Пред неколку години, некој ми препорача книги и видеа од Др. Џо Диспенза. Во неговата книга „Вие сте плацебо“ , ја објаснува моќта на човечкиот ум и се‘ што може да се креира ако практикуваме свесно мислење. Ако треба да ја раскажам цела книга од преку 300 страници во една реченица, би рекла, „Ќе го добиеш она во што веруваш.“
Откако изгледав неколку од неговите видеа, видов дека и други научници се занимаваат со објаснување на квантна физика, со Др. Брус Липтон еден од нив.
Мојот сопруг и јас уживаме да слушаме научни објаснувања за тоа дека секој човек свесно или несвесно ја креира својата реалност. Секој за себе треба да си одлучи дали овие идеи резонираат со нив или не.
По мое мислење, идејата дека јас го креирам мојот живот ми носи многу повеќе мир, отколку помислата дека Бог ме казнува и сигурно некој тежок грев сум направила, па сега моето дете и јас страдаме. Личниот развој е заснован на идејата дека ние избираме да не бидеме жртви на околностите. Постојат алати и методи со кои можеме да си го подобриме животот и кои може да се искористат за да се променат програмите и уверувањата кои не ни служат.
На почетокот размислив за ова, направив мали промени како медитација и вежбање наутро, и пишував за што сум благодарна навечер. Забележав мали промени во секојдневието. Се чувствував подобро, а односите со луѓето од страна драстично се променија.
Со сопругот откривме дека Др. Брус Липтон доаѓа во Европа за да одржи дводневно предавање. Одлучивме да одиме. Тоа беше можност и да научиме нешто ново и да поминеме еден викенд заедно. Јоана, се разбира, остана со нејзините баби.
Главната идеја на учењата на Др. Липтон е дека програмите кои ги носиме го одредуваат нашето однесување и начинот на живот. Ако не сте слушнале за Др. Брус Липтон, можете да ги побарате неговите видеа на YouTube. Насловите на тие видеа вообичаено се нешто како „Како да го репрограмирате вашиот потсвесен ум“ (How to reprogram your subconcious mind – некои од видеата ги има и на српски/хрватски, доколку не зборувате англиски).
Некои научници велат дека тезите што ги застапува Др. Липтон не се научно докажани. Јас не сум научник, и немам време ни волја да учам и тестирам самата. Одлучив да одам со малку верба и да ги следам некое време предложените принципи и идеи. Ништо не можев да изгубам. Тоа се идеи за позитивно размислување, преиспитување какви програми носам од детството, дознавање информации кои ми служат и испробување на нови тактики за репрограмирање. Баш да видам што ќе се случи.
Супер си го поминавме викендот во Загреб. Летот беше на време, сместувањето ни беше блиску до настанот, времето беше прекрасно (средина на Септември). Го разгледувавме градот и уживавме во времето што си го посветивме.
Предавањето беше фантастично. Преку 800 луѓе во публика и Др. Липтон беше пречекан со голем аплауз. Многу бев возбудена што бев таму. Првиот ден имаше 3 часовно предавање, како вовед.
Зборуваше за филмот „Matrix.“ Дека идејата за тоа дека ние сме креатори на нашите животи не е бајка, туку наука. Сите можеме да искреираме живот како што сакаме, ама не го правиме тоа заради тоа што носиме ограничувачки програми. Оттука, надградување на нашето знаење е моќ. Знаењето е моќ, а недостатокот на знаење е недостаток на моќ. Зборуваше дека е мит тврдењето дека биолошките процеси ги објаснува Њутновата физика. Правилниот одговор би бил: биолошките процеси може да се објаснат со квантната физика.
Исто така е мит дека гените ја контролираат биологијата. – Епигенетиката ја контролира биологијата. Мит е дека еволуцијата е процес на случајност; еволуцијата е процес на прилагодување. И повеќе не важи преживување на најсилните, туку преживување на најприспособливите.
Кога сме деца, почнуваме да абсорбираме програми и ограничени уверувања од нашето семејство и околината. До времето кога стануваме возрасни, веќе сме развиле ригидни верувања. Но можеме ли да си дозволиме да останеме ригидни во нашите ставови кога се‘ во Вселената се менува? Др. Липтон кажа нешто што ми се допадна и многу резонира со мене: „Ригидност креира предизвици.“ Целосно се согласувам. Луѓето имаат некое верување за нешто или некого и се држат до тоа, без оглед на тоа какви се околностите, без да го разгледаат тоа од некој поинаков агол, а тоа секогаш креира предизвици за нив.
Бев во моето бубалица-расположение и запишав цел нотес белешки. Некои ќе ги презентирам тука. Предавањето продолжи наредниот ден.
Следеше долго и детално објаснување за енергија и протеини (секоја клетка е составена од протеини) и дека протеин+сигнал=однесување. Др.Липтон објаснуваше понатаму како нашите уверувања ја контролираат нашата биологија. И дека ние имаме моќ да ги промениме тие уверувања. За подетално на темава може да побарате видеа на YouTube.
Ми се допадна и објаснувањето за нашите емоции на лутина, стрес, притисок, љубов, страв, радост… Дека сето тоа се симптоми. Тие не се тука да ни додеваат, туку да ни дадат информација за нашите тела. Уживав кога објаснуваше дека кога сме вљубени, произведуваме допамин, окситоцин, вазопресин и хормон на раст. А кога сме во страв, произведуваме кортизол, норадреналин, цитокин и хистамин- сите овие се хормони на стрес.
Тој вели дека функцијата на умот е да креира врска (кохерентност) помеѓу нашите уверувања и нашата реалност. И ако веруваш дека можеш – ќе го направиш тоа. Ако мислиш дека не можеш – и тоа исто е точно. Буда рекол пред 2.500 години: Она што мислиме – тоа стануваме.
Објаснувањето за свесниот и несвесниот дел од умот беше извонредно. И како сите програми несвесно се креираат во детскиот мозок. Програмите на детето зависат од она што слуша и гледа и дали добива доволно љубов и внимание или е игнорирано. Аристотел рекол: Дајте ми дете во првите седум години и јас ќе ви дадам човек.
Зборуваше за важноста на фокусирање на нашиот ум. Ум кој лута е несреќен ум, а медитација помага многу во фокусирањето.
95% од нашите реакции и навики доаѓаат од нашиот подсвесен ум и мораме да ги промениме навиките ако сакаме да ги промениме нештата што не ни се допаѓаат кај нас. На тој начин, со повторување и практикување на нови навики, ние го репрограмираме умот. Особено многу ми се допадна кога зборуваше за љубов спрема себе. Кажа: 85% од оваа публика нема ни да го тестираат ова и да кажат „Се сакам себе си,“ и да видат какво чувство тоа би им донело. Нивниот програм е „Јас не сум вредна за љубов.“
Др. Липтон рече и дека денешната наука признава дека:
„ Фундаментален заклучок на новата физика е дека набљудувачот ја креира реалноста. Како набљудувачи, лично сме вклучени во креирањето на нашата реалност. Физичарите се приморани да признаат дека Универзумот е “ментална“ конструкција. Физичарот и пионер во својата област, Сер Џејмс Џинс (Sir James Jeans), напиша: „Струјата на знаењето се движи кон не-механичката реалност; Универзумот се повеќе почнува да личи како голема мисла отколку како голема машина. Умот повеќе не се чини како случајна компонента во царството на материјата; наместо тоа, се повеќе го гледаме како креатор и господар во царството на материјата. Да си признаеме и да го прифатиме јасниот заклучок. Унивезумот е нематеријален, ментален и спиритуален“ , Р.С. Хенри, Професор по астрономија на Универзитетот Џон Хопкинс. (оригиналот од оваа изјава на линк)
Ние не сме само ум и тело. Ние сме ум, тело и дух.
Се‘ што не ни се допаѓа кај нас, можеме да го промениме.
Нашите умови имаат голема моќ.
Сите досегашни информации од почетокот на текстот се поважните точки запишани во мојот нотес (ви реков дека сум во бубалица-фаза?). Предавањето беше возбудливо, со многу примери од обичниот живот и многу хумор. Многу инспиративен семинар.
Пред да одиме во Загреб, слушајќи видеа, слушнавме дека со промена на мислите и репрограмирање на нашиот ум, дури и од болест можеме да се излечиме.
Отидовме на семинарот во Загреб за да научиме нови работи, но исто така и со надеж да дознаеме дали можеби нешто повеќе можеме да направиме за Јоана.
На една од паузите мојот сопруг успеа да начека момент со Др. Липтон и го праша: “Како можеме да го репрограмираме потсвесниот ум на Јоана, кога таа не разбира зборови? Можеме ли воопшто?“
Никогаш нема да заборавам со колку ентузијазам Др. Липтон почна да зборува: “Апсолутно! Апсолутно! Можете да зборувате со неа. Можете да ѝ праќате позитивни вибрации. Ниту вие, ниту било кој од вашата околина не треба да чувствува жал кон неа. Не ја гледајте како кутро дете. Треба да ѝ кажувате секој ден колку е моќна. Колку е силна. Кажувајте ѝ дека таа може да биде кој што таа сака да биде. Давајте ѝ љубов и поддршка.“
Имаше нешто многу мотивирачко во начинот на кој го кажа тоа. Ние веќе ѝ кажувавме само позитивни афирмации и дека многу ја сакаме. Сега не можевме да дочекаме да дојдеме дома, да ја гушнеме и да ѝ кажеме: “Многу си силна. И многу си моќна. Ти верувам и многу сум горда на тебе. Ти знаеш што правиш и сигурна сум дека ќе најдеш начин да бидеш кој што ти сакаш да бидеш.“

Само да расчистиме, Др. Липтон не рече: “Правете го ова и таа ќе се излечи.’’ Човекот само кажа дека тој верува дека дури и дете со оштетен мозок има шанси за напредок ако е во позитивна околина. Лично јас, мислам дека и таа и секој друг може да биде излечен од било што. Ништо не е невозможно. И ако тоа треба да се случи, ќе дојде во најправилно време за неа. Постои Процес, и јас бирам да му верувам. И бирам да верувам дека се’ ќе дојде во право време. И верувам дека нешто подобро секогаш доаѓа кон нас.
Знам за многу експерименти направени на растенија. Земаш растение и му зборуваш секој ден; му кажуваш дека го сакаш и дека е прекрасно. И земаш друго растение, на кое му кажуваш дека е грдо и дека го мразиш. Резултатот е тоа што првото растение се раззеленува и расте прекрасно. А второто растение останува мало и брзо изумира.
Истиов експеримент е правен и на вода. Ова е објаснувано во скоро сите документарци на тема вода. Дека кристалите на водата гледани под микроскоп се со правилна форма на снегулка, кога водата е во средина полна љубов. А кристалите на водата која е во стресна средина се темни и разобличени, гледано под микроскоп. (И на оваа тема можете да најдете многу видеа на YouTube)
Ако ова е вистина за водата и растенијата, зошто не би била и за луѓето?
Јас бирам позитивен став затоа што прави да се чувствувам добро, покрај сите останати позитивни ефекти. Ме прави смирена, среќна и исполнета. Кога ќе кажам ‘Благодарна сум за ________“, тоа ми звучи толку правилно.