Убаво е да се слика небото над Ватикан, да се фати во кадар месечината и по некоја ѕвезда. Небесните тела што се појавуваат во тој момент над ова раскошно место како да се знаци дека некој одгоре гледа што се случува во Ватикан…
Сум го разгледал Ватикан, одвнатре и однадвор, но секогаш тоа било дење и со многу народ наоколу. Би било интересно човек да може да прошета ноќе во Ватикан. За влегување внатре во тоа време мислам дека се нема шанси, освен ако немам пријател што го познава папата или некои од бројните момци од неговата гарда. Но нема забрана да се прошета ноќе на плоштадот пред самата палата. Тоа и го сторивме синоќа. Беше пријатна вечер, небото ведро, месечина на видик.
Предноста на ноќната прошетка е што тогаш скоро и да нема народ, туку само по некој турист. Убаво е да се слика небото над Ватикан, да се фати во кадар месечината и по некоја ѕвезда. Небесните тела што се појавуваат во тој момент над ова раскошно место како да се знаци дека некој одгоре гледа што се случува во Ватикан.
Навистина, каков впечаток остава ова место, оваа мала држава во држава…?
Мојот прв впечаток е – моќ, потоа добро разработен бизнис. За жал воопшто не стекнувам впечаток дека ова е свето место каде се слуша гласот на Бога, бидејќи сѐ наоколу ми остава впечаток дека тука се сместени моќници кои владејат со добар дел од светот – пред се духовно, но и тоа како и материјално. Тука сѐ сјае и е светнато и реновирано до максимум. Безмалку, како злато да тече во внатрешноста на ова грандиозно здание. Навистина тече, та внатрешноста изобилува со таков раскош и толку ремек дела од архитектурата, вајарството, ликовната уметност и безброј други скапоцености.
И? И тогаш од некаде во близина ме заплиснува мирис на пот, мирис на усмрдени чорапи, урина…
Се вртам наоколу и на само неколку метри од овој раскош, на мермерните подови, по ќошињата има полегнато поприличен број на бездомници. Им се наѕираат запуштените и бушави коси од импровизираните легла спрострени на плочниците.
Дали папата знае што се случува на само неколку чекори од неговиот кревет, кој како да се наоѓа во рајот? Веројатно може да ги ѕирне бездомниците ако ноќе ја покаже главата од неговиот прозорец.
Сигурен сум дека знае за овие несреќници, бидејќи подоцна гледам како неколку чесни сестри одат наоколу со лонец по импровизираните легла и им даваат по лажица-две супа и корка леб на мамурливите и немиени лица.
Текст и цртежи: Владо Јаневски
(кратки белешки од патувања по светов)