издадена поетска книга е во 1995 година под наслов „Отворени врати“. Истата година добиваш награда од C. R. I. C. за млади уметници од медитеранските и балканските земји во Реџо Калабрија – Италија. Колку оваа награда, добиена во почетокот на твоето поетско патешествие, ти беше еден вид на поттик и потврда дека она што го имаш во себе треба да биде прикажано пред светот?

 

Звонко: Токму таа спомената награда беше веројатно и пресудна за тоа најблиските, но и издавачот „Кубоа“ од Прилеп (предводен од писателот Трајче Крстески) да ме убедат дека е убаво да ја објавам и својата прва стихозбирка. Се разбира, претходно објавував свои стихови на страниците на републичките детски списанија, освојував и некои училишни, локални, регионални и државни награди за детско творештво, па затоа веројатно им изгледаше на сите и природно да продолжам во тој правец. Затоа и го прифатив предизвикот, книгата имаше задоволителен успех, иако со текот на времето (кога веќе и професионално почнав да се занимавам со книжевна наука) станав повеќе самокритичен и сфатив дека во нашава област и не треба многу брзање.

Меѓународен фестивал на поезијата, 2018 – приватна архива

Како и да е, книгата сè уште претставува прекрасно сведоштво за возраста кога е напишана и сметам дека од денешна перспектива им е и на колегите што ја проучувале мојата досегашна поезија привлечно, имено, тоа што од првата па сè до последната поетска книга кај мене се многу добро видливи целиот растеж и надоградба, менувањето на стилот, поетиката и целокупниот домен на инспирации, модификации, градба и одржување на поетскиот пев.

 

Колку животот во Словачка те промени на лично и креативно ниво и на што ти беше најтешко да се привикнеш?

 

Звонко: Животот во Словачка ми донесе големи промени и во личниот и во креативниот домен. Ми се отворија нови перспективи, почнав да осознавам нови и непознати призми на животот наоколу и сето тоа претставуваше за мене големо и добредојдено обогатување и на душевен и на интелектуален план. Отсекогаш сум бил отворен за раширување на хоризонтите, сметам дека тоа е нешто што човека го одржува бистар и постојано активен. Кондицијата (и животната и творечката) така и најдобро се негува.

Сепак, секогаш во новата средина приспособувањето односно привикнувањето не оди ниту брзо ниту лесно. Довербата во странство се стекнува тешко, сите почнуваме речиси од нула и никого овде не го интересираат вашите дотогашни достигнувања дома, резултатите мора да се постигнат повторно и во огромен обем за да можете да си го обезбедите местото и угледот во општеството. Не е едноставно, исто така, да се прифати и туѓиот менталитет, бидејќи вие сте тој што треба да ја направи отстапката и компромисот во себе и за другите, никој не се труди да ве разбере вас затоа што тие се дома и немаат потреба да го прават тоа. Вие како странец сте „гостин“ тука, па затоа изгледа и до крајот на животот ќе бидете принудени да одговарате на различни (напати и банални) прашања за вашиот идентитет, чувства, припадност.

Со текот на годините, сепак, и јас станав како домашен во словачкото општество, иако за многумина вечно ќе останам – деридовски кажано – „домашен гостин“. Таквиот живот меѓу два јазика и две култури е на почетокот интересен, но подоцна станува и макотрпен, зашто битката ја водите првенствено во самиот себе и за тоа и не треба всушност да очекувате помош, го прифаќате тоа како доброволно донесена одлука од ваша страна и се навикнувате да живеете со неа.

 

Од 2008 до 2011 година работиш и како прв лектор по македонски јазик и литература на Катедрата за словачки јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра. Колку ти значеше тоа „прв“ во борбата за афирмирање на македонскиот јазик и литература во Словачка?

 

Звонко: Уште со самото свое доаѓање во Словачка сфатив дека македонскиот јазик не се изучувал тука никогаш во академските средини и дека е пожелно да се создадат можности и да се вложат напори за пополнување и на таа „коцка“ во мозаикот.

Најпрвин предавав македонски јазик како докторанд на Универзитетот „Комениус“ во Братислава, а по докторирањето се вработив на Универзитетот во Нитра, па и таму се укажа можност за отворање на предметите „Македонски јазик 1 и 2“ под мое водство. Имав и солиден број на студенти, па и целосниот интерес за откривање на спецификите на македонскиот јазик, литература и култура почна со засилено темпо да се зголемува и кај колегите на факултетот, но и кај самите студенти. Тоа ме поттикна да продолжам со таквата мисија, иако тоа го правам сè до денес повеќе од љубов и волунтаристички.

Драго ми е што таквото „првенство“ не беше залудно, токму мојот ентузијазам и вложен труд се покажаа како потребни и плодни, бидејќи во последниве петнаесетина година се реализираа повеќе благородни проекти од билатерален тип, освен мене се вклучија во процесот и други релевантни субјекти, па затоа можеме веќе и да констатираме добар развој на словачко-македонските книжевни, јазични и културни врски во последниов период, верувам на општо задоволство и на Македонците и на Словаците.

 

Во 2011 година се врати во Македонија, каде до 2014 година работеше како доцент на Факултетот за странски јазици при Универзитетот ФОН во Скопје. Што те натера да направиш „пауза“ од животот во странство и ја доживеа ли Македонија овојпат поинаку од пред твоето заминување?

 

Звонко: Сплетот на животните околности ме натера да го преземам таквиот чекор и, секако, не жалам поради тоа. Сите нешта ни се случуваат, бездруго, со некаква причина, така стануваме впрочем и поцврсти луѓе и ја тестираме својата издржливост. Тој период од мојот живот беше прилично мил и динамичен, со задоволство се присеќавам на него, иако подоцна заклучив дека подобро е од повеќе аспекти да се вратам назад во Словачка, која има исто така и свои недостатоци, ама владее некој ред, па со добар план и може да се постигне повеќе.

Нештата во Македонија се менуваат побавно, а турбуленциите се подрастични, ама во секој случај тоа е моја родна земја која никогаш не сум престанал да ја сакам и секогаш ќе ми остане драга. Ги одржувам редовно и сите приватни и професионални контакти таму, а се чувствувам и пријатно и емотивно исполнето кога престојувам во Скопје, опкружен со потесениот дел од семејството и пријателите.

 

Велиш најголемата промена во животот ти се случила со раѓањето на твоето прво дете. Како тоа влијаеше врз твојата академска, но и креативна работа?

 

Звонко: Раѓањето на првиот син Оливер во септември 2016 година несомнено отвори за мене ново поглавје и значеше свртување нова страница во животот. Невините детски очиња веднаш ми покажаа дека тоа е битието за кое оттогаш човек вреди примарно да се бори во животот, така и нагло се менуваат приоритетите и светогледот, па затоа и академската и креативната година обично во првите години одат неминовно во позадина.

Денес животот станува општо сè посуров и понемилосрден, но некои константи остануваат непроменливи. Децата од тие причини ќе ми останат и главна и трајна мотивација и сатисфакција за да ги издржам сите непогоди што ни ги носи живејачката. Посакувам да бидат среќни и радосни и да си го остварат барем поголемиот број од соништата во животот што е пред нив. Мојата поддршка и разбирање за нив никогаш нема да изостанат.

 

Што сакаш да правиш кога никој не те гледа и како доаѓаш во допир со себе?

 

Звонко: Најчесто сакам да ги склопам очите за миг, малку да здивнам, да одморам, да прочитам некоја добра книга, да послушам музика што ме смирува и да поуживам во душевниот мир кој сè помалку го имаме, а насушно ни е потребен во сè поголеми дози.

Кипар, 2018 – приватна архива

 

Од 2015 година работиш како универзитетски професор на Катедрата за словенски филологии на Филозофскиот факултет при Универзитетот “Коменски“ во Братислава и под твое водство повторно се отвораат предметите „Македонски јазик 1 и 2“, „Факти за Македонија“ и „Македонски филм“. Сметаш ли дека Македонците кои се надвор од Македонија имаат важна улога, било да се свесни за тоа или не, во промовирање на нашата култура и јазик во местата каде живеат?

 

Звонко: За тоа дали јас лично имам важна улога во наведената промоција оставам да кажат подобро другите. Во секој случај, апсолутно се согласувам дека влогот не треба да биде никогаш занемарлив, токму напротив – културната дипломатија е нешто што во светот многу се цени и рапидно се развива. Убеден сум дека македонската страна треба конечно да почне многу повеќе да вложува во тој сектор, зашто така се создаваат и нови капитални пријателства, а резултатите се препознатливи и одрживи на долг рок.

Промоторите на македонскиот јазик и култура се навистина нашите најдобри амбасадори во светот, ја чуваат и несебично ја афирмираат нашата вековна традиција во странските средини, па со тоа и го одржуваат жив нашиот идентитет како мала држава со сите оригинални обележја што таа ги поседува во денешниов глобализиран свет. Затоа таквото тврдење не треба ни од далеку да се смета за некаква излитена фраза, туку за реален факт кој треба поагилно да го сфатиме, да го прифатиме и да преземеме натамошни чекори за поадекватна поткрепа и за зајакнат напредок во таа сфера.

 

Има ли нешто од што „бегаш“ и кој свој талент сѐ уште го криеш од светот?

 

Звонко: Почнувам да бегам претежно од користољубиви и неблагодарни луѓе, од настани и прилики кои се за мене токсични и агресивни и умеат да ми ја одземат нагло енергијата и да ми ја изместат душевната рамнотежа.

Што се однесува до талентот, во принцип, човек и не може ништо да скрие, со текот на годините сè излегува на површина, луѓето кои подобро и подолго ме познаават се запознаени со моите таленти, така што веројатно и немам некој скриен адут што уште не сум го открил пред јавноста. Можеби животот во поодминатите години ќе ме научи на некои нови прагматични вештини што би можел да ги испробам и што би можел последователно да ги извршувам успешно, па така ако заклучам дека ме бидува и за нешто сосема друго, можеби на старост ќе ја променам и професијата.

Сите учиме додека сме живи, важно е да не нè напушта еланот и желбата да бидеме подобри луѓе полни со емпатија и кон другите. Тоа е нешто што сè повеќе исчезнува во денешниот свет, ама надежта последна умира. Исполнет човек ги прави на извесен начин исполнети и другите во опкружувањето.

 

Што ти дава поголема инспирација – среќата или тагата, и колку е љубовта двигател во твојот живот?

 

Звонко: За волја на вистината, тагата е поголем двигател кога станува збор за инспирацијата и за создавањето уметнички, но и научни дела. Човек кога е среќен изгледа и нема потреба да се нурнува во длабочините на творечкиот процес, да скита по тие непредвидливи лавиринти кои деноноќно потоа го окупираат неговото внимание. Тагата претставува наедно и иницијална каписла за зголемен творечки ангажман, бидејќи тогаш таквата работа претставува, во определена смисла, и некој вид терапија за отстранување или за ублажување на болката.

Од лично искуство знам дека во периодите досега кога ми било најтешко, токму научната и уметничката работа ме извадиле повторно на колосек, затоа што мозокот тогаш се пренасочува во поефективен правец и не дозволува авторефлексивноста и самосожалувањето да надвладеат со нас. Сетне, и најголемиот број светски уметници и нивните најпознати дела се настанати како продукти вдахновени од тагата. Среќата можеби доаѓа потоа, и како утеха, кога тие ќе бидат остварени.

Меѓутоа, и независно од тоа, љубовта е и ќе остане главен двигател. Човек треба да љуби дури и кога губи, и кога е радосен и кога е повреден, љубовта носи вознеси и падови во животот, но никогаш не смееме да се откажуваме од неа. Или, како што велеше нашиот Зафир Хаџиманов – „од љубов не се бега“.

 

Тлее ли сѐ уште желбата за повторно враќање во Македонија и сметаш ли дека таму каде што си сега, надвор од Македонија, имаш поголема слобода во изразувањето и дејствувањето кога станува збор за македонскиот јазик, култура и литература?

 

Звонко: Ако доживеам поголема старост, можеби и ќе посакам да се вратам повторно, не знам. Засега не размислувам во таа насока, ама никогаш не велам никогаш. Инаку, слободата на изразувањето и на дејствувањето не е проблемот што ме притиска, попрво би рекол дека се тоа можностите, значењето и статусот што веќе го имам изградено во Словачка, како и одговорностите што од нив произлегуваат.

Понекогаш е можно да се постигне повеќе кога сте надвор отколку внатре, иако и за тоа не постои некое напишано правило. Сите си ја носиме својата ѕвезда во животот, каде и да сме, најважно е таа да остане да свети вечно, и кога нас ќе нè нема. Затоа, можеби и не е веќе најважно да се има огниште, туку оган што ќе тлее и ќе нè крепи низ непредвидливите патишта на битисувањето.

 

Везилка Магазин