Интервјуа

„Им се восхитувам на сите обични луѓе коишто остануваат нормални и скромни во ова конзумеристичко време“ – прв дел

Интервју со Игор Томески, продуцент и режисер со двојна диплома од САД

Везилка Магазин

Игор Томески е штотуку дипломиран режисер и продуцент, како и дигитален маркетер, комуниколог и новинар кој својот живот во Тетово го замени со Њујорк.

Во интервјуто во два дела за Везилка, Игор го раскажува својот пат до стипендиите како студент, начинот на запишување и студирање, како и можностите што ги доби откако стапна на американско тло.

Како се стигнува до факултетско образование во САД?

 

Јас сум американски студент веќе 4 години. Пo завршувањето на средното образование во Тетово, во 2015 се доселувам во САД и започнувам факултетски студии во Алтанта, Џорџија, а веќе следната година во 2016 правам трансфер на Менхетенвил Колеџ во Њујорк Сити. Имам живеено во градот Њујорк повеќе од 2 години и моментално живеам таму.

Игор во Downtown Manhattan – приватна архива

Штотуку ги завршив моите американски додипломски студии во Њујорк, и овој јуни се стекнав со две амерички дипломи од интердисциплинарните студии на Менхтенвил Колеџ во Њујорк – едната за мулмтимедијална режија и продуција со што станувам филмски, телевизиска и театарски режисер и продуцент, а другата за комуникациски науки и дигитални медиуми во областа на комуникологијата, новинарството и маркетингот, според стандардите на државата Њујорк во САД. Дипломите вредат 250,000 американски долари за 4 годишното американско образование.

Во 2015 бев примен на повеќе универзитети од Шангајската листа на топ 30 од 100-те најдобри светски универзитети како  Бостонскиот Универзитет, Њујоршкиот Универзитет, Колумбиа Универзитетот,  стручни уметнички академии како AMDA (American Musical and Dramatic Academy), The American Academy of Dramatic Arts, потоа универзитети како Saint John’s University, Manhattanville College и слично. На 7 универзитети имам освоено целосни пакет од стипендии со износ 30,000 до 220,000 илјади долари за 4 години, oдносно, толку би требало да платам да се стекнам со тоа образование да не би ги добил стипендиите.

Од режирањето на скеч комедија на Times Square – приватна архива

Патот е тежок и полн со предизвици, особено за студенти од ниско развиени земји коишто немаат eднаков пристап до информациите, знаењето, стручната помошта за аплицирање за универзитетски студии коишто луѓето во развиените земји ги имаат. Со самото тоа, младите којшто доаѓаат од Македонија треба да вложат тродупло сили за да дојдат до тие информации и тоа знаење и да успеат стигнат до овие места. Доселувањето во САД преку образование и кариера е најреткиот а можеби и најтешкиот начин да се дојде до САД. Многу студенти коишто живеаат и студираат во Македонија, како и оние Македонци од втората генерација коишто се веќе родени во САД и во западниот свет, не се запознаени со тешкотиите на патот и критерумите коишто еден Македонец треба да ги помине.

Она што можеби не е познато за Македонците во Македонија е дека за американските апликациите се подготвуваат и испраќаат една година пред почетокот на самите студии, и со оглед на големата и долга подготовка за потребната документација и положени тестови кои еден интернационален студент треба да ги поднесе до универзитетите во САД, со процесот треба да се почне уште порано. Јас со процесот за подготовка започнав уште од почетокот на втората година од средношколските студии, и тој процес траеше цели две години, за да завршам на средината на четртата година од средношколските студии.

Дипломирање на Игор – приватна архива

Прво, морав да оддржам добар академски статус и добри оценки, како и да се вклучам во што повеќе вон-наставни активности и непрофитни и волонтерски активности вон училиштето. Како продуцент и лидер, од мали нозе бев вклучен, но и предводев, разни културни инцијативи и проекти на развој на заедницата во Тетово, речиси цели 10-тина години, самостојно водејќи масовни проекти од 10-тина до повеќе од 100-тина учесници. Сето тоа и те како ми помогна.

Второ, голем дел имаше целогодишната подготовка за американската матура или SAT тестот – испит кој мора да го положите за да бидете примен во било кој амерички акредитиран универзитет. Материјалот за тестот е наменет само за американски студенти и е предизвик за македонски студент да дојде до тоа знаење, а од друга страна нема многу институции и инструктори коишто успешно даваат тренинзи за SAT во Македонија. Иако бев ученик во америчко средно училиште во Тетовo, сепак не постоеше таков тренинг и професорите таму не беа обучени за тоа, па морав самостојно да одвојувам време и да се подготвувам за испитот од книги и интернет. Tаа подготовка траеше повеќе од една година.

Игор на Times Square – приватна архива

Трето, следеше селекција на универзитети и разгледување на поединечните критеруми за упис, пополнување на апликации, пишување мотивирачки есеи за секоја програма и за секој универзитет посебно. Сите апликации заедно со резултатите од америчката матура, оценките и вон-наставните активности беа услови за прием на универзитетите. Но откако ќе ве примат на универзитетите, процесот не е готов, бидејќи големата сума за студирање е невозможна за македонскиот стандард.

Четврто, следи втор круг за аплицирање за стипендии во истите универзитети. Се прави документирање на сите проекти во кој сте учествувале со материјални докази и визуелно портфолио како дел вон-школски активности да се исполнат разните услови за стипендии, како и снимање на монолози како приемен дел од испитиот за театарските и актерските програми. Откако ќе се добијат и стипендиите, се гледа кој универзитет можете да си го дозволите.

Манхатанвил класата – приватна архива

Kонечно, кога ќе се стигнe во САД, дојденците треба да се натпреваруваат со студенти и колеги кои имале услови за развој и живееле во систем кој адекватно ги препознал и вреднил нивните достигнувања, додека Македонците доаѓаат од земја во развој и од средина која нивниот квалитет не секогаш е или бил системски препознаен и вреднуван ниту пак ги имале истите услови за развој. Во тој случај, студентите мораат уште толку да се потрудат за да успеат откако ќе пристигнат тука.

 

Како САД ти помогна тебе?

 

Ја сум седумкратен добитник на стипендија која изнесува 50,000 долари годишно или 200,000 долари во целост за 4 години од моето студирање, и истата ми беше понудена од 7 различни институции, за секој универзитет посебно.

Во однос на образованието, широката и богата интердисциплинарна програма ми овозможи да се развијам и оформам како професионалец во повеќе од една област и во повеќе дисциплини полиња, да сум мултидисциплинарен и размислувам мултидисциплинарно, да се снаоѓам во повеќе работни повизии, и да се стекнам со две американски универзитетски дипломи. Секако, животот на кампус и достапноста на литература, библиотека и опрема и студија, овозможи теоретски, како и практично, да се оформам во професијата и да творам во текот на студентските години.

Игор во претстава – приватна архива

Со првата диплома за мултимедијална режија, факултетот ми овозможува да работам во полето на филмот, телевизијата, па дури и театарот, најпрво како режисер и продуцент, но потоа и како сценарист, продуцентски менаџер, видео монтажер, директор на фотографија/камера оператор, и било која креативна или техничка функција во овие области. Универзитетот ми даде можност за практиканство преку универзитетот, да бидам присутен и дел од професионален холивудски филмски сет во САД како дел од продуцентскиот тим во една масовна продукција како и да предводам и продуцирам филмска снимена содржина но и телевизиска содржина во живо со повеќе камери, како продуцент на самиот универзитет во помали продукции.

Со втората диплома за комуникациски науки и дигитална медиумска продукција, факултетот ми овозможува да работам во полето на маркетингот, во областа на дигиталниот маркетинг, социјалниот медиа маркетинг и креативниот маркетинг,  како маркетинг менаџер, дигитален маркетер, контент маркетер, копирајтер, social media менаџер, и слично, и во полето на комуникологијата и новинарството, како водител, тв новинар, колумнист, репортер и автор на емисија, како и проектен пишувач и автор. Исто така, ми овозможи да пишувам за универзитетскиот весник како новинар дописник од културата цела академска година и да ги посетам големите телевизиски куќи.

Во канцелариите на CNN – приватна архива

Потоа, факултетот ми овозможи да имам онлајн студии и да ги положам дел од теоретските испити додека престојував во Македонија, а ми овозможи истовремено да имам практиканство во Скопје во текот на 2018 и 2019 година и да придонесам со моите вештини во Македонија работејќи на проекти од УСАИД, Америчка Амбасада, Европска Унија и Еразмус со што го зголемував работното портфолио додека ги полагав теоретски испити онлајн.

Кога се вратив во САД резимето беше побогато од колегите студенти бидејќи имав работено за овие престижни инстуции. За многумина во Македонија да живееш во Скопје и да работиш за овие корпорации а истовремено онлајн да студираш во САД за одреден временски период беше несфатливо, но истото онлајн учење стана реалност за време на кризата со Ковид 19. Исто така, образованието во САД ми призна одредени практични почетни испити и предмети како положени врз основа на моето предходно работно искуство и проекти, што кај нив се вика experiential credit.

New York Film Academy – приватна архива

Конечно, Нобеловото здружение за идни светски лидери чие седиште е во Атланта, Џорџија, САД, ми овозможи да бидам светски препознаен како иден светски лидер од добитници на Нобеловата награда и директно од членовите на нобеловото семејство, како Келс Нобел, но и актерскиот холивудски бард Ед Харис, и да се стекнам со светска титула за успех – една од највисоките титули за младината во светот воопшто, млад нобеловец и иден светски лидер, или личност со вонсериски достигнувања (person of extraordinary ability), и таа валидација да стигне од најсупешните луѓе во светот во сите области. Ме поврза со мои врсници и истомислници од мојата област и од многу други области, како и компании во моето поле на интерес.

Игор како добитник на Nobel NSHHS наградата во 2016 година – приватна архива

 

Имаш ли идоли?

 

Немам, од неодамна престанав да идолизирам. Му се восхитувам на секој еден кој успева со љубов да работи и да се оствари во професијата што ја сака, без разлика на пречките којшто ги има да се занимава со тоа, особено во полето на уметноста. Исто така, им се восхитувам на сите обични луѓе коишто остануваат нормални и скромни во ова конзумеристичко време, на малите-големи луѓе. Немам конкретни имиња.

Холивуд Walk of fame – приватна архива

 

Средби со Македонци

 

На мојот прв ден на шетање во Даунтаун Менхетен во август 2016, и еден од првите денови откако пристигнав во Њујорк, ми се случи да слушнам како се зборува на македонски на кејот на Хадсон Ривер. Бидејќи бев тазе дојденец, не почекав да им приидам и да се поздравам. Така беше со другите балкански јазици, особено на почетоците тука – се обидувате да се поврзете до луѓето преку она што ве прави слични – јазикот, менталитетот, местотот на живеење. Сепак, Њујорк е место каде што ќе чуете и слушате многу други јазици, ќе видите многу култури, и ќе бидете експонирани на многу менталитети. Со текот на времето, од една страна прифаќате различности и се одвикнувате целовремено да слушате македонски и тоа ви станува секојдневие, но од друга страна дознавате дека има и многу други работи кои ве прават слични со луѓето од други култури.

На сетот на Macchiato Please – приватна архива

Кога сум на запад, се чувствувам како граѓанин на светот, но неоспорно е дека сум и Македонец во исто време. Во модерното време сметам дека ние младите македонци имаме двоен идентитет или два идентитети во себе – од една страна македонец од друга страна граѓани на светот. За да се биде граѓанин на светот не е доволно да се зборува англиски или глобално, туку потреба е да се размислува амерички или глобално за да се има пристап до сите можности на модерниот глобален свет. Двата „идентити“ имаат свои позитивности ако се чуваат и негуваат во себе, но секогаш постои борба помеѓу истите, а која страна ќе завладее и опревлада зависи од околностите, од местото на живеење, од личните преференции и приоритети.

Но сепак, човекот секогаш бара сличности, па убаво е да кога ќе се сретнеме и кога ќе се распознаваме и по етничката припадност, како една од параметрите за сличност помеѓу човекот.  Како што вели тетовскиот драматург и пистел Јован Дамјановски, земјата станува се помала и помала и му припаѓа на целото човештво, па така и на нашиот мал македонски народ кој е распространет на сите меридијани низ светот….

 

Продолжува…..

Везилка Магазин