Лично

„Како да се однесувате со посебни деца и посебни родители“

Текст на Маја Стојчевски, coach за родители на деца со предизвик

Везилка Магазин

Скоро сите мои текстови ги пишувам со цел да им служат на посебните родители. Фокусот ми е нивна едукација и обид да ги инспирирам и да им помогнам да ги надминат негативните емоции.

Верувам дека кога некој одлучува да го заврши својот процес на тага и очајување, тогаш е спремен за посреќно поглавје во животот, полн со оптимизам, среќа и радост. Но, како што реков, тоа е процес, што значи потребно е време.

Во овој текст решив да ја понудам мојата перспектива со секој што не се соочува со вакви предизвици во своето семејство. Ако сакате да научите како да се однесувате со посебни деца и посебни родители, и уште поважно, ако сакате да ги едуцирате своите деца како да го прават истото, тогаш овој текст е за вас.

Две работи ме инспирираа да пишувам на темава.

Првиот тригер беше еден инцидент за којшто слушнав неодамна. Едно аутистично девојче си играло на лулашки, си ја гледало својата работа и не пречело никому. Ѝ пришле девојчиња од приближна возраст и се обиделе да зборуваат со неа. Кога не добиле одговор и увиделе дека девојчето е аутистично (многу се шокирав кога го прочитав ова), почнале да ја малтретираат, да ја подтурнуваат и ѝ викале „ретардирана“. Додека стигнале присутните родители да интервенираат, девојчето се тресело, плачело и било многу исплашено.

Тоа е траума што ќе ја носи со себе. И не, не помага воопшто што родителите на девојчињата се обиделе да се извинат. Требало да видат како изгледало вечерта кога мајката требало да го заспие девојчето, да видат како нивното „извини“ помогнало.

Втора причина зошто го пишувам ова е разговорот од пред некој ден што го имав со пријателка. Таа ми призна дека кога и да се во парк или на плажа со нејзините деца, не знае како да реагира и како и нив да ги едуцира кога ќе се најдат во близина на посебни деца. Таа ми рече: “Те молам кажи ми што да им речам на моите деца кога ќе ме прашаат зошто тоа дете е во количка? Не сакам да им речам дека детето е болно или хендикепирано и не знам воопшто што да кажам.”

Децата се празни книги и ваша е одговорноста како родители што ќе ставите внатре. Децата ве гледаат. Научно е докажано дека до возраст од седум години, тие даунлодираат свесно и несвесно се` што ќе видат, чујат и искусат. Апсолутно се`.

Докажано е и дека уште од втората година, детето совршено јасно разбира како неговиот татко се однесува кон него, како истиот тој татко ги третира другите деца од околината и какво однесување таткото има кон возрасните во и надвор од семејството. Можете да најдете многу текстови на оваа тема, нема да навлегувам детално во ова. Само го кажувам како факт.

Детето тоа не го прави свесно, на пример: Аха, тато се однесува топло и фино со мене, и малку повеќе е резервиран со другите деца, а посериозен е кога разговара со пријателите… – не, детето нема такви мисли. Тоа го сфаќа на интуитивно ниво, а на истото тоа интуитивно ниво се формира и неговата личност.

Јас знам дека не ги седнувате дома децата и не им викате: Кога ќе сретнеш аутистично дете или дете во количка, смеј му се и викај му „ретардиран“. Барем се надевам.

Но кога зборувате во разговор дека некоја друга личност е глупава, и употребувате зборови како „Таа е ретардирана“, зборот „ретардиран“ влегува во главата на вашето дете. И тоа совршено ќе знае да го поврзе тој збор со некој што не може да прави нешто, како на пример одење или бавност во изразувањето заради оштетување на мозокот. И кога вашето дете ќе сретне некого со било какво мозочно оштетување, ќе најде за соодветно да каже: Ти си ретард.

Значи дефинитивно треба да бидете внимателни какви изрази употребувате, зошто вашите деца се ваши огледала.

За да знаете како да ги едуцирате децата како да се однесуваат со посебни деца, прво морате вие да се едуцирате. Многу го ценам она што ми го рече пријателката: „Маја, ниту јас самата не знам што да кажам или направам во таква ситуација.“

И тука сум потполно искрена – не знаев ниту јас до пред да станам мајка. Појма немав како да не биде некако чудно и непријатно во таква ситуација.

Затоа и потполно ве разбирам сите вас кои не знаете како да се однесувате и што да речете и знам дека единствена причина поради која добивате блокада е тоа што се плашите дека ќе направите грешка. Не сакате да кажете нешто погрешно или да погледнете некого навредливо. И тука одлучувате да не речете ништо, да игнорирате, да погледнете на страна.

Но тоа ги повредува посебните родители. И не ви го кажувам сето ова за да проповедам добро и лошо однесување зошто јас сум многу паметна и сите треба да се прилагодите на мојот систем на вредности.

Само ви нудам перспектива на посебен родител од едукативни причини за секој кој сака да научи.

Откако ќе си признаете дека всушност не знаете ни вие какви да бидете со посебните лица, а не знаете ниту да ги научите вашите деца, може да почнете со следнава пракса секој пат кога ќе сретнете посебен родител и посебно дете.

Всушност и не е воопшто многу она што треба да го направите. Не е дека имате товар да изведете нешто тешко или комплицирано. Можете да постигнете и детето и родителот да се почувствуваат убаво само едноставно ако се насмеете и кажете „здраво“ и не ги игнорирате. Признајте го нивното постоење. Тие се овде на истата планета како и вие и не може да се игнорираат.

Секогаш кога ќе се разминете на улица со лице со попреченост, може да ги погледнете во очи, да се насмеете и кажете „здраво.“ Или, само насмејте се и климнете со глава. И ако сте блиску седнати на плажа или во парк или воз, можете да започнете разговор и да им дадете комплимент дека детето им е многу слатко. На пример: „Колку убаво девојче, прекрасна си. Колку убави очи имаш.“

Тогаш јас би ѝ рекла и на мајката нешто како: „Супер е, одлично ѝ оди“, затоа што ќе претпоставам дека вежбаат многу терапии. Ќе му значи на родителот да добие признание за тоа што секој ден со саати вежба со своето дете. И на крај би им кажала дека многу ми е мило што сум ги запознала. Тоа се речениците што јас би ги употребила, а вие смислете нешто што е во склад со вашата личност и како вие зборувате. Постојат безброј можности  на кои можете да им изразите љубезност на непознати луѓе.

И ако го направите ова додека вашето дете е со вас – полн погодок. Тоа ќе изрегистрира се` и природно ќе сака да ве копира. Исто можете да го охрабрите и вашето дете да му каже нешто на другото дете. Знам дека мислите затоа што е во количка и има отсутен поглед и не зборува или го фокусира погледот, дека нема поента да му се зборува било што. Џабе маката, така? Но еве уште еден факт: Сите посебни деца, сите – без исклучок, можат да направат, почувствуваат и разберат многу повеќе од што сите ние мислиме. Сум видела докази за ова многу пати.

Гледајте вака на нив: и тие се човечки битија и единствената разлика помеѓу нив и вас е што тие имаат мозочно оштетување. Ништо повеќе. Но и покрај мозочното оштетување, можат да чувствуваат емоции, како радост. Чувствуваат кога некој ги игнорира и кога некој ги пофалува. Тие разбираат каква енергија им праќате на најсензитивен начин, и затоа се најдобрите учители на светот.

Направете експеримент за ова ако не ми верувате. Застанете пред посебно дете од било која возраст и кажете му нешто убаво и искрено, како колку е прекрасно и извонредно, и тоа ќе сјае. И од прилика толку е вашата “работа.” Само толку. Специјалните родители не очекуваат и не ни бараат повеќе.

Еднаш бевме во парк во Дизелдорф со Јоана и нејзиниот братучед. Тој сакаше да си поигра на игралиштето со другите деца и застанавме малку да се истрча на лулашки. Јас ја анимирав Јоана во нејзината количка и ја шеткав низ игралиштето затоа што таа не сака стоење во место. Игралиштето беше полно со деца кои играа и џагореа. Јоана ги сака тие звуци; навикната е на нив од градинка.

Две девојчиња на околу 6 годишна возраст ни пријдоа и ме прашаа дали може да ја фатат за рака. Се насмевнав и кажав, да. Потоа девојчињата самоиницијативно почнаа да и‘ пеат на Јоана, да и‘ ја чепкаат косата и јасно беше дека и порано биле во близина на посебни деца. И‘ зборуваа “Види колку си слатка.” Нивните мајки стоеја на страна, спремни да ги тргнат од кај нас ако ни сметаат. Ама јас им мафнав и реков: Не, не, во ред е , и‘ се допаѓа ова…

Имаше експлозија од убави емоции. Јас бев среќна затоа што Јоана се смееше и уживаше во вниманието, а девојчињата беа среќни затоа што знаеја дека прават нешто добро. А нивните мајки беа видливо горди. Гледате? Не е тешко.

Во ова нема ништо страшно, но можеби е ова непознато однесување за вас. Кога и да се соочуваме со нешто непознато, се обидуваме да се вратиме назад во нашата комфор-зона, каде што точно знаеме како да се однесуваме и што да кажеме/направиме. Можете и ваквиот тип реакции да направите да ви бидат познато однесување.

Седнете и зборувајте со вашите деца. Објаснете им дека некои деца така се родени и тоа исто така е нормално и на секого може да му се случи. Објаснете им дека тие деца живеат од друга перспектива и не можат да прават се што другите деца можат. И кажете им ја оваа многу важна работа, дека вашите деца можат да направат посебните деца да се почувствуваат добро, со тоа што ќе бидат фини кон нив.

Прашајте ги дали им се допаѓа кога другите добро се однесуваат кон нив? Прашајте ги како би се чувствувале ако другите ги игнорираат и никој не сака да им зборува?

И може овие прашања да ги свртите и кон вас: како би ви било на местото на посебен родител? Како би сакале да ве третира околината? Епа, во согласност со вашите одговори на ова прашање, треба и вие таков третман да давате.

Имајте на ум дека понекогаш ќе добиете негативна реакција или неучтив одговор од некој посебен родител. Но тоа не е ваша вина и ваша одговорност. Можеби родителот е уморен или бил навредуван премногу пати до сега, или можеби таков е по карактер. Тоа не е до вас. Она што е важно тука е вашата намера и каква енергија вие сакате да ширите во светот. Сте направиле доволно со својот гест на погледнување во очи и кажување нешто љубезно.

Разбирањето на различностите може да направи чуда во вашиот живот. И ќе ве поштеди од многу стрес. И не само ако го проширите разбирањето за посебните лица, туку и за се и секого.

Дајте се` од себе да седнете и да ги едуцирате вашите деца за лицата со попреченост. Ќе ви помогне и вие подобро да ги разберете овие лица. Ќе станете повеќе свесни за различностите кои постојат на сите нивоа, во секоја култура, религија, нација итн. Тоа е, само различно.

Едуцирајте се и себе си на темава затоа што луѓето со ментални и физички предизвици се тука и имаат и тие нас нешто да не научат. Ако ги игнорирате, ќе пропуштите важна лекција.

 

Маја Стојчевски е coach за родители на деца со предизвик. Нејзина мисија е да им помогне на родителите да ги надминат негативните емоции и да постигнат целосно прифаќање и благосостојба за нив и своите деца. Посебното родителство може да биде прекрасно искуство кога ќе се ослободи родителот од сите предрасуди околу дефиницијата за што е нормално. Работи online сесии со родители од целиот свет. Таа е мајка на 6 годишната Јоана која има ментален и физички предизвик, и знае како може да му помогне на секој родител кој се чувствува тажно, несреќно, осудено и заглавено.
Пишува блог на нејзината web-страница https://mayastoychevski.com/. Постојано учествува во обуки од областа на coachingot. Живее во Нојс (Neuss), Германија.
Везилка Магазин