Иван Карас Јовановски е човекот кој беше дел од стручниот штаб на македонската фудбалска репрезентација и кој со истата доживеа исполнување на својот сон – да биде дел од едно Европско првенство!
Овој страствен вљубеник во спортот дипломирал со највисок просек во својата генерација на отсекот фудбал, а подоцна запишал магистратура по кинезиологија во Скопје. Пред 17 години за прв пат станал дел од клупскиот фудбал во Македонија, а од 2016 беше дел од македонската репрезентација како кондициски тренер. Својата интернационална кариера ја започна во 2010 година, кога стана дел од софиската ЦСКА. Од тогаш својот живот го живее надвор од Македонија, истовремено менаџирајќи го и својот бренд Karas4Training.
Денес Иван се наоѓа во Екатеринбург, четврт град по големина во Русија, и е дел од рускиот премиер лигаш ФК Урал. Во интервјуто за Везилка ни откри како се движеше неговиот професионален и приватен живот низ годините поминати надвор од Македонија.
Да започнеме од денес, па да се навратиме наназад: Што значеше за тебе фактот дека си дел од македонската фудбалска репрезентација кога таа за прв пат се пласира на Европско првенство?
Иван: Македонскиот спорт долго време чекаше историски момент каков што е пласманот на Европско првенство во фудбал. Со пласирањето на европскиот шампионат во 2020 година се затвори и последната отворена страница во редицата на успеси во групниот спорт во Македонија..
Практично Македонија има настапувано во завршни фази со сениорските тимови во сите групни спортови кои имаат поголема традиција кај нас: ракомет, кошарка, одбојка, но заради исклучително тешката конкуренција и системот на квалификации за влез во финална фаза на европско или светско натпреварување во фудбал беше, но и тоа се оствари.
Оваа генерација покажа заби уште во квалификациите коишто ѝ претходеа на Лигата на нации, каде го освои тогаш историското трето место, пред Словенија и Израел. Фактот дека заедно со Хрватска бевме единствените балкански преставници говори за уникатноста на моментот.
Специфичноста заради ковид пандемијата и исклучително тешката квалификациска година со многу неизвесност ја направи состојбата подраматична, во исчекување на одложеното финале во лигата на нации против Грузија.
Од личен аспект и од тренерска позиција можам да кажам дека се чуствувам исполнето и гордо што припаѓам на тимот кој го оствари тој огромен успех за нашиот спорт. Пред сѐ сум горд што заедно со селекторот Ангеловски и со сите колеги од тренерскиот, медицинскиот и штабот за логистика кои припаѓаат на А тимот при ФФМ, со огромна страст, посветеност и професионалност го започнавме и завршивме тој процес.
Од мое гледиште, успехот воопшто не беше случаен. Се работеше за надоградување и зацврстување на јадрото од фудбалери што беше спој на млади и поискусни играчи кои со својот карактер се надополнуваа во една перфектна симбиоза.. тоа е предуслов групата да го покаже индивидуалниот талент и способноста за тимска пожртвуваност.
Букурешт и Амстердам – каде најмногу ја почувствувавте поддршката од трибините?
Иван: Македонските навивачи се тие кои ќе ми останат во најдлабоко сеќавање. Огромна е честа да се испее македонската химна на континентален собир пред своја публика која громогласно ги пее сите стихови во еден здив.
И покрај сите рестрикции, огромен број на поодржувачи стигнаа и останаа неколку дена со македонскиот тим во Букурешт, за да посведочат и да впијат едно прекрасно искуство, кое беше исклучително од организациски аспект.
Истата слика нѐ пречека и во Амстердам.. многу сонародници од сите европски земји и од Македонија пристигнаа за да го испратат големиот Пандев кој го изигра последниот натпревар за македонската репрезентација, и да дадат аплауз во живо на еден таков великан.
Во 2004 година дипломираше на Факултетот за физичко образование и спорт со највисок просек во својата генерација на отсекот фудбал, а подоцна на истиот факултет ги запиша и своите магистерски студии по кинезиологија. За прв пат стана дел од клубскиот фудбал во Македонија пред 17 години, како кондициски тренер, а во 2010 ја започна својата интернационална кариера во Софија како дел од тимот на ЦСКА и од тогаш си надвор од Македонија. Што знаеш сега, а не знаеше пред скоро 2 децении, дека е потребно да се имплементира во македонскиот фудбал?
Иван: Фудбалот е премногу динамичен! Времето за имплементирање на одреден процес, технологија или методика е многу мало и секогаш се менува, надоградува и е стимулирано со новонастанати трендови кои се во корелација со системот на натпревари, правилата, финансиската состојба на клубовите и лигите, а воедно и со технолошкиот развој, инфраструктурата и едуцирањето на кадар во сите сфери.
Многу работи дознаваш кога работиш во клубови во коишто има континуитет во надоградувањето, традиција на успех и константно вложување во инфраструктура и кадар. Досега сум работел во четири македонски клубови и шест клубови во странство и можам да направам одредена споредба. Она што дефинитивно можам да го кажам сега, а не сум можел да го знам пред петнаесеттина години, е дека рецептот за успешен клуб се базира на три темелни начела: Амбиција, Стратегија и Финансиска стабилност.
Правилно поставена амбиција за одреден клуб прави рамнотежа помеѓу можностите и очекувањата. Правилната развојна стратегија ги развива сите системи и подсистеми во клубот и секогаш резултира со успех на подолг рок, а финансиската стабилност гарантира развој и фокус на професионалниот однос и истрајност кон зададените стратешки цели.
Клубовите треба да се одраз на моќта на заедниците: локални, интелектуални, бизнис или спортски. Клубовите треба да создадат доволно предуслови за да можат да влезат во развојната и воспитна рамка за младите на локалните заедници што ги претставуваат. Со тоа тие даваат огромен придонес во грижата и изградувањето на нивниот карактерен, психолошки и биолошки развој.
Децата стекнуваат навики, групна и индивидуална одговорност, патуваат, се осамостојуваат и добиваат солидна база за хигиена на телото и духот. А низ целиот тој процес, клубовите го селектираат најдобриот генетски потенцијал којшто би можел да продолжи со натпреварување во поелитни групи и лиги. Македонските клубови треба да бидат првенствено со таква улога. Фудбалските пазари се отворени на сите континенти, талентот се уважува и се цени.
Нашите клубови страдаат од финансиска нестабилност, немање долгорочни стратегии и инфрастуктура.
Во Бугарија остана повеќе од 2 години. Беше најблиску до дома, но сепак не беше во своја држава. Постоеше ли нешто што ти се допадна таму, а што не го најде во другите места каде што си работел?
Иван: Во Бугарија се здобив со првото меѓународно искуство, благодарение на поканата од Ѓоре Јовановски, кој во тоа време доби понуда да застане на чело на ЦСКА Софија.
Предизвикот беше голем, ЦСКА е полн со историја и со огромна маса на поддржувачи. Кога си одвнатре, ја сфаќаш реалната големина на клубот и на тежината и одговорноста да си во истиот. Додека бев во Софија, секоја прилика си доаѓав дома бидејќи тоа го дозволуваше близината со Скопје, но понатаму, кога прејдов во Лудогорец од Разград, патувањето дома за викенд веќе не беше опција.

Имам преубави спомени од Бугарија. Слободното време ми беше исполнето со истражување на врвовите на Рила, Витоша и Пирин. А кога имавме гостувања, уживав во повеќечасовното патување со клупскиот автобус низ Бугарија. Има многу места што сум ги посетил и со радост би се вратил пак.
Во 2013 се пресели во Баку, Азербејџан, и стана дел од тимот на Интер Баку. Таму остана повеќе од 3 години заедно со својата сопруга и овојпат беше најдалеку од дома. Што најмногу ти недостигаше од Македонија и во чие друштво најчесто уживаше таму?
Иван: Азербејџан како предизвик се појави спонтано. Во клубот се приклучив со зимските подготовки во 2013 година. Дотогаш само еднаш бев во Азербејџан за квалификациски натпревар кој го имавме со ФК Металург Скопје во Баку против ФК Карабах во 2010 година.
Животот и привикнувањето кон новата средина се одвиваше одлично. Од Македонија најмногу ми недостасуваа пријателите и често користев прилика да дојдам дома кога имавме поголема пауза. Семејството ме придружуваше цело време додека бев во Азербејџан. Така што не се чуствував осамено и на мое задоволство во клубот имаше и играчи и колеги кои доаѓаа од балканските земји. Дополнително во клубот имаше и двајца Македонци – Славчо Георгиевски, а подоцна во клубот дојде и Илчо Наумоски.
Во тие години имаше голема колонија на наши фудбалери и тренери во многу клубови низ Азербејџан. Беше одличен фудбалски пазар и за тренери и за играчи, со лига која во кавкаскиот регион котираше најдобро. Дружбите беа секојдневни и навистина се живееше динамично тие години во Баку. Балканската заедница беше голема и секогаш имаше некакви активности во слободно време.
Следниот чекор беше Турција. Сличен менталитет, слична кујна, слична гостопримливост. Го научивте ли фамилијарно турскиот јазик? Што те фасцинираше таму?
Иван: Турција беше неочекуван предизвик по покана на Славчо Војнески, кој во тоа време веќе беше дел од штабот на Ибраим Узулмез. Заедно работевме во два клуба во Турција, Генчлербирлиги од Анкара и Ризеспор од Ризе, град распослан на брегот на Црното море.
Во Турција најмногу ми се допадна страста за фудбалот меѓу поддржувачите. Телевизиски преноси има на секој час и се следи во секој агол од чаршијата, од берберници до слаткарници, сите се опремени со повеќе телевизори и се пратат домашните првенства. Спортските медиумите се со огромно влијание, секој трансфер, секое резултатско изненадување се проследува со огромно внимание.
Турскиот фудбал во Супер лигата и во Првата ТФФ лига има одлично организирани клубови со сериозни буџетски средства, тренинг центри со хотелски дел и потребна инфраструктура за сите возрасти и генерации на подмладок.
Турскиот јазик не е воопшто лесен, го совладав разговорниот турски, кој најчесто го користев во работата и низ секојдневието. Во целост сум задоволен од престојот во Турција, видов многу места и запознав многу луѓе и колеги.
По два кратки престоја во Македонија, кога беше дел од академијата на Пандев, во 2019 година замина на својот сегашен ангажман – во фудбалскиот клуб Урал од Екатеринбург, град четврт по големина во Русија. Кој менталитет ти беше поблизок и беше ли тешко да се прифати новата средина?
Иван: Во Академија Пандев работев со огромно задоволство, имавме млад и одличен тим кој го освои Купот на Македонија во 2019 година. После тоа, предлогот за работа во Русија во месец септември дојде како шок, но и како огромен работен предизвик во кариерата. Руската премиер лига е особено тешка заради патувањата, густиот распоред и менталитетот, особено во спортските колективи.
Инфраструктурата и стабилноста, посебно во ФК Урал, е за пофалба. Во моментот се градат дополнителни два терена за школата и петкатна зграда за сите потреби на академијата. Клубот има 8 полиња од коишто 2 се со вештачка трева, има централна арена, две тренинг бази и еден затворен стадион со капацитет од 3500 гледачи (Манеж).
Инаку ФК Урал е главен спортски претставник во Свердловската област која има површина од 200 илјади квадратини метри и популација од 4 милиони жители.
Животот во Екатеринбург е динамичен, има повеќе од 30 паркови и јавни градини, 40 музеи и огромен број угостителски објекти со паназиска, кавкаска, балканска и европска кујна. Така што животот во градот е одличен и веќе навикнав на рускиот менталитет и начин на живот.
Дали мислиш дека имаш уште многу за учење по клубовите низ светот или време е да го инвестираш своето знаење во Македонија? Што идеално би требало да се случи за да се вратиш назад?
Иван: Како што нагласив и во претходните одговори, фудбалот е динамичен и непредвидлив. Секогаш си зависен од резултатот и тешко може да ги предвидите работите докрај, особено во елитниот фудбал.
За учењето и искуствата никогаш доста, секогаш и секаде имате нешто ново. Со репрезентацијата на Македонија сум од 2016 година и паралелно работев во неколку клуба во странство, така што таа работа секогаш ме враќаше во Македонија неколкупати годишно за време на репрезентативните собири. Во фудбалот нема таква работа како што е „да се вратиш дома“ или „назад“ бидејќи и да се вратиш дома, доколку има добар проект и понуда – одиш!
Во Македонија, со процесите на едукација при ФФМ и достапноста на онлајн обуките, се направи една поголема стручна заедница од сите профили на тренери, тренери специјализирани за младински категории, спортски менаџери, тактик/аналитик, кондициски и физио тренери. Меѓународното искуство е достапно за сите, низ целиот свет има потреба од стручни профили во спортот.
Имам огромен број на познаници и пријатели колеги кои работат насекаде низ светот, Индија, Кина, Австралија, САД, Казакстан, Грузија, Германија.. Така што, во спортот не важи девизата дома/надвор, целиот свет е отворено поле за работно искуство, доволна е спремноста брзо да се адаптираш.
За себе велам дека сум Скопје based и дека во Македонија најдобро ги обновувам силите.