Книжевно творештвоМузика и уметностРепортажиСветот низ наши очи

Каде најмногу ви се допаднало – место, град?

Везилка Магазин

Многу сакам да патувам. Ретко кој не сака, нели? Тој порив за патување станува сè посилен, особено сега кога сме вака, на некој начин, спречени да патуваме заради ковид пандемијава. Верувам дека наскоро пак ќе можеме слободно да патуваме. Додека можеше да се патува, без ковид рестрикции, имав шанса да престојувам во голем број на земји во светов. Престанав да ги бројам кога бројот се искачи на преку шеесет.

Ме прашувале каде најмногу ми се допаднало – место, град?

Би се очекувало да речам Париз. Ми надоаѓа цела низа од интересни доживувања и прошетки од престоите во Париз, но не велам Париз. Мислите потоа ми одлетуваат на незаборавното време поминато во Токио, ама не велам ни Токио. Не велам ни Њујорк, иако уште ми е свежо сеќавањето од истражувањето на сите поинтересни места во Менхетен. И да не набројувам уште многу други градови што ми се вртат во паметот кога се обидувам да одговорам на прашањето. На крајот запирам во Рим.

Да, токму така – го издвојувам Рим како град што ми се допаднал најмногу. Во Рим сум бил повеќе пати, но никогаш нема да го заборавам првиот пат кога во живо, со свои очи го доживеав овој град. Во Рим минатото е засекогаш тука. Останав подзинат од сè она што го видов и доживеав во Рим, најмногу од неговото неверојатно богато минато и како сето тоа е зачувано и сè уште делува толку живо и е дел од сегашноста, дури и од иднината на овој незаборавен град. Во споредба со импресиите од Рим, скоро сите други градови во светот изгледаат некако исплакнато. Извинете Париз, Токио, Њујорк и цел дузина други прекрасни градови, Рим сепак го ставам на прво место. Затоа, ако сте решиле да го пропатувате светот, оставете го Рим за крај, инаку ризикувате сите места што ги посетувате после Рим да ви изгледаат некако недоволно дораснати за споредување со овој неверојатен град.

Можам многу да пишувам за импресиите од неколкуте посети на Рим, не знам дури ни од каде да почнам. Затоа, за оваа прилика ќе ги затворам очите и ќе ја пренесам првата белешка што ќе ми падне на памет. Еве, на пример, во мислите ми оживува денот кога ги посетивме Пјаца Навона (Piazza Navona) и Пантеон (Pantheon), како и познатата Фонтана Треви (Fontana di Trevi). Скоро сите места во Рим сум ги посетил и порано, но секогаш кога му се враќаш на овој вечен град нешто како да ти заигрува во душата и те прави среќен: едноставно како да забораваш на сè и се препушташ на историјата и градбите од едно минато време кое сепак не е само минато, бидејќи на некој начин е сè уште тука и ќе биде тука уште долго зашто трагите се речиси неизбришливи.

Пјаца Навона е како градинка за возрасни, на овој плоштад покрај прекрасните фонтани има и секаков свет кој како да е тука да ти се пика пред очи со секакви непотребни дрангулии: најчесто секакви додатоци за мобилни телефони и фотоапарати, украси за успомен, но и со многу забавни нешта, малку и музика, шеги од уличните изведувачи; тука се и многубројните сликари кои со себе носат цело море од најразлични слики и сликички специјално направени за туристите, се нудат и портрети, карикатури. Ми се чини дека на овој плоштад видов повеќе сликари на едно место отколку лани во истото време во Монмартр (Montmartre) во Париз.

Пантеонот си беше истиот како минатиот пат кога го посетив, веројатно ќе си остане таков уште долги години. Грандиозна градба, со векови бил најголемата купола во светот. Сега тој примат ми се чини дека го држи Ватикан.

За жал, овјпат не можеше да се види многу од фонтаната Треви бидејќи се реновираше, па така остануваат спомените за неа од она што го видов при претходната посета. Тогаш беше како што треба, со многу разиграна вода и прекрасни скулптури. Сега истите скулптури се печеа на сонце, без капка вода и со многу скелиња околу нив, реновирањето веројатно ќе потрае. За чудо, онаму каде што била водата, по дното сè уште се гледаа расфрлани паричките што многумина ги фрлиле таму со надеж за среќа. Наидов на податок дека посетителите во фонтаната дневно фрлале парички во износ од преку 3000 евра.

 

Владо Јаневски
(кратки белешки од патувања по светов)

Везилка Магазин

Напишете коментар