Интервјуа

Ирина Павлова: Многу е чудно чувството што ми се појавува при секоја моја посета на Македонија

Везилка Магазин

Како една неверојатно инспиративна дама подобрува едно општество?

Ирина Павлова, основачка на Swiss Travel Market – онлајн платформа за информации, производи и услуги поврзани со швајцарската патувачка и туристичка индустрија, поголемиот дел од својот живот го поминала надвор од Македонија. Иако дипломирала историја на уметност и археологија, а магистрирала политички науки, од 2004 година работи во областа на туризмот, но како што вели, едното не ги исклучува другите, туку напротив, сите се спојуваат во „желбата за сознавање, постојана надоградба и личната желба за непрекинато учење“.

Берлин, 2016 – приватна архива

Откако ја изгубила работата за време на првите два брана од пандемијата во Швајцарија, Ирина поминала многу часа пред компјутерот, анализирајќи, истражувајќи и планирајќи го она што пред 2 месеца го виде светлото на денот – туристичката платформа која е замислена да ги спои сите производители и даватели на услуги во Швајцарија, без разлика од кој сектор, за да може да се обезбеди непречено закрепнување и развој на локалниот туризам.

По поминати скоро 20 години во Атина, раѓање на дете и распад на брак, во август 2019 Ирина се пресели во Цирих, за, како што самата вели, урбаниот атински хаос да го замени со „прекрасна природа, смирен начин на живот, едноставност во функционирањето и чистота на околината“.

 

Твоето прво излегување од Македонија беше во 1992 година, кога како студент на размена отиде во САД, но следната година се врати и се запиша на факултет. Во 1999 година се запиша на постдипломски студии во Атина. Имаше ли нешто што те „одби“ за да се вратиш повторно на едукација во САД и зошто баш Атина, од целиот свет?

 

Ирина: Во 1992 година се вратив во Скопје иако бев примена на универзитетот во Ст. Луис, но за жал во тој период финансиската состојба не ни дозволуваше да го продолжам школувањето во Америка.

Атина дојде како подарок, по завршувањето на факултетот во Скопје аплицирав на пост дипломски студии во Атина, кои беа комплетно финансирани од Европската Унија. Успеав да влезам во кругот од 6 кандидати кои таа година ја добија стипендијата. Тоа беше една убава можност и навистина големо искуство на кое со задоволство се сеќавам.

Атина, 2015 – приватна архива

Желбата да се вратам во САД секако постоеше, да бидам искрена – и до скоро, но веројатно не беше доволно силна за да ги вложам сите напори да ја реализирам. Подоцна успеав неколку пати да појдам во САД, секако само туристички, за да ги посетам драгите пријатели кои ги имам таму.

 

Со тогашниот сопруг, во 2001 година заминувате за Белград, каде останувате 3 години. Од 2004 година Атина станува ваша постојана база, но често патувате и поминувате и по неколку месеци во Англија. Во што уживаше најмногу во тој период на постојани патувања, а што ти претставуваше најголем предизвик?

 

Ирина: Периодот поминат во Белград беше многу значаен за мене.  Пристигнавме во Белград на 12 септември, еден ден по 9/11, во град и земја коишто сѐ уште беа под санкции. Беше навистина предизвик да се живее таму во тој период, но од тој престој сѐ уште ги имам неколку од најдобрите пријатели во мојот живот.

По враќањето во Атина, почнавме полека да се прилагодуваме на тамошниот живот. Почнав со работа во една старт-ап компанија (мислам дека во тој период изразот „старт-ап“ сѐ уште не беше во голема употреба). Токму тогаш беше мојот прв контакт со туризмот и работата во него.

Дизни, Париз 2007 – приватна архива

На позицијата Интернационален Манаџер за продажба бев повеќе од две години и во тој период патував постојано. Во 2005 година имав реализирано 55 авионски лета низ Европа. Колку што беше интересно, толку беше и тешко, бидејќи ми се случуваше да се разбудам во некој хотел и да ми се потребни неколку минути да сфатам во кој град сум..

Во Англија беа централните канцеларии на компанијата за којашто работев, па поради тоа често престојувавме и по неколку месеци таму. Велам „престојувавме“ поради тоа што со сопругот заедно работевме во истата компанија, па често или јас го следев него или тој мене. Во секој случај, имавме можност да работиме во било која од двете канцеларии.

 

Дали љубовта кон археологијата и уметноста те однесе до туризмот или обратно, желбата за шетање и запознавање нови култури те втурна во твојата прва диплома, и како магистратурата на политички науки се вклопува во целава слика?

 

Ирина: Моето формално образование мислам дека скоро никако не се вклопува во мојот избор на работа. Само желбата за сознавање, постојана надоградба и личната желба за непрекинато учење може да се поврзе со сѐ претходно. Историја на уметност е моја пасија.  И ден денес, во секое време заедно со мојата ќерка посетувам изложби, музеи и разни случувања и настани поврзани со уметноста, каде и да се наоѓаме во светот. Не постои настан кој е поврзан со уметноста и е во моја релативна близина, а да не биде посетен.

Кина, 2015 – приватна архива

Политичките науки се најдоа како добра подлога за општо познавање на Европската цивилизација и култура и се едноставно добра основа за почеток на преговори во било кое поле на бизнисот. За да се доусовршам во тоа што го работам, посетував професионални курсеви по дигитален маркетинг, курсеви врзани за работата во туризмот, во полето на онлајн патувачката индустрија, како и продукт манаџментот..

 

Со оглед на тоа што од 2004 година активно работиш во полето на промоција во туризмот, изгледа сосема логично што неодамна ја создаде платформата Swiss Travel Market. Го виде ли твоето професионално око недостатокот од една ваква платформа за швајцарскиот туризам и каков е првичниот одзив на локалците?

 

Ирина: Платформата Swiss Travel Market се роди како последица на многу истражување, многу време поминато пред компјутер во време на првата и втора Ковид-19 криза во Швајцарија, кога и останав без работа.

Идеата на мојата платформа е да ги интегрира, обедини и даде можност на сите учесници заедно да ја рестартираат туристичката индустријата во Швајцарија. Во платформата нема да учествуваат само хотели, скијачки центри и асоцијации. Планот е да учествуваат сите помошни гранки, почнувајќи од електричари, адвокати, осигурителни компании, итн. Верувајте, оваа листа е огромна и не би можела да ги набројам сите категории, во моментов има повеке од 200 на листата и истата продолжува да расте. Идејата е сите да бидат во можност да најдат директен пристап на сите профили, сервиси, услуги и производи кои им се потребни за едно непречено работење.

Zermatt, 2020 – приватна архива

Со оглед на фактот дека платформата е пуштена онлајн на 5 октомври, а во меѓувреме јас поминав и една недела во Скопје, одзивот е релативно добар. Но, не ни очекувам плодовите да ги видам набрзо, се надевам дека за 6 месеци ќе можам да ви дадам повеќе инофмации. Јас сум позитивна, како и секогаш, и верувам дека со напорна работа и умни глави околу себе успехот неминовно доаѓа.

 

Колкав предизвик беше да се изгради нов живот и нова Ти по распаѓањето на твојот брак во Грција, земја за која велиш дека никогаш не си ја чувствувала како своја?

 

Ирина: Мислам дека тој период од мојот живот беше еден од најтешките што сум ги поминала. Кога влегувате во една заедница, никогаш не планирате тоа да заврши, така и мене, сѐ ми беше стресно и ново, непланирано.

Но, тие неочекувани промени ме направија само посилна. Одеднаш научив каде се плаќа данок (мислам на чекорите и контактите кои се потребни тоа да биде реализирано). Одеднаш научив што е сѐ потребно за еден судски процес, кога јас бев само Македонка, тогаш без грчко државјанство. Научив како да бидам мајка која е сѐ во исто време.

Крит, 2015 – приватна архива

Но морам да напоменам, дека најголемата помош ја добив од мојата мајка, која несебично и со големо задоволство помина 4 години со мене и ќерка ми во Атина. Без нејзината помош немаше да можам да бидам тоа што сум денеска. Таа се грижеше за Марина додека јас работев до 7-8 часот навечер, а во тоа време работев во Groupon Грција, како директор на делот за патувања. Таа се грижеше за Марина кога јас сакав да излезам со моите пријатели, за да мојот живот малку наликува на нормален и таа е причината на која ѝ ги должам својата самодоверба и враќање во нормала. Ти благодарам Мама.

Но, една работа е сигурна, а тоа е дека секое зло се менува со добро во животот.

Санторини, 2016 – приватна архива

Иако поминати 20 години во Грција, никогаш не успеав да воспоставам добри релации со земјата. Секако имам многу добри пријателства и таму, кои веројатно ќе траат цел живот, но исто така имам и многу неубави искуства, некои врзани за работа, а некои и во приватните релации. Јас не сум човек кој молчи, па можеби и тоа придонесе за ваквите мои искуства, иако и конфликтот меѓу двете земји не ми беше од корист.

 

Да се биде родител во денешно време е предизвикувачки само по себе. Да се биде самохрана мајка уште повеќе. Сметаш ли дека секој треба да има свое катче, свое хоби, своја „тајна“ љубов на коишто ќе се посветува редовно внимание и како ти го храниш својот дух секојдевно?

 

Ирина: Родителството е навистина магична работа, која секако носи најмногу одговорности со себе. Но, во ниту еден момент не би променила ништо во таа релација. Кога ја гледам Марина како прекрасно расте и се развива во личност на која се гордеам, не постои поголема радост за мене.

Апсолутно си во право кога велиш дека секој треба да има свое хоби, нешто со што ќе си ги полни батериите. За мене тоа се патувањата и прошетките. Се трудам секоја недела да посетам по некое ново место. По преселувањето во Швајцарија најдов еден туристички водич, кој препорачува посета на 110 интересни, живописни места во Швајцарија. До сега имаме посетено околу 40.

Местоположбата на Швајцарија е таква да скоро сѐ е во близина, така да викенд во Италија, Франција, Германија или Австрија е едноставно да се изведе. Поради короната поголеми патувања не сум била во можност да направам во последниве две години.

Цирих, 2019 – приватна архива

Секојдневните прошетки се нешто од што не можам да се одвојам, посебно доколку временските услови го дозволуваат тоа.

 

Колку е лесно да се љуби повторно по доживеан крах и што мислиш дека недостасува во денешните врски?

 

Ирина: По една голема промена во животот мислам дека е малку потешко повторно да ја дадеш својата доверба некому. Но, секако не и невозможно. Мене ми беше потребен еден извесен период, но мислам дека сега сум задоволна со изборот кој го имам направено.

Лондон, 2012 – приватна архива

Со партнерот сум повеке од 5 години заедно, и мислам дека ја имаме најдено вистинската формула. Почит пред сѐ, простор и поддршка за сопствените избори и решенија врзани за работа и надоградба, квалитетно време поминато еден со друг, како и време во кое одвоено секој може да се рефлектира и одлучува за понатамошните постапки. Можам да кажам дека сме заедно во многу работи, но независноста е огромен дел од таа равенка.

 

По хаотичниот живот во Атина, Цирих велиш дека ти дошол како подарок. Како дојде до моментот Швајцарија да е вашиот нов дом и што ти беше најтешко на почетокот?

 

Ирина: Изборот за Швајцарија не беше случаен. Мојот партнер беше прв кој го направи чекорот и се пресели од Атина во Цирих. Мене ми беа потребни две години да успеам во мојата реализација на планот. Како прв предуслов беше мојата работа, која мораше да постои за да можам без проблем да се грижам за себе и мојата ќерка. Втор предуслов беше да се изборам со легалниот систем во Грција и да добијам дозвола да ја преселам ќерка ми од најзината родна земја и далеку од татко ѝ кој е во Атина. Но, како и да е, сите коцки дојдоа на свое место, јас верувам во добра карма и еве веќе две и пол години сме во Цирих.

Прекрасната природа, смирениот начин на живот, едноставноста во функционирањето дури и на најкомплицираните работи, чистотата на околината, иако во период на пандемија, мислам дека се само дел на убавината на животот во Швајцарија.

Нешто што го најдов исклучително тешко и предизвикувачки од самиот почеток, па и денес, е јазикот. Германскиот јазик е еден од најбогатите јазици во кој можес една реченица комплетно да ја разбереш, а истото тоа, кажано со други синоними и непознати зборови за тебе, да биде комплетно неразбирливо.

Меѓу другото, швајцарскиот германски е приказна за себе. Постојат повеќе од 40 регистрирани дијалекти што се зборуваат во различни делови од Швајцарија, па така локалците од Цирих имааат проблем да се разберат со локалците од Берн. Јас се трудам да го совладам германскиот јазик, а швајцарскиот ќе го оставам за други кои се похрабри од мене 😊 Ќерка ми веќе ги зборува и германскиот и швајцарскиот (циришки) дијалект.

 

Во животот си прошетала и проживеала на многу места во светот, но во Македонија, бар до сега, не се врати. Значи ли тоа дека не ја гледаш веќе како „дом“ или тој дом ги нема стабилноста и условите што знаеш дека ти требаат за да живееш онака како ти си одбрала?

 

Ирина: Македонија е мојот дом, мојата база од која никогаш нема да се откажам. Сѐ до моментот додека моето најблиско семејство сѐ уште живее таму и дел од моите најсакани пријатели се таму, јас секогаш ќе се враќам и ќе ја посетувам Македонија. Додека бев во Грција, често бев во Скопје, на скоро секои 3 месеци. Сега се трудам да одам што е можно почесто. Секако последниве две години не се најдобар пример и во тој период успеав само 2 пати да појдам (последен пат во октомври).

Охрид, 2018 – приватна архива

Многу е чудно чувството што ми се јавува при секоја моја посета. Секогаш со нетрпение очекувам да дојдам дома, мислам на Скопје, да ги гушнам моите најблиски, да се видам со пријателите, да излезам, да видам што има ново во градот. Но најчесто, по само неколку интензивни дена поминати во Скопје, ми се јавува чувството кое ми вели „Ок, се виде со сите, време е полека да се вратиш дома“.  Во минатото тоа „дома“ беше Атина, а сега е Цирих.

Но, кога се работи за преселба – не сум сигурна дека во оваа фаза од животот сум спремна да се вратам. Не би сакал да ја затворам вратата, можеби, никогаш не се знае каде нѐ води патот.

Ниту Швајцарија била во моите планови претходно, па еве се случи…..

Везилка Магазин