Изолацијата во време на коронавирус отвори повеќе време со децата.
Но, тоа отвори и предизвици за родителите кои се под товар да заменат училиште или градинка, што може да го зголеми стресот. Наместо период на зближување, времето поминато заедно да се претвори во нервоза и стрес.
Децата имаат цел живот пред себе за учење, но малку време од животот е детството кога им треба најмногу љубов од родителите.
Огромна е улогата на родителите во креирањето на нивната личност. Дали ќе придонесат децата да пораснат во самостојни ворасни личности со самодоверба или ќе бидат исплашени и несигурни деца и како возрасни.
Ако на родителите им е стрес дали “успешно” ќе го заменат наставникот/чката и нервозно комуницираат со детето, тоа може формално да се вика учење, но суштински ќе биде конфликтна комуникација во која детето може да се почувствува неуспешно, несигурно и несреќно. Оттука, во вонредни услови, поважно од тоа дали научиле лекција по биологија, хемија или математика, е да разговарате и да ги запознаете нивните интереси и потреби. Конечно, ако бидат повеќе вклучени во активностите дома, како готвење, помагање околу средување алишта и притоа да им објаснувате процеси (што е водена пареа од тенџерето, што се билки и зачини и каде се одгледуваат, од што се прават алиштата) тоа исто така се “лекции” со кои децата учат нешто ново.
Да се насочите кон ресурсите наместо кон дефицитете. Наместо “што немаме во овие услови”, да се прашате “што имаме на располагање за да постигнеме некоја заедничка цел”.
Неколку совети во воспитувањето:
– За да поттикнувате одговорност кај детето, треба да инсистирате да ги почитува воспоставите правила и граници.
– Кога детето ги крши тие правила и граници, дисоцирајте ја постапката од личноста. Не велите “лош си”, “непослушен си”, туку “тоа што го направи не е во ред”. Критикувајте ја активноста или постапката, а не личноста на детето.
– Кога афирмирате, тогаш персонализирајте. По афирмација на постапката, додадете: “горд/а сум на тебе”.
– Наградата секогаш има поголем ефект од казната.
-Немојте да барате помош од надворешни “контролори” како “ќе го викнам полицаецот”, туку поттикнувајте постепено одговорноста и контролата да се развива кај детето. Да не се плаши од казни и ограничувања кога ќе порасне, туку да знае дека има право и моќ на одлучување, но и одговорност за последиците.
– Внимавајте на невербалните пораки што ги праќате. Ако му кажете на детето “те сакам”, а не го слушате што сака да каже, ги игнорирате неговите потреби, тоа добива порака дека не е сакано и прифатено.
– Пуштајте му филмови со кои сакате да му пратите порака и разговарајте да му објасните што е позитивно кај ликот во филмот. Така афирмирате особини и постапки.
Еве неколку предлози: Во “Кралот лав” има многу убави пораки за процесот на созревање. Од страв, несигурност, негирање на реалноста, до воочување на сопствената моќ на одлука, соочување и победа. Има и многу емоции. Во Последниот дел на “Приказна за играчките”, ликот Порцеланка е граден како самостојна и силна жена, за разлика од првиот дел пред десетина година кога таа беше слаба и кршлива. “Кунг фу панда” е исто така прекрасен цртан филм кој учи на самоконтрола, трпение, храброст, посветеност кон целта.
Ида Протугер Вељковиќ е психолог, сертифициран тренер за личен развој, сертифициран системски бизнис коуч и колумнист, и живее и работи во Виена.
Овој текст е личен став на авторот и не ги изразува ставовите на Везилка Магазин