Последен пат го видов пред осум, девет години. Слушнав дека заминал на студии во Бугарија… физиотерапија или нешто слично. Тоа беше во мода тогаш.
Емил.
Мојот кошмар.
Имав подзаборавено на него. Кога го видов како се приближува кон нашата маса, облечен во маичка со логото на ноќниот клуб, нешто силно ме пресече во градиве. Го препознав по симпатичниот нос, полукружно свиен на долу. Немам видено друг таков нос.
Кога ни се сретнаа погледите тој застана. Се заврти наоколу, видов како му даде знак на колегата да ја послужи нашата маса. Колегата му возврати со гест дека не може, убаво забележав како овој му покажа среден прст и неволно се упати накај нас.
Тој веројатно рече нешто како „Повелете, што ќе нарачате?“ ама јас слушнав „Маро, да ти го турам!“. Колегите – гости почнаа да прашуваат „Имате ова?“, „Имате она?“ и знам дека тој, трудејќи се да ми го избегне погледот, се присилуваше да им зборува нешто, само да не ми дојде и мене ред. Немо набљудувајќи, сѐ што можев да слушнам беа неговите зборови од моите сеќавања од пред скоро девет години. „Да ми го пушиш Маро“. „Дева Маријо, ај со мене, не мачи се, да си се опниме“. „Мариче, пиче, кога ќе се стискаме?“ Им ја слушнав и одвратната смеа на тие двајцата пилиштари до него, другарите, потпрени врз веспите, пушат скапи цигари, смрдлиња, и туку го силат. „Речи ѝ вака, речи ѝ така“. Се клештеа од задоволство.
Скопјаниве мои пак, му изнаредија еден куп имиња на коктели и додека да се објаснат дека ова беше ноќен клуб во град заборавен од Господ и дека имале само пиво, коњак и водка, можеби шток (ако останало), јас сѐ уште го гледав јасно во училишниот двор, како секој ден, со месеци, се изживува со мене. Класично напаствување.
„Здраво Марија. Што ќе порачаш?“ Ме праша со глас на кој не се сеќавав. Длабок, мек, смирен… Измутирал магично.
„Не знам“, му реков и се насмеав без причина, а овој мене „Ќе ми кажеш штом се вратам со пијачките. Без гајле. Помисли се.“
Имаше дупче во левиот образ кога се смееше. Никогаш го немав приметено. Може затоа што обично ми се потсмеваше. Овој пат, иако нервозно, ми се насмевна искрено. Косата му беше многу кратко потстрижена, за да не му се забележи опаѓањето. Му идеа до израз долгите трепки врз малите кафени очи.
„Не знаев дека си се вратил Емил. Се немаме видено…“
„Осум и пол години…”, со неочекувана прецизност ми одговори во еден здив.
„Во градов си сега?“ го прашав колку да не се издадам за стравот кој ми ги покори телото и умот.
„Спремам документи за Шведска“, малку засрамено, би рекла и понизно, ми одговори.
„Заминуваш и ти?“, прашав небаре зачудено.
„И ти се селиш Марија?“ Како да му подрипна духот кога ме праша за ова.
Му кажав дека алудирав на сите од нашата генерација кои веќе ги немаше во градот. Па праша каде сум била јас моментално и откако му кажав дека работам на Универзитетот во Скопје замина по пијачките. Но, се поврати веднаш, застана поблиску до мене и низ блага насмевка ми рече „Не се сомневав во тебе“.
Замина без да имам време да кажам било што. Тоа беше првата цивилизирана конверзација меѓу нас откако го познавав. Не знам како се охрабрив да му прозборам воопшто. Додека го чекав да се врати помислив на нашата последна средба. Се мислев што би можела да го прашам сега? Како да правам бош муабет со него? Дали да чепкам по минатото? Сѐ ми помина низ глава. Не можев да избегнам и да не ја премотам таа проклета школска година во главата.
Се сеќавам дека тројката по математика беше знакот дека мораше да направам нешто за да го запрам силеџијата. Не смеев да попуштам во учењето заради празноглави кецароши. Не знам дали беше храброст или глупост, не појдов да се жалам никаде, туку ги облеков најтесните фармерки што ги имав, припиена маичка со доста длабок отвор кај градите, ја пуштив долгата права коса до половина и влегов во училишниот двор. Небаре заводливо, им пријдов на натрапниците. Момците беа на вообичаеното место, покрај веспите, и збунето гледаа како им се приближувам со фрцкање. Не очекуваа дека наместо наведната глава и брзи чекори кон училницата, ќе се соочат со смелите испрчени гради на нивната жртва.
„Здраво Емил.“ Му реков треперејќи во себе, а делував смело.
„З.з.здраво Марија“, пропелтечи.
„Слободен си по часови?“
„За?“ Ноншалантно тој мене.
„За убави работи“, му намигнав заводливо.
„Не, сериозно…“, збунето ме праша.
„Може да ти кажам на само?“ Сакав да го тргнам од монструмите до него.
Емил ме потргна на страна и грубо, но со шепотење, ме праша.
„Што си наумила мори ти?“
„Па сѐ она на што ме повикуваше последниов месец. Сакам да имаме секс.“
„Ме заебаваш?“
„Не бе. Убав си. Популарен си, а од година нема да бидеш во училиштево. Плус, ете си ми запнал да ме ебеш. Да се ебеме тогаш.“
Ме гледаше со недоверба. „Што си смислила ти сега? Нешто имаш смислено. Ќе ме чека татко ти да ме тепа?“
„Ако имав смелост да зборувам со некого веќе ќе беше истепан или избркан од училиштево. Сакам секс. Или премногу барам? Да се обратам на друго место?“ Не можам да објаснам од каде ми беше таа сила за глума. Демек го провоцирам, ако не ти, ќе се најде друг.
„Ќе те земам по шести час на мотор и ќе одиме в парк“, ми рече авторитарно, баш мизогино. Си мислев, ќе земи ќе ми залепи шамар за да не помислам на глупости. Ама бев спремна и на тоа.
„Важи. Ќе те чекам, ама те молам немој да им кажеш на другарите. Речи им дека сум те замолила да не ми дофрлаш повеќе“, упорно играв улога на жртва за да не се предомисли.
Си заминав со чувство дека сум ја добила битка, но знаев дека војната продолжуваше.
Додека ме возеше на веспата мислев на планот, но во еден миг се почувствував убаво кога тој ми ги допре дланките, кои ми рече да ги држам цврсто вкрстени околу неговата половина. Небаре ме сакаше. Небаре сцена од романтичен филм. Небаре не го мразев. За момент заборавив колку многу го мразев.
Откако го најдовме најскришното место во паркот седнавме на тревата до едно раскошно дрво. Темно беше и не можев убаво да му ја видам фацата. Без увертира го зграбив неговиот патент и го стиснав млитавиот тинејџерски палавко. Емил ме фати инстинктивно за рамена и на некој начин како да сакаше да ме одбие од себе. Јас почнав да му го тријам. Тој се доближи до мене и ме погали по косата. Сакаше да ме бакне. Му се тргнав.
„Марија. Не сакаш да се бакнеме прво? Па малку мување, па… секс? Нели ти е прв пат?“
„Нема потреба од лигавења, Емил“, продолжував со глума.
„Ајде дигни го пријателов. Возрасни сме.“
„Ама…“, се бранеше тој.
„Ајде бе Емил. Нема многу време ќе ме бараат од дома,“ си продолжив како навистина да сакав секс.
Го триев брзо и почувствував како му се дигна и само десетина секунди подоцна раката ми се исполни со лигава материја.
Мртва тишина едно пет-шест минути. Не знаев како ќе реагира, но чекав.
„Те молам не кажувај за ова. Нека биде наша тајна.“ Да не беше горд ќе заплачеше од срам.
„Мислам дека е време да ме оставиш на мира. И ти и твоите дркаџии.“ Му реков заповеднички.
Без збор ме однесе дома со моторот. Не ме допре за рацете, не ми рече ни пријатно.
Откако заврши учебната година никогаш повеќе не го видов. Ме прогонуваше како кошмар, но и ми беше круна за добиената битка. Меѓутоа го мразев, уште долго време го мразев. Најмногу мразев што моето прво сеќавање за сексот беше одбранбена техника, наместо уживање. И кога навистина имав секс за прв пат, не можев да не помислам на него. Често го бркав од мислите за време на секс, но тој се враќаше од време навреме за да ме потсети на таа ноќ.
Пијачките ги донесе другиот келнер. Ми олесна што не се врати, иако…ме копкаше зошто избега.
Беше рано, но колегите требаше да тргнат со кола за Скопје. Откако ги испратив до колата слушнав како некој ми довикува.
„Марија! Марија!“
Се стаписав. Потпрен на Хонда од 500 кубици со кацигата во рака ми даде знак да му се приближам. Толку секси момент сум немала никогаш. Истовремено ме полеа ладен туш, ама не покажав дека му се плашев. Додека се приближував намерно го фрцкав дебелиов задник, небаре се чувствував убаво во ова тело. Ама немаше да му дозволам да знае дека ме стегаа фармерките.
„Да те носам на едно место? На нашето место“, ми предложи наместо објаснување.
„Не сум повеќе храбра како во средно Емил. Не можам туку така да се качам на мотор и да ти дозволам да ме носиш кај што сакаш. А и немам зошто да си го ризикувам животот со тебе веќе“, не знам зошто намерно ги кажав овие зборови на слабост.
„Марија. Ме познаваш многу повеќе од тоа што си признаваш. Никогаш не би те повредил намерно. Никогаш повеќе. Ни треба помирување.“
Не се сеќавам со кои зборови ме убеди да се качам на дивиот мотор. Знам само дека кога ми ги допре дланките додека возеше ме полазија морници. Можеби навистина одбив да ги читам знаците. Тој беше глупав тинејџер. Заљубен, можеби? Не го научиле подобро. Се трудев да му најдам оправдување. Ама беше мојот кошмар. Од таа вина не можев да го ослободам.
Ме однесе зад истото дрво во паркот. Ноќта беше нетипично топла за тоа време од мај. Беше пуста тишина. Можеше слободно да ме задави и никој да не дознае.
Зборувавме за нашите животи. Беше извонредно лесно да се разговара со него. Бев изненадена од неговото созревање. А уште повеќе од тоа што направил со своето тело. Не пушеше, изгледаше навежбано и здраво и зборуваше како вистински маж. Ми зборуваше за сопствениот пат кон таа еволуција. Многу подоцна размислував за тој разговор и сфатив таа вечер се смеев од срце на секоја трета реченица со него.
„Сме фатиле поинакви правци, Емил“, му реков во еден момент.
„Не те разбирам, Марија.“
Секој пат кога ми го изговараше името ми зазвучуваше како молитва. Заради него си го мразев името долго време, а сега, одеднаш звучеше боженствено.
„Ти не изгледаш веќе како празноглав силеџија. Си ги откажал цигарите. Си вложил во себе. Јас си ги пополнив бутовите, пушам, имав и време да експериментирам во сексот (да ти кажам искрено, имам и секс-другар во Скопје). Ама, да не ми беше кариерата, веројатно би можела да кажам со сигурност дека сум се изгубила по патот. Ти, ти сега изгледаш најдено, невино, а кај мене ….како да не остана трага од таа честитост.“
Ме прекина со бакнеж. Бакнуваше филмски. Ми се накострежија сите влакна на телото.
„Моја Марија. Мило ми е што си оваа жена која си. Сите промени се твои. Поседувај си ги љубоморно. Единствено драго ми е што од сите промени не си ја скратила косата.“
„Моја? Твоја Марија?“ Не издржав да не прашам саркастично.
„Моја. Моја Марија, моја клетво. Твоите килограми, сексуални експерименти, цигари можат само да го разбудат дивјакот во мене. Ама и под таа дива маска и вака без штитник, ти ќе бидеш мојата слабост. Знам дека ќе те налутам, но мора да ти кажам дека и јас излегов од таа приказна со траума. Растев во мачо свет во кој требаше да покажам дека сум грубјанин за да одржам рејтинг. И така те загубив пред да те добијам. Сѐ уште ме боли што не ми дозволи да те бакнам. Не сакав да имам секс со тебе таа вечер. Јас бев исплашено детиште, а ти моја симпатија. Сакав да ти се извинам. Да ти кажам дека ми се допаѓаш. Не ми дозволи. И јас те мразев после онаа ноќ. Најмногу затоа што не сакаше да разбереш дека мојата опсесија отсекогаш беше ти. Не знаев како не гледаше колку те сакав?“
„Значи треба тебе да те жалиме сега?“, повишив тон.
„Не, илјада пати ќе се извинам за штетата што сум ја направил. Но, и ти го уништи мојот прв секс. Знам дека си заслужив, ама…ама.. јас сум денес подобар човек поради тебе.“ Скоро го расплакав.
Ми се допадна што го видов така кршлив. Ранливоста го правеше уште понеодолив. Тогаш го бакнав јас. Не мислев веќе на нашата војна. Сакав помирување. Ми рече дека моите задебелени бедра го разбудуваа дивјакот во него… сакав да го пробам отровот, а да го љубам рафинираниот шеќер.
Рацете му беа меки како душа. Ме бакнуваше долго. Никој ме немаше бакнувано толку долго. Започна да ме допира со масерска деликатност. Ми ги разгоруваше пламенчињата во секое заспано каминче. Тој ме бакнуваше во задниот дел од вратот, а јас чувствував струење во цервиксот. Си ја слече маичката и ја стави врз тревата. Му помогнав да ми го откопча корсетот и кога оклопот ми ги ослободи градите гладните усни веднаш им се нафрлија, постилајќи ме на земја. Од време на време си мислев на тоа колку бев среќна што еден ваков пастув бревташе по моите XXL облини. Предиграта ни траеше цела една вечност. Ама тој како да сакаше да надомести и да покаже дека излегол целосно од телото и умот на тинејџерското ѓубре… ме масираше и љубеше небаре сликаше врз мене.
Не можев да го чекам веќе…и му го откопчав патентот. Се исправив на колена и му го ставив кондомот со уста. Не знам што сакав да постигнам со тоа. Му се допадна, но знаев дека се плашеше од демоните од минатото и повторно ме врати назад врз меката трева.
„Само биди ти Марија. Не сакам да ме импресионираш. Тоа ти успеа уште пред десет години. Да ги избришеме проклетите лоши зборови вечерва.“
Не сакав да дебатирам. Кога го примив во себе и го имав толку блиску помислував дека можеби имаше друг начин за нас? Што ако навистина, јас бев таа која ја уби нашата можност да бидеме заедно? Во тој миг ми се допаѓаше толку многу, што не знаев дали мојата омраза била само глупава незрела реакција.
Беше длабоко во мене кога ме подигна и ме заврти така што јас се најдов врз него. Јавав сѐ погласно. Пастувот немаше да сврши без мене. Тоа беше разграничено со самото доаѓање тука на поправен испит. Ме притискаше со рацете за задникот врз својата пелвична коска и во еден миг триењето кулминира со заеднички крик.
Не сакав да излезе од мене. Стоевме така глава до глава додека да си ги стабилизираме дишењата. Ме бакна неколку пати во чело. Ме галеше по косата. Се мразев поради чувството на љубов кое ми надојде во тој миг. Сексот беше добар, ама не беше до тоа. Беше повеќе од секс. Знаев дека тенката линијата што ја делеше омразата која ја чувствував кон него се избриша за да влезе љубовта. Но, не бев спремна да ја изгубам војната сега, после толку време.
На крај запалив цигара колку да одолговлечам да си заминеме. Сакав да ја вратам тензичноста.
„Ова беше убаво. Ете сега може да бидеш мирен. Немам со што да те уценувам. Си станал извонреден љубовник“, му реков, а тој продолжи со нежност.
„Те мразев. Те сакав. Те мразев затоа што те сакав…“, ми зборуваше со главата потпрена врз моето рамо.
Јас си чадев од цигарата.
„Ете сега имаш затворање на случајов,“ упорно сакав да делувам храбро.
„Имам? Сега кога ми остана само да те сакам?“ Ме притисна во прегратката посилно.
За прв пат навистина се прашав себе си, искрено, без изговори… зошто појдов сама со него онаа вечер? Што ме спречуваше да им се пожалам на класната или директорот, на моите дома, брат ми? Секој ден се будам со ова прашање.
Ми се гади од помислата дека масира плави секси Швеѓанки. Не сакам да го дели неговиот алат со никоја. Беше прво мој. Тортура ми е тоа што сум јас тука, а тој повторно исчезна на север. Овој пат ми ја уби и омразата пред да замине. Што ми остави? Љубов? Што треба да правам јас сега со неа?
„Што те запира да го побараш?“
„Беше полесно додека водев јас. Сега сум јас таа која ја изгуби последната битка. Ама претпоставувам дека некои војни траат вечно?“
„Да оставиме за следната сесија, Марија. Мислам дека имавме „пробивање“ денес. Имаме прогрес. Идниот петок во исто време?“
„Петок во исто време, докторе.“
Зоја Везилка
Авторот е познат на редакцијата