Игор невообичаено долго се задржа на страницата за економија од весникот, а таа нервозно и со брзање ja сецкаше краставицата, како животот да ѝ зависеше од шопската салата. Одеднаш ѝ бликна крв од левиот показалец и прокапи на даската. Дури тогаш почувствува болка и почна да пцуе. Додека заедно се трудеа да го санираат прстот со ханзаплас таа размислуваше на друга тема. Зошто не ѝ протече крв кога требаше во кревет, сношти? Зарем поради гимнастиката која ја практикуваше од мала? Или можеби од повредата на седум годишна возраст, кога падна врз железната преграда на нишалки? Толку години чување за вистинскиот, за ова? Игор сигурно не ѝ веруваше дека ѝ беше прв пат како што таа му имаше кажано. Колку само се гордееше со тоа што ја имаше најпопуларната типка во град, која се дочува и до дваесет и првата година, само за него. А можеби тој не беше воопшто разочаран? Впрочем, Игор важеше за модерен и прогресивен тип и не беше по религијата. Зарем му беа важни тие патријархални глупости за девици и чест?
Денот беше дефинитивно упропастен. Со свежа рана на прстот немаше намера да плива во тињата од повлеченото езеро. Но, Асамати беше толку досадно место што на крај не им преостана друго освен да пробаат повторно. Овој пат, онака како што таа гледаше во филмовите, му се качи смело и со дланката си го намести „пред голот”. Почувствува како ја пробива и како ѝ открива длабочини за кои не знаеше дека ги поседува. Конечно, крв! Додека таа збунето ја анализираше густата течност врз неговиот орган тој се насмеа, за прв пат тој ден.
Изгледаше дека нивниот сексуален живот е нормален. Понекогаш дури и гледаа еротски филмови заедно за да се возбудуваат и да учат. Но, се чинеше дека тоа што тој беше убав како Аполон и што издржуваше како коњ во трка не ѝ помогна да го доживее тој фамозен оргазам за кој толку се пишуваше и зборуваше. Мора да беше поради повредата. Проклети нишалки! Понекогаш разговараа за тоа. Тој сакаше да знае како можеше да се подобрат шансите за нејзин оргазам. Беше убеден дека нешто не беше во ред со неа и, како сите добри дечковци, се трудеше да го реши проблемот. Дали беше до позата? Повеќе прст и јазик? Пробаа сѐ, но тоа само ја натера да глуми оргазам почесто од порано. Неговото нервозно дишење, кога немаше изгледи дека климаксот ќе се случи, ја доведуваше до очај. Не сакаше да му ја посрами машкоста. Затоа научи да глуми подобро и од порно ѕвездите.
Не беше ниту пијана, ниту посебно разочарана, денот кога го бакна Виктор. Беа стари познаници кои се претвораа во добри другари. Отсекогаш се симпатизираа по малку, но никогаш не се осмелија за повеќе од долги прегратки под превезот на некое лесно пијанство. Најомилена тема на разговор им беше космосот, но никако не влегуваа во клише на лигаво симнување ѕвезди. Овој пат смело го бакна иако не знаеше што да очекува од тој бакнеж и не знаеше дали нејзината самоувереност беше оправдана. Почнаа сѐ почесто да се договараат за кафе. На испраќање, ќе се стиснеа под некој балкон во близина на нејзината куќа, та како тинејџери ќе се бакнуваа страсно и скришно. Кога ќе ѝ ги допреше градите преку облеката, се возбудуваше до горење. Тогаш таа најчесто му се откраднуваше од стисокот и со далечен воздушен бакнеж се збогуваше од него за таа вечер.
Цела една година помина во овој двоен живот. Кога водеше љубов со Игор мислеше на Виктор, но со него не одеше многу подалеку од тинејџерско мување. Премолчено и двајцата знаеја дека нивното беше магично, зашто беше тајно и дека така требаше и да остане. Не им кажа на другарките за да ја зачува енигмата на врската која беше нејзината запалка на фантазија. Виктор знаеше дека таа имаше амбиции да студира во странство и не сакаше да се лаже себе си дека дури и кога би му ја украл на Игор би можеле да бидат заедно. Таа пак, убедена дека е фригидна, ја колнеше нишалката. Како беше можно да не успее да доживее оргазам кога Игор ја допираше на сите вистински места? Не сакаше да проба и со Виктор. Не сакаше да се разочарува и срами дополнително.
Тој врнежлив ден се сретнаа во центар, но пред да влезат во нивното кафуле, Виктор ја стисна за рака и ја повлече назад. „Денес имам поинаков план“, ѝ рече.
Заминаа кај него дома иако по пат имаше колебање и мало препирање. Дотогаш никогаш не одеа до крај, затоа што им се допаѓаше инфантилноста на нивниот однос. Секогаш беа заедно во јавност и немаше ништо спорно, освен кога се стискаа во приквечерините под нечиј балкон, обидувајќи се да стенкаат потивко за да не привлечат внимание. Таа немаше ни трошка грижа на совест за тоа што го правеше со Виктор, а сепак не се осмелуваше да земе повеќе од гревот. Ѝ се допаѓаше неговиот смисол за хумор и тоа што тој ја ословуваше со милни имиња: секогаш оригинални и звучеа природно. Некогаш ги вадеше од акциони стрипови па ѝ ги објаснуваше, некогаш од цртани филмови или сам ги измислуваше. Понекогаш го издаваше оросеното чело за тоа колку беше заљубен и колку ја имаше ставено на пиедестал. Таа беше неговата слатка тајна.
Откако ја затвори влезната врата и ѝ дозволи да си ги соблече чевлите ја зграби за задникот и потпирајќи ја врз своите колкови со раширени нозе ја затвори вратата со нејзиниот грб. Почна да ја бакнува по вратот и ја расоблекуваше вешто како отсекогаш да го правеле тоа. Таа немо го оставаше да ја води. Завршија разголени на креветот во собата кој мирисаше на прашок од камилица. Беа голи пред да се освестат, но тогаш играта забави. Како и двајцата да се присетија на улогата на оваа игра во нивните животи. За првпат таа почувствува дека не се работи само за секс. Тој ја бакнуваше со љубов во очите, не тргајќи ги од нејзините и ја стави врз себе, така гола, топла и мила. Од време на време престануваше да ја бакнува само за да може да ја гледа и да ѝ се восхитува. Нејзината кратка свилена коса, красејќи ја таа убава глава со насмевка на ангел, никогаш му се немаше видено поженствена.
Ја фати нежно за колковите на што таа инстинктивно се помести. „Не влегувам во тебе. Верувај ми. Гали се со мене“, ѝ рече. „Не мисли на ништо освен на нас, сега и овде. Ова е толку скапоцено. Го имаме целото време на светот”, ја потсети шепотејќи. Таа му ги гризна усните и се триеше од него, бавно и влажно како тој врнежлив ден што засекогаш ќе ѝ остане во сеќавање. Ритамот на дишење и звукот од дождот се мешаа и од време на време се чувствуваше свежината на камилицата под нив. Ова бакнување, триење, нишкање како да траеше неописливо долго. Неговите дланки по нејзината кожа само ја опуштаа. Знаејќи дека не брзаше никаде, дека тој немаше да ја напушти или да ја потсети на нејзината импотентност, таа целосно му се препушти и се изгуби во нејзиниот прв оргазам. Топол бран проследен од пецкање и пелвична треска ја разбуди од сонот во кој уживаше.
„Не знам што би дал за да те гледам вака секој ден“, ѝ рече Виктор. „Ни се излади кафето” ѝ се насмевна и ја бакна милувајќи ја по образот. „Ќе направиме ново“, прошепоте таа пред тој да продре длабоко во неа. Откако и тој достигна екстаза, останаа да лежат држејќи се за рака, немо, а така гласно задоволни.
Таа не му се јави уште еднаш. Сега кога знаеше дека беше излечена се обиде да го направи истото со Игор. Беше нејзина морална задача да даде сѐ од себе за да им успее. Тоа и го правеше. Ќе почнеше да се трие од него, но тој штом ќе забележеше дека ѝ беше убаво веднаш ќе ѝ го ставеше длабоко. Кога таа ќе се обидеше да го извади и да ја продолжи предиграта тој, мислејќи дека е дел од нејзината игра, вели не а мисли да, повторно ќе ѝ го втурнеше гледајќи ја со поглед кој велеше дека ја прочитал. Кога ќе се обидеше орално да ја задоволува ќе му дадеше знаци, но попусто, некако како да им се разидуваа игрите. Неговата брзоплета енергија ја вознемируваше. Како секогаш да немаше време за нешто. Како секогаш да му се брзаше.
Тоа утро Игор ја начека неспремна. Таа ги стисна нозете, не сакаше веднаш. „Ајде срце еден брзински утрово. Те молам.” Тој влезе во неа на суво. Таа помисли на Виктор и се навлажни колку да не ја боли. Игор веќе ја јаваше брзо и диво. Градите ѝ се плескаа горе долу и правеа звук кој остана да ја мачи и откако Игор ја затвори вратата и замина под туш. Тогаш таа си ги погали градите како да сакаше да им се извини за ова насилство и неразмислувајќи за својата моторика се улови себе си како се допира и гали сѐ додека раката не ѝ појде во меѓуножјето. Започна да се гали таму со истата леснотија со која се галеше кога беше со Виктор. Болка и задоволство ја боцкаа по телото. Уживањето на крајот прсна во топла експлозија. Игор влезе кога таа задоволно се смешкаше гледајќи во таванот. „Мислам дека треба да раскинеме”, му рече без увертира.
Со Виктор се разделија кога таа замина за Германија. Дотогаш, емулзија на мирисот на камилица и на нивните телесни сокови секојдневно оставаа траги врз неговата постела. Виктор беше среќен што испраќаше една исполнета жена. Жена која сега знаеше да си го побара тоа што го заслужуваше. Затоа што за него секогаш беше најважно она што таа сакаше. Таа беше неговото мало девојче кое се избори со стравот од нишалки.
Зоја Везилка