ИнтервјуаНие низ светот

Иван Тренев: „Грац ми помага да си го живеам сонот“

Интервју со штипјанецот Иван Тренев од Австрија

Photo by Lucia Novak
Везилка Магазин

Од Штип до Грац се стигнува за околу 10 часа со автомобил или за само 27 години со хармоника. Иван Тренев, преку црно белата магија на овој инструмент успеал да се вгнезди во aвстрискиот град. Својата магија ја создава во местото кое срдечно ги отвори вратите за младиот штипјанец.

За младоста, патешествието и најмногу за музиката раскажува во ова интервју за „Везилка“.

 

На 27 години повеќето млади се уште се бараат себеси во општеството. Ти, се чини, за твоите години успеа да создадеш свој свет во две општества. Очигледно дека музиката ти ја даде насоката, но кога и како се случи првата љубов со нотите?

 

Првиот контакт со музиката е заслуга на мојата мајка, која што инсистираше да почнам со музичко образование надвор од редовната училишна програма. Јас во прв план се противев и имав некоја одбивност во врска со таа идеја. Но се случи како што се случи, отидов на приемен и на мое изненадување ме примија и почнав…

Дојде првиот час, кога за домашна задача имавме да напишеме една страница виолински клучеви. Поради некоја чудна причина, пишувањето виолински клучеви толку ме исполнуваше, што на крај напишав 3 страници ? Потоа на изненадување на моите родители, се одлучив за хармониката и еве ме сега некои 20тина години покасно, сѐ уште си стојам до тој избор и сум бескрајно благодарен на мојата мајка, што ме однесе и запиша во музичкото училиште во Штип.

 

Reithofer Media

 

Кога Штип стана претесен за твојата музичка визија и како се случи изборот да биде Грац, Австрија?

 

Па сѐ тоа одеше постепено, кога добро ќе размислам. Прво почнав да учествувам на национални натпревари, потоа интернационални, да освојувам награди, да свирам концерти и некако студирањето во странство се подразбираше, а Австрија подолго време беше моја желба.

Кај инструменталистите, изборот на факултет најчесто се базира на изборот на професор. Така и во мојот случај, изборот на професор беше пресуден за локацијата. Е сега, сето тоа не е еднонасочна улица, што значи дека и јас треба да бидам избран од професорот. За среќа, сѐ помина како што треба. Ме примија и еве после едни завршени, се наоѓам во првата година на вторите магистерски студии.

 

Заменик-претседател си на студентската унија на универзитетот за музика и драмски уметности во Грац. Колку младите имаат моќ да го менуваат општеството во Австрија? Свесни ли се студентите за креирањето политики и создавање на услови за подобра иднина?

 

Одговорот е ДА! Првото нешто на универзитетот, што веднаш ме фасцинираше, беше активноста на студентската унија. За сите мои прашања, тие имаа одговори. Секако, почетокот никогаш не е лесен, но во секој случај е поинаку, кога човек има таква институција на своја страна.

 

photo by Lucia Novak

 

Студентската унија во Австрија е заштитена со закон. Секој студент е член во неа и секој универзитет или високо-образовна институција има своја студентска унија. Во секој орган на универзитетот, релевантен за студентите има претставници на унијата. Во сенатот, курикуларните комисии, во комисиите за избор на професори итн. има претставници на студентската унија. Студентите се вклучени во секој сегмент, релевантен за нив  и активно придонесуваат за подобро образование, подобри услови, понатамошен развој и секако подобра иднина.

Кога на тоа ќе додадеме дека сите студентски унии во Австрија се здружени во сојузната Студентска унија со седиште во Виена, со што е воспоставено перфектно тло за размена на искуства и соработка, тогаш можеме со сигурност да кажеме дека Студентската унија во Австрија активно зема учество во креирањето на високо-образовната политика на  Австрија.

 

Велат, секој професор остава траг во кариерата на својот ученик. Ти си работел со многу светски познати имиња. Кој и како ти помогнал за сигурен допир на црно белите копчиња кои те носат далеку во светот на музиката?

 

Би било многу неблагодарно од моја страна доколку издвојам една личност. Имав чест, задоволство и среќа низ годините да работам со многу добри хармоникаши и од сите нив научив многу!

 

photo by Lucia Novak

 

Секако темелите беа поставени во ДМУЦ „Сергеј Михајлов„ – Штип во класата на проф. Тони Лазаров, потоа интензивно работев со Јовица Џорџевич, кој живее и работи во Виена, а за време на моето високо образование во Грац моето уметничко знаење го надградив во класите на проф. Јане Ратуа, проф. Нико Кумпувара и проф. Георг Шулц. Сите тие на свој начин допринесоа, јас да бидам тоа што сум денес. И за тоа сум им бескрајно благодарен.

 

Наградуван си и на домашни натпревари (во Македонија) и на интернационални. Колку ваквите признанија се значајни за еден млад музичар кој премостува планини со нотите? Отвораат ли „железни порти“?

 

Па натпреварите се многу важни искуства, кои според мене би требало да бидат дел од кариерата на секој уметник. Тоа се настани каде што има голема концентрација на врвни музичари и со самото тоа претставуваат огромна можност за запознавање и размена на искуства.

 

 

А за „железните порти„…па мислам дека искуството на сцената, свирењето под „притисок„ како и дружењето со останатите учесници за време на натпреварите се многу повредни од самата награда. Сепак, одлуката за тоа кој ќе победи се базира на субјективното мислење на членовите на комисијата. Но, во секој случај, натпреварите се една добра „отскочна даска“ за понатамошниот развој на секој уметник.

 

Работиш како фриленсер на своја соло кариера, но активен си и во групи. Што најмногу те исполнува? Кога се чувствуваш свој и ја чувствуваш својата креативност најмногу?

 

Тешко е да се одвои еден проект, кога човек си ја сака работата. Енергијата е различна кога сум сам на бината или со уште 8 колеги, кога свирам или сум дел од некој перформанс. Но, секоја ситуација си има своја убавина и пружа различни можности за креативност.

 

 

 

Грев е млад музичар на 27 години да не се праша за идни планови и за сон. Кој е твојот?

 

Па моментално се концентрирам на постдипломските студии. Се радувам на следната година и новите проекти што таа ги носи! Секако, доколку Ковид-19 го дозволи тоа. Хаха.. Мојот сон отсекогаш бил и сѐ уште е, да бидам уметник, да творам и да допринесам за развојот на уметноста. Па се надевам и дека еден ден тој мој „идеал“ ќе стане јаве.

Ви благодарам многу што ми дозволивте низ овие неколку прашања да се претставам пред Вашата публика и да споделам некои аспекти од мојот живот надвор од Македонија. Останете дома, носете маски и се надевам ќе се видиме наскоро на некој концерт во живо!

 

 

Везилка Магазин