ИнтервјуаНие низ светот

Ивана Р:„Посакувам да ги знаев сите позитивни работи за Шведска и да се преселев порано“

Интервју со Ивана Р, одделенска наставничка од Малме, Шведска

Везилка Магазин

Кога желбата за поинакво, посреќно и подобро утре не те напушта и после вториот обид за живот надвор од Македонија, тогаш си сигурен дека истата е доволно искрена и голема и дека ќе биде силна да издржи секаква препрека, било каде во светот.

Ивана одреден период живеела во Грција и Германија, но личната среќа и внатрешен мир ги пронашла во Малме, Шведска, кога пред скоро 4 години се преселила од Македонија. Изненадена од едноставноста и ненаметливоста на Швеѓаните, оваа прекрасна девојка решила дека токму оваа земја ги исполнува сите нејзини стандарди и дека токму тука треба да биде нејзиниот дом.

Знаејќи низ какви сѐ препреки, проблеми и недоумици поминала како новодојденец во Шведска, пред 3 години ја оформила Фејсбук групата ,,Македонски амбасадори во Шведска” , а потоа и непрофитната организација Света Ана, преку кои сака на секој оној кој ќе тргне по патот на преселба во таа земја, да му даде колку е можно повеќе информации, совети и насоки со цел да им помогне и скрати времето на адаптација, собирање документи и барање работа.

 

 

Што ја натера 27 годишната Ивана да ја напушти Македонија и да започне нов живот во Шведска?

 

– Прв пат заминав 2014 година во Германија. Имав 25 години.

Зошто заминав? Хмм…барав подобар живот, барав да се пронајдам себе си во некое друго опшество.

Исто како и повеќето млади кои си одат, незадоволна од она што се случува околу мене. Кога човек не е исполнет од тоа што го работи и животот што го живее, бара секаков начин за излез од таа некомфорна зона. Па така и јас. Како давеник кој се фаќа за сламка и се надева дека ќе се спаси, такви беа и моите надежи.

 

 

Го спакував целиот мој живот во два куфера и тргнав во потрага по нешто ново. Нешто што ќе ме исполни, нешто со што ќе бидам задоволна. Сакав подобар и поквалитетен живот. Барав ментален склоп кој му одговара на мојот. Барав да се пронајдам самата себе, онаму каде припаѓам. И се пронајдов. Шведска е една прекрасна држава која нуди многу, а на нас останува колку ќе искористиме од тоа.

 

 

Средно медицинско, Природно – математички факултет, работа во Германија, работа во Грција, за на крај да биде одделенски наставник во Малме. Колку беше лесно да се направат сите овие адаптации?

 

– Јас сум лесно прилагодлива личност, тоа не ми претставува никаков проблем. Упорноста и амбицијата се моите водилки во животот. Отсекогаш знаев дека не се пронаоѓам себе си во Македонија и дека ќе дојде денот да ги спакувам куферите и да заминам.

Од „шалтерот не работи“, гужви и „паднат е системот“ ми се имаше смачено. Мали некои работи, ама ти го прават денот неубав и тоа трае со недели, години. И на крај стануваш несреќна личност. Тогаш решив да превземам нешто и си ветив на самата себе дека морам да бидам среќна…

 

 

Незадоволна од она што те опкружуваше, решаваш „да се фатиш како давеник за сламка“ и со два куфера да го направиш првиот чекор кон новата Ти. Што беше најтешко во овој процес?

 

– Најтешкото, како и кај повеќето, е визниот режим, фактот дека треба да се почне од нула, жртвата која се дава на секој нов почеток и јазикот кој не се познава. Мислам дека ова се трите најтешки работи со кои се соочува секој кој се одлучува да замине.

 

Heidelberg, Germany

 

Гледајќи ретроспективно од денешен аспект, дали мислиш дека средината во Македонија не беше наклонета кон твојот развој или ти едноставно не беше спремна за тоа во тој момент? Дали Германија и Грција ти донесоа раст каков што посакуваше?

 

– Во Македонија не бев доволно ценета, мојот труд и талент не беа вреднувани доволно. Опшеството не ми нудеше шанса за напредок. Не можев да најдам работа по струка, не можев да се реализирам себе си, да постигнам личен развој. Животот во странство ми даваше надеж дека моите квалитети конечно ќе бидат препознаени и ќе можат да дојдат до израз.

 

Heidelberg, Germany

 

Мислам дека средината во која живеев не беше наклонета кон мене. Ми сметаше ,,животот на титули” вредиш толку колку што ти е титулата. А животот не е титула, тоа е само лечење на комплекси. Овде научив да го живеам нивното ,,lagom” што значи умерено, ни премногу, ни премалку, таман…

Германија и Грција не ми пружија некој голем развој бидејќи кратко време бев таму, можеби и не си дадов шанса на самата себе да останам и пробам еден подолг период.

 

Лефкада, Грција

 

Што те изненади позитивно при првото пристигнување во Шведска, а на што се уште не можеш да се навикнеш?

 

– Позитивно бев изненадена од нивната култура, трпеливост, љубезност, флексибилност, емпатија, рамноправност. Шведска е прва земја во Европа по рамноправност меѓу половите. Овде се сите на ,,Ти”, никој не се персира и сите сме исти. Се избегнува хиерархија.

Позитивно бев изненадена од мојата шефица кога еднаш ми рече ,,Ивана ќе можеш ли да ми помогнеш”, кога ја прашав што треба да помогнам видов дека уствари тоа е мојата работна обврска, а не нејзина. Но и покрај тоа, таа ми се обрати на еден, многу чуден за нас Балканците, културен начин. Ние сме научени некој да ни шефува, а не културно да нѐ замолува.

 

Малме, Шведска

 

Бев изненадена од тоа што овде е популарно сите да се рекреираат без обзир на годините, често може да се види како луѓето трчаат без разлика на временските услови, на дожд, снег и ветар, некои од нив и со бебешки колички.  Внимателно уредени велосипедски патеки и културни возачи кои се многу внимателни.

Бесплатното образование и храна во училиштата беше уште еден показател дека Шведска не е обична држава.  Овде не е чудно и ако студираш во твоите педесетти години од животот.

Здравата животна средина, сортирањето на ѓубре, чистиот воздух и вода и топлите лета беа вистински погодок за мене и немаше опција, а да не ја засакам оваа држава.

 

Малме, Шведска

 

Уште не можам да се навикнам на нивната радост за петок. Штом дојде петок, сите се расположени и весели, се радуваат на последниот работен ден од неделата. Петок и сабота им се денови за алкохол.

 

Велиш Шведска е земја на можности, само треба правилно да се побараат и искористат, заради што и перд 3 години ја создаде, заедно со твојата соработничка Благица, Фејсбук групата „Македонски амбасадори во Шведска“. Тргнувајќи од лично искуство, што е она што би сакала да го знаеш ПРЕД да се преселиш во Малме?

 

– Шведска е една прекрасна држава која нуди многу. Обично така им велам на новите кои доаѓаат и почнуваат од нула, па најдени во една тешка ситуација бараат помош во нашата група ,,Македонски амбасадори во Шведска”. Групата ја оформивме со Благица, откако сфативме дека ни треба некое средство за помош на нашите новодојденци, но и на тие кои веќе живеат тука, а се во потреба од некој совет или помош. Ни требаше место каде културно ќе се дебатира, советува и помага.

 

Малме, Шведска

 

Во слободното време сум посветена на групата и нејзините членови. Тоа го правам од љубов, за да помогнам колку можам и како можам. Знам колку ми беше тешко на почетокот кога дојдов овде сама и немав кој да ме упати и да ми даде совет.

Посакувам да ги знаев сите позитивни работи за Шведска и да се преселев порано.

 

Според тебе, анализирајќи ги податоците преку групата, кои се најголемите проблеми (институционални, физички, психички, социјални) со кои се соочуваат нашите иселеници кои за прв пат се селат во Шведска?

 

– Ако судам по поставените прашања, тоа се институциите и како да се заврши некоја работа таму, кој формулар да се пополни и колку време се чека на одлука. Потрагата по нова работа е исто често поставувано прашање, како до стан и како до побрзо учење на шведскиот јазик.

 

Малме, Шведска

 

Во чие друштво уживаш целосно?

 

– Не е воопшто лесно да се живее далеку од семејството и пријателите. Животот во оваа земја целосно ме промени. Ме натера да се преиспитам себеси и ме научи да уживам во сопственото друштво.

 

Колку е љубовта важна во твоето секојдневие и што те фасцинира кај еден маж?

 

– Љубовта е мојот двигател. Па зарем некој може да живее без љубов? Јас секојдневно примам љубов од моите ученици. Така работниот ден е полесен. А кај мажите… Кај нив ме фасцинира кога се самостојни, скромни и знаат да ценат и почитуваат жена. Да пружат помош и поддршка кога треба, како и имањето доза хумор. Не ги сакам оние кои едноставното го прават комплицирано.

 

Малме, Шведска

 

Живеејќи на повеќе места низ светот и запознавајќи луѓе од сите нации и возрасти, какви можеш со сигурност да кажеш дека избегнуваш и каде ти беше најтешко да создадеш нови пријателства?

 

– Бегам од луѓето кои се досадни, завидливи и зајадливи. Луѓе кои не знаат да дадат поддршка, туку само критика и негативизам. Најтешко ми беше во Грција. Таму секојдневно се будев со моето мото ,,Борбата е тешка, но ние мораме да победиме”

 

Лефкада, Грција

 

Колку те исполнува работата со деца, со оглед на фактот дека за прв пат почна да го работиш како одделенски наставник во Малме?

 

– Работам со деца и си ја сакам професијата многу. Понекогаш знае да биде напорно, бидејќи секое дете си сака внимание, но доволна е една детска прегратка и се заборава сѐ. Често од нив добивам писменца или испишано на таблата ,,Ти си најдобрата наставничка”. Тоа ми ја грее душата, ми дава сила за секој нов предизвик.

 

 

Имам ученици на кои денот во училиште не им почнува без утринска прегратка, а морам да признаам и мојот ден е поубав со нив.

 

 

Македонија е запишана некаде длабоко во секој од нас. Ја носиме со себе и свесно и потсвесно. Како стапуваш во контакт со Македонката во тебе и што најчесто правиш за да ја одржиш таа врска?

 

– Мислам дека наједноставен начин да се одржи Македонката во себе е човек ќе си зготви вкусно тавче гравче, сарма или мусака. Па кој може да одолее на тоа?

 

 

Си пуштам македонска музика и го ставам шпоретот во акција..хахаха

 

 

Гледаш ли своја иднина во Македонија пак?

 

– Искрено, не би се вратила во Македонија знаејќи колку треба да напредне како држава. Не сакам цел овој труд вложен овде да го фрлам во вода и да се вратам назад и почнам пак од почеток.  Засега не гледам нешто што би ме убедило да се вратам.

 

Св. Јоаким Осоговски, Крива Паланка
Везилка Магазин