За Игор се чини дека не треба многу да се објаснува, доволно е само да се споменат „Топки“ и сѐ ќе е кажано, но денеска во Везилка решивме да го пречекаме на еден поинаков начин – со малку од неговиот спорт, но многу од душата, љубовта, уметноста и скриените желби.
Филе на Малта се пресели во 2015 година и од тогаш го ужива сонцето и животот на еден сосема поинаков начин. Таму го доби синот Лео, а го создаде и СоцНетМедија, канал кој првенствено се роди како желба за информирање на Македонците кои живеат на Малта, но набрзо доби широка публика и од Македонците кои живеат низ целиот свет, па неговите видеа станаа извор преку кој луѓето почнаа да се запознаваат со животот на островот.
Иако снимањето на „Топки“ го напушти кога почувствува дека овие активности почнаа да му претставуваат бреме и да не му дозволуваат целосно да ја пресече папочната врвка со Македонија, по неколку години пауза најавува дека за десетина дена емисијата повторно ќе се врати во етер, овој пат самостојна, онлајн и неповрзана со македонски медиум.

За семејството, бескомпромисната љубовта кон Аргентина, преселбите, поврзаноста со ФК Барселона, книжевното и ликовно творештво, ситуацијата во Малта и лекциите научени низ годините, Филе ни излезе во пресрет и искрено ни одговори на нашите прашања, за што сме му од срце благодарни.
Игор, може ли да започнеме од почетокот на приказната – како Филе ја доби чивијата за фудбалот, која очигледно нема намера да престане и денес?
Игор: Беше далечната 1978. Моето прво светско фудбалско првенство на телевизија. Татко ми ги сакаше Холанѓаните и Јохан Крујф. И некако со нив дојдовме и до финалето. И таму Аргентина. Јас дете, нормално малку да му парирам, навивав за нив, посебно кога го видов Марио Кемпес, знаев дека е тоа мојот тим.
И така течеше понатаму времето, со Хајдук од Сплит, нашата фамилијарна љубов.
А кога дојде 1982, нормално дека сите беа за Југославија, сем јас за човекот кој ме насочи во многу нешта во текот на животот, не само со фудбалот како спорт, туку и како филозофија и како концепт, како паралела и како љубов. Диего Армандо Марадона. Од тој момент, јас знаев само за Аргентина и ништо друго во фудбалот како репрезентации.
И така некако ми влезе „чивијата“ која си ја носам и ден денес како една убава нитка која ми ги ткаеше најубавите моменти, до ќерка ми Аргентина и син ми Лео. Љубов на врховно ниво, безкомпромисна и безгранична.
Од што бегаше, како мало дете, и како гледаш на тие „стравови“ денес?
Игор: Генерално, никогаш немав стравови од кои сум бегал или ме следеле како сенка низ животот. Едно време имав страв од висина, знаев „на физичко во основно“ да паднам од јажето (кое ни беше задолжителна дисциплина за оценка), само ако погледнев надолу, додека се качував нагоре. Па кога овозраснев, почнав да патувам со авион и денес веќе не се двојам од тие патувања. Авионот ми е најомиленото превозно средство. Пред неколку години имав 26 качувања во авион во рамки на една година, што досега ми е личен рекорд (приватни патувања, не службени, што е евидентно различно).
А вака на прва топка ако одговорам, ќе кажам дека имам и ден денес страв од гмизавци, од ситни влечуги, од змии, медузи, но како фобии кои можат да ме пореметат како карактер, немам. Не се плашам дури ни од падови низ животот, не се плашам од кризи, од лоши моменти, ниту од болести, па ниту од смрт. Секако дека не би сакал да ми се случат. Се трудам да живеам така што ќе ги намалам можностите за нивно случување или блиско фреквентно повторување, но се соочувам трезвено и здраворазумно со секој од тие „стравови“.
Пред скоро 3 децении ја доби наградата за најдобро прозно дело за филозофија во стих и во моментов ја пишуваш својата втора книга. Што значи ставањето на зборовите на хартија за твоето битие?
Игор: Уффф…. ете, три децении поминале од „Танчерката…“. Хехехе, да тоа беа едни времиња чиј циклус ми заврши. Одамна. Интересно беше тоа што книгата беше пишувана во деведесетите години од минатиот век, а ја доживеав да ми се „оствари“ во мојата реалност скоро деценија и пол потоа. Да, тоа беше многу чуден момент. И сега само низ фотографско сеќавање ја доживувам како еден концепт, што сум имал среќа да излезе од мене и да го ставам на хартија.
Сега (веќе скоро 7-8 години) ја пишувам втората. Но, овојпат не е филозофија во стих, туку е проза, театар, драма, авантура, еротика, трилер и животен концепт, кој се случи во еден мој паралелен универзум низ кој поминав во неколку астрални патувања низ годиниве…
И сега се надевам дека не ве збуни одговорот, туку даде одговор на прашањето „што претставуваат зборовите на хартија за мене?“..
Токму тоа претставуваат. Мора да биде експресија на чувства, на суперсонични емоции и изблик од доживувања што мора да го растресат секое битие кое ќе ја чита.
Токму затоа и не пишувам поради тоа што „морам“, туку пишувам кога универзалната космичка енергија поминува низ мене, кога ме растресува и кога ме остава во еден момент на возвишено „ништо“, празно, ко во „црна дупка“, бестелесно и бестежински.
Затоа и првата книга беше напишана за само неколку дена, а оваа веќе 7 години… сега многу помалку ми доаѓа таа енергија за пишувањето (како форма и техника на изразување), па затоа не сакам ни да ја сквернавам со само шкрабање колку да се заврши. Кога ќе дојде, ја ставам на хартија. За разлика од „младоста“, кога ме здрмуваше скоро секој ден (во таа форма). На моменти се чувствувам ко Платоновиот Ион, токму со неговиот опис, како и кога пишуваш (пееш)… којзнае, можеби и бил во право, можеби е тоа тоа, само јас на друг начин го опишувам… не знам…
Но, тоа не е дека воопшто не ја имам веќе таа космичка енергија во мене како порано, туку таа сега, во оваа поголема километража помината низ животот, доаѓа и на други нивоа, во други форми, со други техники на реализации, низ експресии на други карактеристики од мојот ум.
Потребата за уметничко изразување ти се појави по разводот. И ден денес знаеш да се затвориш во својот кожурец и да твориш. Си заприметил ли дали има посебна причина кога го правиш ова и што се случува со сите тие дела?
Игор: За уметничкото изразување на платно, точно е, ми се појави после разводот. Баш така. Иако и претходно, сум знаел да цртам со туш на хамер, никогаш не сум фатил четка и акварел. Сега имам нацртано триесетина платна. Е па, ако сега овој детал го споиме со дел од претходниот одговор, мислам дека сликата станува појасна.
Енергијата за поезија (како творба, не како стих) се трансформира низ нови нивоа, уметност и творби на платно, уметност низ проза, уметност низ филм и фотографија, со која исто така се занимавам последниве години. Во завршница сум на еден краток филм. А фотографијата ми е веќе неколку децении љубов, но се` уште не сум освоил некоја значајна награда на фестивалите на кои конкурирам и настапувам.
Како и да е, тоа ми се мои внатрешни дисциплини кои си ги негувам подалеку од она што јавноста го знае и воопшто не доживувам потреба за да го популаризирам, барем не сега. Можеби некогаш. Но, никако не сум затворен „во кожурец“. Отворен сум и тогаш и во тоа кое си го чувам љубоморно само за себе и моите најблиски, далеку од очите на јавноста.
Кога ќе дојде време, ќе излезе и тоа, засега само онолку дозирано, колку што сметам дека јавноста треба да знае. Никогаш разголен скроз. Исто како што, на пример, имам досега напишано 60-на рецепти од традиционални кујни што сум ги посетил низ светот и сето тоа е во „хард копи“ запис, патешествија што планирам да ги објавам само откога ќе наполнам 60 и кусур години, кога ќе кажам дека е време малку да олабавам од дружбите со светот на ваков интензивен начин каков го имам сега. Е, така и моите фокуси низ дисциплините за кои пишав претходно.
Во 2015 година, со сегашната сопруга се селите на Малта, каде по 2 години ви се раѓа синот Лео. Што знаеше сега, а не беше свесен за ќерката Аргентина, 14 години претходно?
Игор: Хехехе, многу работи. Мноооогу. Пред сѐ совладав многу техники за да доживувам секојдневно хармонија и Мир. Ама не обичен мир и хармонија со каква се пењават сите, каде и да свртиш поглед низ социјалните мрежи. Туку вистинска хармонија и Мир. Мир, напишан со голема буква. Стабилност пред сѐ.
Концептот на животот ми стана комбинација од Љубов кон светот и самољубието во неговата најсилна енергија и неговата хуманистичка смисла. За ова не би можел понатаму да одговорам, бидејќи за да би објаснил, а да ме разберете, ќе ми требаат неколку дена, прво да ви презентирам дел од техниките, медитациите и трансцедентните комуникации со „Сѐ Околу“ кое сите го гледаат, сите го имаат, но не го доживуваат и не го спознаваат. А тоа да се одговори, вака со запис, со букви, реченици, е невозможно.

А што се однесува до Аргентина и Лео, свесноста за нив двајца ми е подеднакво бистра и здраворазумна, во секој момент од моето функционирање. И тоа на највисоко посветено ниво. И за двајцата. Без оглед што со едното дете живеам ваму, а со другото „таму“, кое е исто така, ваму.
За тоа, влијание има и Ана (мајката на Аргентина) со која и денес сме во одлични пријателски комуникации и секако Весна, мојата сопруга и мајка на Лео, која е совршено чесна и бистроумна што од првиот момент кога ме запозна не ѝ беше никаков проблем да ја прифати ситуацијата во која ме сретна (разведен и со дете, вака пластично опишано во стандардните „граѓански“ форми) и да ја прифати Ана како некогашна моја сопруга, а денес моја пријателка и мајка на наше заедничко дете и Аргентина, како нераскинлив дел од мојот живот, сега и секогаш понатаму.

Тоа ми е посебно драго, бидејќи сите заедно сме дел од нормалното цивилизирано живеење во кое првиот елемент е почитување, а вториот е нормална комуникација по сите стандарди. Тоа го сметам како најважен елемент, пред сѐ за иднината на децата. А тие се најважни во овој дел од нашите животи.
Што си замислуваше дека ќе правиш кога ќе се преселиш на Малта и колку од тоа ти се исполни на крај?
Игор: Па искрено, не си замислував ништо. Знаев само дека сакам да започнам од почеток и да ги оставам сите врвки и конци што на некој начин сѐ уште ме држеа затегнат кон Македонија, преку „Топки“, преку проектите кои ги правев за медиуми што гравитираа само во Македонија. Тоа некако ме исцрпи.
Контактот со мојата матична држава премногу ме измори, ми одзема многу енергија, која тешко ја обновував, иако веќе бев скоро 5 години надвор, во Барселона. Ако заминувањето во Барселона од првиот момент беше целосно нов и „од нула“, можеби и немаше никогаш да дојдеме во Малта. Но, не беше. Заминавме во Барселона, но со папочната врвца бевме врзани со Македонија, секој ден работев нешто, праќав видеа, снимав емисии за македонски медиум.
И кога сфатив дека таму оди сѐ подлабоко и подлабоко заглавено во безвредност, во малограѓанштина и бесмисленост, решивме да прекинеме. Престанав да произведувам. А сепак нели, мора да имаш нешто што ќе ти плаќа сметки и ќе ти овозможува живот. Така најдовме прекрасна работа за една данска компанија, поврзано со фудбалот, најдовме уште една друга работа со малтешки инвеститор кој решил баш во тој момент да вложува и да гради империја од хотели и се најдовме на истата линија… Така се споивме со новиот концепт и почнавме да работиме пак работа која ем ни правеше задоволство, ем ни плаќаше сметки. Многу рационално, а сепак посветено и со љубов.
И така низ години и години, денес сме убаво позиционирани со концептот што сами си го градиме за да си ја направиме животната околина онаква како што си ja проектиравме… Е сега, малку нѐ забави пандемијата, ама и тоа е дел од животот.
Ќе го пречекориме и ова наскоро, секако. Ќе испливаме, барем тоа го научивме совршено добро досега, да пливаме и низ бранови, да се држиме до брегот кога надоаѓа невреме, кога да се качиме во чамецот и на која страна да го кренеме едрото. Му благодариме на островот и универзумот што низ многу убави лекции ни дозволи да го совладаме и тоа школо.
Беше ли СоцНетМедија родена од потребата да информираш Македонци на Малта, да се вратиш на она што го сакаш и знаеш или и од двете по малку?
Игор: Да, токму така и се роди. Токму така, како што ми го постави и прашањето. Се склопија коцките, мозаикот доби своја целосна слика и почнавме. А беше согласно моите техники, знаење и искуство со кое добро владеев и до тогаш. И се роди и живее.
А сега ќе му придружиме уште еден проект, „Топки-Нова Декада“. Наскоро ја обновуваме и таа емисија, која кога стапнавме во Малта, ја затворив и еве сега дојде време да ја отворам. Но, не за македонски медиум, како што тоа го правев во претходните децении, туку за социјалните медиуми. Ќе оди во живо на Јутјуб, Фејсбук и ќе биде линкувана и на Твитер, одложно… Така да, тоа е тоа…. од двете по малку.
Зошто престана да користиш утрински аларм?
Игор: Затоа што не сакам да се будам во паника. Не сакам мојот ум, без разлика дали се наоѓа во рем фаза или „пред зора“, да се штрецнува. Сакам да се будам чекор по чекор, на истиот начин како што чекорам низ сонот. Затоа што јас не легнувам да спијам, оти така ми пропишал докторот или ми вели медицината. Легнувам да спијам за да сонувам, да патувам, да си ги одморам клетките.
За секое спиење „си облекувам“ чевли за сонување, панталони за сонување, маичка за сонување, си ја ставам капата за сонување и тргнувам… И сега замисли, некој ѕвррррррр насилно да ме прекине низ чекорот, па адреналинот ми го крева до плафон, па може и аритмија и тахикардија да ме плесне во таа секунда, а тамам сум заседнал некаде, во некој друг свет, кој исто така е реален како и овој во кој сега ти одговарам на прашањава… е затоа.
Каква е твојата поврзаност со ФК Барселона?
Игор: Дел од мојата љубов, за која зборувавме на почетокот. Заедно со Аргентина, Хајдук и Лацио… Боите, фудбалот и Марадона. Сѐ тргна така од раните 80-ти години на минатиот век, за еве скоро деценија да заврши со официјална македонска прва и единствена пења на ФК Барселона за територијата на Македонија.
Во неа членува секој, од било каде во светот. Македонци. Јас сум основач на таа пења (тоа му доаѓа на ниво на амбасада на клубот, а не на обично навивачко здружение, како што го имаат сите останати фудбалски клубови на планетава – официјалната страница ѝ е www.pbsiscopes.mk).
А тоа е така, бидејќи ФК Бaрселона е единствениот клуб на планетава кој нема „газда“. Сопственици сме ние 170 илјади соси/членови што плаќаме годишна членарина. Ние ја носиме одговорноста за тоа кому му доделуваме да го води клубот. Ние бираме претседател. Ние одобруваме буџет на клубот секоја година како финансиски извештај. Тоа се прави секоја година на Конгрес на кој учествуваме сите соси. По завршување на секоја сезона и пред почеток на следната. Ако има неправилности, малверзации или слично, организираме вонредни избори, а ако има потреба и менуваме претседател и менаџмент. Тоа е ФК Барселона во две-три реченици. Е, пењите се амбасади на тој концепт. Отприлика така му доаѓа.

А најдраго ми е што нашата пења, претставништвото на ФК Барселона за Македонија „ПБ Сис Копес“ кое е регистрирано во Струмица (најфудбалскиот град во државата) има и членови од Австралија. Тоа го кажувам со посебна гордост, бидејќи тоа се членови што се исклучително активни во нашата пења и нѐ следат во сите наши акции во Барселона и на Камп Ноу. Не им е проблем да „фатат авион“ и да долетаат на Камп Ноу. Ги поздравувам, од срце. Виска Барса, поздрав Австралија!
Секоја недела, преку својот Јутуб канал, информираш за ситуацијата на Малта. Што те „јади“ најмногу во моментов?
Игор: Пандемијава или пландемијава, како сакате. Едвај чекам да заврши процесот на вакцинирање и да се врати животот ко што беше претходно. Да ја вратиме бојата во нашето секојдневие. Мака ми е веќе од ова затворање и карантини.
Знам дека маските можеби ќе ни останат и во следнава деценија, така ми се чини, ама барем слободно да можеме да патуваме. Тоа најмногу ме јадосува.
Се чини дека, без разлика колку илјадници километри сме надвор од Македонија, некако не можеме да останеме имуни на случувањата таму. Што значи Македонија за тебе?
Игор: Се` што е убаво, природно, чесно, искрено, традиционално, безгранично и безвременски.
Тоа е Македонија за мене. Ништо друго. Само тоа.