Игор Томески е штотуку дипломиран режисер и продуцент, како и дигитален маркетер, комуниколог и новинар кој својот живот во Тетово го замени со Њујорк, а во последните 4 месеци Лос Анџелес.
Во интервјуто во два дела за Везилка, Игор го раскажува својот пат до стипендиите како студент, начинот на запишување и студирање, како и можностите што ги доби откако стапна на американско тло.
(втор дел)

Паралела помеѓу образование во САД и Македонија
Образованието во САД е многу поразлично од образованието во Македонија и од образованието во Европа генерално. Ќе се обидам да ги споменам некои од разликите.
Најпрво, американското образование е најскапото образование во светот, каде само школарина изнесува од 20,000 долари годишно на најнискорангираните универзитети, па до 70,000 долари годишно, без трошоци за храна и смештај, па доколку живеете на капмус сумата може да изнесува до 150,000 долари годишно. Од друга страна, се нудат стипендии за сите интернационални студенти кои се успешни во академските и вон-академските активности и дисциплини на коишто им се овозможуваат поволности, а за американските студенти државјани државата овозможува и парична помош во форма на кредити и позајмици.
Потоа, како студент, имате можност да живете на студентски кампуси каде секој универзитет има свој студентски град којшто е како мини гратче каде имате се што ви е потребно, станбени простории, продавници, библиотека, менза, теретани, и училишни простории и лабаротории. За разлика од тука, во Македонија, па и во Европа, животот не е секогаш ориентиран околу студентскиот кампус.
Факултетите во САД овозможуваат големи технички можности за студентите за академско и практично напредување: има библиотека за земање книги каде има специјален јавен простор за студирање и мирна работа, како и студентски лабаратории и компјутерски кабинети каде што учениците можат да работат. Во мојата област на филмска и телевизиска прокдуција, се нуди пристап до студија и опрема, како камери, светла, тонска опрема која е достапна за секој студент во било кое време, така и грин скрин студиа, саунд стејџови и слично, коишто му даваат технички но и креативна слобода на студентот да непречено да создава за време на своите студии.

Следно, системот на оценувањето во САД е исклучително фер процес кој се основа на оценување на задачите од страна на професорот но калкулациите на бодовите за финалната оценка го прави компјутерскиот систем и софтвер којшто е прецизен и не остава воопшто простор за манипулација во оценката. Ова не овозможува фаворитизам на професорот на еден врз друг студент, што за жал знаеме дека во образовниот систем во Македонија тоа е сеуште случај. Тука, оценката е објективна и воопшто не зависи од субјективното мислење на професорот.
За крај, факултетот во текот на вашите студии ве поврзува до онлајн мрежи каде што вам, како студент, ви се достапни голема листа на слободни места за практиканство во вашата област на студии но и вон неа, вклучувајќи и големи сериозни светски компании и корпорации, како и до листа на потенцијални работни места при крајот на вашите студии.

Среќавање со филмски ѕвезди
Kако дипломиран режисер и продуцент во креативните индустрии, неминовно и неизбежно е да сум во контакт и соработувам со филмски ѕвезди, како актери коишто ги гледаме на филмското платно и пред камерите, така и луѓе позади камерите како филмската екипа, којашто не е до толку позната на пошироката јавност.
Навистина е привилегија да живеете, студирате и работите во Њујорк Сити со години, во градот на кој многумина им е сон, и да бидете дел од многуте можности, брзото живеење, и големата енергија на градот што никогаш не спие. Тој град е центарот на случувањата, кој ви нуди можности да соработувате со компании и поединци уметници, како и да бидете сведок на Бродвеј музичко-театарски спектакли, така и филмски продукции и снимања и уште многу културни можности.
До сега, од филмската екипа позади камерите имам соработувано и соработувам и со Оскаровци од типот на Даглас Блаш – продуцент и монтажер во Медпикс Продукција, добитничката на Еми награди и номинрана за Оскар – режисерката Кахани Куперман која работеше како продуцент на Деили Шоу во времето на Џон Стјуард, добитникот на Џитни наградата – театарскиот продуцент Кенет Вирт од Бродвеј, режисерката Шерил Хил, шоуранерот Џонатан Трупер на серијата Банши и други. Моите дела се наградени и препознаени од дел од овие светски успешни филмаџии кои се на врвот од своите професии.
Сепак, она што може да е поинтересно за читателите е контактот со холивудските мега актерски ѕвезди Ед Харис, Хон Ли и Том Хенкс. Ед Харис којшто моментално игра во Вестворлд и е добро познат по филмовите Труман Шоу, Национално Богатство, беше во жирито и во советот на Нобеловото здружение каде што се доделуваат награди за најдобри светски матуранти и идни светски лидери. Тој е задолжен за областа на филмот и телевизијата и ги надледува сите проекти и студенти наградени од таа област. Мене ми беше доделена интернационална награда во таа област за сите проекти којшто сум ги работел во моето дество, младост и тинејџерски години, и за мојот иден потенцијал во оваа област, и Ед Харис како дел од жирито беше клучен за таа награда, па и имав чест на кратко да го запознаам на церемониите во Атланта и во Њујорк.
Исто така, интересна е и спонтаната средба со актерот Хон Ли во Њујорк. Тој е познат актер од серијата Банши, Блеклист и Хаваи 0-5, го позајмува гласот на Сплинтер во новите цртани филмови на Нинџа желките и за повеќе ликови во GTA видео игрите. Со него случајно се сретнавме и запознавме во Централ Парк, кога се враќав од церемонија на Нобел и доделувањето на награди. Јас носев голем џиновски чек со мене од Нобел наградите во величина којашто не можеше да не се забележи од сите минувачи, а тој ме застана да ме праша за што се работи, па откри дека сме колеги. Беше спонтан, комуникативен и забавен, како и другите големи луѓе што го ценат туѓиот успех, се радуваат на него, и сакаат да ти помогнат.
Најскоро што ми се случи е тоа што, за жал, меѓу првите дознав за дијагнозата на Том Хенкс за Ковид 19. При мојата премиера на еден мој филм во Универзитетот на Јужна Калифорниа во Лос Анџелес овој Март, додека бев на средба со оскаровецот Даглас Блаш, неговиот телефон заѕвони и тој рече „Здраво Том“. Јас не знаев за кого се работи и мислев дека е некој обичен Том, но откако си поразговараа неколку минути и кога го спушти телефонот, рече дека зборувал со Том Хенкс и ми кажа за неговата дијагноза за Ковид-19. Рече дека за тоа наскоро ќе дознаеме на вестите, па така и се случи.
Мојата професија е во тие јавната сфера и сретнување на познати личности е составен дел од неа, и тоа полека ми станува секојдневие.
Кон што целиш ти?
Џон Ленон вели животот се случува додека ние си правиме свои планови, а тоа особено се покажа како точно во оваа светска пандемија со корона вирусот кој моментално ни ги попречи сите планови, но се надевам не за долго.
Најпрво, моментално веќе соработувам со неколку американски филмски продукции од Холивуд во Лос Анџелес кои работат на следниве серии: Homeland, Ray Donovan и слично, главно како соработник во секторите на продукција и монтажата, работејќи како хонорарец на туѓи проекти. Планот е да продолжам да соработувам со овие студија и да ја зголемиме соработката. Истовремено, работам на свои филмови и проекти со независната филмска сцена во САД. На пример, филмот-комедија „Жоржет“ започна со кастинг и подготовки за снимање на локации во Њујорк и Лос Анџелес во февруари 2020, но заради вирусот прекина. Моментално работиме на повторно враќање со работа и продолжување со снимање.
Исто така, работам и на својата сопствена видео и мултимедијална продукција – Креациос Продукција – која ја основав во Скопје во 2018 и која нуди услуги главно во видео продукцијата и креативниот маркетинг во Македонија но, наскоро, се надевам, и во САД. Креациос функционираше во 2018 и 2019 додека бев во Скопје и изпродуцира повеќе кратки студентски филмови, неколку реклами и маркетинг кампањи за сериозни компании во Македонија, како и реализираше проекти за УСАИД, Америчка Амбасада, Европската Унија и Еразмус. Нејзиниот тим е се` уште активен во Скопје и координирано работиме.
Паралелно, работам и на формирање на мој тим во Њујорк и Лос Анџелес за Креациос во САД за истиот бизнис модел за видео продукција и маркетинг агенција која независно би создавала креативна дигитална содржина и би нудела услуги главно во видео продукцијата и креативен маркетинг. Се надеваме истиот бизнис модел успешно да го префрлиме во САД, со дополнително проширување во делот на социјален маркетинг и веб програмирање.

Најново за публиката е тоа што, после долго повлекување од јавноста поради моите студии, следи пласирање на неколку нови проекти во јавност, како нова содржина на социјалните медиуми така и јавни настани и кино премиери на неколку филмски проекти направени во текот на овие години, како во САД, така и во Македонија.
Откако првиот филмот-мјузикл „Дај Макијато“ на Креациос Продукција доживеа своја светска премиера на Универзитетот на Јужна Калифорниа во Лос Анџелес и беше препознаен од страна на оскаровци во март оваа година, следи негова кино премиера во Тетово и Скопје, заедно со уште неколку играни и документарни филмови на Креациос, како „Инфлуенсер“, „Внатрешно Огледало“ и други. Во Њујорк следи кино премиера на истите овие филмови како и на американскиот филм „Жоржет“ и неколку други американски филмови.
Премиерите следат многу скоро, штом повторно ќе се дозволат јавни групни собири и културни настани. Исто така, следи кампања за Креациос на социјалните мрежи со нова содржина која ќе покаже што се имаме работено во предходниот период и на што моментално работиме со што сите ќе можат да се запознаат. Значи, продолжувам да работам во САД, но и на релација со Македонија.
Во однос на место на живеење, откако го истражив Њујорк добро, моментално, се повеќе сум во Калифорниа и околината на Лос Анџелес, заради обврските со работата, и бидејќи тука се наоѓаат седиштата на студијата со коишто соработувам и сум заинтересиран да работам.
Конкретно сум во Лос Анџелес последниве 4 месеци и сум воодушевен од она што е поразлично тука од Њујорк кој е брз, динамичен и бизнис ориентиран, а тоа е побавен и порелаксиран живот, потопла клима, палми, плажи и океан, како и услови за здрав живот и спортување на отворено. Сум отворен да видам како работите ќе се одвиваат со текот на времето, но покрај Њујорк, и Лос Анџелес е една од можните идните долгорочни дестинации.
Официјалниот постер за Macchiato please
И во полето на работата и за местото на живеење, можностите во САД обично се толку големи и образованието е толку богато што, мислам дека човекот ако се ограничи и размислува по строги рамки и планови, ќе резултира негативно. Иако си правам планови, отворен сум на сите нови можности којшто САД ќе ги понуди во следниот период.
За жал, светската пандемија длабоко ги удри приватните бизниси меѓу кои се и филмски продукции и предизвика многу проблеми за повеќе од 75% oд филмските работници како и губење на визиите на многу интернационални работници во САД. Иако јас не сум еден од нив и сеуште, за среќа, не се знае како ова ќе влијае и на мојата состојба и на моите планови. Меѓутоа се надевам дека сето ова е една кратка епизода, дека се ќе заврши што е можно поскоро без големи последици, и дека ќе можеме да се вратиме во нормалните работни услови.
