„ Божана и Крсте се закопани во Кордоба и никогаш не се вратија во своето старо огниште. Никогаш не се видоа со родителите, ниту со браќата и сестрите. Не успееја ниту гробовите на своите пет чеда да ги посетат повторно, единствено петте папока ги потсетувале на краткото време што го поминале со нив… Пред смртта Божана имала Алцхајмерова болест, и во сета своја лудост, секоја вечер станувала и фрлала ќебиња на под за да „ги покрие децата да не им студи“ повторувајќи „детето студи“, „детето плачит“….загубата мајчиното срце никогаш не ја прежали, но одлучноста да роди деца кои ќе преживеат ја победи традицијата, и наместо да чека во својот роден крај, ја однесе Божана кај својот маж печалбар на другиот крај на светот, каде даде живот на две деца кои станаа симбол на борбата за подобар живот.“ (извадок од првиот дел)
За Божана не постоел поголем мотив во животот од имањето потомство. Тој мотив и ја натерал да замине од својот роден дом во Мешеишта за да му се придружи на својот маж Крсте во Аргентина. Нит патот, нит месеците на море, нит незнаењето јазик ја натераа да се откаже од својот сон…

Сара Мартиновиќ (Крцоска) се родила на 13 Октомври1938 година, во градот Санта Фе, но не била заведена се` до доаѓањето во Кордоба, заради што на изводот на родени ѝ стои датумот 26 Ноември 1938 година. Не планирано животот ѝ започна во туѓ дом, во домот на родителите на Трајанка, 10 годишното девојче имигрант од Мешеишта, кога на патот од Чико во Кордоба, Божана добива породилни болки и се пораѓа во домот на Велика, мајката на Трајанка, која ја обезбедува Божана со се` што ѝ било потребно за бебето. Добиле шеста рожба, но се молеле да биде првата која ќе остане жива. По преживувањето на првиот месец, тројцата тргнуваат за Деспенадерос, гратче на 50км од Кордоба, и таму го започнуваат животот за кој сонувале уште од Македонија.
Година и пол подоцна, на 13 Јануари 1940 година, им се раѓа уште едно дете, Васил, и откако престанала борбата за одржување деца во живот, почнала онаа за опстанок. „Бевме многу сиромашни….мајка ми работеше во фабрика за семиња и лупеше компири во туристички комплекс, а татко ми кога престана да работи заради проблеми со здравјето, почна со одгледување на овошје и зеленчук дома, па така се прехранувавме цел комшилук“ се присеќава Сара. „Не бевме богати во џебот, но зборот ни беше збор, а тоа му беше најважно на татко ми“.

Со последните тешко заработени пари, купуваат карти за автобус и децата ги крштеваат во ерменска православна црква, нешто што во тоа време било незамисливо. Сара памети дека татко ѝ секогаш постел 49 дена за Велигден, несвесно пренесувајќи им ја православната религија на начин на кој тој знаел и разбирал, бидејќи како им кажувал „Собирајќи скршените стакла од урнатините на црквата во планината, после еден напад, ми се појави светлина, и видов човек во црвен фустан, мислам дека беше Исус….се уплашив, но подоцна сфатив дека тоа беше знак“.
Божана никогаш не се движела низ гратчето, иако Крсте навлегол во социјалниот живот и научил шпански. Нејзиниот живот биле децата, домот и работата, и македонските песни и ора кои ги пееле и играле по дома. Таа никогаш не престанала да им раскажува на Сара и Васил за убавините на Македонија, за нивните семејства, за сплотеноста, за борбата, за духот, бидејќи знаела дека тој е единствениот начин да се оддржи врската со „македонското“.

На 12 години, заради непостоење на средно училиште во гратчето, Сара ја праќаат во католички интернат, на 100км од дома, и сите пари што ги заработуваат ги даваат за нејзиното образование. Таму останува до 18 години, кога се враќа во Деспенадерос и во 1958 година почнува да работи како учителка по географија, а подоцна и секретарка во локалното училиште.

Четири години подоцна, се мажи за Пабло Роберто, син на италијански имигранти, во тоа време заменик директор на школото во кое и двајцата работеле. „Татко ми и мајка ми поминаа 7 прекрасни заеднички години, добија четири ќерки, но до таму било….татко почина во 1969 година, на 49 годишна возраст, а мајка ми стана вдовица на нејзини 29 години“ ни раскажа Мариа Андреа.

„Баба Сара, зошто никогаш не го посети Мешеишта, да видиш од каде потекнуваш?“ – ја прашав за време на видео повикот. „Ахх, сакав, ногу….ама јас вдојца од двајсдевет години, четири момичиња…..тешко да одам кај маика и татко во домот, немав пари“ ми одговори.

Мариа Андреа, Мариа Грациа, Марија Глориа и Мариа Белен растеа само со мајка, но како што вели таа, секогаш ја имале поддршката од Божана и Крсте, како и нејзините свекор и свекрва, кои никогаш не дозволиле целата грижа за девојчињата да падне само на неа. По смртта на Пабло, таа го превзема неговото работно место, и станува заменик директор на училиштето, се` до 1993 година, кога се пензионира.

На Васил му го плаќаат школувањето во авијација, и влегува во војската каде, горд на своето потекло, под аргентинското знаме заминува на неколку воени мисии од по 4 години на Антарктикот. Службата во војската не му дозволува да создаде семејство порано, па на постари години се жени, и ја добива ќеркичката Паола која сега има 10 години. Васил починал во 2018 година, на 78 годишна возраст.

Крсте умира во 1989 година, после рутинска операција на циста, што било шок за целото семејство, а Божана во 1992 година, на 87 годишна возраст. И двајцата не ги видоа своите семејства и Македонија никогаш веќе.

Мариа Андреа уживала да ги посетува гробовите на своjот татко, баба и дедо, и се` до посетата во Македонија, се чувствувала како да прави нешто чудно и „необично“, не знаејќи дека е тоа македонски обичај. На почетокот на 2016та година, на една од тие посети, при бакнувањето на гробот на своите, паднала надгробната плоча. Почувствувала како баба ѝ и дедо ѝ ја замолуваат да ги посети гробовите на нивните пет деца во родниот крај….неколку часа подоцна, добила повик од ќерка си Џулиета, која во тоа време била на постдипломски студии во Италија, велејќи ѝ „Мамо, најдов девојка која го знае нашето место во Македонија, Мешеишта!!“
„Тоа беше тоа, знаев дека морам да ги посетам гробовите на нивните пет чеда таму, мислам дека за тоа живеев сите овие години..“

Продолжува…