Можете да заминете од татковата куќа, од семејството, да избегате од луѓе, да најдете нов дом, но никогаш не можете да побегнете од себе и она што сте. Стружанката Здравка Димитрова-Крстиновска со години филца волна за да си го згрее своето и срцето на блиските кои одлучиле да заминат од Македонија.
Создава рачно изработени украси тапкајќи чиста мерино волна за да им испрати топлина од татковината и заедничките спомени на оние што ѝ недостасуваат. За „Везилка“ раскажува дека филцањето ја врзува со корените, со она што е, но и со драгите луѓе кои сега само физички се далеку.
Може ли волната да го згрее срцето?
Здравка: Волнена облека, волнени килими, разбој, се дел од македонската традиција и носат топла духовна порака, затоа што тие се траг исткаен со нежни нитки за да ја симболизираат нашата култура преку етнолошкото минато.
Фасцинантно е што тие волнени нитки, како симбол на нашето минато, со генерации наназад го грееле телото, душата и срцето. Да, и мене ми го грее срцето со вековна топлина.

Затоа, ако сакаш нешто да пронајдеш, ќе го бараш во своите корени кои можат да дадат одговор на ова прашање.
Тешко ли се изработува носталгијата со игла?
Здравка: Техниката филцање е всушност утапкување на волната со игла или пак со мокро филцање со сапун. Од иста духовна матрица настанале многу автохтони македонски ракотворби. Сите сме дел од таа матрица што не можеме да ја допреме, но можеме да ја почувствуваме.
Носталгијата е искрен допир со нашето минато, нашата вековна традиција во која не постои важно и неважно. Со радост во душата ја негувам оваа носталгија што ми дава одговор на многу прашања.
Кое е парчето волнен украс што Вам Ви го промени животот?
Здравка: Почнав љубопитно и не очекував ништо сензационално, не очекував дека волната и јас ќе се дружиме толку години. Сфатив дека како поединец постепено стапив во интеракција со традицијата и направив една лична творба прилагодена на современиот начин на живот, излегов од рамката на традиционално со првото волнено топче направено од моите раце.
Како избирате кому што ќе му подарите?
Здравка: Она што материјално ќе го подарам нема никакви вредности ако личноста што го добила не дише со полни гради љубов, емпатија, што знае да ја прими и сподели понатаму.
Подарувам на луѓе кои некогаш биле блиску, а сега само физички се далеку, луѓе што биле и се дел од моето постоење. Со волната и на себе и на нив им ја греам душата.
По толку години, Вие имате изградено посебен однос кон техниката. Од кого учите? Кој учи од Вас?
Здравка: Многу луѓе не сакаат да се надградуваат, несвесни дека поседуваат потенцијал. Успех и надградба без обид – не постои. Не се работи за инспирација, се работи за мотивација.
Има една мисла од Тагоре што е моја водилка: „Сонував дека животот треба да биде радост!“ Работев и видов дека во напорот е радоста.

Најмногу научив од руските сајтови кадешто со посебна љубов се негува техниката. Мојата ќерка, снаа и внука покажаа интерес и се надевам дека ќе имаат инспирација и дека ќе откријат нови хоризонти.
Какво е чувството кога дел од Вашата мисла преточена во рачна изработка ќе го испратите на друг крај на светот?
Здравка: Сѐ што даруваш на другите – го даруваш на себе, почнувајќи од убавиот збор, топлата насмевка. Кога даваш учиш чувства, радост, интеракција… Во таквите моменти не размислувам за туѓата среќа, живеам за тој миг и се чувствувам посебна и исполнета.

Дарувањето има вкус што можат да го почувствуваат само тие што умеат, без разлика дали даруваш на најблискиот сосед или на драга личност на другиот крај на светот.
Волнените ракотворби на Здравка Димитрова-Крстиновска можете да ги погледнете на нејзиниот Инстаграм профил.