Книжевно творештвоМузика и уметност

Илина Јовановиќ Јаковчевска: извадок од романот „Се љуби и два пати исто“

Везилка Магазин

СВЕЌА ЗА КАЛИНА

 

Калина стана рано, седеше на каучот и го пиеше утринското кафе.
Времето беше дождливо, влажно и ладно. Темно беше.
– И на сонцето денеска не му е денот! – си рече.
Ја разгледуваше шолјата и пушташе умот своеволно да ги одбира мислите. Не сакаше да учествува во размислувањето.
Никогаш не ги видела шарите на шолјата за кафе одблизу. Се чудеше како е можно секој ден да пие кафе од нив, а да не ги разгледа до последната точка. Така механички вареше кафе, пиеше од омилените шолјички, но дури денес си зеде време да ја разгледа секоја шара и му дозволи на умот да изнаоѓа форми. Можеби разговорите со кафето беа поинтересни. Кафето беше превкусно. Пријателите со кои пиеше кафе ѝ беа поважни. Па се концентрираше да ги сослуша. Но некако ја растажи тоа како не ги имаше видено сите тие фигури насликани на шолјичкава.
Дали нејзината уметничка душа се исушила?
Умрела од глад.
Калина сè што сакаше да живее, го хранеше.
На пример, стравот не го хранеше за да не расте. Го одржуваше во живот, но не му даваше да порасне. Го хранеше и нејзиното прасе за штедење. Добро, некогаш мораше да биде на диета, ама затоа тогаш нахранети ѝ беа денот, летниот одмор и семејството. Храброста ја хранеше доволно за да биде голема кога ќе ѝ притреба. Најмногу храна добиваа Верата, Љубовта и Надежда. Иако велеа надежта последна умира, Калина сакаше сите три да се еднакво сити. Нив дебело и квалитетно ги хранеше. Но колку слаба ѝ беше уметничката душа да не забележи како, всушност, изгледаат шолјите за кафе.
Дури, денес ѝ беа како нови, туѓи, како сега да ги извадила по селењето од подруми и првпат им се восхитува по подолго време.
Така ли е и со животот?
Колку долго живееме, а некои лични работи не знаеме како изгледаат, иако мислиме дека знаеме. Знаеше Калина дека ако ги види на друго место, ќе препознае дека се исти како нејзините, но одблизу денес ѝ беа туѓи.
Беше ли така и со луѓето?
Не ѝ беше до зборување. Па иако не сакаше често да е сама, некако се радуваше што другите сè уште спијат. И знаеше дека уште долго немаше никој да се разбуди. Таа прва си легна вечерта, порано од сите.
Си помисли, уште еден ден што некако ти го заматува расположението, а не знаеш зошто.
Се обидуваше да се сети, можеби нешто лошо сонувала, па немир ѝ ги одземаше телото и умот. Тој немир растеше во неа. Сам се хранеше.
Често сонуваше, а некогаш и соновите ѝ се исполнуваа. Не беа тоа секогаш убави сонови, по кои стануваше весела, енергична и подготвена да го промени светот. Понекогаш плачеше и патеше во сонот, чувствуваше болка дури и откако ќе се разбудеше. Па и неколку дена потоа ѝ се грчеше грлото.
Понекогаш сонуваше јасно што и како се случило или ќе се случи. Понекогаш се совпаѓаа цели разговори од сонот во јаве.
Е тие сонови ја плашеа.
Не сакаше ни да заспие само за да не сонува.
Честопати тоа беа само сонови. Без никакво значење, но ја истоштуваа. Не знаеше дали навистина е само креација на нејзиниот ум или можеби претчувство. Беше како на штрек сè додека сонот не ѝ избледнеше…

Стана, не сакаше да ѝ помине денот така, матен.
Извади една голема кутија со работи што ги немаше пипнато откако се пресели во новата куќа, а и пред тоа со години немаше време да ја отвори кутијата.
Тој ден немаше во план да работи нешто по дома, да чисти со саати како што знаеше да си ги уништи викендите и слободните денови. Како да му се криеше на сонцето, а многу го сакаше… Денес сонцето ѝ се скри нејзе.
Имаше многу слики. Сакаше секој момент да биде овековечен.
А и знаеше дека е фотогенична, па обожаваше да си се гледа себеси на фотографиите.
Имаше убаво лице, сите црти ѝ беа беспрекорно наместени. Очите крупни, кафено-зелени, а трепките долги и свиткани како да ѝ беа вештачки. А веѓите природно искубани, само две-три влакна кубеше, ништо повеќе…
Никогаш не беше преслаба. Имаше убаво оформени јаболчници на лицето, поткрепени од полната уста од која светеа белите заби, не рамни, баш онака природно наместени, дури и едниот малку накривен, само толку колку да ја прави своја, препознатлива.
Телото полничко, колку и да вежбаше и да пливаше во Охридското Езеро и се мачеше со диети, не успеа да ги смали бутчињата и истртениот задник. Но перфектно ѝ се истакнуваа рамниот стомак и тенката половина.
Често се смееше на своја сметка:
– Среќа имам и во задников, а задников ми е голем, па затоа и среќата ми е голема.

Се кикотеше и ги засмеваше и другите, кои се чудеа колку многу можеше да биде искрена, а притоа толку самоуверена.

Разгледувајќи ги сликите, си се смееше сама. Колку брзо протрча низ последните 30-ина години…
Сè се случуваше со светлосна брзина. Се омажи, роди деца, ја работеше работата што си ја сака… Колку беше среќна што имаше сопруг кој ѝ беше и пријател и другар, и мајка и татко…
Ги преврте сликите од крштевките на својата ќерка, на синот… од сопствената свадба, од свадбите каде што беа гости, кумови, старосвати….
Од сите фустани во кои прво се сликаше, а потоа одбираше кој ќе го купи…

Здогледа едно мало албумче, заборавено… премало, незабележително… поевтино беше на времето помали слики да извадиш. Беше цело со некакви налепници излепено. Мораше да внимава да не се искине, се гледаше дека е многу старо. Си помисли дека децата го исполепиле кога биле мали. Тие вадеа мали слики од апаратите за една употреба. Одамна ги немаше разгледувано сликите и кутиите од порано. А немаше ни време да размислува за порано.
Беше концентрирана да го режира својот живот. Добро да ги воспита децата, да биде добра мајка, вредна сопруга. Не пропушти ниту еден родителски состанок.
Сите термини одеа низ нејзиното пенкало и нејзиниот термин-календар.
Беше во тек со сите планови од градинка до училиште и ги развозуваше децата по сите активности и хобија што ги имаа. Не пропушташе ни еден тренинг или фудбалски натпревар на синот, а часовите по балет на ќерката ѝ беа вистинска релаксација. Беше единствената мајка што седеше во чекалницата и ја слушаше музиката на клавирот. Велеше дека тоа е нејзиниот час по релаксација на умот.

Навечер вредно и заинтересирано ги прегледуваше домашните задачи на децата и заедно одбираа што ќе носат наредниот ден на училиште. Што да им спакува во пластиките за ужина.
Им ги готвеше омилените јадења и уживаше во задоволните лица на членовите на семејството.

Го зеде малото албумче, иако знаеше дека е нејзино, исто како и шолјичката за кафе, ѝ беше некако туѓо, и онака само се гледаше себеси на сликите дали добро излегла. Па не можеше да се сети што сè ќе види внатре.
Го отвори албумчето…
Реши исто како и со шолјичките, добро да ги разгледа минијатурните матни фигури на сликите и сè друго…

Пред 30 години.

Се пресоблекуваше и, како и секоја жена, не знаеше што да облече. Требаше да води едно отворање на нова фабрика. Мораше да изгледа професионално, но сепак да остане своја. Не сакаше да се покрива со парчиња што ја прават постара, посериозна.
А и времето беше студено.
За февруари, прилично топло, но сепак сè уште зима.
Не ја сакаше зимата. Не сакаше дебели темни јакни и џемпери во кои пропаѓаше. Сакаше светли бои. Најомилени бои ѝ беа бела и розова.
Најде убава кошула, достојно деколте, не премногу отворено, толку колку да можеше да ѝ се восхитува и да се копнее да се види што има подолу.
Облече штофени панталони, стегнати да пукаат и да оцртуваат сè што можеше да се оцрта. А најмногу нејзиниот испрчен задник.
Не ѝ беше грижа што сè се оцртува, и онака врз тоа облече долг капут, струкиран, но толку долг што затскриваше сè што можеше да се затскрие.
Ги обу високите потпетици, се исправи задоволно од тоа како изгледа и се профрцка низ долгиот ходник на нејзиниот стан.
Шминката ѝ ги истакна и онака убавите црти на лицето, овој пат косата ѝ беше пуштена и права.
Нашприца од новиот парфем, ја грабна чантата и тргна по скалите надолу.
Знаеше дека има време, но не сакаше да доцни. Никогаш не доцнеше. Сакаше да има време полека да гази и да ужива во одењето.
А одот и беше префинет и цврст.
Често ѝ велеа дека оди како да го освоила и Скопје, по Охрид. Исправена и со крената глава, нога пред нога. Ама во такт како да маршира, но женствено, примамливо.

Од агенцијата што ја најмија ѝ рекоа дека ќе испратат такси. Забрзана, шарајќи со погледот да види каде е таксито, си помисли дека доцни.
Погледна на часовникот, имаше уште 10 минути. Беше препрофесионална. Секаде одеше 10-ина минути порано. Не сакаше никогаш да дозволи да ја чекаат затоа што и самата мразеше да чека.
А цел живот си имаше работа со луѓе што не ѝ го ценеа времето.
Многу ја нервираше тоа. Расеана во мислите за тоа како може некои луѓе да се толку непрофесионални и да не дојдат порано од договореното, не забележа дека на тротоарот веќе беше паркирана темна голема лимузина.
Не ја ни интересираше, и онака беше лута зашто таксистот не е порано дојден…
Вратата на лимузината се отвори и машка силуета почна да ѝ се приближува… познат лик.
– Здраво, Калина! ја поздрави подзамислено и љубопитно дали е „неговата“ Калина.
– Калин?! Се изненади кога го виде.
– Мислам дека јас сум твојот шофер! со насмевка на лицето ѝ пружи рака да ја поздрави.
– Ми рекоа дека ќе пратат такси… му одговори пружајќи ја раката за поздрав.
Го измери од глава до пети. Висок, згоден, културен.
Како вистински џентлмен ѝ ја отвори вратата на предното седиште:
– Повелете, госпоѓице Калина! ѝ покажа со раката да влезе и ѝ ја задржа чантата за да се смести удобно во автомобилот.
Онака како на мало девојче кое првпат ги налакирало ноктите, па му требаше помош да седне на седиштето без да го уништи лакот.
Внатре мирисаше на преубав машки парфем.
Калин ја заобиколи колата, влезе и седна на шоферското седиште.
– Сега уште повеќе се радувам што не дозволив такси да дојде по тебе.
– Зошто?
Штета ќе беше некој друг да го мириса овој прекрасен парфем -се насмевна малку.
– Можам истото да го потврдам.
– Се радуваш и ти? ја задеваше.
– Беше стигнат порано од договореното време – кикотејќи се, му одговори.
Двајцата се насмевнаа…
Се познаваа, но се немаа видено многу одамна.

 

Калин

Стоев кај фабриката, набљудував како се одвиваат работите. Мораше сè да биде беспрекорно средено. Сè на свое место.
Шетајќи низ фабриката, слушнав дека треба да се земе нашата водителка. Организаторите разговараа за тоа како ќе се одвива презентацијата и дека наскоро ќе треба да испратат такси да ја земе Калина.
Се поднасмеав, си помислив – Калина, баш Калина, моја имењачка.
Името не беше често. Најискрено, не познавав многу Калини.
Познавав една Калина, живееше во соседството на нашата семејна куќа во Охрид; според возраста, би можела баш таа да ја води презентацијата и имав слушнато дека учи во Скопје, но и таа беше малечка, или подобро кажано премлада, сигурно беше средно сега. Баш кога растеше, ретко ја гледав. Но морам да признам, секогаш погледот ми застануваше на неа. Се чудев како станува прекрасна девојка. Се издвојуваше од масата други девојки на нејзина возраст, па и постари.
Се сеќавам дека сакаше да учи тука средно. Но откако јас се отселив од Охрид, ја немав повеќе видено. Добро ја познавав целата нејзина фамилија. Секогаш имавме пријателски однос.
А другите две Калини беа мали бебиња.
Некако ме заинтересира која е таа Калина.
Се провртев, иако сакав да исконтролирам сè до последна ситница, нешто ме влечеше да дознам која е таа Калина и дали има барем малку од убавината на мојата Калина.
Се фатив самиот себе како ја замислувам. Па дури во мислите ја нареков „мојата“. Иако знаев дека е мала.

Им реков на организаторите да ми ја дадат адресата и дека јас ќе повикам такси. А во меѓувреме ќе тркнам до дома да се средам. Поминав до хемиското чистење и си ги зедов кошулите и палтата, свежо перени и пеглани. Панталоните ги зедов претходниот ден.
Вработената во хемиско веќе ми ја знаеше целата гардероба, секако, освен боксерките и пижамите. Па и името ми го паметеше, и ликот. Веднаш штом ќе ме видеше, ги носеше моите работи и ги подготвуваше во кеси.
– Денес, како да ви се брза, нешто сте ми замислени! – ме прекори постарата вработена, која си ја викав тета.
– Тета, држи ми среќа! – ѝ реков.
– Имам многу работи да завршам, а денес е и отворањето на новата фабрика во градов.
Го погледнав часовникот и во мислите го планирав времето.
– А и треба да ја земам водителката што ќе ја води презентацијата, Калина!
Ако помуабетиме, ќе задоцнам…
Тета ме погледна длабоко, ама се гледаше дека секако се радуваше што ме гледа некако жив.
Ми ги подаде работите и намигнувајќи ми, рече:
– Немој да ѝ доцниш на Калина!
Стигнав дома и веднаш влегов под туш, го пуштив на најжешко, па на ладно, да ме опушти, но и да ме разбуди.
Морав да си ја разбистрам главата.
Се зачудив што возбудата за отворањето исчезнуваше, но возбудата да ја земам Калина, да видам која е, растеше. Истовремено, некако се плашев да не се разочарам.
Излегов од бањата и погледнав на ливчето со адресата…
Па тоа беше само неколку улици оддалечено од мојата куќа. Во новите згради кои имаа малечки станови, но многу модерни.
Сигурно е некоја студентка, си помислив. Од некој друг град, подалечен. Сигурно е на факултет и седи тука под кирија за да не патува. Факултетот за архитектура беше на две минути пешки од тие згради.
И некако ми се измешаа емоциите.
Почнав да се подготвувам…

Калина

Уште оваа презентација и не одам повеќе, си велеше во главата.
– Ќе се концентрирам на учењето и ќе штедам за да можам да посетам други градови во други држави.
Ме фасцинираше секој објект од римското време.
Сакав одблизу да ги видам познатите катедрали и нивните градби. Паралелно го изучував и германскиот јазик, кој иако не го сакав и беше претежок, сакав течно да го зборувам.

♡♡♡

Калина истовремено работеше по неколку саати во една продавничка за чевли, не секој ден, но сепак беше растрчана насекаде. А навечер сакаше и да излезе со друштво, како и сите други на нејзина возраст. За некој месец ќе полнеше 22 години.
Ноќниот живот во градот ја довикуваше.
Кога ако не сега? Омилена беше во друштвото, имаше повеќе машки другари. Некогаш си помислуваше дека можеби само ги привлекува и не ѝ се вистински пријатели. Но тука беа секогаш за неа. А таа знаеше како да ги држи на здрава дистанца. Да ѝ бидат близу, а сепак доволно далеку. Многу беше умешна во тоа.
Нејзините две најдобри другарки беа секогаш покрај неа. Таа како единица, си ги сакаше како свои сестри. Но бркаа дечковци и секако не сакаше да им свети.
Можеше да го има кој и да посака. Но се одлучи да не брза.
Факултетот супер ѝ одеше. Сакаше да учи и брзо паметеше. Испитите ги даваше секогаш во рекордно време, не сакаше да доцни во ништо. Иако една година подоцна се запиша на факултет.

Се погледна уште еднаш во големото огледало и задоволно се заврти, ја заклучи вратата и побрза да слезе по надворешните скали.
Брзо се симнуваше, но сепак газеше на секое скалило и цупкаше со високите потпетици… Кога не здогледа ниедно такси, се приближи до тротоарот и погледна лево-десно на улицата мислејќи дека баш тогаш доаѓа…
Го погледна часовникот, имаше уште 10 мин. Ќе мора да причека, а мразеше да чека.

 

За авторот

Илина Јовановиќ Јаковчевска е родена на 9 мај 1983 година во Скопје. Живее во селото Драчево, учи во основното училиште „Св. Климент Охридски“, а потоа завршува средно образование во општата гимназија „Браќа Миладиновци“. Љубител е на фолклорот и на народната музика. Со пишување почнува уште на 10-годишна возраст. Фасцинирана од читање поезија, започнува и самата да пишува. Објавени се неколку нејзини творби во училишни весници. По средното образование се запишува на Педагошкиот факултет во Скопје. Набрзо потоа ја сретнува љубовта на својот живот и заминува за Германија. Основа семејство и го изучува германскиот јазик. По неколку години повторно запливува во педагошките води во Германија. Во 2020 година ѝ се враќа на кирилицата и почнува да твори, најмногу поезија, сè додека еден ден излива идејата за нешто поголемо. Така, за само 10 дена се раѓа и романот СЕ ЉУБИ И ДВА ПАТИ ИСТО.

Везилка Магазин