Интервјуа

„Им го доближуваме македонскиот јазик на децата во дијаспората“

Интервју со Стојче, Марјан и Жарко, продуцентите на Биби и Боби

Везилка Магазин

Коронавирусот отвори проблеми, но и нови можности за креативно учење. Биби е пријателка на најмладите. Што прави сега во време на пандемија?

 

-Биби е доста активна периодов. Нашиот креативен тим заедно со тимот на едукатори од „Бибиверзум“ интензивно работат на подготовка на многу едукативни изданија со кои ќе им помогнеме како на децата така и на родителите полесно да ги пребродат предизвиците во ова време во кое живееме. Така, и најголемиот број на активности во „Бибиверзум“ сега се онлајн.

 

 

Се прилагодивме на ситуацијата која ни ја наметна пандемијата за сите да останеме безбедни, а децата да можат да продолжат да учат креативно, низ игра и забава и најбитно, безбедни и во добро друштво.

 

Учењето на далечина стана наша реалност. Се бара начин како најкреативно да им се пренесе знаењето на учениците пред мониторите. Како Биби безбедно им дава знаење на најмладите?

 

– Основата на целиот проект „Светот на Биби“ е едукацијата. Минатата година добивме поддршка и од Фондот за иновации за развој на едукативна веб платформа „Учиме со Биби и Боби“. Паралелно со развојот на платформата нашиот креативен тим работи на анимираната содржина која е носечката улога во проектот. Преку неа главната цел ќе ни биде да ги научиме децата како правилно да учат. Се надеваме дека при крај на годината ќе имаме првична верзија на овој дел од проектот, додека финалната верзија би требало да стартува во септември 2021 година.

Она за што е потребно најмногу време е креирањето на анимираните содржини. Тој процес бара многу ресурси. Како за илустрација ќе посочам дека за една сказна од 8 минути се работи еден месец, а во тој процес се вклучени повеќе од 20 луѓе.

 

 

 

Биби не е само пријателка на децата од Македонија. Од неодамна таа стигнува и домовите на сите деца во светот, особено до дијаспората. Има ли интерес од овие дечиња?

 

-Она што не` прави посебно горди е тоа што на децата им го доближивме македонскиот јазик. Првите зборови на децата сега им се на македонски, за разлика од минатото кога првиот збор им беше на српски или на англиски.

Не` радува тоа што имаме верна публика од дијаспората, на чие барање секојдневно испраќаме пратки со производи од „Светот на Биби“ низ светот. Тоа беше и една од причините за летната онлајн-школа „Ја учиме азбуката со Биби и Боби“. Самото тоа што од 100 пријавени деца за летната онлајн-школа 40 се од дијаспората, покажува за интересот за изучување на македонскиот јазик на овој начин кај тие деца.

 

Мајчиниот јазик никогаш не се заборава. Последната активност на Биби и Боби е онлајн- школата која преку креативен начин им ги открива буквите од македонската азбука. Откријте ни повеќе за активностите во школата.

 

-Наставата е предвидена да трае 6 недели (секој понеделник, среда и петок). Времетраењето на еден час ќе биде околу 40 минути. За секоја буква имаме подготвено кратко анимирано видео во кое Биби и Боби ги учат децата како се пишува буквата, како да ја препознаваат, заедно со наставникот ќе играат игри поврзани со буквите, ќе работат интересни вежби со букви и зборови, а планирани се и многу други активности.

 

 

Интересот за летната онлајн-школа е навистина голем и можеме со сигурност да ви кажеме дека од септември ќе имаме нови групи.

 

Биби е неуморна. Што подготвува следно? Што можат да очекуваат децата кои живеат далеку од Македонија?

 

-Моментално работиме на многу нешта. Ќе ви откриеме неколку J. Работиме на наш концепт за изучување на странските јазици преку ликовите од „Светот на Биби“, пилот проектот во кој ќе бидат вклучени децата ќе започне од септември месец.  Што се однесува до изданијата наскоро ќе излезе нова друштвена и фамилијарна игра „На буква, на буква…“ преку која децата ќе може многу да научат за животните.

Подготвуваме нови сликовници, книги, а заедно со тимот на наставници и воспитпувачи од „Бибиверзумот“ подготвуваме посебни изданија со активности за децата од претшколска до четврто одделение. Почнувајќи од почетокот на годината работиме на едно издание кое планираме да го промовираме при крај на август.

 

 

Исто така, работиме на третата сезона од „Сказните на Биби“ како и на кратките епизоди за омилените места на Биби во Македонија, следуваат и нови приказни од мама Ана.

Од септември почнуваме со подготовка на уште еден нов серијал од „Светот на Биби“ кој ќе биде наменет за децата поголеми од седум години. Значи, ќе имаме многу моменти за заедничко уживање.

 

 

Везилка Магазин